Search Results for: социјални мрежи

post

Технологија – Прифати ја, Не бегај!

Серијал на МКХост и Претприемач

Серијал на МКХост и Претприемач

Продолжуваме со серијалот на постови кои МКХост и Претприемач ги подготвуваат со цел еден претприемач да го зголеми своето знаење и да не биде затечен во користење на различна техничка терминологија за оваа намена.

Бегство до технологија! Сеуште е реалност кај нас. Дали може еден претприемач да опстојува без неа? Може, но кратко. Тоа би бил мојот одговор. Сепак технологијата е нешто што има постојано и најсилно влијание на секаков тип на бизнис. Таа е и дел од PEST и во тој пост накратко го наведов следново:

Технологијата претставува примена на знаење, методи, техники и средства со кои еден бизнис го трансформира влезот во излезот. Тука најважен фактор е иновацијата или развој на нови процеси, производи или услуги. Стапката на влијание на технологијата како екстерно опкружување врз бизнисот варира од индустрија до индустрија. На пример, влијанието на технологијата на информациската индустрија е многу поголемо во однос на влијанието на било која друга индустриска гранка.

Но, да тргнеме од почеток.

Дефинирање на технологија

Тргнувајќи од самото потекло на зборот технологија кој е составен од два грчки збора:

  • Техно (τέχνη) што значи вештина, умешност, занает… и
  • Логија (λογία) што значи учење, знаење на нешто.

Значи технологијата е резултат на примена на знаењето за одредени вештини, занаети или умешности во креирање на одреден резултат.

Во Oxford Dictionary технологијата се дефинира како:

Научно истражување и користење на применети науки (како инженерство на пример) и примена на тоа знаење преку практични задачи во индустријата.

Може да се забележи дека она што е поврзано со технологијата претставува:

  • Знаење
  • Вештина
  • Умешност
  • Учење
  • Примена.

Зборот технологија не се однесува само на технологија на производството, туку и на секаква технологија која се користи во деловниот процес на бизнисот како што се компјутерите, факсовите, телефоните, e-mail, интернетот итн. како и знаењето во однос на таа технологија.

Влијание на технологијата врз бизнисот

Постојат многу анализи и истражувања во науката за тоа какво влијание има технологијата врз бизнисот или еден организациски систем. Но, една од најкомплетните анализи е анализата на Woodward од која што знаеме какво влијание има технологијата на организациската структура :

  • Колку е покомплексна технологијата – единечно и континуирано производство – поголем е бројот на менаџерите и менаџерските нивоа
    Опфатот на менаџментот на менаџерите од првиот ред се зголемува од единечно до масовно производство, а потоа се намалува од масовно до континуирано производство.
  • Колку е поголема технолошката комплексност на фирмата толку е поголем канцеларискиот и административниот персонал.

Влијанието на компјутерите врз организацијата е доста проучувано. Daniel A. Wreen и Don Voich, JR велат: “Примена на компјутерите доведува до централизација во донесување на одлуки. Оваа централизација е овозможена со поголемата достапност на информациите. Освен тоа, компјутерите постепено ги елиминираат рутинските административни работи со што се намалува бројот на вработени во ова подрачје. Меѓутоа се шират одделенијата за обработка на податоци така да крајната последица не е драматично намалување на бројот на вработените. Бројот на потребните менаџери се зголемува со тоа што се намалува административниот кадар. Одделенијата веројатно ќе се спојуваат, а опфатот на менаџментот ќе се намалува особено на пониските нивоа”.

Но, да земеме еден понаков пример наместо истражување:

Еден од Вашите конкуренти ја следи технологијата која е во тренд. Нормално изработува веб страна преку која ја зголемува интерактивноста со потенцијалните потрошувачи. Се вклучува во последниот тренд на комуникација и соработка со потенцијалните потрошувачи преку социјалните мрежи како резултат на последните технолошки трендови. Во исто време, многу потенцијални потрошувачи се присутни на тие платформи. Вие започнувате со губење на дел од Вашите купувачи затоа што тие едноставно сакаат нови комуникациски канали при задоволување на сопствените потреби.

Какви последици едно вакво влијание може да има за Вашиот бизнис? Огромни, секако!

Дали треба да имам страв од технологија?

Технологијата е секаде околу нас. Со самото будење ни ѕвони будилник или дигитален часовник или мобилен. Тоа е технологија која ја користиме. Се возиме со автомобил, автобус или велосипед до работното место. И тоа технологија за нашето превозно средство. Вклучуваме машина, компјутер, шпорет за кафе… И тоа се технологии кои ги користиме. Комуницираме и соработуваме преку е-mail, факс, Skypе, Google Wave… И тоа е технологија која ја користиме за комуникација.

Од ова ми се чини дека доколку стравуваме од технологија стравуваме од самите себеси, стравуваме од ншите пријатели, стравуваме од нашите соработници, стравуваме од нашите потенцијални купувачи…

Дали во еден бизнис се дозволени вакви стравувања? Дали треба да дозволиме да бидеме прегазени од технологијата? Дали треба да дозволиме да бидеме прегазени од конкуренцијата?

Без разлика дали ние сакаме или не, технологијата оди напред, едноставно не не прашува нас. Во секој момент на глобално ниво излегува нешто ново. Нешто што може да има влијание врз нашата работа утре. Какво ќе биде тоа влијание ќе зависи од индустријата во која се наоѓа нашиот бизниси и индустријата во која припаѓа тоа ново нешто како резултат на технологијата.

Затоа прифати ја реалноста, прифати ја технологијата и едноставно не бегај. Доколку бегаш бегаш од самиот себеси, од твоите пријатели, од твоите соработници, од твоите потенцијални купувачи… Сметаме дека тоа не е Вашата и на Вашиот бизнис цел.

post

Препознавање на можности и создавање на идеи

Ова е гостински пост на Александар Делев, Ba in Marketing, University of Sheffield, UK.

Бизнис можности и идеи

Бизнис можности и идеи

Извадок: Овој есеј овозможува краток преглед на академската литература од областа на претприемничко препознавање на нови можности и создавање на идеи. Прво, мислењата на угледни членови од академските кругови ќе бидат дискутирани и споредувани. Во продолжение, ќе се дискутираат проблемите поврзани со дизајнирање претприемнички модели каде што како пример ќе биде земена една неодамнешна академска студија. На крај, улогата и важноста на ваквите модели ке биде објаснета како и дел од потенцијалните несогласувањата помеѓу теориите и праксата во оваа област.

Вовед во препознавање на можности и создавање на идеи

Во денешно време претприемништвото претставува едно од најбрзо развивачките полиња во економијата. Присутно во секоја индустрија, на корпорациско како и на ниво на мали бизниси, претприемништвото е често признавано од страна на академците како главниот економски двигател кон подобрување и експанзија. Дури и со такви признавања, може да се тврди дека сеуште нема доволно потврдени врски помеѓу општоприфатени бизнис теории и местото на претприемништвото во економијата и организациските стратегии. И покрај тоа, како што истражувачите и менаџерите се повеќе ја признаваат важноста на ова поле и поврзаните истражувања, еден аспект кој добива зголемено внимание во последните неколку години се претприемничките процеси на препознавање бизнис можности и создавање на идеи. Преку академската литература од оваа област можеме да видиме дека истражувачите прават напори да ги идентификуваат клучните фактори кои влијаат врз овие процеси и се обидуваат да дизајнираат применливи процес модели. Целта на преостанатиот дел од есејот е да обезбеди краток преглед на литературата од областа на моделирање на процесите на препознавање на бизнис можности и создавање соодветни идеи.

Преглед на академската литература

Едно од најважните прашања со кое се соочуваат денешните истражувачи е идентификацијата на соодветниот сет на фактори и околности за деловен успех. Како резултат на обемната литература на распологање од областа на претприемништвото, има многу спротивставени теории и концепти од различни академици кои постојано се дискутираат во бизнис круговите. Различни академици ги дискутираат и бранат своите гледишта во поглед на сите претприемнички процеси и активности.

Де Конинг (1999) тврди дека терминот “препознавање можности”, како што се користи во академските кругови може да се однесува на откритие на јасна бизнис идеја или развивање на идеја во остварлив бизнис концепт со тек на време.

Конкретната област на препознавање на бизнис можности е особено збогатена преку новите академски истражувања во последните неколку години. Имено, преку истражувањата и придонесите на академици како Шејн, Лампкин и Гилад се идентификувани и соодветно моделирани неколку критични фактори во овие процеси. И покрај тоа што здружените напори на истражувачите и менаџерите сеуште не резултирале со дизајнирање на универзално применлив процес модел, постојат екстензивни дискусии за веќе утврдените фактори. На пример, Оконен и Сухонен (2010) ја дискутираат важноста на социјалните мрежи на претприемачот за процесот на идентификација на нови бизнис можности, каде што силен акцент е даден на претприемничката готовност, признаен предуслов во многу бизнис учебници во последните години. Дополнително на тоа, има истражувачи кои ја истакнуваат улогата на расположливите информации во овој процес и поконкретно објаснуваат дека подобро информиран претприемач има подобри шанси да идентификува нова бизнис можност.

Шејн (1998) и Ваутер (2010) ја потврдуваaт улогата на таканаречената информатичка асиметрија и важноста да се има претходно работно искуство во секторот како дел од процесот на препознавање на нови можности. Додатно на тоа, во нивните трудови тие дискутираат дека претприемачите ќе можат полесно да процесираат важни информации и да идентификуваат трендови ако имаат претходно искуство во секторот. Сепак, според истражувањата, факторот на претходно искуство и познавање на секторот може да се подели на три дела и тоа:

  • познавање на пазарите,
  • секторски маркетинг и
  • знаење поврзано со однесувањето на муштериите (Ардихвили и Кардозо, 2000).

Околностите во кои откритијата се направени се од голема важност за истражувачите во нивните напори да ги креираат процес моделите. Поконкретно, акцент се става на прашањето дали претприемачите започнуваат планирано истражување или едноставно наидуваат на информации и ги “поврзуваат точките”, како што е опишано од страна на академиците преку нивните когнитивни модели.

Има обемна литература и истражувања кои тврдат дека мнозинството претприемнички откритија биле остварени како резултат на планирани истражувања и скенирање на околината.

Од друга страна пак, има истражувачи кои тврдат дека овој процес зема по спонтана форма во мнозинството случаи и дека претприемачите ја откриле можноста откако случајно наишле на откривачки информации. Истражувањата од ова поле одат до таа мера што тврдат дека бизнисите кои биле стартувани откако можноста била откриена спонтано побрзо ја враќале почетната инвестиција од оние кои биле почнати како резултат на истражување и скенирање (Клеин, 2008).

Понатамошни примери можат да се најдат во еден од најактивните претприемнички сектори – информатичката технологија, каде што за 50% од компаниите се смета дека превзеле истражувачки активности и скенирање на околината пред да бидат стартувани. Во смисла на мрежи, академските истражувања потврдуваат позитивна корелација помеѓу големината на мрежата (број на пријателства и познанства) и веројатноста дека претприемачот ќе идентификува нови можности во својата средина и област на експертиза. Истражувачите тврдат дека до одредена мерка, сите мрежи овозможуваат ист квалитет и квантитет на информации. Дополнително на тоа, Арениус и Де Клерк (2005) дискутираат дека контактите во мрежите можат да бидат идентификувани и категоризирани како силни и слаби, со тоа што мнозинството претприемачи имаат повеќе слаби отколку силни контакти. Една од главните бенефиции од слабите контакти е тоа што тие овозможуваат поинтензивно работење и соработка во склопот на мрежата, со главен акцент ставен на меѓусебно информирање во области во кои прептриемачот не би можел да добие информации од своите силни контакти, како што се семејството и блиски пријатели.

Понатамошни истражувања тврдат дека типот и големината на мрежата се дел од факторите кои одредуваат какви информации ќе му бидат достапни на претприемачот и колкава претприемничка готовност ќе демонстрира таа индивидуа (Барон и Енсли, 2006). Истражувачите прават напори да ја претстават креативноста како дел од процесот на претприемничко препознавање на нови бизнис можности уште од 40 – тите години на минатиот век, опишувајќи ја како карактерна особина која мнозинството ја нема ( Шумпетер, 1934). Сметана за многу потребна особина, креативноста може да биде блиску споредена и објаснета преку индивидуалната претприемничка способност да се “поврзат точките” во смисла на нивната толеранција кон информатичка нејасност и способноста да се препознаат нови трендови.

И покрај тоа што претходно дискутираните фактори се едни од најчесто спомнуваните и признавани фактори од страна на истражувачите во нивните напори да создадат процес модел на претприемничко препознавање на нови бизнис можности, таквиот модел сеуште не е создаден. Главната пречка сеуште се појавува во форма на големата разноликост на околности со кои се соочуваа претприемачите, карактеристиките на индустријата како и личните карактерни особини на претприемачот. Поради ваквата комплексност на областа, заедничките напори на истражувачите и менаџерите сеуште не резултирале со универзално применлив процес модел. Во напорите да се смени тоа, Ардихвили и Кардозо (2000) анкетирале осум претприемачи со развиени сопствени бизниси и тестирале неколку фактори признаени од академијата како важни за овој процес. Заклучоците од ова истражување на можеле да потврдат позитивна врска само со факторот креативност, додека факторите како претприемничка готовност, претходно искуство, познавање на индустријата и мрежно работење биле потврдени како присутни во случаите на тие претприемачи. Пронајдоците од оваа анкета не можат да се генерализират, но укажуваат на тоа дека теоријата не се совпаѓа целосно со тоа што се случува во реалноста и дека приодите кон изнаоѓање на процес модели ќе треба да еволуираат паралелно со новите случувања во бизнис круговите.

Користена литература:

  • Ardichvili, A. & Cardozo, R.N. (2000) A model of the entrepreneurial opportunity recognition process. Journal of Enterprising Culture, 8(2), 103-119.
  • Arenius, P. & De Clercq, D. (2005) A Network – based Approach on Opportunity Recognition. Small Business Economics, 24(6), 249-265.
  • Baron, R.A. & Ensley, M.D. (2006) Opportunity Recognition as Detection of Meaningful: Evidence from Comparisons of Novice and Experienced Entrepreneurs. Management Science, 52(9), 1331-1344.
  • De Koning, A., and Muzyka, D. (1999) Conceptualizing Opportunity Recognition as a Socio – cognitive Process. Research paper. Centre for Advanced Studies in Leadership, Stockhold, Sweden.
  • Klein, P.G. (2008) Opportunity discovery, entrepreneurial action, and economic organization. Strategic Enrepreneurship Journal, 2(14), 175-190.
  • Okkonen, L., and Suhonen, N. (2010) Business models of hear entrepreneurship in Finland. Energy Policy, 38(7), p.3443-3452.
  • Shumpeter, J. (1934) Capitalism, Socialism and Democracy. New York: Harper and Row.
  • Wouter, S. (2010) Industry event participation and Network Brokerage. Journal of Management Studies. 47(4), p.635-653.
post

10 Клучни Работи Кои Треба да Ги Започнете во 2010

Како навршува оваа 2009-та година и се побликсу е 2010-тата се прават различни анализи и проценки за тоа каква ќе биде 2010 година. На претприемач подготвуваме посебен напис за некои наши предвидувања во однос на бизнисите за 2010.

Препораки за претприемач за 2010

Во овој напис би сакал да издвојам 10 клучни работи за кои би требало да размислите и да ги спроведете во новата 2010 година, доколку не сте ги спровеле досега. Па да тргнеме:

1. Доколку сеуште не сте започнале сопствен бизнис размислете за оваа опција

Секогаш постои една ваква опција доколку сакате да постигнете нешто повеќе, односно доколку сакате да излезете од динамичката рамнотежа на удобноста што status quo ситуацијата Ви ја пружа. Можете новогодишните празници да ги искористите и да размислите дали можете да постигнете нешто повеќе во животот и дали опцијата да бидете претприемач е соодветна за Вас.

2. Внесете го вашиот бизнис во светот на интернетот

Една активност што според мене влегува во категорија МОРА. Маркетингот и начинот на комуникација помеѓу бизниси и бизниси како и бизниси и крајни потрошувачи во светот е целосно променет. Започнува да се менува и кај нас. Бидете подготвени и на оваа поле. Но, моја препорака е воопшто да не се нфаќате со оваа активност доколку сметате дека Вашата веб страна треба да биде една обична брошура. Само ќе потрошите пари, а ништо нема да добиете.

3. Започнете со SEO доколку сеуште не сте започнале

Една од основните активности кога станува збор за Вашата достапност на интернетот е SEO (Search Engine Optimization – Оптимизација на пребарувачи). Ова е една од најважните активности за да бидете достапни и најдени од потенцијалните потрошувачи во интернет светот. Дали Ви е потребна веб страна ако никој не може да Ве најде кога ќе има потреба од Вашите производи и/или услуги.

4. Искористете ги социјалните мрежи во полза на Вашиот бизнис

Секојдневно никнуваат нови социјални медиуми кои на некој начин ги поврзуваат луѓето меѓу себе. Социјалните медиуми се еден од елементите кои го изменија начинот на практицирање на маркетингот. Помеѓу 300 до 400 илјади македонци се на Facebook. Пред едно 3 до 4 месеци на Twitter имаше неколку илјади македонци, а верувам дека денес се уште повеќе и тој број ќе се зголемува уште.

Така да не смее да се испушти оваа можност кога еден просечен Facebook корисник е минимално еден час на неговата омилена мрежа. Затоа бидете и Вие како претприемач и Вашиот бизнис таму.

5. Интегрирајте систем на постојано учење

Во Знаење и креативност – втор слој за успех на еден претприемач веќе ги поставив основите за знаењето и неговата претходица наречена учење. Постојано учете за сите Ваши бизнис активности, учете за маркетинг, финансии, планирање, менаџмент, преговарање и договарање, продажба… Листата навистина е предолга. Кога станува збор за интегрирање на систем ова е навистина процес кој можеда се каже дека е и сложен и едноставен. Сложен бидејќи ќе бара еден вид на познавање од информатичка технологија за да се подеси пристигнување на информации и едноставно бидејќи по подесување учењето е навистина лесно.

6. Воведете систем за квалитетно следење на конкуренција

Втор систем кој би требало да го воведете е систем за следење на конкуренцијата. Конкуренцијата претставува важен фактор за Вашиот бизнис. Следејќи ја соодветно конкуренцијата и предвидувајќи ги нивните чекори ќе бидете секогаш еден чекор пред нив.

Кога зборувам за систем мислам на еден поавтоматизиран систем кој нема да бара премногу време од Ваша страна, а ќе Ве снабдува со квалитетни информации за Вашиот бизнис.

7. Воведете систем за квалитетна комуникација со Вашите купувачи

Она како се вели: Бидете еден чекор пред конкуренцијата и еден чекор поблизу до купувачите. Квалитетна комуникација со купувачите ќе Ви обезбеди да бидете еден чекор поблизу до нив. Кога сте поблиски со Вашите купувачи ќе добиете информации кои можат Вашиот бизнис да го подобрат во сите поглед на бизнис работење.

Освен традиционалата комуникација очи во очи, воведете можност за комуникација преку е-mail, социјални медиуми, телефон… Но, запомнете дека доколку ја овозможите оваа комуникација комуницирајте, одговарајте на меилови, одговарајте на прашањата преку социјалните медиуми и одговарајте на телефонските повици.

8. Воведете систем за квалитетна комуникација со Вашите потенцијални купувачи

Четвртиот важен систем е систем за квалитетна комуникација со Вашите потенцијални купувачи. Освен купувачите кои веќе Ви имаат дадено доверба потребно е да комуницирате и со потенцијалните купувачи кои сакате да Ви ја дадат нивната доверба и да постанат купувачи. Системот може да биде ист или пак сличен со системот за комуникација со купувачите.

9. Направете реинженеринг на комплетната маркетинг стратегија

Реинженеринг едноставно претставува повторно градење од почеток. Размислете ја целокупната Вашата маркетинг стратегија во поглед на се она што дава резултати и она што не дава резултати. Доколку не сте ги мереле сопствените маркетинг активности, сега е вистинско време да започнете. Исфрлете го сето она што не дава резултат и подобрете го она што дава резултат. Вообичаено компаниите кои ги спроведуваат Вашите маркетинг активности ќе се обидат да го продолжат договорто со Вас и за 2010. Пред да одлучите да го продолжите договорот запрашајте се за следново:

  • Дали имам резултати од таа маркетинг активност?
  • Какви се резултатите (денари/купувач од таа маркетинг активност или пак денари/продажба од таа активност)

10. Бидете фокусирани на она што го работите

И како последна препорака го избрав фокусот. Доколку не сте фокусирани на Вашиот бизнис и на Вашите претприемнички активности животот како претприемач навистина ќе Ви биде потежок.

2010 година не очекувам дека ќе биде розева во поглед на бизнисите и особено на малите бизниси. Ќе имате премногу активности кои ќе треба да ги спроведете. Затоа бидете фокусирани во она што го работите. Следете го она наједноставното правило: Првин најважните и најприоритетните работи.

Ова се едни од препораки кои сметам дека навистина имаат потенцијал да го подобрат Вашиот бизнис. Ако започнете и со други активности само ќе се подобрите уште повеќе. Па, се надевам дека ќе ја истуркаме и 2010-тата и ќе започнеме да бележиме вистински резултати.

post

МАРКЕТИНГ СРЕДСТВА 21 – СТАВОВИ НА ВАШИОТ БИЗНИС

Продолжуваме со 21-то маркетинг средство за Вашиот бизнис. Ова маркетинг средство кое е предмет на обработка во овој напис на претприемач претставува едно од маркетинг средства за кои воопшто не трошите пари, туку се зависи од Вашите внатрешни елементи на бизнисот. Зависи од Вас како претприемач и Вашиот менаџерски и неменаџерски кадар.

Не можете ни да замислите какво влијание има оваа маркетинг средство врз Вашите сегашните потрошувачи и потенцијалните потрошувачи. Едно е сигурно дека сите Ваши потези се следени од некого. И секој кој ги следи Вашите потези донесува конкретни одлуки и заклучоци за Ваа и Вашиот бизнис. Овие следачи може да бидат:

  • Потрошувачи. Во оваа група спаѓаат и сегашните и потенцијалните, односно идни потрошувачи. Оваа категорија е една од најважните Ваши аудиенции. Потребно е посебно внимание да се обрне кон истите.
  • Конкуренти. Во оваа категорија спаѓаат Вашите конкуренти кои имаат за цел или да ве стигнат или да се заштитат од Вас и Вашиот бизнис доколку им се приближувате премногу. Оваа категорија како маркетинг средство воопшто не е важна, но сепак има големо влијание врз Вашиот бизнис.
  • Медиуми. Оваа категорија на Ваши следачи може да одигра голема улога за Вашиот бизнис. Еден краток прилог во вестите на некој медиум може да ви донесе огромен публицитет. Но, вниманието на оваа категорија тешко се свртува особено на малите бизниси. Посебно е важно да забележиме дека оваа категорија може и непријателски да се однесува кон Вас па затоа е потребно особено внимание.
  • Вработени. Во категорија на следачи спаѓаат и вработените. Од една страна како потенцијални вработени за да привлечете квалитетна работна сила и од друга страна како веќе вработени кои можат директно да се вклучат во Вашите маркетинг активности и тоа неформални маркетинг активности. Ставовите навашата компанија можат бргу да бидат проширени преку Вашите вработени при нивни секојдневни контакти со надворешниот свет. Треба да се искористат на вистинскиот начин.
  • Добавувачи. Ова е уште една категорија на Ваша аудиенција која постојано ве следи, а може да има огромна улога во Вашите маркетинг кампањи.
  • Влада. Моќта на владата е толку голема што може да има огромни последици за секој бизнис, како позитивни така и негативни. Сведоци сме како со една одлука може да се унишатт империи од бизниси. Но, сведоци сме како со помош на Владата може да се изгради брзо бизнис империја. Потребно е особено внимание.

Уште една работа за оваа маркетинг средство е важна освен аудиенцијата. Тоа е начинот на согледување на Вашите ставови. Прашањето е како се дистрибуираат ставовите на Вашиот бизнис. Постојат неограничен број на можности и зависат од Вашата креативност што ќе искористите за да бидете забележани. Како основни групи би ги издвоил:

  • Формални пишани материјали на Вашиот бизнис. Оваа група на дистрибутери на ставови претставува Вашата мисија, визија, цели, интерни билтени, одлуки итн. Оваа група ги опфаќа вашата внатрешна аудиенција но и надворешната.
  • Маркетинг материјали. Понекогаш можете Вашите ставови да ги распространите преку Вашите маркетинг материјали со вклучување на една реченица како што е: „Нашата компанија води посебна грижа за заштита на нашат околина“. Со една ваква реченица го прикажувате Вашиот став дека сте заинтересирани за една посебно популарна проблематика, а тоа е екологијата.
  • Неформална комуникација. Оваа е навистина огромна група и содржи огромен маркетинг потенцијал доколку навистина се искористи правилно. Оваа комуникација може да биде пишана, изговорена или пакелектронска. Социјалните интернет мрежи овозможуваат одличен простор за искористување на споделување на Вашите ставови.
  • Формално и неформално однесување. Како се однесувате формално а како неформално? Каква слика градите за себе? како се однесуваат Вашите вработени формално и неформално? Како се однесуваат при контакт со потенцијални или сегашни потрошувачи? Сето оваа гради одредена слика за Вас и Вашиот бизнис.

Мислам дека не е во целост искористен потенцијалнот на оваа маркетинг средство. Оваа маркетинг средство не бара вложување на пари, но секако ќе бара одреден труд. Па се гледаме во наредното маркетинг средство 22-ро по ред.

post

WORD PRESS НАПАДНАТ ОД ХАКЕРИ!

Пред да излезе последната верзија на популарната платформа за блогирање WordPress 2.8.4 пробиена е безбедноста на претходните верзии. Доколку Вашата веб страна работи на WordPress верзија која не е последна (2.8.4) препорачливо е веднаш да ја ажурирате со најновата за да го избегнете тековниот напад кој веќе наштети на голем број на блогови во светот. Корисниците на WordPress.com хостиран блог не се опфатени со ова безбедносно предупредување. Ова значи дека доколку Вашата веб стрна е www.vasastrana.wordpress.com немате никаква опасност. Но доколку Вашата веб страна е www.vasastrana.com и користите WP плтформа веднаш преминете на автоматското ажурирање на истата.
Предупредувањето дојде од Lorelle on WordPress oткако откриле дека се пробиени безбедносните дупки во претходните верзии на WordPress при што се креира „скриен“ администраторски акаунт кој има целосни привилегии се до базата на податоци каде се складирани сите податоци за Вашата веб страна како што се корисници, привилегии, блог написи итн.
Lorelle истакнува дека постојат два знака за да препознаете дали Вашиот сајт е нападнат:

Прво постојат чудни додатоци на permalinks, како vasastrana.com/kategorii/naziv-na-napisot/%&(%7B$%7Beval(base64_decode($_SERVER%5BHTTP_REFERER%5D))%7D%7D|.+)&%/. Зборовите се “eval” и “base64_decode.
Вториот знак е доколку имате скриен администратор. Проверете ги корисниците за администратори и побарајте име кое не го препознавате.

За да се заштитите од нападот веднаш ажурирајте ја верзијата.
Но доколку открите по горенаведени знаци дека веќе сте нападнати ќе имате повеќе работа. Првин ќе треба да ја експортирате целата Ваша содржина со вградениот XML WordPress export и целосно да ја избришете инсталација та на WP. Но, немојте да ја експортирате Вашата база на податоци бидејќи напаѓачот е длабоко навлезен во истата. Потоа инсталирајте го повторно WP но, последната верзија и додадете ја темата и импортирајте го XML експортот што го направивте претходно. Експортот ќе ги содржи Вашите написи, страни и коментари.

Како да се одговори на нападот
Како мерки на одговор на целата заедница на WP Lorelle предлага:

  • Пишувајте блогови и пренесете ја пораката преку социјалните мрежи како би биле запознаени сите интересенти и би реагирале навремено. На пример, јас кога наидов на написoт веднаш го споделив со Retwееt на Twitter. Во моментот кога кликнав на Retwееt написот веќе беше препратен преку Twitter 300 пати по еден час веќе беше препратен 2000 пати. Во моментов сите пишуваат за ова зло.
  • Доколку имате некоја информација која ќе му помогне на WordPress тимот да го запре нападот испратете ја на security@wordpress.org.
  • Секогаш имајте ја последната верзија на WP.
post

ТЕХНОЛОГИЈА – СТРАВ КОЈА ШТО УШТЕ ПОСТОИ

Овој феномен на страв од технологијата (особено компјутерите со се онаа што го носат со нив) е навистина чуден и постојан во Република Македонија. Со постоење на ваква страв нема 80/20 правило, нема ефективност и ефикасност, нема вирозен маркетинг, нема ефект на пеперутка, нема професионализам, нема подобрување, нема потенцијална бизнис енергија… Со еден збор нема успешен бизнис или се она за кое пишуваме и препорачуваме во Pretpriemac.com.

Дури и имам пријатели кои се плашат кога ќе добиат еден e-mail од мене во кој им покажувам нешто што можат да направат. Ми викаат немој да ме плашиш. Но, зошто да постои страв? Размислувам дека можеби тоа е страв од незнаење. Но, од друга страна никој не е роден со знаење, се учиме додека сме живи. Се се пробува, а со пробување и се учиме, па стравот е непотребен. Грешките нема да се кобни и со големи последици. Каква грешка ќе бидне доколку отворите акаунт на некоја од социјалните мрежи, или пак секојдневно во комуникација користите е-mail, или го користите интернетот за учење на нови работи, или пак користите Skype наместо телефон секаде каде што имате можност, или пак користите видео конференциски врски, или пак секојдневно прибирате информации на интернет… или пак… или пак… Сето ова само може да допринесе за Ваш подобар бизнис, стравоте е непотребен бидејќи нема што да изгубите.

Технологијата треба да се зграби и да се искористи особено сега кога се е достапно преку интернетот. Со користење на технологија ќе ги намалите трошоците на Вашето работење и ќе бидете поефикасен и поефективен со што ќе се обезбеди успешноста на Вашиот бизнис. затоа искоренете го стравот доколку постои и гледајте напред, не назад.