post

10 причини кои предизвикуваат губење на купувачи

Една од најголемите катастрофи за екој бизнис и секој претприемач е да започнат да ги губат сегашните купувачи. Сегашните купувачи секогаш мора да бидат во центарот на вниманието на претприемачот.

Причини за губење на купувачи

Дали овие грешки ќе ме чинат губење на моите купувачи?

Честопати сегашните купувачи се забораваат од страна на претприемачот бидејќи тој се насочува премногу кон привлекување на нови купувачи. Но, вистинскиот претприемач и и вистински моќен бизнис знае дека основата на успехот лежи во задржување на сегашните купувачи и во исто време привлекување на нови купувачи.

Затоа денес ќе се обидам да ги сублимирам најчестите 10 причини кои предизвикуваат губење на сегашни купувачи. Редоследот по кој се изложени овие причини нема влијание на важноста на причината.

1. Несоодветна комуникација

Начинот на комуникацијата како и средството кое се користи за комуникација играат голема улога во однесувањето на купувачите. Не можете да комуницирате со некој купувач преку факс доколку истиот нема факс туку користи mail. Не можете да користите друго ниво на јазикот за разбирање бидејќи купувачот нема да ве разбере. Барем денес постојат илјадници начини и илјадници средства за да изградите систем на квалитетна комуникација со сегашните купувачи, а исто така и потенцијалните купувачи.

2. Несоодветни услуги

Без разлика дали се продава производ или самата услуга постојат и дополнителни услуги кои купувачите очекуваат да ги добијат со купување на тој производ или пак услуга. Очекувањата за тие услуги можат да бидат различни, а сепак влијателни во повторното донесување на одлука за купување од еден бизнис. Некогаш и сосема мала работа која ќе биде претставена во вид на услуга или пак некое однесување може да биде пресудно. Затоа не го испуштајте.

3. Лоша ценовна политика

Цената претставува клучен фактор за одредени одлуки кои ги носи купувачот за во иднина. Доколку смета дека не го добил она што го платил секако дека нема да го повтори купувањето. Доколку пак смета дека цената е прениска за неговиот имиџ, нема да продолжи со купување од тој бизнис.

4. Непознавање на конкуренцијата

Често пати Вашите сегашни купувачи можат да бидат „украдени“ од Вашата конкуренција. Затоа доколку не ја познавате конкуренцијата, мислам на онаа „вистинската“ конкуренција ќе постои опасност таа едноставно тивко да ги презема Вашите сегашни купувачи. Постојано следете ја Вашата конкуренција, знајте ја нивната понуда, знајте кои маркетинг средства применуваат и како ги применуваат. Само така ќе успеете да ги задржите Вашите сегашни купувачи да не одат кај Вашата конкуренција и ќе имате потенцијал Вие тивко но сигурно да „крадете“ нивни купувачи.

5. Недоволно познавање на производот или услугата

Не може некој да продава нешто што не го познава добро. Не можете да продавате, а ниту да дизајнирате маркетинг кампања за производ кој не го познавате. Оваа ќе претставува најслабата карика во Вашиот бизнис доколку тоа е така. Затоа пред да го понудите производот или пак услугата за продажба обидете се да имате доволно познавање за да одговорите на сите прашања од страна на купувачите.

6. Слаб квалитет на производот или услугата

Мислам дека и не треба да се коментира оваа причина. Сум купил многу производи кои само ги платив а не ги користам бидејќи не се квалитетни. Затоа кога истиот бизнис ми нуди други производи едноставно ги игнорирам.

7. Лош продажен тим

Вашиот продажен тим го гради имиџот на Вашиот бизнис. Кога продажниот тим ќе остави лош впечаток на купувачот, не можете да очекувате дека тој купувач ќе се врати за повторно купување.

8. Немање на соодветна бизнис стратегија

Бизнис стратегија ја обработив во Стратегија – Најбрз начин да ги трансформирате Вашите бизнис резултати. Едноставно без да имате еден стратешки приод кој не е од денес за утре, нема да бидете во можност на подолг рок да ги задржите Вашите купувачи и што е поважно да се враќаат почесто да купуваат.

9. Лоша атмосфера во продажна просторија

Каква е атмосферата во продажната просторија или пак местото каде што се склучува договорот има соодветно влијание на идното однесување на купувачот, односно дали ќе се врати или не. Обидете се да обезбедите атмосфера која ќе предизвика смиреност и удобност во ваквите ситуации.

10. Недостаток од реинвестирање во досегашни купувачи

Секогаш инвестицијата во сегашните купувачи е поисплатлива од инвестиција во доведување на нови купувачи. Обидете се секогаш дел од парите од продажбата на некој начин да ги реинвестирате во нивното враќање. Освен тоа доколку Вашиот купувач се почувствува почестен со тоа што вие инвестирате во него тој ќе започне да привлекува и нови купувачи за Вашиот бизнис.

Разгледајте ги овие 10 причини и проверете дали некоја постои во Вашиот бизнис и едноставно отстранете ја.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] дека не постои претприемач кој не би сакал да знае што купувачите мислат за неговиот бизнис. Како и да е, тоа мислење во […]

  2. […] се многу. Но, едно е сигурно, се затвораат заради недостаток на купувачи. Со недостаток на купувачи се јавува и недостаток на […]

Speak Your Mind

*