post

Што градите и зошто?

Како претприемач виде сте градител.

Градите бизнис. Градите системи. Градите процеси. Градите процедури. Градите тим.

Но, знаете ли точно што градите и зошто го градите тоа што го градите.

Да, можеби едноставен одговор е дека градите бизнис. Но, сепак тоа е премногу општ одговор, не доаѓа длабоко од вашето срце ниту е поврзан длабоко со вашите купувачи.

Размислете повторно, што градите и зошто?

Дали ја градите вашата иднина? Или пак едноставно иднината на вашата околина?

Дали градите нешто што ќе го промени и подобри светот во кој што живеете? Или пак едноставно, нешто што ќе го подобри само вашиот живот?

Дали градите работни места за вашата заедница? Или пак градите подобар живот за вашите купувачи?

Можеме да одиме со безброј вакви прашања. Но, можете да забележите дека тие се длабоко поврзани едно со друго. Едно прашање може да биде последица на друго прашање.

Како претприемач, вие се наоѓате во еден синџир на зголемување на вредноста за вас, вашето семејство, вашата заедница, вашата нација…

Каде точно се наоѓате, треба самите да откриете.

Зошто го пишувам ова?

Затоа што доколку се наоѓате во еден таков синџир на креирање на вредноста мора да знаете каде сте и дали пред вас или зад вас има слаба алка која може да ви го попречи патот.

Само така вашата визија ќе биде јасна, со видлив пат за реализација и поддржана со пасија за да се помине патот кој води до нејзина реализација.

Претприемачот треба да си ја знае својата улога во реализација на сопствената визија, но и да им ги вгради улогите на секој од неговиот тим за истата визија.

Тој знае која е улогата на неговиот купувач во реализација на таа визија и знае како да го направи тој купувач да биде следбеник на таа негова визија. Но, оваа ќе успее само доколку визијата е многу поголема од “себичната” улога на еден човек. Како претприемач, излегувате надвор, не сте поединец, туку сте тим на луѓе во и надвор од бизнисот.

Работникот на една машина треба да гледа многу подалеко од едноставниот излез на резултатите од системот човек-машина. Тој креира нешто што се зема од другиот систем, тие сите се еден синџир на креирање на вредноста се до крајниот придонес во реализација на визијата.

Наставникот пренесува знаење на децата, но во синџирот на креирање на вредноста дава голем допринос за севкупното општество. Доколку визијата не е поголема, нема да се залага да реализира нешто што ќе биде од корист за сите, а не само за да се заработи платата.

Прашањето кое ми го поставуваат на обуките за оваа е што имам јас од тоа што го работам? Ќе добијам ли поголема плата? Можеби плата нема да биде поголема веднаш, можеби нема да добиеш ништо ни до крајот на животот. Но, многу е поважно што си изградил и зошто. Многу е поважно што вие учествувате во креирање на утрешниот свет, креирање на подобра иднина на нашите деца, внуци, правнуци… Тоа е еден многу подалекусежен поглед кој ќе има многу поголем потенцијал да ве води напред. А, верувам дека и останатите бенефити ќе си дојдат.

Успешните претприемачи се успешни во привлекување на следбеници и поддржувачи на нивната визија, но и систематични и методични инженери на задачи за реализација на целите кои го доближуваат до таа визија.

Сепак, за да успеете мора да знаете што точно вие градите и зошто го градите тоа што го градите, инаку темелите на градбата ќе бидат слаби, а со тоа и останатата градба ќе биде слаба.

И за крај, поставете далекусежна визија, која нема да се базира само на вас како претприемач туку на целото општество во кое што живеете и како еден инженер што дизајнира и гради производи, започете со инженерингот и градбата на патот кој ќе го изодите во реализација на таа визија.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*