post

Ограничувачки Верувања – Опасност за Претприемачите

Од пред некое време започнав да го следам блогот на Steve Pavlina’s Personal Development Blog и налетав на еден напис за ограничувачки верувања (Limiting Belief). Во многу ситуации од личен живот па така и во бизнисот овие ограничувачки верувања можат да не спречат да ги донесеме вистинските одлуки.

Што се тоа Ограничувачки Верувања?

  • Јас не можам …
  • Јас не знам…
  • Тешко ми е да го изведам…
  • Треба многу да учам…
  • Верувам дека ова е неисправно…
  • Грешките и неуспесите се нешто лошо.

Сигурно ви се познати овие почетни реченици бидејќи сигурно некогаш сме се нашле во состојба да си изговориме во себеси. И веднаш по изговарање, нормлно тие преовладуваат во нашиот мозок и се откажуваме од нешто што треба да го направиме иако можеби тоа нешто доколку се помачиме и го направиме ќе ни донесе огромен успех и нормално задоволство.

Според Wikipedia верување е:

…психолошка состојба во која одреден индивидуалец има претпоставки за кои мисли дека се точни.

Но, постои разлика помеѓу верување и точност. Првин имаме две состојби:

  • Нашето верување е точно.
  • Нашето верување е неточно.

Па со едноставна теорија на веројатност ќе видиме дека веројатноста дека нашето верување е точно е 0,5 но и веројатноста дека нашето верување е неточно е исто така 0,5. Што значи дека сме во позиција на фифти-фифти.

Од друга страна зборот ограничувачко означува некоја граница на нашите верувања или нешто што не ограничува во однос на поинакви верувања. Значи нашите ограничувачки верувања не ограничуваат да размислуваме пошироко од вообичаеното и не спречуваат од преземање на некои клучни акции.

Од Каде Доаѓаат овие Ограничувачки Верувања?

Постојат многу места, настани и периоди во животот кои ги градат овие ограничувачки верувања. Во овој дел би набројал само некои, што значи дека од индивидуа до индивидуа зависи на бројот и коренот на одредени ограничувачки верувања.

  • Нашето детство.
  • Воспитување од родители. Не дека воспитувањето било лошо, но некои времиња се менуваат и некои вродени верувања од воспитување од нашите родители се веќе сменети.
  • Општествен систем во државата во која живееме.
  • Едукациски системи (училишта, универзитети, курсеви…)
  • Нашето друштво (пријатели, колеги, соработници, роднини…)
  • Некои специфични случки во нашиот живот.
  • Незнаење.

Некои Примери на Ограничувачки Верувања за Претприемачите

  • Јас не можам да започнам бизнис.
  • За овој бизнис не сум кадар.
  • Не можам и незнам да менаџирам.
  • Не сакам да вработувам бидејќи никој не може да ја заврши работата подобро од мене.
  • Не знам да планирам.
  • Не сакам да планирам.
  • Не можам да го контролирам растот на бизнисот.
  • Мојата бизнис идеја не е најдобра.
  • Страв ми е дека ќе изгубам.
  • Грешките што можам да ги направам се кобни.
  • Бизнисот без мене неможе да опстане.

Забележувате многу опасности од спречување на започнување на бизнисот до спречување на развојот и растот на бизнисот. Иако за повеќето од овие ограничувачки вредности знаеме дека се неточни сепак доколку тие се длабоко вкоренети во нашиот мозок ќе ги применуваме. Тие едноставно имаат најголема предност во нашиот мозок и како што наведов едноставно светнуваат во секој момент кога сакаат да не спречат во нешто.

Како да се Избегнат Ограничувачки Верувања

Не сум сигурен за некој прецизен модел, но јас го користам овој кој ми помага од ситуација до ситуација. Во секој случај многу е тешко да се бориш со некое верување длабоко всадено во мозокот. Секоја индивидуа е различна и не може да има еден модел за секој.

  • Се обидувам да ги спознавам и знам сопствените ограничувачки верувања.
  • Проучувам за секое ограничувачко верување како би го проширил сопственото знаење и би го сменил верувањето.
  • Избегнувам зборови во стилот не сакам, не можам, не знам…
  • Се обидувам да ги пробијам бариерите на пошироко размислување.
  • Се обидувам никогаш да не мислам како други.
  • Се обидувам да гледам поинаку во однос на спротивните одлуки и акции.
  • Секоја грешка ми е школо за друг пат.
Сликата од Noël Zia Lee
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*