post

Бизнис блог – ден 5: Клучни зборови

Враќање во училиште за да станеш одличен Ќе продолжиме со петиот ден од предизвикот за блогирање за бизнис  кој служи за претприемачи кои сакаат да започнат да го користат блогот за привлекување на внимание, градење на репутација, кредибилитет и доверба. Четвретиот ден од предизвикот се однесуваше на дефинирање на потрошувачите кој доколку не сте го поминале би било добро да се вратите пред да одите со активности од овој пети ден.

Ден 5: Клучни зборови

Веќе имашзавршено голема работа со претходниот ден и дефинирање на твоите потрошувачи, односно твојот целен пазар или оние до кои би сакал да допреш преку твојот бизнис блог. Целта е едноставно твојот бизнис блог да им излезе во пресрет на проблемите и потребите токму на тие целни потрошувачи.

Едноставно, овој петиот ден искористете го за бреинстормирање на клучни зборови. Кои зборови се поврзани со вашиот бизнис, пазар или пак индустријата? Што е она што потенцијалниот купувач би го барал кога е на интернет? Какви прашања му се вртат низ главата на потенцијалниот купувач? Кои проблеми ги има? Кои се неговите желби? Овие прашања само ќе ве насочат во однос на размислувањето и бреинстормингот на идеи за клучни зборови.

Да одиме практично со некои чекори што ќе треба да ги превземете токму овој ден:

  • Размисли за сите можни идеи кога станува збор за твојот бизнис и твојот потенцијален купувач и она што тој би го барал на интернет. Запиши ги сите идеи на еден лист хартија или било што користиш за овој твој проект. Започни од името на твојот бизнис, производите или услугите и проблемите и потребите кои тие ги решаваат. Продолжи со индустријата и пазарот.
  • Анализирај ги конкурентските сајтови од првиот ден. Провери кои клучни зборови тие користат.

Следува: Бизнис блог – ден 6: Одлука за домен и хостинг

post

Бизнис блог – ден 4: Дефинирање на потрошувачи

Конкуренција

Продолжуваме со предизвикот за блогирање за бизнис и се наоѓаме во четвртиот ден од истиот, кој служи за претприемачи кои сакаат да започнат да го користат блогот за привлекување на внимание, градење на репутација, кредибилитет и доверба. Третиот ден од предизвикот се однесуваше на одговор на прашањето како ќе ги оствариме поставените цели кој доколку не сте го поминале би било добро да се вратите пред да одите со активности од овој четврти ден.

Ден 4: Дефинирање на потрошувачи

Потрошувачите се централната фигура во твојот бизнис, но и за твојот бизнис блог. Ти не си газда, тие се газдите на твојот бизнис блог. Тие одлучуваат што ќе читаат, дали ќе дојдат до твојот блог да читаат и што ќе превземат доколку се наоѓаат на твојот блог. Затоа овој ден претставува можеби еден од најважните денови од овој предизвик. Доколку промашите тука, не очекувај дека твојот бизнис блог ќе ги оствари дефинираните цели.

Кои се твоите купувачи? Кои се твоите потенцијални купувачи? Каков е профитот на тие потрошувачи? Дали тие потрошувачи поминуваат одредено време на интернет? Доколку поминуваат како и каде го поминуваат нивното време на интернетот? Ова се прашања кои треба да ви дадат одговор за тоа каде треба да се насочите со оваа маркетинг средство.

Да одиме практично со она што ќе треба да го направите токму овој ден:

  • Дефинирај ја целната аудиенција на твојот блог кои бидејќи станува збор за бизнис блог треба да бидат твоите тековни купувачи и твоите потенцијални купувачи. Одговори на прашањето кои се тие. Какви им се демографските карактеристики? Дали се тоа една, две или повеќе групи или сегменти?
  • Анализирај го нивното однесување на интернет. Мора да знаеш што и како тие прават кога се онлајн. Колку време поминуваат на интернет? Каде го поминуваат нивното време кога се на интернет? Што прават таму? Што е она што најмногу ги интересира?
  • За секој сегмент изгради измислен карактер со интегрирана приказна во него која едноставно ги интегрира одговорите на овие прашања за кои баравте одговор денес. Оваа приказна и овие карактери треба да ве водат за понатамошните одлуки за вашиот блог.

Следува: Бизнис блог – ден 5: Клучни зборови

post

Бизнис блог – ден 3: Како ќе ги постигнете поставените цели?

Овој пост претставува третиот ден од предизвикот за блогирање за бизнис  за претприемачи кои сакаат да започнат да го користат блогот за привлекување на внимание, градење на репутација, кредибилитет и доверба. Вториот ден од предизвикот се однесуваше на дефинирање на целите кој доколку не сте го поминале би било добро да се вратите пред да одите со активности од овој втор ден.

Ден 3: Како ќе ги постигнете поставените цели

Сега веќе знаеш што се случува на пазарот, што прави конкуренцијата или пак другите бизниси на оваа поле, при што ја имаш дефинирано рамката за твојот блог. Исто така ги имаш дефинирано целите за твојот бизнис блог. Затоа веќе си подготвен да ја дефинираш патеката која реба да ја поврзе твојата сегашна позиција и позицијата каде сакаш да стигнеш дефинирана преку целите.

Денес ќе треба да одговорите на повеќе прашања. Какви проблеми ќе решавате преку блогот? На колку време ќе објавувате? Што ќе очекувате?

Но, да ги дефинираме практичните чекори кои ќе треба да го направите токму овој ден:

  • За секоја цел од претходниот ден дефинирај ги можните тактики кои треба да ги користиш за да ја исполниш целта. На пример, за зголемување на број на посетители може да биде секојдневно ажурирање, оптимизација на постовите, вмрежување на социјални медиуми…
  • За секоја тактика дефинирај активности и задачи кои ќе треба да се превземат за да се исполни поставента цел. На пример, за тактиката секојдневно ажурирање на блогот може да имате бреинстормирање на идеи за блог постови, дефинирање на структурата на постот, пишување, линквање…

Забележувате дека овој ден ќе завршите со една табела во која ќе имате 3 колони:

  • Цели
  • Тактики и
  • Активности

Следува: Бизнис блог – ден 4: Дефинирање на потрошувачи

post

Бизнис блог – ден 2: Определување на цели

Овој пост е дел од предизвикот за блогирање за бизнис и претставува втор ден за претприемачи кои сакаат да започнат да го користат блогот за привлекување на внимание, градење на репутација, кредибилитет и доверба. Првиот ден од предизвикот се однесуваше на иницијална анализа кој доколку не сте го поминале би било добро да се вратите пред да одите со активности од овој втор ден.

Ден 2: Определување на цели

Откако веќе знаете што се случува на пазарот кога станува збор за интернетот можете да преминете на делот на дефинирање на вашите цели што всушност претставува дефинирање на вашиот финиш, односно она каде сакате да стигнете по една, две, три или пет години со помош на бизнис блог.

Тука ќе мора да одговорите на повеќе прашања. Што сакате да постигнете? Кои ќе бидат мерните индикатори? Колку време ќе помине за првите резултати?

Да одиме практично со она што ќе треба да го направите токму овој ден:

  • Продолжете во тетратката во која правевте анализа и отворете ново поглавје насловено како цели. Започнете со дефинирање на она што сакате вашиот бизнис да го постигне со бизнис блог. На пример, зголемување на препознатливоста на брендот, градење на репутација и кредибилитет, зголемување на довербата кон брендот, стекнување на подобро рангирање во однос на органско пребарување…
  • За секоја дефинирана цел, определете ги можните мерни индикатори. На пример, тоа може да биде број на посети, број на коментари, број на споделувања на социјални медиуми…
  • Една важна работа е да бидете подготвен во однос на временската рамка до првите резултати. Забележете дека ова средство бара многу енергија и напор од ваша страна. Затоа за да не се случи разочарување по објавување на првите 10 постови, поставете ја временската рамка за постигнување на зацртаните цели поголема. Размислете добро и навратете се на резултатите од иницијалната анализа и на статистиките, тие ќе ви покажат една рамка.

Следува: Бизнис блог – ден 3: Како ќе ги постигнете поставените цели

post

Бизнис блог – ден 1: Иницијална анализа

Овој пост е дел од предизвикот за блогирање за бизнис и претставува првиот ден за претприемачи кои сакаат да започнат да го користат блогот за привлекување на внимание, градење на репутација, кредибилитет и доверба.

Бизнис блог Ден 1: Иницијална анализа

Во бизнисот секоја активност која планирате да ја превземете треба да започне со иницијална анализа. Мора да знаете каде сте, што се случува околу вас и каде сакате да бидете. Тоа е основата, тоа се темелите на она што сакате да го постигнете.

Одговорете на прашањата кој, што и како прави на интернет во однос на индустријата или пазарот во кој се наоѓа вашиот бизнис. Побарајте по клучни зборови за вашиот бизнис за да утврдите што се случува. Дали конкуренцијата има блог? Како е светското искуство на оваа поле? Што опфаќаат на нивниот блог глобалните бизниси од твојата индустрија? Што блогираат локалните бизниси од друг пазар?

Одговорот на овие прашања ќе ви даде можни идеи за насоките кои ќе ги превземе вашиот бизнис.

Но, да одиме практично со она што ќе треба да го направите токму овој ден:

  1. Дефинирајте 5-10 клучни зборови (и на македонски и на англиски) поврзани со вашата индустрија и пребарувајте на Google за да ги видите резултатите. Бележете ги бизнисите кои имаат блог.
  2. Изберете 5-10 од тие бизнис блогови кои на некаков начин ви оставиле впечаток и групирајте ги во вид на домашни и странски, односно глобални.
  3. Анализирајте ги во однос на дизајнот, она што објавуваат, должината на постовите, идеите за блог постови, период на ажурирање, денови во кои објавуваат, статистиката…

Совет: Земете една тетратка или отворете Word документ или пак на вашиот таблет или мобилен телефон бележете се што ќе откриете. Овој ден ќе најдете многу важни информации за вашиот бизнис блог за во иднина. Можете листот хартија да го поделите на она што ќе го забележите и идеи за она што ќе го примените. Така да ќе имате две колони на една страна.

Следува: Бизнис блог – ден 2: Определување на цели

post

Бизнис блог – Предизвик

Бизнис блог за 30 дена Во последните 5-6 недели како дел од билтените на претприемач работевме на еден предизвик наречен блогирање за бизнис или како до квалитетен бизнис блог за твојот бизнис за 30 дена.

Идејата уште во старт беше да се објават 30 дена во 3 билтени со кратко објаснување на секој ден, а потоа сите тие денови во 30 дневен период да се објавуваат на претприемач со дрфинирање на основните чекори за секој ден.

По завршување на овие 30 денови кои ќе бидат објавувани од денес па се до 30-тиот ден сите овие денови ќе бидат обработени во детали и ќе служат за ажурирање на книгата насловена како блогирање за бизнис.

Така да објавувањето на 3 билтени со по 10 дена заврши и ја користам оваа можност уште еднаш да се заблагодарам на сите кои дадоа активен допринос со нивното искуство што ќе го искористиме во подготовка на поквалитетен материјал. Сега следуваат овие 30 дена кои започнуваат уште денес:

post

10 Причини да имате WordPress блог за вашиот бизнис

Гостински пост од Владимир Апостолски: Авторот е дипломиран инженер по информатика. Моментално е развивач на софтвер. Еден од ентузијастите позади агрегаторот на попусти http://bagatela.mk. Повеќе информации на: http://about.me/vladimir.apostolski

Бизнис блог со WordPress

Бизнис блог со WordPress

Како претприемачи, досега би требало да ви е јасно дека ви е потребен блог за поддршка на бизнисот. Блогот дава уникатна можност да допрете до вашите идни клиенти, им оставате простор да се едуцираат околу вашите активности, услуги и производи. Тој треба да биде интегриран, но независен од примарната веб страница која ја користите за презентирање на вашите бизнис активности.

За оние што се уште немаат блог за својот бизнис, но јасно им е како треба да изгледа и што е неговата цел, еве еден предлог за изборот на платформата на блогот: WordPress. Во продолжение се наоѓаат 10 причини зошто е добро да ја одберете оваа платформа за блогирање

1. WordPress е бесплатен

Meѓу ретките бесплатни работи на овој свет. И покрај тоа што во бизнис светот се вели „Не постои бесплатен ручек“, кај софтверот ова не е секогаш случај. WordPress е еден ваков пример, па затоа е многу поволен за да биде платформата на која ќе се потпира блогот.

2. Набрзина се инсталира

WordPress е исклучително лесен за „инсталирање“. Доволно е да го превземете (http://wordpress.org/download/) и да го поставите на веб сервер и со минимални подесувања вашиот блог ќе биде подготвен за вашиот прв напис. Добра идеја е да го поставите на посебен поддомен од вашиот сајт, како на пример blog.mojdomen.com или mojdomen.com/blog .

3.Можете да се искажете „на долго и широко“, а сепак уредно

Со помош на WordPress можете да напишете и подолги, но лесно читливи написи, со слики, видеа и поврзани содржини. На клиентите им е многу важен уредниот изглед на текстот, а за самиот автор е важно да може без многу напор да објавува вакви написи. Интегрираниот уредувач на текст многу ќе ви помогне во оваа работа

4.Едноставно споделување содржини преку друштвените мрежи

Со оваа платформа, на вашиот блог лесно се активираат додатоци за споделување на написите преку социјалните мрежи. Како што знаеме, блогот е моќна маркетинг алатка и како таков е одлична можност за да допрете до потенцијалните клиенти преку друштвените мрежи.

5.Wordpress е популарен

Популарноста значи дека софтверот го користат многу луѓе и дека генерално се задоволни од неговите функционалности. Штом постојат над 20.7 милиони WordPress блогови ширум светот, тогаш сигурно постои добра причина тоа. Освен што шансите за багови се помали, и самите читатели ќе се чувствуваат побезбедно да остават коментар на платформа која ја познаваат.

6.Стабилност

Зад WordPress стојат 8 години развој, надоградување и поправки на багови. Она што е мошне фасцинантно, Wordrpess развивачката заедница ги слуша потребите на корисниците, па со гласање се одлучува што ќе биде овозможено во следната верзија. Со WordPress вашиот бизнис блог би бил во сигурни раце и можете мирно да спиете дека нема некои елементарни грешки да го нарушат вашиот кредибилитет.

7.Отворен код

Технологијата која е употребена за развивање на самата блог платформа (PHP) е една од најпопуларните во светот и што е поважно, целиот код за неа е отворен. Тоа значи дека доколку вашиот бизнис блог користи WordPress, многу лесно ќе најдете развивач на софтвер или дизајнер што може да го уреди неговиот изглед да биде по ваш вкус.

8.Лесна оптимизација за веб пребарувачи

Веб пребарувачите (како Google и Bing) во целост ги разбираат содржините кои ги пласирате и им даваат големо значење при рангирањето на резултатите. Бизнис блогот може да ви послужи како моќно SEO оружје за да се рангирате подобро за одредени клучни термини за вашиот пазар.

9.Многу развивачи и дизајнери

Уште една предност која ја уживаат WordPress блоговите. Лесно ќе најдете дизајнер што ќе ви направи дизајн по ваша мерка и ќе го отсликува корпоративниот дух, ќе го интегрира блогот со амбиентот од вашата примарна веб страница или ќе приспособи некој веќе постоечки дизајн (кој исто така може да биде бесплатен). Истото важи и доколку сакате некои посебни функционалности на блогот, но за тоа ќе ви треба програмер.

10. Бесплатни и корисни додатоци

Скоро на се што ќе помислите, веќе постои бесплатен додаток, кој можете да го инсталирате со два клика. WordPress платформата не бара да имате програмерски способности за да додавате нови функционалности и однесувања.

За крај, запомнете, дури и да не користите WordPress, важно е да имате блог кој ќе го поддржува вашиот бизнис. Во најмала рака, ќе ви помогне да изградите свој сериозен бренд, а ќе бидете и изненадени од потребата на корисниците да ве контактираат преку блогот, и покрај добро познатите можности, како на пример, е-пошта, Фејсбук и Твитер.

За да не биде дека зборувам напразно, туку од искуство, можете да го погледнете блогот на bagatela.mk (http://blog.bagatela.mk/) да видите како овие совети се применети на дело.

Имате ли бизнис блог? Која платформа ја користите и дали успевате да допрете до клиентите со помош на блогот?

Кои функционалности најмногу ви вршат работа?

post

Бизнис блог во 10 чекори

Бизнис блог во 10 чекори

Бизнис блог во 10 чекори

Кога зборуваме за бизнис блог, веднаш ни се јавува слика во нашиот мозок која ни покажува здодевни корпорациски пресови и премногу непознат бизнис жаргон. Како и да е, ова може да биде сменето кога станува збор за твојот бизнис блог со помош на овие 10 чекори.

1. Одлучи кој ќе пишува

Оваа одлука е едноставна. Доколку е можно, секој член на твојот бизнис треба да пишува за бизнис блогот. Секој може да сподели нешто од негово работно искуство. Секој има нешто да сподели од личниот живот. Блогирањето треба да биде дел од вашата стратегија за социјални медиуми, а социјалните медиуми се за секого, не само за една личност.

2. Направи план за темите

Бреинстормирајте ги сите можни теми поврзани со бизнисот и пошироко. Фокусирајте се на вашата индустрија. Бидете фокусирани на вистинскиот интерес на целниот пазар во вашата индустрија. Не се врзувајте само на една тема. Секоја индустрија во поглед на различните интереси мже да се подели на повеќе теми. Секоја од овие главни теми направете ги да бидат категории на вашиот бизнис блог.

3. Што ќе креира вредност за читателите?

Секој пост мора да креира некаков вид на вредност за посетителите. Вредноста е најважниот ингредиент кој мора да биде содржан во вашиот бизнис блог. Одговорете на оваа прашање со неколку опции кои ќе претставуваат вредност за вашите читатели. На ваков начин, вие едноставно ќе можете да го проверите и подобрите секој пост согласно вредноста што тој ќе ја додаде за читателите.

4. Одлучи за содржината

За секој успешен бизнис блог содржинта е круцијална. Како и да е, постои едно прашање: За што ќе пишувате на вашиот бизнис блог? Бреинстормирајте различни извори на идеи за содржина кои можат да бидат прашања од потрошувачите, искуство на потрошувачте, опис на настани, полезности од вашиот и други слични производи… Дојдете од 10 до 20 различни извори на идеи за содржина кои вие и вашиот тим мора да ги следите за да вашиот блог биде свеж и интересен за чтателите.

5. Одлучи за домен името

Тука имаме неколку опции:

  • Користење на некои од бесплатни платформи за блогирање и да имате домен како nasblog.blogger.com, nasblog.wordpress.com, nasblog.typepad.com…
  • Користење на различно домен име во однос на бизнис веб сајтот. Името на блогот повеќе зависи од вашата бизнис тема отколку од името на вашиот бизнис.
  • Користење на домен име како дел од вашиот вебсајт домен  – blog.vasbiznisvebsajt.com, vasbiznisvebsajt.com/blog/.

Секоја од овие опции има свои предности и недостатоци, кои ќе ги дискутираме во некоја друга прилика.

6. Одлучи за објавување

Колку пати неделно ќе го ажурирате блогот? ова прашање е важно и бара јасен одговор. Доколку објавуваме почесто ќе имаме потреба од повеќе ресурси. Од друга страна, повеќе блог потсови значи повеќе инедксирани страни од Google, што пак значи повеќе потенцијални купувачи за твојот бизнис.

Анализирајте ги вашите бизнис потреби и потребите на вашите потрошувачи и донеси одлука за ова прашање.

7. Нека биде со личен карактер

Кога зборувам за личен карактер на блогот, не мислам за пишување за тоа во кој ресторан ќе бидете за вечера, или за случките од годишен одмор. Мислам за поличен карактер внтаре во индустријата или бизнисот. Мислам за вистински случки, искуства или примери поврзани со вашиот бизнис.

8. Обиди се да поттикнеш интеракција

Вашиот блог мора да има место за коментари. Повеќето блогови денес го користат Facebook за да им овозможат на корисниците брзо да се поврзат и остават коментар или да споделат искуство преку делот за коментирање. Напиши прашање, прашај ги читателите, одговарај на коментарите, биди човек… На ваков начин вашиот блог ќе биде повеќе од еден обичен блог, туку одличен извор на информации за вашиот бизнис.

9. Користи приказни

Приказни се нешто што луѓето сакаат да читаат. Приказните се во нас уште од бебешките денови. Секогаш сакаме да слушаме приказни. Тие започнуваат од нашите родители, училиштето, работното место… Ги сакаме приказните бидејќи тие се интересни и и презентирани на еден таков начин ни кажуваат вистинко искуство на кажувачот на приказната.

10. Користи видео

Живееме во време кога не треба да чекаме да станеме голем бизнис за да контактираме професионална маркетинг агенција која ќе креира видео маркетинг кампања или видео материајали како онлајн ресурси на нашиот бизнис.  Вашето видео не мора да биде професионално продуцирано, но мора да донесе вредност за читателите на вашиот блог. Мора да им помогне да ги решат нивните проблеми, да им помогне да донесат одлука, да им помогне да научат нешто…

post

5 Слоеви за успешен бизнис блог

5 Слоеви на бизнис блог

5 Слоеви на бизнис блог

Блогирање во бизнис цели претставува дел од маркетинг стратегија која веќе „мора“ да биде содржана во секој маркетинг план на малиот бизнис. Се повеќе и повеќе претприемачи откриваат дека оваа стратегија е навистина успешна за нивниот бизнис. Некои мали бизниси пак нивната целосна маркетинг сратегија ја базираат на и околу нивниот бизнис блог.

Што претставува успешен блог за бизнис цели?

Ова е едно најчесто поставуваните прашања? Пред било што друго, мора да знаеме што ќе претставува успешен бизнис блог за бизнис цели. Многу поголем процент е на неуспешни отколку успешни бизнис блогови.

Наједноставно кажано:

Успешен бизнис блог претставува оној блог кој овозможува остварување на целите за онлајн присутноста на бизнисот.

Што сакаме да оствариме со ова маркетинг средство? Доколку го оствариме она што сакаме да го оствариме ќе можеме да кажеме дека бизнис блогот е успешен.

Секојдневно на веб просторот се појавуваат нови блогови креирани за бизнис цели. Некои се многу успешни, некои пак преосечни, додек другите освен денот на појавување понатаму остануваат незабележителни.

Секој бизнис на различен начин може да го концепира својот блог. Како и да е, потребно е да се воспостават одредени слоеви како камен темелници на кои секој бизнис блог ќе се развива.

Слоеви за успешен бизнис блог

За да изградите успешен бизнис блог мора да го градите истиот на 5 слоеви, започнувајќи од првиот до 5-тиот слој.

Слој 1: Цели

Првиот слој на кој оваа маркетинг средство треба да се базира претставуваат поставените цели кои треба да се постигнат со него. Ова е важен слој бидејќи сите останати слоеви ќе се базираат токму на овој.

Кога воспоставуваме цели за онлајн присутноста на бизнисот можеме да имаме два вида на цели: примарни и секундарни. На пример, за еден бизнис примарни цели би изгледале вака:

  • Градење на бренд
  • Рекламирање
  • Продажба
  • Обезбедување на информации за производи и/или услуги
  • Обезбедување на информации за бизнисот
  • Обезбедување на услуги и поддршка на купувачите
  • Подобрување на интеракција со тековни и потенцијални купувачи.

Додека секундарни цели би биле следниве:

  • Блогот треба да биде дизајниран согласно SEO принципите и да обезбеди да биде лесно најдени и повторување на посетите.
  • Блогот треба да има инкорпорирано елементи на вирозен маркетинг за да ги поттикне посетителите да ги преопрачуваат производите, услугите или постовите на други.
  • Блогот треба да обезбеди посетителите да останат подолго на него.
  • Блогот ќе треба да поттикне интерес за бизнисот, производите и услугите.
  • Блогот треба да ги конвертира посетителите во потенцијални купувачи и купувачи.
  • Блогот треба да има инкорпорирано e-mail маркетинг кој ќе ги конвертира потенцијалните купувачи во купувачи.

Ова е само пример кој би ребало да ве наведе на едно вакво размислување.

Слој 2: Технички слој

Кога ќе завршиме со првиот слој – целите, ќе можеме да започнеме со градење на техничкиот слој на нашиот бизнис блог. Овој слој мора да биде базиран на претходниот слој, односно целите кои блогот мора да ги исполни. Кога зборуваме за техничкиот слој мора да одлучиме за следниве прашања:

  • Која платформа за блогирање ќе ја користиме?
  • Статичка или динамична почетна страна?
  • Каков дизајн ќе се користи?
  • Каква и која графика ќе се користи?
  • Кои додатоци ќе се користат?

Слој 3: Содржина

Третиот и најважниот слој е содржината. Прашањето на кое треба да се одговори во овој дел е што ќе се објавува на блогот? Во 10 блог теми за Вашиот бизнис блог ги презентирав следниве идеи:

  1. Блог написи за производи и/или услуги.
  2. Блог написи за индустријата.
  3. Блог написи за Вашата експертиза.
  4. Блог написи за искуството на задоволни потрошувачи.
  5. Блог написи за проблеми на потрошувачи.
  6. Видео презентации.
  7. Блог написи за резултати од прашалници.
  8. Блог написи за тековни настани.
  9. Одговарајте на прашања од коментари.
  10. Општи теми.

Не се ограничувајте само на овие теми, можеби ќе имате уште десетици и стотици идеи за теми, едноставно бреинстормирајте ги и искористете се што мислите дек ќе биде интересно за оној за кој е наменет блогот.

Слој 4: Маркетинг

Овој слој се однесува на маркетинг функцијата на бизнис блогот. Сите претходни слоеви помагаат да се изгради овој слој со следниве елементи за успешен бизнис блог:

  • Репутација. Блогот претставува навистина одлична алатка за градење на добра претприемничка и бизнис репутација. Овој елемент треба да овозможи да се разликувате од конкуренцијата. Репутацијата претставува мислење на личност, група или организација која го има за Вас или Вашиот бизнис. Затоа е важна.
  • Кредибилитет. Кредибилитетот претставува верување дека некое лица има експертиза и знаење и може да биде сигурен за бизнис со него. Доколку го користите блогот на вистинскиот начин ќе можете да изградите добар кредибилитет како претприемач и бизнис.
  • Бреднирање. Одлично место за градење на силно препознатлив бренд за Вашиот бизнис претставува токму Вашиот бизнис блог. Секој блог пост мора да има нешто преку што ќе се комуницира Вашиот личен и бизнис бренд на посетителите и читателите.
  • Поврзување. Вашиот блог ќе ве поврзе сомногу поединци и бизниси кои можат да станат Ваши купувачи или бизнис партнери.
  • Релации. Една можност која што ја обезбедува блогот е создавање на квалитетни релации сопосетители и читатели. Коментарите се една опција која овозможува ова да биде навистина едноставно.
  • Вирозни елементи. Постовите се вирозни и секој пост може да биде проследен до пријател. Добар блог пост може да биде виден од голем број на потенцијални купувачи.

Слој 5: Бизнис

Да бидеме реални за момент. Целта на секој бизнис блог е да создаде бизнис со потенцијални купувачи. Затоа последниот слој во градење на еден бизнис блог е да му се даде бизнис карактер на истиот. Секој бизнис продава нешто и целта е да се зголеми продажбата. Затоа блогот мора да ги содржи бармен следниве можности:

  • Да овозможи лесен контакт до бизнисот.
  • Да бидат презентирани производите и/или услугите во форма на бенефиции (полезности).
  • Да овозможи лесно купување на производите и/или услугите.
  • Да овозможи подршка за купувачите.