post

Стилови на менаџмент согласно Адижес и отпорот кон промените

Отпор кон промени и стил на менаџментот

Отпор кон промени и стил на менаџментот

Ќе продолжам со темата за отпорот кон промените. Во претходниот пост беа дефинирани 28 фактори кои предизвикуват отпор кон промените. Сега би сакал да навлеземе во еден начин како менаџерите ќе можат да го предвидат различното однесување врз основа различен стил на менаџментот кој се практикува.

Не постојат исти менаџери. Дали би имало потреба од менаџмент доколку сите се исти. Да, тоа се луѓе, може да бидат маж или жена, но тоа не е она што ги прави менаџери. Доколку е така сите би биле менаџери. Некои менаџери ќе бидат успешни, некои неуспешни. Но, не постои идеален менаџер или „менаџер по учебници“. Разликата помеѓу различните менаџери е стилот на менаџментот што тие го применуваат. Едни употребуваат закани, други се обидуваат со систем за наградување, едни работат со постојани идеи други се сконцентрирани на резултати итн. Сето ова се различни стилови на менаџмент.

Науката препознава повеќе експерти во оваа подрачје кои застапуват различни мислења во однос на стиловите. Тука ќе претставиме еден начин на поделба на стиловите на менаџментот според Адижес. Исак Адижес е еден од врвните експерти од областа на менаџментот и неговата методологија е широко прифатена во голем број на светски познати компании. Со претставување на овие стилови ќе се обидеме и да претставиме начин како менаџерите можат да го предвидат отпорното однесување на индивидуалците кон организациските промени.

4 Основни стилови на менаџмент

Исак Адижес изведува четири различни улоги кои го определуваат посебно секој стил на менаџментот и со нивната комбинација го предвидува нивното однесување во однос на прифаќање или одбивање на промената. Основните стилови на менаџментот според Адижес се:

  • (P) – Производител
  • (A) – Администратор
  • (E) – Претприемач
  • (I)  – Интегратор

Според Адижес ова претставуваат четири улоги кои се потребни во менаџментот.

Улогата производител во менаџментот е улога која треба да произведува резултати преку производи и услуги. Резултатите се најважна работа, особено за стартап бизнисите. Доколку има добри резултати и бизнисот ќе биде посилен и ќе се зголеми шансата за успех и преживување. Малите бизниси, особено стартап бизнисите во раните фази на постоење најважни им се резултатите како би ги преживеале турболентните моменти од својот животен циклус.

Улогата на администрирање не се занимава со произведување на резултати туку со одредени активности преку спроведување на политики и процедури. Целта на администрирањето како улога во менаџментот е да обезбеди системот да функционира ефективно и ефикасно, односно да ги правите правите работи во право време со прав редослед и интензитет. Зад секој бизнис без разлика дали се работи за мал или голем постои администрирање. Земете ја продавницата на мало, некој треба да води сметководство, некој треба да го бележи она што е продадено, некој треба да споредува со она што е остварено итн. Значи сево оваа обезбедува некој ред и дисциплина.

Улогата на претприемачот е одговорна за нови идеи и иницијативи, односно за иницирање на промените. Претприемачот е тој кој мора да го покаже правецот и насоката по кој бизнисот треба да тргне. Секој нов бизнис е плод на идеа на претприемачот. Новите идеи се движечка сила на бизнисот. Секогаш треба да се наоѓа подобар начин на работа од сегашниот со цел да се задржи конкурентската предност.

Улогата на интегрирање е последната улога во менаџментот според Адижес. Интеграторот е тој кој се грижи да функционира тимската работа, за социјалните односи помеѓу вработените. Тој се грижи за интегрирање на луѓето и се обидува да овозможи системот да функционира беспрекорно од аспект на луѓето. Во секој бизнис меѓучовечките односи внатре во системот се многу важни заради ефикасно и ефективно исполнување на сите останати обврски.

Комбинација на улогите

Забележуваме дека сите овие улоги се важни за функционирање на системот. Многу е тешко да се најде менаџер кој ги поседува сите карактеристики од овие улоги. Идеален менаџер претставува менаџер кој ги има сите овие улоги инкорпорирано во сопствениот стил (PAEI). Ваквите менаџери тешко се наоѓаат во пракса. За стартап бизнис од страна на претприемач кој во почетните фази е единствениот во бизнисот треба да ги има сите овие улоги без улогата на интегрирање. Поради тоа што тешко се наоѓаат претприемачи со сите овие карактеристики доаѓа до најголемата смртност во почетните фази на стартап бизниси.  Како што ќе се шири и расте бизнисот така и потребата од секоја од улогите ќе се зголемува.

Бескорисен менаџер претставува менаџер без ниедна улога во својот стил на менаџментот (—-). Со истакнување на една улога во однос на другите и нивната комбинација се добиваат различни стилови на менаџментот кои Адижес различно ги именува. На пример, стилот (Paei – истакната улога на производител во однос на останатите) претставува производител, додека стилот (P— само улогата на производител без останати улоги) претставува осамен јавач.

Реакција на промените

Во табелата подолу се дадени некои карактеристични стилови на менаџментот според Адижес заедно со основните карактеристики на тој стил и начин на реагирање на промената.

КодСтил на менаџментотРеагирање на промената
----Бескорисен човекНе се противи на промената бидејќи е незаинтересиран за истата.
P---Осамен јавачСе противи на промената бидејќи нема време поради презафатеност
Ќе ја прифати промената доколку таа дава брзи резултати
-A--БирократСе противи на промената поради страв од губење на контрола
--E-ПаликуќаГи прифаќа промените доколку самиот ги иницира
Се противи доколку тој не ги иницира тие промени 
---IСуперследбеникГи прифаќа промените доколку ја зголемуваат неговата улога во решавање на конфликти и не го загрозува единството во организацијата
PaeiПроизводителПоради поизразена улога на производител може да се противи на промените кои не даваат брзи резултати
pAeiАдминистраторИзразената улога на администрирање доведува до противење на промени со кои се нарушува стабилноста на организацијата
paEiПретприемачПромените ги прифаќа доколку тие претставуваат негова иницијатива. Се противи на промените кои може да доведат до зголемување на правила, политики и процедури во работењето.
paeIИнтеграторСе противи на промените кои ги нарушуваат воспоставените социјални односи поради позразена улога на интегрирање.


Забележувате дека различен стил на менаџментот различно ќе реагира на промената. Затоа доколку сте менаџер и сакате да иницирате организациски промени, направете предвидување на тоа како би реагирале Вашите први соработници кои всушност ќе треба да започнат, па потоа подгответе стратегии за имплементација.

За овој текст користени се следните литературни извори кои ги препорачуваме на сите сегашни или идни претприемачи:

  1. Ichak Adizes: How To Solve The Management Crisis (Prevod na srpski jazik: “Prometej” Novi Sad. 1994)
  2. Isak Adizes: Stilovi dobrog i loseg upravljanja. Adizes. Novi Sad 2004
  3. Ichak Adizes: Mastering Change: The Power of Mutual Trust and Respect in Personal Life, Family Life, Business and Society. Adizes Institute Publications. Santa Monica, 1991. (превод на македонски јазик: Центар за кадровски и информатички услуги ДЕТРА, 1998)
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*