post

Пазарна ниша на која ќе се насочите

Пазарна ниша

Пазарна ниша

Многу пати еден претприемач, водејќи го сопствениот бизнис, особено во стартап фазите на бизнисот се обидува да ги задоволи сите. Но, дали еден мал бизнис може да ги задоволи сите? Дали има доволно финансии да ги задоволи сите? Дали има доволно ресурси за да ги задоволи сите? Во најголем број на случаи одговорот на овие прашања би бил не.

Повторно би се навратил на цитатот на Bill Cosby кој вели:

Не го знам клучот за успехот, но клуч за неуспех е да се обидете да ги задоволите сите. ~ Bill Cosby

Малите бизниси немаат капацитет да ги задоволат сите. Иако пазарот на кој се насочени е специфичен за одредена проблематика сепак во тие специфичности има и дополнителни специфичности изразени преку различни проблеми на потенцијалните потрошувачи кои може да го дефинираат на различни начини.

Истражувањата покажуваат дека од 1 милион бизниси кои започнуваат помалку од 10.000 ја доживуваат својта 5-та година. Тоа е помалку од 1% од започнати бизниси кои успеваат да преживеат и да продолжат понатаму низ животниот циклус. Постојат повеќе причини за пропаѓање на малите бизниси и можете да видите неколку истражувања за кои пишувавме во постот насловен како Зошто пропаѓаат бизнисите.

Но, во тие истражувања не е опфатена можноста бизнисите да пропаднат доколку не се насочат на вистинската пазарна ниша, иако сметаме дека оваа грешка, особено во стартап фазите на малите бизниси во многу случаи претставува кобна за истите.

Што е тоа ниша?

Но, што е тоа ниша? Да видиме каде се користи овој термин:

  • Терминот ниша први го употребуваат екологистите за да опишат позицијата на одредни видови и ресурсите кои се наоѓаат во нивната околина.
  • За домашни потреби се користи за одередена посебно оградена просторија во домот за чување на некои работи.
  • Во бизнисот се користи за опишување на одредени активности насочени кон некоја личност или група на личности со одредени исти или слични карактеристики.

Од овие неколку различни видови на користења на терминот ниша можеме да сфатиме дека:

Ниша претставува нешто одделено, посебно, специфично, со посебни карактеристики од другите предмети на разгледување.

Кај екологистите секои видови на животни или растенија имаат своја сопствена ниша со посебни ресурси. Секој дом има посебна ниша за чување на некои работи. И секој бизнис има посебни ниша активности насочени кон различни луѓе или групи на луѓе (делови од пазарот).

Но што е тоа пазарна ниша. Наједоноставно кажано

Пазарна ниша е еден сегмент или еден дел од пазарот кој на некој начин има посебни карактеристики и специфичности во однос на другите сегменти.

Пазарна ниша претставува процес или пак стратегија на избор на еден дел на пазарот со посебни специфики, карактеристики и потреби, кој е доста профитабилен и сеуште со недоволно задоволени потреби.

Од последниот опис на пазарна ниша може да се видат основните карактеристики на овој процес:

  • Пазарна ниша е само еден дел од пазарот. Пазарот може да биде многу поголем од самата ниша. На пример, пазарот на цвеќе е доста поголем во однос на пазарот на продажба на цвеќе по нарачка и испраќање по пошта.
  • Тој дел има посебни специфики, карактеристики и потреби. Карактеристките, спецификите и потребите на пазарната ниша се различни од редовниот пазар или пак од останатиот дел од пазарот. Потребите на пазарна ниша од претходниот пример е можноста да се нарача и испрати цвеќе каде што сакаме без да одиме во продавница да бираме и купуваме и потоа да го однесеме кај оној за кој е наменето.
  • Тој дел е доста профитабилен. Оваа не мора да биде точно, но често пати пазарните ниши претставуваат доста профитабилно подрачје. Секако дека на пазарната ниша од нашиот пример со цвеќето производот и услугата ќе бидат доста поскапи отколку редовно купување во продавница.
  • Сеуште на тој дел не се доволно задоволени потребите на пазарот. Пазарна ниша е дел од пазарот на кој сеуште не е доволно задоволена потребата на која се однесува нишата. Ќе видите многу продавници со цвеќе, додека локални цвеќари со брза испорака многу малку.

Но, онаа што е интересно за претприемачите и малите бизниси е што големите компании не ги интересираат овие пазарни ниши бидејќи тоа се доста мали пазари. Кога велиме доста мали пазари сметаме на квантитеот на истиот затоа што она што е доста профитабилно за малиот бизнис не е за големите бизниси. А, токму тука претприемачот и малиот бизнис може да ја пронајде сопствената шанса, особено на високо профитабилен сегмент од пазарот.

Како да се избере вистинската ниша на пазарот?

За избор на пазарна ниша ќе мора да спроведете неколку чекори.

  1. Избор на пазар. Првин мора да го знаете пазарот на кој ќе ја барате специфичната пазарна ниша. Што е она во што сте добри? Што е она што особено ве интересира? Што е она што особено добро знаете да го првите? Размислете за вакви и слични прашања за да го дефинирате пазарот кај што ќе барате специфична ниша.
  2. Анализа на избраниот пазар. Следниот чекор е да го анализирате пазарот. Кој е присутен? Што нуди? Какви се потреби постојат? Каква е популацијата?
  3. Сегментирање на избраниот пазар. Анализата на пазарот ќе ви даде можност да го сегментирате врз основа на одредени карактеристики на истиот.
  4. Истражување на незадоволени потреби. Четвртиот чекор е да побарате незадоволени потреби или пак некои проблеми кои сеуште не се решени од останатите учесници на сите тие сегменти или само еден од нив за кој анализата ќе покаже дека е најпрофитабилен.
  5. Напад на нишата за да се задоволат тие потреби. И секако последниот чекор е да спроведете напад на таа ниша, но само таа ниша за да ги задоволите тие потреби или за да ги решите тие проблеми.

Значајна е вашата креативност и анализа и истражување на пазарот кое ќе го спроведете.

Уште нешто:

НИША МАРКЕТИНГ = ПРОДЖБА НА ЛУЃЕ КОИ ИМААТ ЗАЕДНИЧКИ ИНТЕРЕС

 

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*