post

Отворени системи – 10 карактеристики

10 Карактеристики на отворени системи

10 Карактеристики на отворени системи

Секој бизнис е отворен систем и затоа многу е важно претприемачите да ги знаат карактеристиките на отворените системи. Со добро познавање на отворените системи ќе можете добро да го запознаете и вашиот бизнис.

Да се води бизнис не е едноставно. Иако бизнисот е творештво на претприемачот, тој може да не ги знае сите аспекти на функционирање на сопствениот бизнис. Тогаш и се прават грешки и тоа крупни. А, некои од тие грешки можат да бидат кобни како за бизнисот така и за претприемачот. Ова е особено важно затоа што отворените системи ја опишуваат врската и релацијата на бизнисот со околината, а изолиран бизнис од околина не постои. Од друга страна околината има се поголемо влијание врз бизнисот и зависноста на бизнисот од околината е се поголема.

10 Карактеристики на отворени системи

Основните 10 карактеристки на отворените системи согласно Katz D. i Kahn R. L. се следниве:

1. Внесување на енергија

Како што и човекот како биолошки систем има отреба од внесување на енергија од надвор (храна, вода, воздух, контакти со други луѓе итн.) така и бизнисите за да преживеат мора да внесат од надвор суровина, работна сила, пари, опрема, информации, производи и/или услуги… Колку повеќе го зголемиме влезот толку повеќе нашиот бизнис ќе биде поуспешен. Доколку имаме влез на квалитетна работна сила ќе се зголеми и квалитетот на извршуваните работни задачи на бизнисот. Доколку влезат повеќе пари ќе се набави поквалитетна суровина или производи и ќе го зголемиме квалитетот на нашите производи и/или услуги.

2. Премин

Оваа карактеристика претставува процес на трансформација на влезот во излезот. Сите влезови во бизнисот се преработуваат на одреден начин и се подготвуваат во одреден облик за излез. На пример, влезот на суровината се преработува во готов производ, влезот на производи во малопродажен бизнис се изложуваат за да се продадат, влезот на пари поминува низ банкарска сметка за да излезе во вид на набавка или плата на вработени.

3. Излез

Секој бизнис кога има влез мора да има и излез. Излезот едноставно претставува продукт на претходните две карактеристики (влез и трансформација на влез). Тој може да биде во вид на готов производ и/или услуга, отпадоци од производствениот процес, пари, проекти итн.

4. Цикличност на влезот и излезот

Влезовите се трансформираат во излез на организацијата од каде пак излезот повторно се трансформира во одреден вид на влез. Доколку бизнисот е производствен бизнис, тој суровината ја трансформира во готов производ (излез), тој производ го продава на купувачите и во вид на пари тој излез се враќа како влез во организацијата. И повтроно со тие пари ќе се купат суровини кои се трансформираат во излез. Истото е и за секој друг вид на бизнис.

5. Негативна ентропија.

Ентропија претставува мерка за несреденоста на системот. Низ процесот на трансформација на влезот во излезот бизнисот губи дел од својата енергија и така се зголемува несреденоста. Но, отворените системи заради нивната карактеристика на внесување на енергија од надворешноста доведува до појава на негативна ентропија во бизнисот, односно до зголемување на среденоста на системот. На пример, малопродажен објект продава производи кои потоа ги нема (појава на несреденост) и се додека не се набават повторно (негативна ентропија) нема да дојде до среденоста на системот.

6. Влез на информации, негативен feedback и процес на кодирање

Во бизнисот постои влез на информации во вид на feedback од излезот. Оваа карактеристика овозможува корективна акција на процесот на трансформација доколку се појави негативен feedback. Честопати тие информации се во огромен обем и несредени, па затоа се врши кодирање, средување и анализирање на истите.

7. Динамичка рамнотежа

Бизнисот како отворен систем се наоѓа во динамичка рамнотежа со околината (надворешноста). За да се спротивстави на ентропијата бизнисот се повеќе мора да ги шири сопствените граници со надворешноста што доведува до организациски промени. Самиот израз динамичка рамнотежа е контрадикторен. Дали нешто што е динамично може да биде во рамнотежа? Katz D. i Kahn R. L. ова го опишуваат како постоење на континуирана размена на енергија помеѓу околината и системот но, карактерот на системот, стапката на размена на енергијата и релациите помеѓу елементите остануваат исти.

8. Диференцијација

Поради фактот што бизнисот како отворен систем се спротивставува на ентропијата со тоа што го поттикнува растот логично е да се појави диференцијација.

9. Интеграција и координација

Преголема диференцијација бара интеграција и координација. Организациската структура, правилата, процедурите, нормите итн., се средствата кои ги користат менаџерите и претприемачите за интеграција и координација.

10. Equifinality

Оваа карактеристика претставува принцип кој постои кај отворените системи за дадената крајна состојба да може да се постигне на повеќе начини. Оваа карактеристика на отворените системи ни кажува дека секогаш ќе постојат повеќе начини на кои може да се изведат одредени активности за да се постигнат одредени бизнис цели.

Околина и бизнисот

Околина и бизнисот

Од 10-те карактеристики на отворени системи може да се види дека околината влијае врз бизнисот, а од друга страна бизнисот има влијание врз околината, односно бизнисот е интерактивен со околината и оваа влијание би можеле да го претставиме со одредени сили како на сликата лево. Испрекинатата линија на сликата ја претставува околината.

Можат да се забележат одредени сили (стрелки) кои се насочени од околината кон бизнисот и спротивно, од бизнисот кон околината. Значи бизнисот се обидува да се спротивстави на дејствата на околината за да остане во рамнотежа со истата. Ова може да изгледа како третиот Њутнов закон кој гласи: На секоја акција одговара еднаква реакција, со ист правец но во спротивна насока. Но, во овој случај не би го прифатиле законот во однос на спротивна насока, туку во насока на прилагодување на бизнисот со променетите барања на околината, што всушност претставува и суштината на дефиницијата на организациските промени. Од тука може да се заклучи дека промените на околината влијаат на промените на бизнисот.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*