post

Нова политика на Apple – Нов извор на приходи?

Apple лого

Apple

Факт е дека Apple во минатите 10-тина години ја револуционеризираше индустријата во која е, но со тоа ги револуционеризираше и останатите индустрии. Факт е дека производите и услугите што во моментов Apple ги нуди даваат потенцијал компанијата да стане една од најмоќните компании во светот. Но, факт е и дека одлуките кои понекогаш ги носи не се многу потрошувачки ориентирани. Но, исто така и факт е дека секој бизнис има право да ја искористи моменталната позиција на пазарот за да ја „набилдува“ сопствената конкурентска предност.

Последните неколку денови, повторно Apple ја разбранува светската јавност со неколку одлуки во однос издавачката индустрија и iTunes. Би сакал ова да го презентирам и да ги извлечам некои од клучните елементи кои доведуваат до раст и развој на една компанија.

Како започна сето ова?

Се започна со објавување на Sony дека Apple ја одбил нивната e-reader апликација во The New York Times. Таа апликација овозможувала луѓето да купуваат книги од Sony и да ги читаат на апликацијата преку iPhone. Тоа значи дека дел од колачот (приходот од продажбата на книгите) нема да оди за Apple. На истиот овој принцип функционира и Kindle апликацијата на Amazon. Многумина веќе сметаат дека ова е објавување на војна од страна на Apple на Amazon.

При крајот на Јануари оваа година Amazon објави дека во 2010 година продала за 15% повеќе електронски (Kindle) книги во однос на печатени изданија. За една ваква состојба не верувам дека само Kindle (како опрема) е заслужен. Тука е и iPhone, тука е и iPad на кои купените Kindle изданија на книги преку Amazon може да се читаат. Само јас во изминативе неколку месеци купув 5 Kindle изданија на книги кои ги читав на iPhone и очекував да купувам уште книги кои би ги читал на iPad кој го очекувам до крајот на месецов.

Нормално, во овој огромен тренд и потенцијал кој го нуди издавачката индустрија, Apple, креаторот на револуционерниот iPad нема ништо, освен продажба на хардвер (Kindle апликацијата е бесплатна).

Нешто на што се базираат успесите на Apple

Во 2001 година Apple го лансираше револуционерниот производ во тоа време наречен како iPod преку кој коризниците можат да ја копираат нивната музика од CD или да симнуваат музика преку интернет и да ја сместат на уредот преку кој ќеја слушаат. Овој производ претставуваше платформа за складирање на музика од различни извори. Но, приходот на Apple завршуваше токму по извршување на продажба на уредот.

Во 2003 Apple ја лансираше музичката продавница на iTunes која на специфичен начин ја врза со уредот iPod. На ваков начин тие ги врзаа имателите на правото на музиката со купувачите на истата преку iTunes токму во време кога сите мислеа дека музичката индустрија пропаѓа заради интернетот. Одлична стратегија која го воведе Apple во целосна промена на нивниот бизнис модел и токму таа стратегија и тие одлуки од тоа време доведоа Apple да стане она што е денес.

Во 2008 година Apple ја проширува својата iTunes платформа за iPhone преку која овозможува на корисниците да пребаруваат, симнуваат и купуваат апликации. На ваков начин ги поврза дизајнерите на апликации со корисниците на апликации. За секоја продадена апликација одреден проценt (30%) оди за Apple – нов приход за компанијата.

Во 2010 година Apple повторно базираќи се на претходните успеси и добро проценувајќи ја потребата на пазарот излегува со револуционерниот iPad кој исто така ја користи истата платформа и на ист начин ги поврзува дизајнерите и корисниците и тоа на тространо задоволство.

Но, последниот тренд на активно користење на овие уреди за консумпција на содржина (весници, книги) кои не се интегрирани преку платформата на Apple доведоа до тоа оваа компанија да се закани дека ќе ги одбие апликациите кои не се интегрирани за продажба преку iTunes и кои не обезбедуваат 30% за Apple.

Што ќе се случи?

Сите сме во очекување на одговорот на Amazon како еден од најголемите продавачи на книги кој директно ќе биде погоден од ваквите одлуки на Apple.

30% e голем износ кога станува збор за книги и мала е веројатноста дека Amazon ќе се одлучи да се откаже од истите. Некаде прочитав дека постои опција Amazon да понуди двоен начин на плаќање, но не се знае дали повторно би се судрил со правилата на Apple.

Последните информации излегоа на The Wall Street Journal кои пак се повикуваат на еден дизајнер за издавачите кој бил информиран од страна на Apple дека сите апликации кои не наплаќаат преку iTunes ќе започнат да ги повлекуваат од 31.03.2010.

Кој е во право, а кој не?

Мое лично мислење како потрошувач и корисник на ваквите услуги е дека Apple претерува со неговата контрола врз се што на некој начин е поврзано со нивните производи.

Од друга страна, тоа е бизнис, ништо лично. Едноставно ја користат моменталната позиција на пазарот за да обезбедат поголем приход и затоа се оправдани нивните потези.

Но, сепак најдобро е да изнајдат заедничко решение.

Можеби за некое време ќе се случи хардверот да биде делен бесплатно, како што е со мобилните телефони доколку се користат услугите преку него кои ќе обезбедуваат приход на производителот.

Во секој случај ќе чекаме да видиме што ќе се случува, оваа е една важна пресвртна точка во избор на вистинска бизнис стратегија. Кој ќе победи во започнатата војна, ќе видиме. Се надевам дека на крајот корисниците нема да бидат единствените настрадани.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*