post

Планирање на нешто невозможно да се испланира

Овие неколку денови активно работам на премиум претприемач 2.0 материјали за првиот модул насловен како лин стартап, но и на нов вебинар.

Лин стартап процесот не подразбира подготовка на бизнис план, туку бизнис модел со деветте основни хипотези при што работиме на развивање на истите, подготовка на експерименти за тестирање, тестирање и прилагодување согласно резултатите од тестирање. Модулот ќе излезе многу подолг од планираното, но не сакам да го скратам затоа што целта ми е да навлеземе во најголемиот број на детали, како премиум членовите би можеле едноставно да го применуваат и адаптираат согласно нивните потреби.

Но, некако ми недостигаше преминот од премиум претприемач 1.0 каде работиме на подготовка на бизнис план и секако истражуваме, анализираме и учиме во премиум 2.0 каде едноставно применуваме еден сосема поинаков пристап. Иако и премиум 1.0 и премиум 2.0 се достапни, целта е да се надополнуваат еден со друг.

Од друга страна премиум претприемач е замислен како место каде ќе се поттикнуваат најиновативните идеи од областа на претприемништвото. Затоа и се одлучив да вметнам во моите активности и изработка на еден вебинар во кои ќе ги споделам најиновативните размислувања во однос на започнување на бизнисот и секако водење на успешен бизнис. Целта е да ги презентирам доказите зошто е погрешен пристап навлегување во замката на длабоко, суштинско и перфектно планирање. Тука сакам да споделам дел од тие размислувања.

Зголемување на јазот помеѓу потребата на бизнис планот и онаа што навистина го правиме

Иако зборувам за се поголемо намалување на улогата на бизнис планот во малите бизниси повеќе од четири години, сепак моите анализи и истражувања покажуваат дека се појавува се поголем јаз помеѓу потребата на традиционален бизнис план и онаа што навистина го правиме. Причината за тоа не е нешто на што немаме ние директно влијание, туку едноставно причините се:

  • Светот во кој што живееме денес го бара тоа.
  • А, нас не научиле да живееме во свет кој денес не постои.

Забележувате огромна спротивставеност на двете причини, затоа и предвидувам дека јазот ќе биде се поголем, а тоа ќе создава се поголеми проблеми за сите нас.

Еве една скица на процесот кој што навистина се одвива кај најгомеиот број на претприемачи, а која ја изработив за целите на тој вебинар (најверојатно ќе биде достапен оваа недела на премиум претприемач).

вообичаен претприемачки процес

Забележувате дека нашиот едуциран, напреден, рационален мозок не наведува на еден сосема погрешен пристап, постојано истражување, учење, анализирање, планирање што неминовно доведува до конфликтни информации, парализа од анализа и збунетост, што пак е основа за одлговлекување и губење на време и пари.

Од друга страна неизвесноста во која функционира еден мал бизнис е се поголема, а таа неизвесност бара и сосема поинаков пристап.

Важен е успехот, но не може да се дефинира со бизнис планот

Кој не го сака успехот. Не постои човек кој не се замислува себеси како успешен. Но, проблемот околу успешноста е многу поширок проблем, а за претприемачи и клучен.

Направете еден експеримент. Прашајте 10 претприемачи да ви го опишат изгледот на успехот за нив. Ќе видите дека ќе добиете 10 различни, па дури и спротивставени одговори. Но, ако го повторите по еден месец истиот експеримент на истите претприемачи со истите прашања, ќе добиете сосема различни одговори од првиот експеримент.

Тоа е доказ дека успехот денес тешко може да се дефинира, едноставно постојат повеќе можности и опции за постигнување на успехот.

Во овој вебинар се обидувам да дадам едноставна но важна дефиниција на успехот која се базира на 4 основни принципи. Но, онаа што сакам да го кажам е доколку бизнис планот е дефинирање на патот кон успехот, како можеме да го користиме кога и успехот е тешко предвидлив или тешко може да се дефинира.

Во минатото кога живеевме со помалку опции околу нас лесно можевме да го дефинираме успехот, на пример преку остварување на профит од толку и толку денари следната година, во следните две, три или пет години. И така со помош на бизнис планот да тргнеме наназад и да испланираме што ќе правиме преку за тогаш ограничени можни акции кои постоеле.

Но, денес да оствариш профит, не е единствениот критериум за успех во бизнисот.

Сакате доказ? Еве еден пример за бизнис план и маркетинг

Да разгледаме пример зошто бизнис плановите не може да бидат долгорочни решенија на патот на вашиот успех. Во оваа прилика не можеме да навлеземе во сите детали, па затоа ќе го земам онаа што веројатно најмногу ве интересира, а тоа е маркетингот.

Не тргнувам од бизнис идеја, производство, финансии… За бизнис идеја зборуваме и ќе зборуваме сеуште. Финансиите и математиките, како и финансиските модели остануваат исти и зависат од останатите елементи на бизнис планот. Производството е променлива категорија, но и доволно комплексна за да го користиме како пример, а многумина од вас не се занимаваат директно со производство.

Но, секој бизнис се занимава со маркетинг или барем би требало, затоа ќе се обидам да презентирам еден вид на невалидности на бизнис планот кога станува збор за маркетингот, а особено поради фактот дека ние сеуште се базираме на застарени принципи на планирање.

  • Трошоци на производство на маркетинг материјали. Онаа што во минатото беше скапо како маркетинг материјали денес е едноставно и ефтино. Не можете да испланирате дека ќе имате еден и само еден вид на маркетинг материјал кој ќе го користите во следните неколку години колку што ќе ви важи бизнис планот. Што доколку не успеете со таа брошура, леток, радио реклама… Денес како пример, брзина на промена на вашиот печатен материјал како редизајнирање на истиот е со експоненцијална стапка. Денес можете да креирате, дизајнирате и тестирате било каков печатен материјал за помалку од еден час, додека во минатото требаше да поминат месеци, па и повеќе.
  • Денес резултатите на секоја наша маркетинг активност можеме да ги следиме прецизно и без преголеми трошоци. Во минатото беа потребни огромни ресурси и ангажирање на скапи компании за да ги следат вашите маркетинг активности. Но, денес со развојот на интернетот можете да добиете резултати од тестирање во релано време. Денес нема извинување во стилот немав информации, и нема оправдување дека не сте промениле нешто. Дали треба да го планирате онаа што едноставно не може да се испланира. Не може да се испланира, но може да се тестира, прилагодува, повторно тестира, повторно прилагодува… Се додека не се дојде до посакуваните резултати.
  • Денес имаме неограничен број на опции кога станува збор за маркетингот. Онаа што порано можеше да се избрoи на прсти како вид на медиум каде вашиот бизнис ќе биде презентиран и маркетиран, денес претставува едно море од можности и опции. Дали ќе биде Facebook, Twitter, YouTube, локална радио станица (и која), леток, брошура….  Доколку сакаме за секоја можност да стекнеме знаење и да ја испланираме во нашиот перфектен бизнис план, не верувам дека во овој живот ќе го постигнеме тоа. Само една опција има илјадници подопции. Што е невозможно, невозможно е.
  • Денес можеме да добиеме моментален фидбек на секоја наша активност. Нема можност да успеете да ги испланирате сите идеи кои што можете да ги пронајдете или прочитате во однос на маркетингот. Едноставно денес е подобро да пробате и да го видите фидбекот, ако дава резултати едноставно продолжуате, а ако не дава резултати одите понатаму со нешто друго. Овој едноставен процес не можете да го испланирате во најситни детали.
  • Никогаш не било полесно да ги прилагодувате маркетинг средствата. Со развојот на технологијата, прилагодување на вашите маркетинг стратегии и тактики се случува онака во вашиот од. Дали додека патувате, или чекате на аеродром, или пак седите и пиете кафе… Вие имате можност да ги прилагодувате вашите маркетинг тактики. Но, дали сето тоа можете да го испланирате? Сигурно не.

Оваа се само дел од можните докази за конкретниов пример иако можам да продолжам со уште стотина, но тогаш ќе биде потребно да напишам цела книга.

Ако го читате овој малку подолг пост тука, верувам дека сте доволно паметен и интелигентен да се промените и да бидете еден од ретките кој ќе користи иновативни размислувања при градење и менаџирање на сопствениот бизнис.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*