post

Некогаш и сега во бизнисот

Претприемачите мора да бидат свесни дека деловниот свет претрпе огромни промени во последниве десетина години, а и ќе трпи уште брзи промени во иднина.

Иднина за бизниси

Вака изгледа се лесно кога се раѓаме и живееме во свето во кој што функционира се како што функционира. Но, сепак не можам да заборавам како се одвиваше работата на моето прво работно место и сега.

Првпат се соочив со “работно искуство” во фотографска работилница како “чирак” кога бев четврто или пето одделение. Мајсторите ми зборуваа за “чирачка кожа” која се наоѓа на таванот и како на секој чирак мора да му се одере кожата. Во тоа време постоеше една опрема која произведуваше црно-бели фотографии и кои поминуваа низ неколку садови со хемикалии. Тогаш постоеше една огромна линија-машина за производство на колор фотографии. Денес е сосема понаку.

По неколку детски бизниси во вид на “романотека”, трговија на гумички за бришење и поправка на пенкала прекинав со ваквите потфати и сакав да станам машински техничар, што пак ме навлече да станам машински инженер. Тогаш не работев, учев.

На првото професионално работно место во таа сега веќе далечна 2002 година ни беше блокиран пристап до интернетот за да не ја намалиме продуктивноста, а веќе по седум години во истата служба мојата работа беше незамислива без интернет.

Еве некои мои согледувања за некогаш и денес во бизнисот.

  1. Некогаш да се започне бизнис беше еден тежок и исцрпувачки процес, денес лесно се започнува, а тешко се прекинува.
  2. Некогаш немаше развиено алатки, методологии и техники кои би им стоеле на располагање на претприемачите, денес е сосема поинаку.
  3. Некогаш темата за претприемништво не беше актуелна во општеството, денес е една од најпопуларните.
  4. Некогаш не се учеше за претприемништвото, денес се учи од средно, а во иднина уште во основно.
  5. Некогаш беше многу тешко да се дојде до информации за потенцијални купувачи, денес постојат огромен број на алатки кои едноставно ви ги сервираат таквите информации, само доколку сакате да ги имате.
  6. Некогаш се се базираше на хартија, денес процесот на безхартиено работење ви овозможува постојано да ја носите хартијата со себе, а без притоа да чувствувате еден тон тежина.
  7. Некогаш комуникацијата помеѓу вашата компанија и купувачите се одвиваше еднострано, денес комуникацијата е двострана и се одвива преку стотици можни канали на комуникација.
  8. Некогаш телефонот, продажба во продавница и од врата на врата беа единствените продажни техники, денес постојат безброј начини на кои може да се изведе продажбата.
  9. Некогаш зборувавме за физички производи, денес зборуваме освен за физички и за виртуелни производи.
  10. Некогаш дистрибуцијата траеше со недели, па и месеци, денес истата се одвива за неколку секонду до неколку денови.
  11. Некогаш можеше едноставно да се креира производот или услугата и да се пушти на пазарот, денес без купувачи во процесот на креирање на производотили услугата не може да се успее на пазарот.
  12. Некогаш вие ги истражувавте потенцијалните купувачи пред да им пријдете за да им продадете нешто, денес тие ве истражуваат вас и вашите конкуренти за да донесат одлука со кого ќе соработуваат во иднина.
  13. Некогаш можевте да направите нешто и едноставно неколку години да бидете мирни и да ги чувствувате бенефитите од растот како последица на вашата акција, денес доколку секојдневно не направите нешто утре или задутре растот ќе се намалува и во најстрашен случај да не постои или да биде негативен.
  14. Некогаш незадоволен купувач имаше потенцијал да каже на десетина луѓе блиски донего, денес истиот незадоволен купувач има потенцијал да каже на десетици илјади луѓе за неговото незадоволство со вас.
  15. Некогаш беше многу тешко да навлезете во умот на вашиот потенцијален купувач за да дознаете што мисли, што сака, за што сонува… Денес, самиот тој секојдневно ги споделува тие информации преку социјалните медиуми.
  16. Некогаш компаниите се базираа на сопствените сили, денес без соодветен екосистем на кој ќе се базира еден производ или услуга тешко дека ќе може да се успее.
  17. Некогаш технологијата беше достапна само за големите и моќните компании, денес технологијата е широко достпна и за микро, мали и средни компании, само доколку сакаат да ја користат.
  18. Некогаш знаењето беше привилегија само за оние со длабок џеб и студенти на скапи универзитети, денес знаењето е и широко распространето и достапно или за без пари или за минимален паричен надоместок.
  19. Некогаш моравте да користите USB стикчиња, флопи дискови, CD дискови или некој друг медиум за да ја селите работата од канцеларија дома и обратно, денес едноставно работите и се синхронизира во вистинско време.
  20. Некогаш личната продуктивност не беше лесно достигнување за индивидуалците, денес секојдневно можеме да ја подобруваме нашата продуктивност без крупни инвестиции.
  21. Некогаш моравте само лице во лице да разговарате со купувачите, снабдувачите или другите партнери, а трошоците зависеа од оддалеченоста, денес без разлика кај се наоѓа вашиот соговорник можете да разговарате лице во лице без никакви дополнителни трошоци.
  22. Некогаш можевте да имате скапа реклама на ТВ без гледачите да имаат можност да ви кажат дали тоа е вистина или не, денес лесно ќе добиете повратна врска од секој потенцијален купувач.

Некогаш и денес… Уффф… Има уште многу, но да не претерувам.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*