post

SEO – Дали размена на линкови вреди?

Дали вреди размена на линкови

Дали вреди размена на линкови

Продолжуваме со серијалот за SEO како дел од маркетинг средства на претприемач. Во овој пост ќе навлезам малку во една табу тема кога станува збор за SEO. Во овој серијал поминавме нешто општо за SEO, потоа навлеговме во тоа што претставува SEO, го претставивме првиот основен столб на еден ваков процес – истражување и анализа на клучни зборови, вториот столб – On-Page оптимизација или неколку најважни фактори за оптимизација кои се наоѓаат на самата страна, третиот SEO столб – Off-Page фактори за оптимизација и Блогирање како дел од SEO стратегија.

Досега веќе напоменав во овој серијал (па и во самото видео во делот за блогирање) дека не е важен број на дојдовни линкови. Многу е поважен квалитетот на тие дојдовни линкови.

Што претставува размена на линкови?

На светско ниво постојат огромен број на маркетинг агенции кои се занимаваат со SEO и чија основна задача е да бараат на интернет веб страни кои ќе бидат интересни за нивните клиенти за добивање на линк преку размена на линкови.

Размена на линкови претставува едноставно еден процес во кој администратор на една веб страна ве контактира Вие да поставите линк до нивната веб страна и за возврат тие ќе постават линк до Вашата веб страна.

Класичниот приод е веб страна А дава линк кон веб страна Б која возвраќа линк кон веб страна А.

Размена на линкови 1-1

Размена на линкови 1-1

Овој начин кој претставува размена на линкови 1 на 1 нема да донесе некои резултати. Затоа што корисноста што А ја дава на Б, Б ја губи со враќање на линк кон А. Набргу и сите оние кои се занимаваат со интернет маркетингот го сфаќаат сето ова и нормално бараат начини да може да се надмине преку внесување на трети страни во процесот на размена. Ова би изгледало нешто вака:

Размена на линкови 1-2-3

Размена на линкови 1-2-3

Затоа и се раѓаат огромен број на сервиси или интернет маркетинг агенции кои се вклучуваат во оваа математика со цел да бидат рангирани подобро од страна на пребарувачите. Потсетете се на видеото во Блогирање како дел од SEO оптимизација.

Но, можам да кажам уште нешто повеќето од „најдобрите“ или „најпрепорачуваните“ вакви сервиси денес не постојат. Значи дека се откриени и нормално нема глас плус во очите на пребарувачите.

Зошто мислам дека не треба да сте преокупирани со размената?

Кога започнав да се занимавам со оваа проблематика прочитав многу материјали од многу SEO експерти. Некои беа квази експерти но, некои се навистина докажани експерти. Кога зборувам за она што сум прочитал не станува збор за читање на блогови, туку различни купени книги, е-курсеви, прирачници, софтвери… Она што не смеам да го изоставам како важен елемент во градењето на знаењето е што успеав да споредам квази експерти со вистински експерти. Разликата е што едни учат за брзо – краткорочно остварување на резултати и едноставно потоа од високото краткорочно летање брзо спуштање на земјата – тоа се квази експертите. Вторите или оние вистинските експерти пропагираат стратешки долгорочен приод за градење на релевантноста и кредибилитетот во очите на пребарувачите што на некој начин и јас преку овој серијал се обидувам да го презентирам.

Купив и еден софтвер специјализиран за SEO кој едноставно служеше за автоматизација на овој процес на размена и анализа да најдеш кои веб страни се добри со кои можеш да се вклучиш во процес на реализација. Извршив тестирање и воспоставив контакти со неколку веб администратори на страни кои согласно анализата беа добри за да разменам линкови. И разменив линкови. Но, знаете што се случи? И по неколку месеци иако PR на мојата веб срана се искачи јас сепак немав ни 10% од вкупниот сообраќај од страна на Google. Значи нешто не беше ОК. Веднаш потоа го откажав софтверот бидејќи плаќав (мислам 47$ месечно за негово користење).

Во исто време како што ја зголемував содржината и секако на некои подолги зборови почнував да бидам рангиран повисоко почнат сами веб администратори или тие интернет маркетинг агенции да ме контактираат за да разменуваме линкови. Понудите навистина ми беа невообичаени. Тогаш јас имав PR 2, а тие ми нудеа линк од страна со PR 4. Еве еден пример како изгледа тоа едно барање:

Предлог за размена на линкови

Ги избришав личните податоци заради заштита на приватноста за имиња, веб страни и компании. Забележувате ми нуди два линка за замена на мојот еден со PR 2. Ова е изведено од една интернет маркетинг агенција за некој нивен клиент. Но, изгледа премногу добро за да биде вистинито.

Што се случува по извесен период откако направивме размена. Тие на понудените страни ставаат илјадници линкови кон други страни при што нормално биле забележани од Google и нивниот PR веќе е за никаде и секако биваат казнети. Мојата веб страна има линк од лоши дечки, па така дел од последиците ги сносам и јас и секако илјадниците веб страни кои учествуваат во оваа трансакција со линкови.

Затоа сметам дека еден ваков систем на размена на линкови не вреди за Вашето рангирање на резултатите на Google. Оваа размена на линкови може да ја направите само во еден ограничен круг на веб страни (на пријатели, блиски или оние на кои им верувате дека нема да претеруваат).

Неколку збора за линкови и нивното значење

На крајот од овој пост сакам да дадам коментар преку неколку зборови за линковите и нивното значење. Линковите се важни, и нивната важност можевте да ја видите во постот за Off-Page фактори за оптимизација. Но, она што е забележително е премногу насочување кон линкување и заборавање на содржината и самата оптимизација на веб страната. Две најважни работи кои се ценети од пребарувачите се следниве:

  • Релевантност. Релевантна содржина за клучниот збор (или зборови) за кои што сакате да бидете високо рангирани.
  • Кредибилитет. Каков кредибилитет има Вашата веб страна. Дали користите валкани техники, кој се се линкува до Вас, до кого се линкувате вие…

Но, она што е интересно тука е што релевантноста може да доведе до зголемент кредибилитет. Колку повеќе имате релевантна содржина и колку повеќе веб страни природно се повикуваат на Вашата содржина, толку подобро ќе бидете рангирани на пребарувачите.

И уште нешто би сакал да додадам како дел од мои анализи и истражувања. Веќе неколку пати напоменав дека различните податоци ги собирам во една база на податоци преку која можам едноставно да се играм и да спроведувам различни анализи. Иако сеуште податоците не се доволно многу (6 месеци) сепак добив интересни резултати по спроведување на корелациона анализа со Пирсонов коефициент на корелација. Имаше периоди кога оваа веб страна имаше PR 3. Сега е повторно на PR 0. Анализата на податоци се однесуваше на тоа движење на сообраќај од страна на Google при PR 3 накај сегашните PR 0. Од таа корелациона анализа се доби силна негативна корелација што значи следново:

  • Поголем PR помал сообраќај од страна на Google.
  • Помал PR зголемен сообраќај од страна на Google.

Овој резултат не мора да биде сосема точен бидејќи се случи тоа што се случи со размена на линкови, а во исто време обрнав поголемо внимание на релевантноста на содржината и соодветната оптимизација согласно клучни зборови. Но, мораме да бидеме реални, овие резултати укажуваат дека она што сите сакаме да го имаме како основа PR нема некое приоритетно или врвно влијание врз резултатите од пребарувањето доколку релевантноста не е на прво место.

Затоа, SEO претставува процес а не едноставна размена на линкови што повеќето интернет маркетинг агенции сметаат. И уште нешто, овој процес ни малку не спаѓа во група на лесни процеси. Ова е само еден дел од она што можам да го опишам во еден блог пост за оваа проблематика.

Прочитајте го последниот пост од овој серијал:

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] Ќе го завршам овој серијалот за SEO како дел од маркетинг средства на претприемач со овој пост. Тука ќе се обидам да презентирам неколку алатки кои ќе можат да ви помогнат во овој процес. Во овој серијал поминавме нешто општо за SEO, потоа навлеговме во тоа што претставува SEO, го претставивме првиот основен столб на еден ваков процес – истражување и анализа на клучни зборови, вториот столб – On-Page оптимизација или неколку најважни фактори за оптимизација кои се наоѓаат на самата страна, третиот SEO столб – Off-Page фактори за оптимизација, Блогирање како дел од SEO стратегија која само ќе го подбри севкупниот процес и неколку збора за тоа дали размената на линкови вреди. […]

  2. […] Дали размена на линкови вреди? […]

  3. […] SEO – Дали размена на линкови вреди? Овој наслов се однесува на размената на линкови што всушност третиот столб ве тера да го правите. Се обидов да презентирам неколку информации и сознанија за ова преку тестирањата и анализите кои ги имам спроведено. […]

Speak Your Mind

*