post

Оптимални залихи: предности

Оптимални залихи

Оптимални залихи

Во претходните текстови за залихите наведовме дека тие се многу значајни за малите бизниси. Во првиот текст: Залихи зло без кое не се може или се може го опишавме значењето на поимот залихи, заклучивме дека тие мора да се управуваат, а управувањето може да се изврши на повеќе начини (еден од тие е ABC анализа или 80/20 правило). Во истиот текст заклучивме дека залихите претставуваат некое зло без кое се може, но во исто време и нешто без кое не се може. Токму затоа управувањето со залихите е една важна компонента во водењето на бизнисите, а особено за малите каде постојат ограничени финансиски ресусри.

Во вториот текст од серијалот за залихи: Залихи – како да ги управуваме претставивме еден едноставен модел на системот за контрола и управување на залихите кој овозможува постојано подобрување на нивото на залихите во претпријатијата.

Но, зошто сето ова?

Дали вреди трудот вложен во систем за управување со залихите?

Што ќе добие претприемачот со примена на ваков систем за управување со залихите?

Ова се прашања кои се поставуваат од страна на претприемачите пред започнување на примена на системот за контрола на залихите.

Што претставува оптимално ниво на залихи?

Во едно претпријатие залихите можат да бидат преголеми, премали или оптимални. Целта на системот за управување со залихи е тие да се одржуваат на оптимално ниво.

Оптимално ниво на залихи е таа количина на залихи која ќе ја имаме и која ќе биде најекономична (со најмалку трошоци), а од друга страна ќе обезбеди непречено функционирање на работата на бизнисот.

Пристапот за согледување на предностите ќе го претставиме преку недостатоци на преголемите и премалите залихи, за да можеме на крајот да ги согледаме предностите на оптималното ниво на залихите.

Недостатоци на преголеми залихи

Доколку не водиме сметка за залихите ќе гледаме секогаш во магацинот да имаме стока на залиха, а се со цел да не се случи да снемаме во моментот кога ќе примиме нарачка или кога ќе влезе потрошувачот да побара да купи некој од производите што ги продаваме. Во такви ситуации претприемачите од око ги следат залихите во магацинот и доколку магацинот е полн, тогаш е ОК. Кога се намалува веднаш се тргнува со набавка за дополнување. Но, што значат преголеми залихи?

Преголеми залихи значат:

  • Зголемени трошоци во форма на данок. За секоја набавена стока вие плаќате ДДВ. ДДВ-то ќе го повратите кога ќе ја продадете стоката. Значи Вашиот бизнис непотребно го финансира државниот буџет. Можеби ќе ги продадете веднаш, но можеби по 2,3, 6 месеци. Значи 6 месеци вие ќе имате заробено пари (18%) од вредноста на стоката во форма на платен ДДВ. Доколку вредноста на стоката е 100.000 денари тоа ќе бидат 18.000 денари заробени пари.
  • Непотребно блокирање на капитал. За секоја набавена стока вие му плаќате на вашиот снабдувач (добавувач). Значи вашиот бизнис непотребно го финансира вашиот снабдувач со плаќање на стока која ќе стои во Вашиот магацин се додека не се продаде. Доколку вашите залихи опфаќат период од 6 месеци продажба вие 6 месеци однапред имате врзано пари кај вашиот снабдувач.
  • Магацин. За поголемо ниво на залихи ќе морате да имате поголем магацински простор. Поголемиот магацинси простор бара повеќе пари за одржување. Доколку изнајмувате ќе треба да платите повеќе. Сето ова ќе ги зголеми трошоците на вашиот бизнис.
  • Осигурување. За поголеми залихи и ризикот од некоја штета е поголем. За да го намалите ризикот ќе го осигурате вашиот магацин. Осигурувањето е поскапо за поголема вредност на стоката која се наоѓа во вашиот магацин.
  • Застарување. За голем број на стоки постои опасност од застарување. Ова посебно се однесува за сезонски стоки. Доколку не се продадат во период на сезона остануваат за наредна година. На ваков начин ќе имате заробено пари во стока која цела година нема да ја продадете и ќе постои можност наредната сезона таа стока да е веќе застарена и да ја продавате по пониска цена. Дали ќе ги извадите трошоците за таквите производи?

Недостатоци на премали залихи

Втор екстремен случај е кога се работи со премногу мали залихи.

Што значат премали залихи за претприемачите?

Премалку залихи значат:

  • Премногу нарачки. На ваков начин Вие како претприемач ќе мора да имате повеќе нарачки во кратки временски интервали. Ова значи зголемени трошоци за комуникација со вашите снабдувачи.
  • Губење на потрошувачи. Доколку некој нарача или пак дојде во вашиот продажен објект, а вие не можете да му ги обезбедите навремено производите што тој ги бара, можете да го изгубите како Ваѓ потрошувач бидејќи ќе отиде кај вашата конкуренција за да си ја задоволи сопствената потреба.
  • Губење на количински попусти. Голем број на ваши снабдувачи овозможуваат одредени попусти кои се поврзани со количината која ја нарачувате. Кога нарачувате почесто во помали количини нема да ги имате попустите што ги дава вашиот снабдувач.
  • Поголеми трошоци за транспорт. Имате мала количина на стока, а транспортот изразен во пари е ист и за мала количина и за поголема количина. На пример транспортот од А до Б чини 1000 денари. Кога ќе нарачате 1000 парчиња транспортот во цената на производот влегува со 1 денар. Но, кога ќе нарачате 100 парчиња, транспортот во цената на производот влегува со 10 денари. Што секако е многу.

Предности на оптимални залихи

Кои ќе бидат предностите од оптимално ниво на залихи што ќе се добијат со соодветен систем за управување со залихи?

Оптималните залихи ги имаат следниве предности:

  • Помалку врзани пари во данок
  • Помалку врзани пари кај снабдувачи
  • Помали трошоци за магацин
  • Помали трошоци за осигурување
  • Помала веројатност за застарување на производите што ги имате на залиха
  • Оптимално ниво на нарачки и постојано подобрување на времетраењето на нарачките
  • Нема да се изгубат потрошувачите бидејќи во секој момент ќе биде задоволена нивната потреба
  • Добивање на количински попусти
  • Помали транспортни трошоци

Последно но и најважно, преголеми залихи ги прекриваат проблемите во другита аспекти на бизнисот. На пример, преголеми залихи го покриваат проблемот во системот на набавка (синџирот на набавка), го покриваат проблемот со шкарт кај производствените претпријатија. Со оптимално ниво на залихи ќе се овозможи овие проблеми да излезат на вделина и да се решаваат, а од друга страна овозможува постојано подобрување на севкупните бизнис процеси. Ова во научната литература најчесто се опишува во вид на езеро со вода, при што кога езерото е полно (вода претставува залихи) ги прекрива гребените кои претставуваат проблеми.

Залихи - Сокриени проблеми

Залихи - Сокриени проблеми

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] имаат значително влијание на севкупните трошоци на залихи и која ќе обезбеди идентификување на категории на […]

  2. […] го нивото на Вашите залихи и ќе ги намалите непотребните трошоци за простор кој […]

Speak Your Mind

*