post

Некои аспекти на влијанието на меѓународниот маркетинг врз економските перформанси на Република Македонија

Маркетинг Светската економска криза дополнително ја влоши состојбата во Македонското стопанство. Обидите на владата за отварање на фабрики во слободната царинска зона Бунарџик, влезот на странскиот капитал, како и другите активности, не ги постигнаа очекуваните економски резултати. Големината на економските проблеми во земјата различно се толкуват од страна на власта или од страна на опозицијата. Во секој случај, неспорен е фактот дека економска состојба во земјата е лоша и пропратена со голем број на невработени лица. Во претходниот период, бројот на лицата што беа невработени беше поголем, бидејќи имаше голем број на вработени кои работеа на “црно”. Но, поради високите казни кои се применуваат, доколку се затекне непријавен вработен на работното место, а и поред редовните инспецииски контроли, овој проблем се сведе на мал број на изолирани случаи, кои не се вредни за анализирање. Но сепак, вистинската невработеност останува голем проблем во Р. Македонија и го загрозува социјалниот мир, а постои опасност, бидејќи вработувањето не го прати демографскиот раст, да дојде и до национални судири.

Намалувањето на притисокот од страна на невработените врз берза на трудот, се врши и преку насочување на младите луѓе кон студирање. А потоа, голем број на млади луѓе одат на специјализација во земјата и во странство, познато како “одлив на мозоци”. Во секој случај и во земјата останува голем број на школуван и способен кадар, кој може квалитетно да го менаџира, како маркетингот така и севкупното работење на компаниите или институциите. Но, бидејќи е голем притисокот за вработување, најчесто не се врши правилна селекција, па вработувањето во државните институции се врши врз база на национална или политичка определба. Има мислења дека четири години се вработуваат припадниците од едната партија, а наредните четри години припадниците на другата партија. Во приватниот сектор, вработувањето најчесто се врши врз база на роднински и пријателски врски, па во државата може ретко да се најдат менаџери вработени во маркетингот или на некоја друга позиција, а кое се базира врз реални способности на кандидатите.

Во центарот на вниманието на политичарите и компаниите се наоѓа процесот на транзиција и приватизација, како и последиците кои настанаа поради овие процеси. Влијанието на меѓународниот маркетинг во Републиката Македонија може да се набљудува двосмерно. Од една страна можеме да набљудуваме како меѓународните компании влијаат на купувачите во Македонија, а од друга страна можеме да набљудуваме како нашите компании, со помош на меѓународниот маркетинг, влијаат на освојување на нови пазари и нови купувачи. Во Република Македонија поголемо значење има меѓународниот маркетинг, кој доаѓа од надвор и е насочен кон освојување на нашиот пазар, а пожелно би било процесот да е обратен и нашите компании со помош на квалитетен маркетинг да го освојуваат странски пазар.

Пазарот во Македонија се однесува како секој пазар на неразвиените земји во светот, каде главен акцент се става на купувањето на евтини или купување на брендирани производи, кои им обезбедуваат на купувачите поголем авторитет. Во еден период беше актуелно одењето во убаво средени климатизирани продажни простории, со огромен избор на понудена стока и тоа претставуваше вистинска забава и задоволство. Но, поради влианието на светската економска криза и стравот кој се создаде, луѓето се помалку купуваат, водејќи сметка за секој денар. Луѓето не сакаат и не можат да плаќаат поскапи производи, па ценовната политика во Македонија, претставува битен фактор при определување на маркетинг активностите. Бидејќи владее сиромаштија, купувачите пред да извршат купување, обиколуваат поголем број на продажни објекти. За да се справат со овие појави, компаниите се принудени постојано да ги следат цените кај конкурентските производи и да вршат континуирана корекција.

Кога се набљудува влианието на нашите компании во меѓународни рамки, можеме да констатираме дека состојбата е поразителна. Има мал број на компании, кои водат смислена и долгорочна меѓународна маркетинг стратегија. Сето тоа придонесува, настапот на меѓународниот пазар да биде проследен со многубројни проблеми. Македонските извозници очекуваат да го зголемат извозот, особено во Европската Унија, поради близината на овој пазар и поради настојувањето од страна на Македонија да се приклучи кон Европската Унија, а охрабрувањето доаѓа и од позитивните сигнали кои ги праќа Европската Унија. На извозниците им недостасуваат планови за развој на новите производи, како и планови за освојување на нови пазари. Најголеми економски партнери на Македонија се: Германија, Грција, Италија… Најголемиот извоз се остварува со текстил и челик. Тука може да се додадат земјоделски производи, обувки, електрични проводници, мермер, кожа. Овој однос е непроменет со години и компаниите се повеќе ориентирани кон освојување на регионалните пазари, најчесто во рамките на бившите Југословенски простори. Тоа се должи поради сличноста на пазарите, старите бизнис релации, компатибилноста на призводните процеси и слично.

Причината за слабиот извоз се гледа во: поседување на застарената технологија, заради што производите не можат да ги исполнат високите стандарди; недостаток на финансиски средства; лошиот менаџмент; лошиот маркетинг; непознавање на пазарот; слабата подршка од страна на државните органи и слично. Главни извозни артикли претставуваат репроматеријалите и евтината работна рака (работење по лон системот), каде вработените од бившите големи фабрики како Чик, Годел, Астибо и други, отвараат мали производствени капацитети и поврзувајќи се со старите бизнис партнери, продолжуваат да работат на овој начин. Запоставена е и туристичката понуда (верскиот туризам, спортскиот туризам, рекреациониот туризам, посетите на езера, природни богаства), заради лошата понуда и низа инциденти. Од примерот кој го гледаме во регионот, туризмот носи големи девизни приливи во соседните земји, а ние имаме што да покажеме, но поради некоординираното делување сé се сведува на стихиско работење, па финансиските приливи се ниски.

Македонија скоро и да нема брендирани и лесно препознатливи производи. Особено треба да се настојува во земјоделието да се внесе нова димензија.

Актуелната состојба во Македонското стопанство не дава надеж за можна скора промена на состојбата. Македонските компании треба повеќе да се фокусираат на развојот на маркетингот и на иновациите. Но, иновациите мора да бидат подкрепени со знаење, што значи мора да дојде до големи промени во образовниот систем. Секоја сериозна компанија која се грижи за опстанокот и напредокот во својата дејност, треба постојано да спроведува истражувања. Но, особено е важно и да ги имплементира резултатите од истражувањата. Конкуренцијата на странскиот пазар е исклучително јака, а нашите производи, освен во ретки случаи, немаат некој добар меѓународен имиџ.

Овие набројани проблеми треба да се менуваат за да се поуспешно пласираат производите. Излезот од лошата економска состојба се бара во приклучување кон Европската Унија и НАТО. Тие се огромни и силни партнери, кои можат многу да помогнат за остварување на економскиот раст, но не треба да се заборави и развојот на сопствените потенцијали. За таа цел препорачуваме прво развој и подобрување на образопвниот систем (но, не по системот “УРА”), кој има голем број на пропусти. Сето тоа треба да биде проследено со искоренување на проблемите во судскиот систем. Кога овие два столба ќе зајакнат и кога македонското стопанство ќе биде помогнато со финансиски средства и напредна технологија од страна на европските партнери, сметаме дека ќе дојде до позитивен развој на стопанските активности.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*