post

Што е карактеристично за секој претприемач и секој мал бизнис?

Неизвесност

Неизвесност

Едно прашање со кое многумина се занимаваат. Многумина го проучуваат. Многумина бараат податоци, анализираат податоци, групираат податоци и прават сложени статистички анализи за пронаоѓање на корелации.

Но прашањето е едноставно. Се бара нешто со што секој претприемач или секој мал бизнис ќе биде соочен. И одговорот е едноставен, бидејќи постои само еден и единствен одговор кој ќе биде применлив за сите претприемачи и за сите бизниси. Но, првин зошто само еден одговор.

Бизнисот не е ништо поврзано со здрав разум

Здрав разум подразбира дека може да се следи нешто што е научено, нешто што е прочитано, нешто што е видено… Но, тоа не е така кога станува збор за твојот претприемнички пат како еден претприемач.

Обидете се да ги анализирате карактеристиките на најуспешните претприемачи низ историјата. Јас сум се обидел. Но, резултатот од таа анализа за моите очекувања беше погубен, затоа што очекував дека ќе дојдам до еден универзален сет на карактеристики, активности, размислувања или вредности кои го дефинираат успехот на претприемачите во глобала.

Од друга страна, барем дојдов до еден корисен заклучок, а тоа дека сите тие се различни, па дури и дијаметрално спротивставени иако може да доаѓаат од иста индустрија или пак да развиле сличен бизнис. Споредете ги само двајца големи основачи на големи компании Steve Jobs и Bill Gates. Разликите се огромни, иако и двајцата имаат слична патека, создале успешни компании.

Претприемништвото не претставува здрав разум. Што функционира за еден претприемач, нема да функционира за друг. Но, и другиот сосема ќе се разликува од првиот. Успешноста ќе се разликува бидејќи различно го дефинираат успехот. Идеите не можат да бидат здрав разум бидејќи тие се креација на креативноста. Тие можат да започнат од личен проблем и да се претворат во задоволување на глобален проблем на целата светска популација. Можат и да се базираат на копирање на нешто постоечко но со додавање на дополнителни вредности во тоа постоечко со што ќе се задоволи различен сегмент на пазарот или една ниша на пазарот која не е задоволена со постоечката понуда.

Пари исто така не можат да се земат како важна карактеристика бидејќи искуствата покажуваат дека некој може да започне со милиони парични единици, додека друг со стотици илјади, а повторно по некое време во очите на потрошувачите ќе изгледаат како успешни, бидејќи ја задоволиле нивната потреба.

Па, што е тогаш она што секогаш ќе ги карактеризира?

Како што напоменав на почетокот на овој пост, одговорот е премногу едноставен.

А тоа е незивесноста.

Неизвесноста е карактеристична особина за секој претприемач и нормално за секој мал бизнис. Еден претприемач може да прави обиди да ја намали неизвесноста со помош на планирање, предвидување, анализирање… Но, сепак и по сите тие активности таа останува константа.

Ако знаеме и велиме дека промените се константа во бизнис светот, а неизвесноста е нешто што во голем дел влијае на промените и токму поради тоа промените се константни, тогаш и единствена карактеристика која секогаш ќе постои за претприемачи и која секогаш ќе биде константна е неизвесноста.

Неизвесноста во еден бизнис изгледа вака:

  • Неизвесност
  • Уф, уф, уф… Намалување или мислење дека сме ја намалиле
  • Баааам, нова неизвесност
  • Уф, уф, уф… Намалување или мислење дека сме ја намалиле
  • Баааам, нова неизвесност

Зошто неизвесност?

Повторно прашање и повторно одговор кој е доста едноставен иако понекогаш не сме свесни за тоа.

Еден претприемач и еден бизнис постојано се опкружени со ентитети кои не се во рацете на претприемачот и како такви нивното управување како и влијанието на претприемачот е премало, а можеби и никакво. Не дека не може да влијае, може, но различно влијание ќе дава различни резултати.

Ти како претприемач не можеш да кажеш што сака пазарот. Пазарот сам си дефинира што сака и за што има потреба.

Ти како претприемач не можеш да влијаеш на глобалните економски текови, на промената на демографијата, на навиките, на законите донесени од страна на владата… А ова е само еден мал дел од оние креатори на твојата неизвесност.

Но, неизвесноста може да претставува и можност

Секогаш кога постои неизвесност, постои и нова можност. Неизвесноста можеби носи проблеми, но носи и решенија кои секако дека претставуваат нови можности и нови неизвесности истовремено.

Но, ти си претприемач, твојата задача е да се обидуваш секогаш да бараш начини за осветлување на твојот магловит пат. Доколку не е така премногу би било лесно.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Comments

  1. Одлично! Токму го отсликува моето искуство.

    • Sutevski says

      Благодарам Ванчо што го споделуваш и твоето искуство во однос на неизвесноста.

  2. hm

Speak Your Mind

*