post

Google Places и бизнисите во Македонија

Google Places - Маркетинг средство

Google Places - Маркетинг средство

Во вторник го објавив постот за 95-тото маркетинг средство на претприемач – Google Places и додека го пишував забележав некои интересни елементи кога станува збор за бизнисите во Македонија.

Апликацијата Places за iPhone е одлична, но без присуство на бизнисите на листингот на местата на Google Places мала корист ќе има било кој од овој сервис.

Почеток на апликацијата Google Places

Почеток на апликацијата Google Places

Кога ќе се отвори апликацијата дава почетна страница за да го пребаруваш она што можеби најчесто би ти затребало во еден таков момент. Всушност може секогаш да се додаде некое пребарување на дополнителни места. Така, по дифолт со еден клик можеш да пребаруваш за:

  • Ресторани
  • Кафетерии
  • Барови
  • Банкомати
  • Бензиски пумпи
  • Хотели
  • Атракции (меморијални центри, музеи, споменици на културата…)
  • Пицерии и
  • Пошти.

Се забележува горе дека пребарувањето ќе се врши врз основа на тоа на која улица се наоѓам во моментов. Во случајов се наоѓам во мојот дом кој е на улица Илинденска во Куманово.

Апликација Google Places - ресторани

Апликација Google Places - ресторани

Кога отворам за ресторани, иако има во мојата непосредна близина 2 ресторани, еден веднаш залепен до мојата куќа и еден на 20 метри погоре од мојата куќа, и уште неколку во соседните улици апликацијата не ми дава ниеден ресторан во Куманово во мојата близина.

Од друга страна како најблиски ресторани излегуваат ресторани од друг град – Скопје. Браво за бизнисите во угостителската дејност од Скопје. Што ќе се случи доколку некој од Скопје или било кој друг град се наоѓа во центарот на Куманово и побара листинг на Google Places за да одлучи каде да јаде. Нормално, нема да најде бидејќи сопствениците не го поставиле на Google Places. Затоа, претприемачите мора да го внесат нивниот бизнис во овој свет, бидејќи не е рано, овие алатки се во нашите раце и ги користиме.

Истото се случува и со барови и кафетерии во Куманово. Барем така апликацијата покажува, се надевам дека не е проблем несоодветно пополнување на податоци – адреса или категорија на бизнисот.

Апликација Google Places - Банкомати

Апликација Google Places - Банкомати

Она што ме заинтересира е и иконата со сликичка на банкомат. Нормално, можеби некогаш ќе се најдам во некој друг град и доколку би имал потреба од банкомат би побарал преку апликацијата да најдам каде најблиску има банкомат на банката која ми ја издала картичката. На мојата улица банкомат има Стопанска Банка АД Скопје. Очекував дека ќе имам некои локации на банкомати. Но, се излажав. Она што уште повеќе ме разочара е што очекував дека доколку нема банкомати во Куманово ќе ги има во Скопје. Но, реалноста е сепак „компир“

Пребарувајќи забележав дека копчињата служат за пребарување на англиски. Така да кај банкоматите апликацијата пребарува за ATMs. Затоа се обидов со рачно пребарување за зборот – банкомат. Тогаш се појавија нашите банки. Прво Стопанска која дава локација во Скопје. Како банкомати вистински локации во Куманово забележав кај Тутунска Банка и Комерцијална Банка.

Би напоменал за уште една интересна работа – бензински станици. Многупати сум се нашол во ситуација кога сум на подолг пат и кога не можам со еден резервоар да стигнам до дестинацијата да ме фаќа нервоза кога да застанам да полнам бензин, има или нема бензинска станица… Со помош на оваа апликација едноставно ќе знам каде во близина има бензинска станица за да дополнам гориво.

Кога кликнав од копчето за бензински станици резултатот беше само една и тоа во Прешево. При пребарување на нашинска верзија на зборот се појавија 4 локации. Но, оние поголемите бензински станици (мислам на Макпетрол и Окта) ги нема.

Од ова мое искуство би сакал да сублимирам неколку препораки и заклучоци:

  • да го има вашиот бизнис на Google Places е вредно за вашиот бизнис.
  • забележувате какво влијание за пронаоѓање на еден бизнис може да има опис и категорија во која тој е поставен. Затоа, добро размислете за сите можни категории и описни зборови. Освен на локален јазик, ставете категории и на англиски или некој друг јазик специфичен за локацијата.
post

Google Places – Маркетинг средство 95

Google Places - Маркетинг средство

Google Places - Маркетинг средство

Стигнавме до 95-то маркетинг средство на претприемач – Google Places. Ова е многу важно маркетинг средство, особено за бизнисите кои функционираат врз основа на локација.

Што е Google Places

Google Places претставува бесплатен сервис на Google кој порано се нарекуваше Local Business Center. Преку овој сервис ви се овозможува да креирате страна за ваш бизнис која во основа ја има географската локација на бизнисот.

Замислете некој кој бара некаква локација преку Google Maps или пак се наоѓа некаде и проверува преку мобилниот телефон да види во кој ресторан да јаде или што се наоѓа во негова близина, а би му помогнало да задоволи некоја сопствена потреба и во тој момент се појави локацијата на Вашиот бизнис со слики, со адреса, контакт телефон, веб сајт, моменталните промоции, како и рангирање и препорака од претходни купувачи (посетители) на Вашиот бизнис.

Особено е важна и денешната можност преку апликацијата Google Places за мобилни телефони да еден потенцијален купувач може да најде било што, што го интересира во околината на локацијата на која се наоѓа во моментот и во исто време да го искаже сопственото искуство со бизнисот кој го нашол и пробал. (Забелешка: Сликите подолу се од апликација за iPhone која во iTunes за Македонија сеуште не е достапна.)

Google Places iPhone апликација

Google Places iPhone апликација

Поволности за вашиот бизнис

Ова е од непроценливо значење за Вашиот бизнис. Но, освен овозможување полесно да биде пронајдена локацијата на Вашиот бизнис Google Places ги овозможува и следниве поволности:

  • Подобро рангирање кога Google ги прикажува локалните резултати од пребарување.
  • Пристап до статистички податоци во однос на локацијата на Вашиот бизнис како што се колку пати е видено местото како и интеракцијата со местото.
  • Можност за прилагодување на страната со дополнителни слики и видео од YouTube.
  • Можност за поставување на промотивни и попустни купони директно преку страната на Places.

Поставување на Вашиот бизнис на Google Places

Овој процес е едноставен и може да се изведе во неколку чекори:

Чекор 1: Влезете во сервисот со помош на вашиот Google Account

Одете на страната на Google Places каде ќе ви биде побарано да се поврзете со вашиот Google Account или пак доколку немате да креирате нов.

Google Places - Чекор 1

Google Places - Чекор 1

Чекор 2: Додавање на вашиот бизнис

Откако успешно ќе се поврзете ќе треба да го додадете Вашиот бизнис. Кога го пишувам овој пост системот прво прашува да внесете телефонски број на бизнисот за да провери дали бизнисот е веќе додаден на сервисот.

Google Places - Чекор 2: Проверка дали бизнисот веќе е внесен

Google Places - Чекор 2: Проверка дали бизнисот веќе е внесен

Откако системот ќе провери што има за тој телефонски број ќе покаже листа на бизниси поврзани со него. Доколку го нема ќе треба да кликнете на копчето Додај по што ќе се отвори страната каде ќе треба да ги внесете податоците за бизнисот.

Google Places - Чекор 2: Пополнување на податоци за бизнисот

Google Places - Чекор 2: Пополнување на податоци за бизнисот

Кога пополнувате внимавајте на следниве елементи:

  • Сите податоци да бидат точни онакви како што се.
  • Доколку на мапата се појавува грешка поправете ја. Забележувате под мапата дека имате линк за Fix incorrect market location.
  • Доколку имате веб сајт внесете го.
  • Ставете слики колку што можете подескриптивни и кои ја прикажуваат вашата локација на еден примамлив начин.
  • Внимавајте на категории. Не брзајте и размислете добро во кои категории ќе биде вашиот бизнис.

Откако ќе ги пополните сите податоци кликнете Submit.

Чекор 3: Валидација на локацијата и бизнисот

Сервисот бара секој бизнис да ја валидира вистинитоста на информациите преку валидација. За таа цел ќе добиете телефонски повик на бројот кој што сте го внеле на кој ќе ви биде прочитан кодот за валидација.

Откако ќе го завршите сето тоа, вашиот бизнис веќе се наоѓа на Google Places.

Но, тука вашата задача како претприемач не завршува. Ќе треба да ги ажурирате податоците доколку има некои промени. Поставете различни промотивни и попустни купони. Одговарајте на различните рангирања како позитивни така и негативни. Следете ја статистиката…

post

Книга: Поумно, побрзо, поефтино – Не здодевни, бесплатни стратегии за маркетинг и промоција на твојот бизнис

Книга: Smarter, Faster, Cheaper

Книга: Smarter, Faster, Cheaper

Маркетингот е променет и сеуште се менува во однос на начинот на пристап до потенцијалните потрошувачи.

Поумни, побрзи, поефтини наспроти поглупави, поспори и поскапи стратегии за маркетинг и промоција на бизнисот навистина претставува предизвикувачки за читање.

Како дојдов до оваа книга?

На Twitter објавив дека започнувам да ја читам книгата Нови правила во маркетингот од David Meerman Scott. Набргу потоа добив директна порака на истата платформа (Twitter) од David Siteman Garland (@TheRiseToTheTop) во која ми вели дека книгата која ја читам е одлична, а можам и да го погледнам интервјуто на неговиот сајт со авторот на книгата која ја читав. Веднаш кликнав на линкот, го погледнав видеото во кое имаше доста корисни совети и му се заблагодарив на David. Додека бев на неговиот сајт забележав дека набргу ќе излезе неговата книга насловена како насловот на овој пост.

По неколку недели додека преку мобилен телефон разгледував кои нови книги се излезени на Amazon налетав и на овој наслов. Не можев да одолеам бидејќи веќе на некој начин бев запознат со содржината и со авторот, па затоа со неколку кликови Kindle верзијата веќе беше во мојот телефон спремна за читање.

Како некој од Македонија (Јас) станав купувач и посетител на сајтот The Rise to The Top на David Siteman Garland. Едноставно преку една Twitter директна порака која не продаваше ништо, туку само понудуваше една дополнителна вредност за мене.

Што доколку пораката гласеше: Драган купи ја мојата книга и линк до Amazon.

Сигурно дека не би ја купил ниту би ја погледнал, затоа што добивам стотици такви пораки дневно, што преку социјални медиуми, што преку email пораки…

Ова е само една од стратегиите за кои се зборува во книгата. Стратегија, која очигледно преку мојот пример дава резултати.

Што претставува книгата?

Книгата веќе ја ствив во категорија во една од повредните книги во мојата лична колекција од 400 книги. Не затоа што е нешто спектакуларно прикажано, туку затоа што дава вредност, преку примери, лично искуство и искуство на огромен број на експерти и претприемачи кои David ги интервјуирал.

Книгата обработува тема која е многу актуелна последниве години – градење на препознатлив бренд преку интернет. Од градење на основа на бизнисот на интернет, преку билдање на содржина, споделување на содржина, „промоција на производ“ (во наводници бидејќи не се однесува на онаа традиционалната промоција туку промоција на новото време), комбинација на онлајн со офлајн маркетинг активности… авторот преку практични примери и совети не води низ процесот на градење на присутноста на бизнисот на интернет.

Неколку извадоци од книгата

Имам подвлечено (мислам електронски Highlight) многу елементи тука ќе споделам неколку:

  • Денес се потребни многу помалку пари, но повеќе пасија, повеќе личност, повеќе креативност и можност да се постане доверлив извор и лице во од, спротивно од шематскиот буткач на производот.
  • Поглупаво, поспоро, поскапо  претставува начин кој секогаш не учеле: Вие го маркетирате производот.
  • Спротивно на буткање на производот, овој метод се базира на тоа да станете доверлив извор, авторитет, некој кој другите го сакаат и веруваат.
  • Интернетот ви овозможува да зборувате со повеќе луѓе одеднаш и сеуште да постои чувство на интимност.
  • Потребни се три карактеристики за поумен, побрз и поефтин маркетинг: пасија, личност и знаење.

За кого е оваа книга?

Секоја книга е за секого кој сака да научи нешто ново, кој сака да навлезе во светот кој го обмислува авторот, кој сака да напредува духовно…

Но, не е секој за се. Сепак, првенствено оваа книга би ја препорачал на сите претприемачи на мали бизнис. Тоа се луѓето кои треба да започнат да ги применуваат новите стратегии и секако да престанат да ги трошат парите на активности кои се послабо даваат резултати.

Бидејќи се однесува на маркетинг, оваа книга е одлична и за сите оние кои се занимаваат со маркетинг.

И секако, книгата е добредојдена за сите менаџери кои на некаков начин се вклучени во донесување на одлуки за маркетингот.

post

JV (Joint Venture) – Маркетинг средство 94

JV Партнерство како маркетинг средство

JV Партнерство како маркетинг средство

Ова е 94-тото маркетинг средство од серијалот на маркетинг средства на претприемач. Ќе стане збор за JV (Joint Venture) партнерство во цели на интернет маркетинг. Доколку имате веб сајт преку кој вашиот бизнис врши одредена продажба овој вид на маркетинг средство може да биде од исклучителна корист на вашиот бизнис.

Што претставува Интернет JV?

Моќта, онаа вистинската моќ на интернетот лежи во едноставноста на остварување на партнерство меѓу претприемачите. Партнерство кое обезбедува висока профитабилност поради синергетски настап кој се овозможува (заедно се посилни отколку поединечно).

Во суштина, фразата JV опишува едно партнерство кое обезбедува взаемен интерес на две или повеќе страни во остварување на одредени економски активности на пазарот. Но, интернет JV партнесртво не е:

  • Спојување на две или повеќе компании
  • Општо партнерство
  • Купување на други компании
  • Не е нешто што значи делење на капитал.

Интернет JV партнерство претставува партнесртво заради остварување на поединечна цел и заради тоа влегува во групата на краткорочни активности. Целта се постигнува и партенрството завршува на взаемно задоволство. Ова не значи дека за некој друг производ, или некоја друга кампања партнерството нема повторно да се оствари.

Она што е карактеристично за интернет JV партнерство е што вообичаено функционира на принципот на делење на приходот меѓу партнерите. Вие имате производ и/или услуга, јас ќе го промовирам преку моите ресурси и од секоја продажба ќе заработам одреден процент.

За да функционира едно вакво JV партнерство една страна мора да има производ и/или услуга и интерес, додека другата страна мора да има ресурси и секако интерес.

На пример, компанија А има производ и/или услуга и има листа од 5000 потенцијални потрошувачи. Компанија Б во моментов нема производ и/или услуга, но има листа од 100.000 потенцијални потрошувачи за компанија А и производот што таа компанија го нуди. Затоа, компанија А ќе се обиде освен сопствените ресурси да ги користи и ресурсите на компанија Б при што ќе дојде до 100.000 нови потенцијални купувачи. За таа цел компанија А прави JV партнерство со компанија Б и за секој продаден производ од страна на компанија Б, компанија А ќе исплати одреден процент на компанија Б.

Интересно е да се напомене дека во пракса оваа делење на приходот може да биде различно во зависност од производот кој се продава. Во некои случаи кога се продава информациски производ, процентот кој компанијата со ресурси може да го добие изнесува и до 100%. Би се прашале зошто да се даде целосниот приход. Затоа што со помош на тоа партнерство компанијата ќе добие многу драгоцен ресурс, а тоа е листа на потенцијални потрошувачи.

Ова е слично како affiliate маркетинг и може да се каже дека affiliate маркетинг може да се разгледува како еден вид на JV стратегија кога станува збор за интернетот.

Неколку факти за JV партнерство

Би сакал да напоменам неколку факти кои се цврсто поврзани со оваа маркетинг средство, врз основа на искуството на експертите од оваа подрачје.

  • Нормално е првите неколку партнерства да не завршат онака како што се планирало.
  • Не постои брз начин за остварување на успех.
  • Можноста за учење од претходни неуспеси е голема.
  • Како и секое друго маркетинг средство бара вештини и соодветна координација и комуникација меѓу страните.
  • Потребен е вистински партнер, кој има огромно влијание врз сопствената аудиенција.

Процес на користење на оваа маркетинг средство

Накратко ќе се обидам да претставам еден процес кој што јас би го дизајнирал кога би го користел оваа маркетинг средство.

  • Трансформација на бизнис моделот. Прво што би направил би го проверил мојот бизнис модел дали би бил соодветен за едно вакво маркетинг средство и доколку има потреба би извршил соодветни прилагодувања. Не може секој бизнис да го користи оваа маркетинг средство. Мора јасно да се дефинира дали, каде и како може да се користи.
  • Дефинирање на цели на партнерството. Која е целта на остварување на едно такво партнерство? Дали е тоа откажување од приход на еден поевтин производ со цел да се понуди upsale со поскап производ? Дали е градење на листа со квалитетни потенцијални потрошувачи? Дали е тоа брзо остварување на приход? Дали е тоа зголемивање на препознатливост на брендост? Сите овие и уште многу други прашања треба да бидат одговорени пред започнување.
  • Избор на идеални партнери. Овој чекор од процесот е многу важен за успешност на едно вакво партнерство. Мала е веројатноста компанија која продава храна да биде идеален JV партнер за компанија која продава мебел. Потребно е добро да се дефинираат идеалните партнери. Користете специфична индустрија, специфична компанија, специфично лице… Внимавајте партенрите треба да бидат влијателни во подрачјето на вашиот бизнис.
  • Контактирање на потенцијални партнери. Откако ќе ги изберете потенцијалните партнери можете да ги контактирате и да понудите една таква соработка. Можете да им го испратите Вашиот производ или да ја опишете услугата која ја нудите. Прецизирајте точно што ќе добијат.
  • Подготовка и потпишување на договор. Чекор кој ќе обезбеди соодветно спроведување на договореното и заштита на сите страни.
  • Подготвка на план. Без соодветен план успехот на кампањата однапред ќе биде осудено на пропаст. Потребно е добро да се дефинираат сите активности од двете страни. Доколку тоа е испраќање на email до потенцијални потрошувачи, ќе треба да се дефинира содржината, фреквенцијата на email-овите… Кординацијата и комуникацијата помеѓу партнерите треба прецизно да биде дефинирана за да не се случуваат грешки во процесот на самата кампања.
  • Започнување. И секако последен чекор е започнување на кампањата.
post

План за социјални медиуми – Маркетинг средство 93

План за социјални медиуми

Досега направивте SWOT анализа за градење на присутноста на вашиот бизнис на социјални медиуми од која ги откривте сите ваши слаби и јаки страни како и можности и закани кои доаѓаат од надворешноста на вашиот бизнис. Изготвивте стратегија за градење на присутност на Вашиот бизнис на социјални медиуми која резултираше во активности кои го трасираат патот за посигнување на поставените бизнис цел.

Сега е време да изготвите соодветен план за сето тоа што го опфаќа сратегијата за да може истата да се преточи во реалност. Инако стратегија како документ останува обичен безвреден документ доколку не се примени во пракса. План за социјални медиуми е 93-тото маркетинг средство на претприемач.

Што значи план за социјални медиуми?

Наједноставно кажано планот ќе треба да даде одговор за тоа кои активности ќе треба да се превземат, кога треба да се превземат, од кого треба да се превземат и што значи успех за завршена активност.

Планот треба да служи како патоказ за тоа каде треба да се движиме согласно зацртаната стратегија за градење на присутност на социјалните медиуми. Од друга страна планот ќе ни биде единственото средство со кое ќе можеме да го мериме учинокот од сработеното.

Што треба да содржи планот за социјални медиуми?

Веќе знаете дека не сакам некои сложени планови кои изгледаат повеќе како приказни отколку како план. Во стратегија можеме да користиме приказни преку реченици кои започнуваат на ќе…

Но, во планот мора да имате специфични активности кои ќе го водат вашиот бизнис кон исполнување на се она што е предвидено со планот. Така да минималните елементи кои ќетреба да ги содржи тој план се:

  • Листа на активности
  • Точен датум на реализација на секоја активност
  • Одговорни лица за спроведување на тие активности
  • Мерни индикатори за секоја активност со кои ќе може да ја мерите успешноста на спроведената активност.

Не е лошо оваа листа на активности да ги содржи и специфичните содржини кои ќе бидат споделени на социјалните медиуми. Сепак содржината е нешто што најчесто ќе се спроведува по еден однапред утврден план.

post

Google VS Facebook реклами

Google VS Facebook реклами

Google VS Facebook реклами

Многу бизниси го открија брзиот раст на Facebook и започнаа да ја градат својата присутност. Некои напрвија личен профил како бизнис профил, некои го избраа оној правиот пат преку изработка на Facebook страна како основа на присутност на нивниот бизнис на оваа платформа. А, пак некои направија комбинација со бесплатна презентација преку страна и PPC реклами кои водат или до таа страна на Facebook или пак до веб сајтот на бизнисот.

2010 година беше година кога Facebook се доближи и во одредени аспекти и го надмина Google.

Но, едно прашање кое се поствува од страна на сопствениците на малите бизниси (претприемачи) е дали ова се знаци за изумирање на една индустрија која се појави со појава на Google на пазарот како главен играч во PPC реклами? Сигурно се прашувате:

  • Дали овој брз развој и раст на Facebook и другите социјални медиуми има значење за нашиот бизнис?
  • Дали SEO сеуште треба да има голема улога во градење на интернет присутноста на мојот бизнис?
  • Дали треба целосно буџетот да го реалоцираме на Facebook реклами наместо на Google Adwords.

Дали социјалните медиуми имаат значење за нашиот бизнис?

Првото прашање е прашање на кое би одговорил со ДА. Бидејќи се појавува очигледна промена во досегашното однесување на луѓето на интернетот бизнисите ќе мора да се приспособат кон истата. Како еден претприемач Вие ќе мора да започнете да ги анализирате социјалните медиуми и однесувањето на различните индивидуалци и бизниси кои може да бидат ваши потрошувачи за да утврдите какво влијание тоа однесување може да има во однос на Вашата стратегија за привлекување на сообраќај кон Вашиот бизнис веб сајт.

Дали SEO уште е значајно за нашиот бизнис?

Кога станува збор за второто прашање повторно би го одговорил со ДА. SEO не треба да биде запоставено, барем не сеуште. Светот на бизнисот не е толку едноставен за да можете да кажете веднаш дека нема да има влијание врз Вашиот бизнис. Сепак, оптимизација за пребарувачи е една сосема друга работа и она што можете да го постигнете со Вашиот веб сајт или блог тешко дека ќе можете да го постигнете само со Facebook страна за Вашиот бизнис.

Каде да се потроши буџетот?

На третото прашање мојот одговор би бил НЕ. Дали секој вид на бизнис може да ре рекламира на секков медиум или пак секакво место. На пример, дали на факултетите ќе делите летоци за дом за стари лица?

Можеби ќе ни се чини логично оваа делење на летоци на факултетите бидејќи можеби во некоја блиска или подалечна иднина ќе имаме потреба за такво нешто.

Но, мозокот на еден студент кој е потенцијален примател на информацијата од тој леток воопшто не се наоѓа во состојба да размислува за такво нешто. Па затоа може да го погледне летокот 2 секунди и во наредните 2 секунди да го заборави како воопшто и да не го видел.

Зошто за време на фудбалските натпревари најмногу се рекламираат компании за производство и дистрибуција на пиво? Затоа што гледање на фудбалски натпревар и пиење на пиво со некакви грицки оди едно со друго.

Ваква е и ситуацијата со социјалните медиуми вклучувајќи го и Facebook. Луѓето на социјалните медиуми се присутни заради:

  • комуникација со пријатели
  • комуникација со роднини
  • играње на игри
  • споделување на слики
  • споделување на смешни видео материјалчиња
  • споделување на нешто за што споделувачот ќе смета дека ќе има вредност за своите „виртуелни пријателчиња“.

На пример, доколку со моите пријатели споделувам информации за ресторани во кои би сакале да се состанеме за вечера, а ми излезе реклама за мебел нема воопшто да ја забележам бидејќи мојот мозок е насочен на избор на вистинскиот ресторан за вечера.

Но, доколку во тој момент видам реклама за некој добар ресторан, ќе ја кликнам, ќе ја погледам, ќе ја прочитам нивната понуда и ќе ја вклучам како опција за мојата моменталната потреба.

Но, за жал со Facebook рекламите тоа сеуште не е можно. Можете да таргетирате по демографија и интерес кој всушност претставува она што вие лајкувате, но и не мора да значи дека сето тоа е вистина и дека токму во моментот на барање на решение на Вашиот проблем вие мислите за некој од тие лајкови.

Ајде да го продолжам примерот. Во таа комуникација со пријателите за вечерно излегување одам на Google и барам некој специфичен ресторан во градот во кој сакаме да одиме. Во моментов кога го пишувам моето прашање илегуваат неколку реклами за ресторани согласно моето барање и уште дузина веб сајтови поврзани со ресторни за тој град.

Ова значи дека сеуште Facebook во конеткстуалност на нивниот систем за рекламирање е далеку зад Google.

Ова не значи дека треба да се игнорира Facebook, туку значи дека сеуште не треба да се откажувате од пребарувачите, а во исто време добро да го проучувате однесувањето на потенцијалните купувачи на социјални медиуми како би можеле соодветно да ги таргетирате истите.

Од друга страна Facebook сеуште е нов играч на ова поле и се надевам дека брзо ќе додадат опции за контекстуалност во реклмирање преку нивниот систем.

post

Интернет маркетинг – Најдоброто на претприемач во 2010

Интернет маркетинг - најдобро за 2010

Интернет маркетинг - најдобро за 2010

Интернет маркетинг претставува 6-тата тема од серијалот најдоброто на претприемач во 2010. Со неколку серијали во однос на блогирање, оптимизација за пребарувачи, онлајн маркетинг средства и PPC кампањи беше една од позастапените теми оваа 2010 година.

Едно прашање често преовладува кај претприемачите, а тоа е дали треба да бидат застапени на интернетот. Што ако се локални бизниси? Што ако функционираат само офлајн нивните бизниси? Претприемачот треба да започне да го гради своето онлајн присуство и ако е локален бизнис и ако функционира само офлајн. Едноставно нека се запраша каде се неговите потенцијални потрошувачи? Најверојатно над 80% би биле присутни на некаков начин онлајн без разлика дали се на Facebook или пак Twitter или пак бараат некое решение на Google за кое можеби токму Вашиот бизнис може да им помогне.

Ова се 6 постови кои се избрани како најдобри во 2010. Но, 2 од нив се серијали во кои има линкови до целата серија која ќе ве води низ соодветниот процес.

  1. E-mail маркетинг кампања во 8 чекори. Во постот се дадени 8 чекори во кои можете да спроведете E-mail маркетинг кампања која станува се покорисно и продуктивно маркетинг средство за бизнисите без разлика на нивната големина.
  2. 5 Слоеви за успешен бизнис блог. Овој пост претставува една моја презентација за слоеви на кои ја темелам успешноста на еден блог кога станува збор за бизнис цели.
  3. Промени во Маркетинг. Во овој пост се начнати некои промени во последните 10-тина години кои имаат огромно влијание врз денешните бизниси. Прифати или спреми се за самоуништување!
  4. Google Adwords – Маркетинг средство 74. Во овој пост ќе ги најдете линковите до серијалот на постови за Google Adwords кој претставува една PPC кампања.
  5. SEO – Оптимизација за пребарувачи. Во овој пост ќе ги најдете линковите до серијалот на постови за SEO – оптимизација за пребарувачи што всушност претставуваат еден мини прирачник за спроведување.
  6. Дали онлајн стратегија претставува бизнис стратегија? Во постот се дадени одговори на неколку прашања кои се однесуваат на бизнис стратегија и онлајн стратегија.
post

SlideShare – Маркетинг средство 89

SlideShare - Маркетинг средство

SlideShare - Маркетинг средство

Како 89-то маркетинг средство на претприемач избрав една платформа SlideShare која спаѓа во групата на платформи за објавување на содржина. Кога станува збор за содржина веќе ја опфативме како посебно маркетинг средство, но можете да забележите дека кога станува збор за онлајн маркетинг средства секаде се споменува содржина која всушност претставува една пајакова мрежа околу Вашиот бизнис.

Што претставува SlideShare?

SlideShare претставува место на интернетот каде може да се споделуваат презентации (јавно или приватно) подготвени во PowerPoint, PDF или OpenOffice.

Како што самите се опишуваат на нивниот веб сајт:

SlideShare е бизнис медиа сајт за споделување на презентации, документи и pdf фајлови. SlideShare се карактеризира со активна заедница на професионалци кои редовно коментираат, фаворизираат и симнуваат содржина. Содржината се шири вирозно преку блогови и социјални мрежи како  LinkedIn, Facebook and Тwitter. Индивидуалците и организациите аплоадираат документи на SlideShare за да споделат идеи, за да се поврзат со другите корисници и за да генерираат потенцијални потрошувачи за нивните бизниси. Секој може да види презентации и документи од теми кои ги интересираат. Сајтот расте брзо со над 25 милиони посетители месечно.

Презентациите и документите може да се означат со клучни зборови за да се обезбеди полесен пристап на оние кои се заинтересирани за темата за која се однесува презентацијата. Исто така истите може да се симнуваат или залепат на веб сајт или блог како и лесно да се споделат на социјалните мрежи што дава вирозен карактер на истите.

Како може да се користи?

Освен што може да се користи за споделување на Вашите презентации, можете да додадете и аудио на истите, можете да го рекламирате настанот кој го организирате или на кој сте присуствувале, можете да се приклучите на група во која се споделуваат документи од исто подрачје на интерес како Вашето и секако да го зголемувате Вашето знаење преку симнување на презентации или документи.

Оваа платформа ви овозможува и да ги залепите Вашите презентации на Вашиот блог или пак веб сајт многу едноставно.

Дали треба да го користите?

Имање на бизнис презентации е нешто што спаѓа во категорија на мора, без разлика дали станува збор за продажна презентација или карактеристики и полезности на Вашите производи и/или услуги. Па дали постои пречка ако таа презентација биде видена или забележана од повеќе луѓе, или пак споделена или пак симната за понатамошно користење? Сметам дека одговорот е не. Па затоа и би ребало да го користите.

post

Алатки за содржина

Алатки за содржина

Алатки за содржина

Доколку сте сопственик на мал бизнис веројатно размислувате или веќе користите содржина како маркетинг средство за да привлечете нови потрошувачи или да ја зголемите комуникацијата со тековните потрошувачи.

Содржината како маркетинг средство е нешто што може да се класифицира како едно од најважните маркетинг алатки на денешницата. Многу мали бизниси користат маркетинг стратегии во кои се опфатени и содржини за да ја зголемат нивната онлајн и офлајн продажба. Досегашната практика покажува дека содржината може да доведе неколку пати повеќе потрошувачи за бизнисите кои ја имплементирале.

Нешто што треба да се нагласи е дека имплементација на маркетинг стратегија за соджина е бесплатна или во некои случаи може да ве чини $1000. Како и да е, од друга страна ова бара многу време. Времето е потребно за бреинстормирање на содржина и секако за креација на таа содржина.

Постојат повеќе алатки кои можат да ви помогнат да бидете поорганизирани и да ги имплементирате тие стратегии на најдобар начин. Сум се обидел со различни алатки. Некои се одлични, некои не. За некои платив, а некои се бесплатни. Но, секоја алатка користена во овие цели може да довде до зголемување на продуктивноста. Еве ги некои од алатките кои во моментов ги користам за оваа намена (и секако и за други намени):

WLW за креирање на содржина

WLW за креирање на содржина

1. Windows Live Writer

Windows Live Writer е десктоп апликација развиена од страна на Microsoft која може да се користи за ажурирање на блог на WordPress.org, WordPress.com, Blogger, TypePad и многу други сервиси за блогирање. Она што е најкорисно е што можете да снимите драфт верзии на содржината кои ќе бидат организирани во подрачјето за драфт, подоцна едитирани и објавени кога ќе бидат финиширани.

2. Evernote

Користам Evernote за PC и Evernote за iPhone со чија помош секоја идеја од секојдневен живот, од компјутер, од телефон можам да ја сместам на едно место со оваа алатка.

Evernote за iPhone

Evernote за iPhone

3. Mindmaps

Нешто без што во последниве години неможам да си го замислам животот. Пред да започнам да корстам вакви мапи за да ги организирам моите идеи и идни акции повеќето од тие идеи станаа ѓубре. Секогаш кога ќе дојдам до некоја идеја ја ставам во Mindmap. На таков начин станувам поорганизиран, попродуктивен и секоја идеја е разработена и подготвена да стане реалност. Користам десктоп апликација и секако iThoughts за iPhone која ми дава можност да ја снимам мапата во формат читлив и на десктоп компјутерот.

iThougts за MindMaps

iThougts за MindMaps

4. Аудио рекордер на iPhone

Многупшати кога се наоѓам во ситуација кога не можам да запишувам го користам аудио рекордерот на мојот телефон со што идејата не останува незабележана и заборавена.

5. TextExpander за iPhone

Пред извесен период дојдов до ова алатка која денес претставува навистина корисна за мене. Ја користам да напишам нешто или да ги трансферирам моите идеи во текст. Она што е најкорисно е што за различните состаноци оваа апликација во целост го замени тефтерот, па така имам готов текст од забелешки кои едноставно можам да ги препратам во текст фајл и доработам на компјутер. Од друга страна апликацијата има можност за додавање на кратенки со што пишувањето со текот на време станува многу побрзо (внесеш две букви за цел збор).

6. Dropbox

Dropbox го користам за да се поврзам до моите идеи од било каде. Вообичаено мапите и текстовите ги снимам во dropbox и можам да пристапам до истите и од телефон и од компјутерот. Оние што треба да се споделат одат во фолдер кој се споделува со соработниците.

post

Содржина – Маркетинг средство 75

Содржина - Маркетинг средство

Содржина - Маркетинг средство

Овој пост претставува 75-тото маркетинг средство на претприемач како дел од серијалот од 100 маркетинг средства. Досега веројатно како дел од овие онлајн маркетинг средства веќе имате бизнис веб сајт и секако бизнис блог. И на двете маркетинг средства вие имате некаква содржина. Содржина која треба да привлече внимание, да изгради доверба и репутација (прочитај Внимание, Репутација и Доверба), да поттикне акција и интеракција… Затоа посебен модул во Премиум Претприемач имаме за привлекување на внимание. Овој серијал се ближи кон последната четвртина (останати 25 маркетинг средства) која ќе се однесува на различни платформи на социјални медиуми. Таму ќе биде останатата содржина која исто така може да има огромна улога за Вашиот бизнис.

Два вида на содржини

Ќе тргнам од два вида на содржини. Нема и не сакам да ги делам на вакви или онакви содржини врз основа на платформата преку која ќе се испраќаат, туку едноставно ќе ги поделам врз основа на создавачот на таа содржина.

Создавачот на соджината може да биде:

  • Вие и ваш бизнис
  • Вашите бизнис стејкхолдери

Нормално вие содржината ќе ја креирате преку Вашите платформи (веб сајт, блог, социјални медиуми…) и тоа ќе претставува Ваша лична креација. Но, ќе постои содржина и од страна на некои врз кои вие нема да имате директно влијание. Од лица кои не можете да ги менаџирате. Дали вие ќе сакате или не, таа содржина ќе се појавува и ќе струи низ интернетот. Таа содржина може да биде добра или лоша по Вашиот бизнис. Вашата цел е да ја поттикнете и да ја распространите добрата и во исто време да одговорите на лошата.

Кога станува збор за стејкохолдери мислам не сите оние кои имаат или пак можат да имаат некакво влијание врз одлуките на Вашиот бизнис и врз кои одлуките на Вашиот бизнис влијаат. Така стејкхолдери може да бидат:

  • Купувачи
  • Потенцијални купувачи
  • Снабдувачи
  • Потенцијални снабдувачи
  • Финансиери
  • Вработени
  • Конкуренти

Содржина како пајакова мрежа

Содржинта се плете како пајакова мрежа. Колку пипците напајакот се поголеми толку и поголема ќе биде исплетената мрежа и секако толку ќе биде поголема и видливоста и достапноста на Вашиот бизнис во онлајн светот. За ова веќе пишував во Промени во Маркетингот каде што го напоменав следново:

Содржината е таа која ќе се испреплете како пајакова мрежа низ сите тие платформи и медиуми. Содржината е таа која ќе биде креирана или од Вашиот бизнис, или од Вашите купувачи, или од Вашите потенцијални купувачи или од Вашите конкуренти и противници. Секогаш ќе имате противници кои нема да ве сакаат од различни причини. Значи ќе постојат повеќе пајаци кои ќе плетат различни мрежи. Едниот пајак ќе сте вие, а останатите ќе бидат сите бизнис стејкхолдери. Секоја мрежа ќе има една или повеќе допирни точки со вашата основна мрежа. Колкава ќе биде успешноста и големината на тие мрежи сепак ќе зависи не само од онлјн фактори, туку и од офлајн фактори.

Еден пример на содржина од страна на конкурент

Пред извесен период бев контктиран од страна на еден вебмастер на еден бизнис веб сајт кој ме замолув да го отстранам линкот кон нивниот веб сајт од мојот форум кој беше активен, но јас едноставно немав време да го администрирам. Човекот смет дека неговите конкуренти создале содржина со линк кон неговиот веб сајт но со несоодветен anchor текст. За anchor текст и неговото значење пишував во SEO Основни столбови – Off Page фактори. Еве го mail-отк кој го добив:

Негативна содржина

Негативна содржина

Забележувате дека кога станува збор за содржината ќе постојат и валкани игри на кои ќе треба да бидете подготвени.

Неколку прашања при развивање на Вашата стратегија

Дизајнирање на стратегија за користење на содржина како маркетинг средство претставува умешност, уметност и наука во откривање на она што сакаат да знаат Вашите сегашни и потенцијални купувачи и што тие би сакале да знаат испорачувајќи им го токму тоа на најсоодветен начин. Тие немаат вишок на време за да им се одземе непотребно. Затоа е потребно да се креираат прецизни вистински содржини, испорачани на вистинското место, во вистинско време преку вистинската платформа.

Неколку најважни прашања од повеќето на кои ќе треба да одговорите се следниве:

  • Кои платформи за испорака на содржината ќе ги користам?
  • Каква вредност ќе додава мојата содржина?
  • Каква содржина на која платформа ќе испорачувам?
  • Кои ќе бидат потенцијалните приматели?
  • Како да ја диференцирам содржината за различните сегменти на приматели?
  • Како ќе одговорам на содржината која не е креирана од мене?
  • Како ќе ја следам содржината која не е креирана од мене?