post

Повик за Акција – Маркетинг Средство 49

Понекогаш можеби ќе се запрашате зошто никој не се јавува, не ве контактира, не прашува ништо за вашиот бизнис… Ако го барате одговорот на тие прашања првин прашајте се следново:

  • Дали користам маркетинг средства за мојот бизнис?
  • Доколку ги користам кои се тие?
  • Дали во секое од тие маркетинг средства јасно е назначено што сакам потенцијалниот купувач да направи?

Доколку не е јасно назначено, тоа е одговорот на тоа зошто никој не е заинтересиран.

Што претставува повик за акција?

Повик за акција едноставно претставува маркетинг порака, односно порака која мора да биде содржана во сите досегашни маркетинг средства кои ги презентиравме на претприемач, како и во сите наредни маркетинг средства кои допрва ќе ги презентираме (а тоа се уште 50).

Ова маркетинг средство се користи или пак треба да се користи во сите други маркетинг средства а претставува барање или покажување на насока за да се направи нешто од страна на оној до кого пристигнало некое наше маркетинг средство.

Препораки при дизајнирање?

Во понатамошниот дел ќе се обидам да дадам некои препораки при дизајнирање на вашиот повик за акција:

1. Јасен и прецизен

Повикот за акција треба да биде јасен и прецизен така да оној кој сакаме да направи нешто лесно ќе може да го направи тоа нешто без да се збуни.

Повик за акција на Skype

Skype има едноставен повик за акција да го симнете преку едно копче, а претходно е покажана корисноста што ќе ја добиете доколку го симнете

2. Оптимално користење на повикот за акција

Не претерувајте со повикот за да не се постигне контра ефект. Во зависност од од видот на маркетинг средството ќе зависи и тоа колку пати ќе го повторите. На пример на веб страна која е подолга или пак е-mail кој е подолг можете да го повторите неколку пати. На пример, на почеток, средина и на крај, како би му овозможиле на читателот да не се враќа на почеток доколку сака да превземе акција или пак едноставно да го потсетите за тој повик.

3. Прикажи или понуди корисност

Понудете некоја корисност за сите оние кои ќе реагираат на Вашиот повик во определениот временски интервал. На пример, пониска цена, подарок, бесплатна испорака… На пример на сликата на Skype јасно е дефинирана корисноста во вид на бесплатни разговори со други корисници и многу поефтини разговори за повик кон други телефонски броеви.

4. Користете чекори

Немојте да мислите дека ако на вас ви е јасно тоа што треба да се направи, дека истото е јасно и на сите други. Затоа каде се потребни повеќе чекори за таа акција користете чекори. На пример, Чекор 1: одете на нашата веб страна; Чекор 2: Пополнете ја формата за да…; Чекор 3: Потврдете ја регистрацијата за…; Чекор 4: Уживајте во… Можете да го видите примерот на E-Junkie на сликата подолу.

Повик за акција на E-Junkie

E-Junkie користи чекори кои се графички прикажани, а подолу се наоѓа и наративен опис на истите

5. Лесно видливо место на повикот за акција

Поставете ја пораката на лесно видливо и највпечатливо место на маркетинг средството во кое ја користите.

6. Ограничувања

Користете ограничување (чувство на ургентност) за времетраење на тој повик.

7. Мерете и подобрувајте

Едноставно воспоставете систем на постојано подобрување на повикот за акција со тоа што ќе го мерите ефектот на секоја ваква кампања.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*