post

Системски приод во бизнисот – Бизнис систематизирање

Повеќепати тука на претприемач пишував дека треба да се изгради систем за ова или пак систем за она. Но, што претставува еден систем?

Бизнис систематизирање

Систем е збир на меѓусебно поврзани и меѓусебно зависни елементи кои функционираат и постојат за да го претворат влезот во системот во излез.

Можеме да забележиме неколку карактеристики:

  • Системот е збир на повеќе елементи. Нема систем без минимално два елементи во неговиот состав.
  • Елементите се меѓусебно поврзани. Елементите во системот се поврзани меѓу себе така да влезот во едниот претставува излез од другиот елемент, за да од последниот елемент излезот претставува излез од системот – целта на системот.
  • Елементите се меѓусебно зависни. Елементите во системот се зависни помеѓу себе. Доколку се појави застој во едниот елемент се појавува пореметување и на другите елементи.
  • Елементите постојат за да ја остварат целта на системот. Секој систем мора да има цел (претворање на влез во излез) која се остварува со помош на функционалноста на елементите од кои е составен системот.

Подсистеми на системот бизнис

Во последниот напис за 10 клучни работи кои треба да ги започнете во 2010 препорачав да:

  1. Интегрирате систем на постојано учење
  2. Воведете систем за квалитетно следење на конкуренција
  3. Воведете систем за квалитетна комуникација со Вашите купувачи
  4. Воведете систем за квалитетна комуникација со Вашите потенцијални купувачи.

Ова се само подсистеми на подсистеми на Вашиот бизнис. Доколку го примениме системскиот приод би кажале дека систем на постојано учење е подсистем на подсистемот развој додека останатите 3 се подсистеми на подсистемот маркетинг на системот бизнис. Па она погоре би изгледало вака:

  • Систем Бизнис
    • Систем Развој
      • Систем за постојано учење
    • Систем Маркетинг
      • Систем за следење на конкуренција
      • Систем за комуникација со купувачи
      • Систем за комуникација со потенцијални купувачи.

Дали сега имаме поквалитетна слика за овие подсистеми во однос на тоа каде припаѓаат и чија е одговорноста за нивната примена? Дали сега можеме да видиме една поголема слика одколку претходно? Секако дека одговорот е да.

Дали бизнисот мора да има подсистеми?

Ништо не мора туку само треба. Ако Вашата цел како претприемач е да изградите успешен бизнис, кој ќе се развива и расте ќе треба да имате подсистеми во бизниот.

Вашиот бизнис мора да има различни системи кои што ќе претставуваат подсистеми на системот бизнис. Нефункционалноста на еден од потсистемите може да предизвика пад на целиот систем. Постои посебна наука која се занимава со управување со системите, а тоа е теорија на системите.

Земете го на пример автомобилот. Доколку се појави проблем во системот за подмачкување ќе дојде до проблем во системот мотор, при што вашиот автомобил (главен систем) нема да ја има функционалноста за која постои – да ве превезува од едно до друго место.

Како да воспоставиме подсистеми во бизнисот?

Одговорот е едноставен. Систематизирај! Да, твоја задача како претприемач е да го систематизираш сопствениот бизнис. Лесно е да се одговори, но многу потешко да се спроведе. Затоа ќе се обидам да го упростам ова.

1. Кои се целите на твојот бизнис?

Ако твојот бизнис има за цел да продава производи и услуги на крајните потрошувачи запрашај се што треба да направиш. Да го произведеш или пак набавиш производот. Веќе излегуваат четри можни подсистеми маркетинг, производство, истражување и развој и набавка. Нека следи веднаш прашањето како. Како се произведува? Како се истражува и развива? како се набавува? Така ќе дојдете до подсистемите на овие системи.

Следното што треба да направиш откако ќе го произведеш или пак набавиш производот е да го продадаеш. За оваа цел потребни ни се следните подсистеми: маркетинг, продажба и наплата. И повторно нека следи прашањето како. Како да се маркетира производот? Како да се продава? Како да се наплаќа?

2. Пронајди ги зависностите и врските.

Смести ги сите системи и сите подсистеми на хартија во еден хиерархиски редослед како што го претставив погоре. И едноставно означи ги врските и зависностите на еден подсистем со друг подсистем.

3. Определи ги активностите.

Конечниот елемент на последните расчленети подсистеми ќе бидат составен од активности. Определи ги сите активности со краток опис на истите.

4. Документирај.

Многу е важно сите подсистеми со сите активности да бидат документирани со што ќе се знае точно на кој подсистем кои се одговорностите и за кои активности е задолжен кој подсистем да ги спроведе.

5. Тестирај.

Откако се е веќе документирано тестирај ги сите подсистеми за да утврдиш да ли функционираат онака како што се замислени. Доколку се јават некои проблеми реши ги.

6. Имплементирај.

Имплементирај ги новоформираните системи во твојот бизнис. Доколку не ги имплементираш системите истите ќе останат само на хартија и ништо нема да добиеш од вложениот труд.

7. Следи и подобрувај.

Она што навистина е најзначајно за системите во Вашиот бизнис е тоа што ќе ви овозможат едноставно следење на нивното функционирање така да лесно можете да ги воочите сите подрачја на можни подобрувања. А, подобрувањето е нешто што е постојано, односно составен дел на секој систем.

Кои се придобивките за еден претприемач Следува…

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Comments

  1. Rade Иваноски says

    Почитуван господине Шутевски
    Ги читам од време на време некои текстови напишани на Претприемач.ком
    Па би сакал пред да дадам неколку коментари да добијам малку повеке информации за Вас. Би сакал да знам дали имате сопствен бизнис (трговија или производство) не вклучувајки ги вашите обврски кон одржување на страната Претприемач.
    Јас имам некои погледи, се сразбира гледани од мој аспект на образование и од аспект на водење на мали бизниси околу 20 години.
    Би сакал ако ми дозволувате да понудам свој материјал за некои прашања, се со цел да им помогнам на младите кадри за започнат свој бизнис.
    Моите коментари ке бидат поткрепени со некои практични искуства и идеи.
    Денешниот напис за системите и подсистемите сметам дека е премногу квантитативно и математички пристап кон водење на бизнис. Имајте на ум секогаш дека оние кои имаат намера да започнат бизнис или пак водат мал бизнис го немаат тоа образование и тој поглед на работите како што вие ги изнесувате. Затоа не сум баш многу сигурен дека оние кои започнале или саакат да започнат свој бизнис токму така ке ги постават и работите. Ако направите анкета на многу мали бизниси или претприемачи ке видите дека не размислуваат за системи и подсистеми. Она за што најмногу размислуваат е како да изнајдат систем на заштита од сите ветрометини кои немилосрдно ги камшикуваат.
    Во секој случај идеата за започнување и водење на оваа web страна ја поздравувам и би сакал да биде многу успешна.
    Со почит
    М-р Раде Иваноски

    • Драган Шутевски says

      Почитуван господине Ивановски,

      Досега директно или индиректно сум бил вклучен во основање и развој на неколку мали бизниси. Последниот во малопродажба, кој по година дена кога застана на нозе се повлеков целосно и го оставив на мојата сопруга. Во моментов водам друг бизнис кој го започнувам од 0, а веќе имаше извршено неколку поголеми зделки. Во исто време развивам и целосен услужен сектор во овој нов бизнис. Сето ова е настрана од претприемач. Прв бизнис го имав како дете во 5-то одделение кога уште беше социјализмот и кој траеше се додека беше летниот распуст. Во тоа време тројцата другари кои го започнавме секоја вечер излегувавме во слаткарница додека нашите врсници беа на улица со грицкање на сончоглед.
      Доколку сте заинтересирани да дадете прилог со некое Ваше искуство слободно можете да напишете и да ми испратите па ќе биде објавено како гостински напис.
      Денешниот напис токму има за цел да го прошири знаењето на претприемачите (особено сопцтвениците на малите бизниси). Во денешниот неделен билтен оваа тема ја доработив и ја испратив на сите регистрирани да ги добиваат неделните билтени и содржеше дообјаснување за тоа што ќе добијат со квалитетни системи, и практично последните чекори имплементација и подобрување како да ги спроведат, односно со што да ги спроведат.
      Во неколку мои консултантски проекти, како и научно истражувачки работи, што ми е поткрепено и со спроведена и документирана анализа на малите и средните претпријатија во Република Македонија објавена во неколку научни списанија на неколку конференции во странство се забележува разликата помеѓу „поуспешни“ и „понеуспешни“ бизнис. А, тоа е немање на системи., или поточно имање на системи, без да се знае дека тие постојат и нормално заради тоа не подобрување на тие системи. Основа на секое подобрување е да имаш изградено систем и следење на продуктивноста на тој систем. Како дополнување на моето практично и научно истражувачко искуство, при 7-годишна работа во царина имам видено, контактирано и работено со илјадници бизниси во Македонија. Имам видено бизниси кои започнуваат да работат во милионски суми, а немаат систем за набавка, кој ќе им даде точен увид на сето она што го имаат како залиха, што го имаат во самиот производствен процес, па затоа и тој бизнис си имаше проблеми при секој извоз. Тој бизнис заради смешна заштеда на осигурување загуби 50.000 евра вредност на стока бидејќи се запали камионот. Тој бизнис, не можеше да напредува повеќе од тој сопствен врв. Дали во еден таков бизнис се криви вработените? Или самиот претприемач кој не изградил квалитетни системи? Мислам дека е ова второто.
      Дали кога ќе вработиме некој лош вработен е крив вработениот? Не, крив е претприемачот и неговиот систем на селекција и регрутација на кадри составен од подсистемите: селекција, подсистем за обука, подсистем за следење на резултатите. Затоа и служат системите, кои едноставно ќе регулираат како, кога и зошто ќе се извршуваат одредени бизнис активности.
      А знам дека вака не се поставуваат работите кај нас. Исто така знам дека немаме некоја успешна економија. Исто така знам дека потенцијалот кој го имаат малите бизниси на запад го немаат кај нас. Исто така знаењето кое го имаат на запад го немаат кај нас. Затоа и овој напис, да проба да даде еден сосема поинаков поглед на работите. Знам и дека во написот фали уште еден важен систем – а тоа претприемачот кој треба да се интегрира.

      Всушност едно е важно. Моите истражувања дојдоа до заклучок дека во бизнисите некакви системи постојат. Разликата е само во тоа какви системи и дали вработените и претприемачот се свесни за нивното постоење. Секој бизнис има некакви пишани или непишани правила или пак процедури. Тие правила или процедури кои имаат за цел да исполнат некои поголеми цели и кои едноставно градат некакви системи кои со текот на времето стануваат толку силни, да тешко можат да се променат или искоренат. Погледнете ги постарите бизниси кои целосно се изградени на системи, правила и процедури и кај кои е тешко да се размислува на било каква промена. Па, и ден денес работат со документи кои се прикажани во книгите за Организација на ООЗТ од 70-ти или пак 80-ти години. Вработените не сакаат да ги променат тие работи. Ова е веќе една друга проблематика на која многу поопширно работев и го изложив на повеќе од 300 страници во мојата магистерска работа за отпорноста кон промените.
      Затоа и се обидов со овој напис да дадам неколку чекори кои би биле прикажани со едноставен јазик и кои не би изгледале тешки, а кои би можеле да се применат. За воспоставување на еден ваков начин во работата на бизнисите доволни се неколку недели со по неколку часа дневно. А придобивките ќе се почувствуваат многу бргу.

Trackbacks

  1. […] е втор дел од написот за Системски приод во бизнисот – Бизнис систематизирање во кој сакам да изложам неколку придобивки за еден […]

  2. […] кои може да бидат и различни системи за кои пишував во Системски приод во бизнисот – Бизнис систематизирање. Но само 20% од истите елементи се важни за […]

  3. […] ефикасноста и ефективноста преку имплементирање на систематски приод во спроведување на активностите за промени во Вашиот […]

  4. […] не како поединци, туку како организација, како еден систем кој е составен од повеќе поединци. Војници на еден […]

  5. […] Бизнис системите овозможуваат побрзо изведување на иста работа во ист временски период. […]

  6. […] нашиот бизнис ќе треба да го примениме оваа правило. Системскиот приод е најдобриот приод за оваа примена. Тоа значи дека за […]

  7. […] Бизнис системите овозможуваат побрзо изведување на иста работа во ист временски период. Секогаш постои можност за подобрување. […]

  8. […] развој на менаџментот доага до развојот на системскиот приод во менаџментот. Овој период почнува околу 1950-тата. […]

Speak Your Mind

*