post

Како да се справите со негативен фидбек?

Негативен фидбек е нешто вообичаено за секој бизнис или пак претприемач. Еден бизнис не може за сите да биде добар и едноставно да биде перфектен. И големи и успешни компании грешат и имаат негативен фидбек. Затоа и нормално е да се има негативен фидбек од страна на клиентите, корисниците, купувачите…

Негативен фидбек

Негативен фидбек и одговор на претприемачот

Но, она што е многу поважно е како еден претприемач или пак еден бизнис како организациски систем ќе се справи со тој негативен фидбек.

Овој напис беше испровоциран од Google и проблемите кои настапија во однос на приватноста со нивниот нов социјален медиум наречен Google Buzz.

Имено, Google го лансираше Google Buzz на 9-ти Февруари оваа година и веќе од 10-ти февруари целиот интернет свет кој на некаков начин објавува содржина пишуваше за дупката во однос на приватноста која ја има Google Buzz. Овие проблеми се појавуваат затоа што Google Buzz функционира како додаток на Gmail каде веќе постои одредена комуникација меѓу корисниците и автоматски тие конекции стануваат дел од Buzz. Од друга страна целта на Google е јасна 176-те милиони корисници на Gmail да бидат корисници и на Buzz, наспроти 75 милиони на Twitter. Она што е целта на овој напис е фидбекот од корисниците. Она што ја правии оваа компанија голема е тоа што компанијата и тимот кој работи на Buzz веднаш спроведуваат измени на системот и мислам дека сеуште менуваат, така да повеќето првооткриени дупки се веќе затворени.

Забележувате дека фидбекот што го добива компанијата е негативен, но негативен во позитивна смисла на зборот. Во позитивна смисла на зборот бидејќи кога навистина е пронајден проблем, тој мора да биде решен. Од друга страна негативен фидбек не мора да биде и позитивен за компанијата во ваков случај туку може да биде и штетен.

Три вида на негативен фидбек

Се обидов да го сублимирам негативниот фидбек, барем од она што јас сум го искусил во три основни вида на негативен фидбек:

  • Постои некаков проблем кој бара решение.
  • Едноставно став или мислење.
  • Едноставно сакаат да направат штета.

Вистински проблем

Кога постои вистински проблем негативниот фидбек во голем број на случаи претставува еден конструктивен или добронамерен фидбек. Овој фидбек ги открива проблемите и бара решение на тие проблеми. Потребно е да се поттикнува еден ваков негативен фидбек.

Сопствен став или мислење

Сите ние си имаме наш сопствен став или пак мислење за нешто. Тоа наше мислење или став за нешто може да претставува негативен фидбек за тоа нешто. Додека за првиот негативен фидбек – проблем имавме доказ дека навистина постои проблем, со овој тип на негативен фидбек немаме воопшто доказ туку едноставно еден субјективен став или пак мислење.

Штеточини

Како третиот негативен фидбек ги групирав таканаречените „штеточини“. Овие нити откриле некаков проблем, а ниту пак имаат некаков став или пак мислење на она на што сакаат да му нанесат штета со негативен фидбек. Едноставно овие луѓе или се полнат со енергија кога ќе направат штета некому или пак се платени (можеби од конкуренција) да шират негативен фидбек или пак било што друго што ги тера да бидат „штеточини“.

Како еден претприемач да се справи со негативниот фидбек?

Сега знаеме дека секогаш ќе постои негативен фидбек и прв совет за еден претприемч е ништо да не сфаќа лично. Ги знаеме и трите вида на негативниот фидбек. Па затоа следното што ќе треба да го направи еден претприемач е:

  • Да воспостави систем за следење на фидбек од потенцијални и тековни потрошувачи.
  • Да одговори на секој фидбек без разлика на тоа дали е позитивен или негативен.

Справување со негативниот фидбек значи одговарање на истиот. Кога ќе знаеме кој фидбек во која група на негативен фидбек спаѓа ќе можеме лесно да одговориме. Еве како би изгледал одговорот на еден претприемач:

  • Проблем – Решавање на проблем во најбрз можен рок и известување на оној кој го дал фидбекот.
  • Став или мислење – Обид да се смени тој цврст став или мислење со приложување на докази
  • Штеточини – Културен одговор и обид да се смени однесувањето
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*