post

Зошто некој успева а некој не успева?

Некој успева а некој не!

Некој успева а некој не!

Постојат различни анализи и истражувања кои покажуваат дека повеќето кои сакале да се испробаат во претприемничките води не успеваат, додека доста помал дел успеваат. Не е лесно да се биде претприемач, а особено кај нас во Македонија каде во многу елементи еден претприемач е оставен самиот на себе.

За започнување на бизнис доволна е бизнис идеја и пасија за тој бизнис. Но, за да се одржи и да се израсне потребни се многу дополнителни елементи кои треба еден претприемач да ги поседува. Да, не звучи престрашно, сето тоа се учи низ искуство. Не значи дека ако некој нема познавање од маркетинг не треба да започне бизнис, но треба да биде свесен дека ќе треба да ги зголемува тие свои способности веќе во првиот ден откако ќе ја отвори вратата на бизнисот.

Во овој пост ќе претставам неколку мои размислувања зошто некој успева, а некој едноставно не успева.

1. Не е до идејата, до претприемачот е!

Често пати како причина за неуспех се става бизнис идејата. Сега, може и да е, но не верувам дека некој ќе започне бизнис за кој нема потрошувачи за да се нападне бизнис идејата. Правило број еден за секоја бизнис идеја е да се има минимум еден купувач, а тоа да не е претприемачот и неговото блиско семејство. Така да не барајте ја причината за неуспех во Вашата бизнис идеја, причината сте Вие.

2. Не сме сите исти!

Сите сме различни. Сите имаме различни размислувања, навики, идеи, способности, знаење… Не можеме да очекуваме дека секој ќе биде добар пекар. Некој ќе биде добар пекар, додека некој ќе биде добар дизајнер. Па, и ако земеме двајца пекари не можеме да очекуваме дека ќе имаат ист успех. Еден ќе има подобар квалитет, подобри стартни финансии, подобар продажен тим…

3. Започнување на бизнис не е исто со одржување и растење на бизнисот!

Точно така! Едно е да се започне бизнис, што е навистина најлесен елемент од фазата на животни циклуси на бизниси. Но, да се одржи и да се расте еден бизнис е нешто сосема друго и бара сосема поинакви активности, знаења и способности од страна на еден претприемач. Многу луѓе сметаат дека ќе започнат бизнис и тоа е најголемиот успех. Тоа не е ништо, само едноставен почеток на едно долго патување во светот на равенствата со повеќе непознати.

4. Не е само пасијата она што е потребна

Започнување на бизнис без пасија за тој бизнис претставува знак дека во старт нешто се осудува на неуспех, но од друга страна само пасијата не е доволна за да се стигне до успех. Затоа не значи дека ако имате пасија ќе бидете и добар и успешен претприемач, а Вашиот бизнис ќе цвета само заради таа ваша пасија. Сепак потребно е прво да ја проширите пасијата и на останатите бизнис функции како маркетинг, финансии и продажба, а потоа и на постојано зголемување на Вашето знаење за индустријата и бизнисот воопшто.

5. Не е до конкуренцијата, до Вашата креативност е!

Често пати полесно е да ја нападнеме конкуренцијата како причина за нашиот неуспех. Но, дали навистина сме очекувале дека нашиот бизнис нема да има конкуренција. Како што ние се бориме, така и нашата конкуренција се бори за секој купувач. Не се тие виновни, виновни сме ние и нашата послаба креативност во привлекување на потрошувачи за нашиот бизнис. Денеска покреативните успеваат.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*