post

RSS – Маркетинг Средство 61

RSS како маркетинг средство

RSS како маркетинг средство

RSS навистина може да претставува моќно маркетинг средство за еден бизнис и еден претприемач. Ова е 61-вото маркетинг средство на претприемач по еден турбо серијал за SEO. Досега бевме сконцентрирани околу креирање на содржина на интернетот преку Вашата бизнис веб страна и блог. Ова маркетинг средство е повеќе за распространување на таа содржина.

Постојат многу дилеми дали ова маркетинг средство треба да се применува. Па така има некои кои мислат дека доколку овозможите RSS потенцијалните купувачи нема да стигнат до Вашата веб страна каде може да ја забележат Вашата понуда туку само ќе ја прочитаат информацијата преку RSS читачот. Но, сепак сметам дека не треба да се размислува на ваков начин. Со овозможена RSS технологија Вие само ја правите широко подостапна Вашата содржина, а со тоа и маркетинг елементите во неа. Сепак за да го искористите максимумот ќе треба таа содржина да биде изработена доста професионално со што ќе се намали ефектот на стравот од губење на посетители кон веб страната.

Што е RSS?

Наједноставно кажано RSS претставува технологија со која се овозможува автоматско превземање на содржините од веб страните кои ве интересираат.

Читателот користи некој RSS читач преку кој секогаш кога веб страните чии RSS фидови ги има поставено во тој читач ќе добие информација дека има нешто ново објавено и ќе може едноставно да го прочита преку тој читач или пак ако е само делумен текст да кликне на прочитај повеќе и преку веб да ја дочита содржината.

Еден ваков читач претставува и Google Reader во кој едноставно ги поставувате RSS URL-ата до различните веб страни од Ваш интерес и следите и читате што излегува како новитет.

Google Reader како еден RSS читач

Google Reader како еден RSS читач

Една веб страна преку RSS URL изгледа на ваков начин:

RSS Feed

Како изгледа RSS Feed

RSS како маркетинг средство

Што Вие како претприемач и Вашиот бизнис добивате со воспоставување на RSS како маркетинг средство преку Вашата бизнис веб страна или блог? ќе се обидам да дадам една мала листа на бенефициите што еден бизнис може да ги добие со ова маркетинг средство:

  1. RSS маркетинг е едноставно и секако без трошоци при што можете да го воспоставите системот уште денес и да започне да функционира под услов да имате свежа содржина на Вашиот бизнис блог.
  2. Целата Ваша онлајн содржина и маркетинг пораки ќе биде лесно достапна за оној кој сака да биде достапна. Се сеќавате за влезен маркетинг и маркетинг базиран на одобрение.
  3. Намалена веројатност дека некоја од RSS пораките во вид на Ваша онлајн содржина нема да стигне онаму каде што треба заради spаm филтрите.
  4. Можност за споделување на квалитетната содржина помеѓу потенцијалните купувачи при што ќе се зголеми на Вашата веб страна а со тоа и видливоста на Вашиот бизнис.
  5. Можност Вашата содржина да биде објавена на некоја друга веб страна и доколку тие што реобјавуваат содржини постапат онака како што треба да достават линк до Вашата веб страна ќе ја зголемите Вашата видливост како и онлајн репутацијата во очите на пребарувачите за што зборувавме во Off Page фактори на еден SEO процес.
  6. RSS маркетинг ќе овозможи градење на долгорочни односи со потенцијалните купувачи притоа воопшто не изгледа како една нападна маркетинг стратегија со која се создава притисок.

Но, треба да бидеме реални, дека започнување со ова маркетинг средство бара неколку предуслови:

  • Да имате бизнис веб страна.
  • Да имате бизнис блог која всушност ќе ги генерира тие RSS содржини.
  • Да имате квалитетни содржини. Ова се однесува на тоа да не продавате, туку да давате информации, а продажбaта сама по себе после квалитетни информации ќе си дојде.
  • Да понудите различни поедноставувања за пристап до вашите RSS содржини. Постојат повеќе опции за користење. Едната беше преку посебен читач што ја споменав погоре, може директно преку интернет прелистувач, може да се обезбедува претплата и преку e-mail…

Доколку немате онлајн содржина која што редовно ќе ја ажурирате воопшто и не го разгледувајте како опција.

post

SEO – Дали размена на линкови вреди?

Дали вреди размена на линкови

Дали вреди размена на линкови

Продолжуваме со серијалот за SEO како дел од маркетинг средства на претприемач. Во овој пост ќе навлезам малку во една табу тема кога станува збор за SEO. Во овој серијал поминавме нешто општо за SEO, потоа навлеговме во тоа што претставува SEO, го претставивме првиот основен столб на еден ваков процес – истражување и анализа на клучни зборови, вториот столб – On-Page оптимизација или неколку најважни фактори за оптимизација кои се наоѓаат на самата страна, третиот SEO столб – Off-Page фактори за оптимизација и Блогирање како дел од SEO стратегија.

Досега веќе напоменав во овој серијал (па и во самото видео во делот за блогирање) дека не е важен број на дојдовни линкови. Многу е поважен квалитетот на тие дојдовни линкови.

Што претставува размена на линкови?

На светско ниво постојат огромен број на маркетинг агенции кои се занимаваат со SEO и чија основна задача е да бараат на интернет веб страни кои ќе бидат интересни за нивните клиенти за добивање на линк преку размена на линкови.

Размена на линкови претставува едноставно еден процес во кој администратор на една веб страна ве контактира Вие да поставите линк до нивната веб страна и за возврат тие ќе постават линк до Вашата веб страна.

Класичниот приод е веб страна А дава линк кон веб страна Б која возвраќа линк кон веб страна А.

Размена на линкови 1-1

Размена на линкови 1-1

Овој начин кој претставува размена на линкови 1 на 1 нема да донесе некои резултати. Затоа што корисноста што А ја дава на Б, Б ја губи со враќање на линк кон А. Набргу и сите оние кои се занимаваат со интернет маркетингот го сфаќаат сето ова и нормално бараат начини да може да се надмине преку внесување на трети страни во процесот на размена. Ова би изгледало нешто вака:

Размена на линкови 1-2-3

Размена на линкови 1-2-3

Затоа и се раѓаат огромен број на сервиси или интернет маркетинг агенции кои се вклучуваат во оваа математика со цел да бидат рангирани подобро од страна на пребарувачите. Потсетете се на видеото во Блогирање како дел од SEO оптимизација.

Но, можам да кажам уште нешто повеќето од „најдобрите“ или „најпрепорачуваните“ вакви сервиси денес не постојат. Значи дека се откриени и нормално нема глас плус во очите на пребарувачите.

Зошто мислам дека не треба да сте преокупирани со размената?

Кога започнав да се занимавам со оваа проблематика прочитав многу материјали од многу SEO експерти. Некои беа квази експерти но, некои се навистина докажани експерти. Кога зборувам за она што сум прочитал не станува збор за читање на блогови, туку различни купени книги, е-курсеви, прирачници, софтвери… Она што не смеам да го изоставам како важен елемент во градењето на знаењето е што успеав да споредам квази експерти со вистински експерти. Разликата е што едни учат за брзо – краткорочно остварување на резултати и едноставно потоа од високото краткорочно летање брзо спуштање на земјата – тоа се квази експертите. Вторите или оние вистинските експерти пропагираат стратешки долгорочен приод за градење на релевантноста и кредибилитетот во очите на пребарувачите што на некој начин и јас преку овој серијал се обидувам да го презентирам.

Купив и еден софтвер специјализиран за SEO кој едноставно служеше за автоматизација на овој процес на размена и анализа да најдеш кои веб страни се добри со кои можеш да се вклучиш во процес на реализација. Извршив тестирање и воспоставив контакти со неколку веб администратори на страни кои согласно анализата беа добри за да разменам линкови. И разменив линкови. Но, знаете што се случи? И по неколку месеци иако PR на мојата веб срана се искачи јас сепак немав ни 10% од вкупниот сообраќај од страна на Google. Значи нешто не беше ОК. Веднаш потоа го откажав софтверот бидејќи плаќав (мислам 47$ месечно за негово користење).

Во исто време како што ја зголемував содржината и секако на некои подолги зборови почнував да бидам рангиран повисоко почнат сами веб администратори или тие интернет маркетинг агенции да ме контактираат за да разменуваме линкови. Понудите навистина ми беа невообичаени. Тогаш јас имав PR 2, а тие ми нудеа линк од страна со PR 4. Еве еден пример како изгледа тоа едно барање:

Предлог за размена на линкови

Ги избришав личните податоци заради заштита на приватноста за имиња, веб страни и компании. Забележувате ми нуди два линка за замена на мојот еден со PR 2. Ова е изведено од една интернет маркетинг агенција за некој нивен клиент. Но, изгледа премногу добро за да биде вистинито.

Што се случува по извесен период откако направивме размена. Тие на понудените страни ставаат илјадници линкови кон други страни при што нормално биле забележани од Google и нивниот PR веќе е за никаде и секако биваат казнети. Мојата веб страна има линк од лоши дечки, па така дел од последиците ги сносам и јас и секако илјадниците веб страни кои учествуваат во оваа трансакција со линкови.

Затоа сметам дека еден ваков систем на размена на линкови не вреди за Вашето рангирање на резултатите на Google. Оваа размена на линкови може да ја направите само во еден ограничен круг на веб страни (на пријатели, блиски или оние на кои им верувате дека нема да претеруваат).

Неколку збора за линкови и нивното значење

На крајот од овој пост сакам да дадам коментар преку неколку зборови за линковите и нивното значење. Линковите се важни, и нивната важност можевте да ја видите во постот за Off-Page фактори за оптимизација. Но, она што е забележително е премногу насочување кон линкување и заборавање на содржината и самата оптимизација на веб страната. Две најважни работи кои се ценети од пребарувачите се следниве:

  • Релевантност. Релевантна содржина за клучниот збор (или зборови) за кои што сакате да бидете високо рангирани.
  • Кредибилитет. Каков кредибилитет има Вашата веб страна. Дали користите валкани техники, кој се се линкува до Вас, до кого се линкувате вие…

Но, она што е интересно тука е што релевантноста може да доведе до зголемент кредибилитет. Колку повеќе имате релевантна содржина и колку повеќе веб страни природно се повикуваат на Вашата содржина, толку подобро ќе бидете рангирани на пребарувачите.

И уште нешто би сакал да додадам како дел од мои анализи и истражувања. Веќе неколку пати напоменав дека различните податоци ги собирам во една база на податоци преку која можам едноставно да се играм и да спроведувам различни анализи. Иако сеуште податоците не се доволно многу (6 месеци) сепак добив интересни резултати по спроведување на корелациона анализа со Пирсонов коефициент на корелација. Имаше периоди кога оваа веб страна имаше PR 3. Сега е повторно на PR 0. Анализата на податоци се однесуваше на тоа движење на сообраќај од страна на Google при PR 3 накај сегашните PR 0. Од таа корелациона анализа се доби силна негативна корелација што значи следново:

  • Поголем PR помал сообраќај од страна на Google.
  • Помал PR зголемен сообраќај од страна на Google.

Овој резултат не мора да биде сосема точен бидејќи се случи тоа што се случи со размена на линкови, а во исто време обрнав поголемо внимание на релевантноста на содржината и соодветната оптимизација согласно клучни зборови. Но, мораме да бидеме реални, овие резултати укажуваат дека она што сите сакаме да го имаме како основа PR нема некое приоритетно или врвно влијание врз резултатите од пребарувањето доколку релевантноста не е на прво место.

Затоа, SEO претставува процес а не едноставна размена на линкови што повеќето интернет маркетинг агенции сметаат. И уште нешто, овој процес ни малку не спаѓа во група на лесни процеси. Ова е само еден дел од она што можам да го опишам во еден блог пост за оваа проблематика.

Прочитајте го последниот пост од овој серијал:

post

Блогирање како дел од SEO стратегија

Блог како дел од SEO стратегија

Блог како дел од SEO стратегија

Ќе продолжам со серијалот за SEO како дел од маркетинг средства на претприемач. Овој пост како дел од овој серијал е повеќе како средство кое може да ви помогне да го подобрите севкупниот процес за кој што досега стана збор. Досега во овој серијал поминавме нешто општо за SEO, потоа навлеговме во  тоа што претставува SEO, го претставивме првиот основен столб на еден ваков процес – истражување и анализа на клучни зборови, вториот столб – On-Page оптимизација или неколку најважни фактори за оптимизација кои се наоѓаат на самата страна и секако третиот SEO столб – Off-Page фактори за оптимизација.

Блогирање е еден од најдобрите алатки кога станува збор за SEO, особено што претставува и како посебно маркетинг средстви и како алатка за подобрување на Вашите напори во однос на SEO процес. Ова подобрување на еден SEO процес особено се однесува на фактот што блогот е одлично средство за градење на содржина на веб.

Корисност на блогот како дел од SEO стратегија

Постојат многу бенефиции за блогот да биде дел од Вашата онлајн стратегија, но тука во однос на еден SEO процес би претставил две најважни корисности.

1. Повеќе страни оптимизирани за повеќе зборови

Во претходниот пост каде што стана збор за Off-Page фактори за оптимизација наведов дека не може да се очекува тие неколку страни во вид на брошура дека ќе бидат оптимизирани за илјадници клучни зборови до кои што дојдовме при истражување и анализа на клучни зборови. Тие страни ќе бидат оптимизирани согласно нивната намена. На пример, Вашата страна со производи ќе биде оптимизирана за клучните зборови за тие производи кои се прикажани на таа страна. Вашата About страна ќе биде оптимизирана за Вашата компанија, на пример бизнис име, брендот, локација, експертиза…

Но, вие имате бреинстормирано илјадници зборови со кои различни категории на Ваши потенцијални купувачи ќе пребаруваат нешто на интернетот. Вашата цел како еден претприемач или маркетинг менаџер на една компанија е да успеете да бидете најдени (вашата веб страна да биде најдена) кога некој ќе пребарува некој од тие зборови. Затоа блогот е едно квалтетно средство преку кое ќе успеете со текот на времето да изградите илјадници страни со квалитетна содржина оптимизирани согласно различните клучни зборови. Ова е таа една предност на блог како дел од SEO стратегија.

2. Почесто нова содржина почесто индексирање

Пребарувачите користат специјални програмчиња наречени како Web Crawler или Web Spider. Овие програмчиња имаат за цел да го пребаруваат интернетот и да бараат нови веб страни на кои прават копија која влегува во базите на податоци на пребарувачите што претставува индексирање, за да се обезбеди побрзо пребарување. Ова значи дека Вие кога пребарувате нешто вие пребарувате низ таа база на податоци на пребарувачите. Затоа за да бидете прикажани на резултатите првин ќе мора тие веб страни да бидат индексирани од страна на пребарувачите.

За тоа какво значење има за еден бизнис кога повеќе веб страни се индексирани ќе можете да прочитате во Повеќе Индексирани Страни – Повеќе Потенцијални Купувачи.

Блогот едноставно претставува средство за постојано објавување на нова содржина на веб страната во вид на посебни артикли кои пак претставуваат посебни веб страни кои се индексираат од страна на пребарувачите. Затоа доколку пребарувачите увидат дека имате почесто додавање на нови веб страни тие почесто ќе доаѓаат да проверат дали има нешто ново заради индексирање. Тоа е нивната работа, тие сакаат содржина и тоа квалитетна содржина.

Неколку препораки за користење на блогот во SEO процес

Тука ќе се обидам накратко да наведам неколку препораки за тоа како да го искористите блогот во еден SEO процес.

1. Избери категории

Пред да започнеш со било што добро размисли за категории кои ќе бидат опфатени на блогот. Доколку веќе ги имаш резултатите од анализата и истражувањето на клучните зборови обиди се да најдеш од 6 до 10 клучни зборови кои ќе бидат категории на блогот. Во исто време, размислувај сите ие зборови да бидат важни и всушност да асоцираат на Вашиот бизнис или бизнис активности.

2. Користи ги препораките од SEO основни столбови

Се она што го наведов како важно во основните столбови на еден SEO процес искористете го и тука. Започнете од зборовите кои ги имате изберено, групирај ги во можни теми или наслови за постови и започни со пишување.

3. Обиди се да објавуваш нови написи барем 2 до 3 пати неделно

Блогот ќе Ви помогне во Вашите SEO напори само доколку останете конзистентни во намерата да успеете. Не можам да кажам дека ќе биде лесно. Ќе треба да дојдете до идеи за можни написи, да ги напишете да внимавате на столбовите, а во исто време да не забегате од содржината и квалитетот, односно од фокусот кон читателот или потенцијалниот клиент. Но, ова е единствениот начин блогот да ви помогне.

4. Ако се двоумиш за платформа, избери Word Press

Иако Word Press најмногу е познат како платформа за блогирање, се почесто гледам целосни веб решенија на оваа платформа. Минатата година е изберен како надобра Open Source CMS платформа за 2009 (платформа за менаџирање на содржина на интернетот). Повеќе детали за ова можете да прочитате на Open Source CMS Award.

Од друга страна кога станува збор за SEO ова е навистина едно квалитетно и солидно решение. Не сакам да навлегувам во детали, но затоа можете да го погледнете видеото од презентацијата на Matt Cutts од Web Spam тимот на Google (преку WorPress.tv) подолу во кое овој експерт дава некои мислења во однос на оваа прашање. Видеото е долго 46 минути, но вреди да се погледа презентацијата бидејќи само ќе го повтори и надополни сето она што можете да го прочитате во овој серијал.

Продолжете со следниве написи:

post

Маркетинг во Ерата на Google – Книга

Маркетинг во ерата на Google

Маркетинг во ерата на Google

Пред некој ден ми стигна книгата која ја нарачав во вид на пред нарачка и која ја споменав во написот Дали онлајн стратегија претставува бизнис стратегија. Сеуште не стигнав да ја прочитам, но ја разлистав на брзина за да видам дали вреди за дадените пари. Досега вообичаено купував книги за кои имаше можност да ја погледнам содржината и секако имаше различни прегледи од страна на оние кои ја имаат купено и прочитано, онака како што го опишав процесот во Што може да се научи од Amazon за бизнис. Но, овој пат беше поинаку, добив e-mail од amazon дека набргу ќе излезе во продажба оваа книга и доколку сум заинтересиран по специјална цена да ја купам да ја нарачам веднаш. Затоа и немаше можност да ја видам содржината ниту да има некој претходен читател кој ќе напише нешто за книгата.

Во секој случај, не се разочарав од онаа колку што можев да го забележам во прелистувањето на книгата: Marketing in the Age of Google: Your Online Strategy IS Your Business Strategy (Маркетинг во ерата на Google: Вашата онлајн стратегија e Ваша бизнис стратегија). Многу работи опфатени во книгата ги знам без да ми каже некој и ги користам во остварување на бизнис цели уште пред 3 години. Но, досега немав потврден систематски приод од некој експерт, поранешен вработен во Google како Vanessa Fox во однос на споделените идеи и практики на користење на Google во бизнис цели.

Како што кажав веќе 3 години не го користам Google само како средство за пребарување на интернет, туку го користам и за анализа на пазарот, проценка на однесување на потрошувачите и секако за зголемување и поттикнување на креативноста. Токму, за тоа се однесува и оваа книга колку што можев да забележам од прелистувањето.

За да не должам многу, засега би ги претставил само главните наслови од книгата, а подетален преглед ќе напишам откога ќе ја прочитам целата детално. Следниве теми се обработени во книгaта:

  1. Како пребарувањето го промени Вашиот бизнис?
  2. Како да ги користите податоците од пребарувањето за да ја подобрите бизнис стратегијата и стратегијата за производи?
  3. Како пребаруваме?
  4. Градење на личноста на оној кој пребарува: Отворање на вратата на маса на потрошувачи кои досега ги спречувавте да влезат.
  5. Како функционираат пребарувачите?
  6. Имплементација на ефективна стратегија за пребарување?
  7. Работа со развивачите: Како да ја трансформирате бизнис стратегијата во еден технички говор?
  8. Како преку податоците да добиете мерки на акција за кои имате потреба?
  9. Социјални медиуми и пребарување
  10. Што понатаму: по Google и 10 сини линкови.

Интересни теми и практични работи.

post

Бизнис План – Онлајн Стратегија

Ќе продолжам со туторијалот за бизнис планирање. Досега ја направивме насловната страна, кажавме и за резимето и содржината, напишавме нешто за компанијата, ги дефиниравме производите и услугите кои ќе ги понудиме на пазарот, направивме анализа на пазарот и индустријата и спроведовме SWOT анализа. Сега е на ред нешто сосема ново, и нешто што во практика ретко или пак воопшто го гледам.

Бизнис план - Онлајн стратегија

Онлајн стратегија како дел од бизнис план

Овој наслов како дел од еден бизнис план е нешто сосема ново, нешто што не беше опфатено со претходната верзија на туторијалот за изработка на бизнис план. Сметам дека е од суштинско значаење за бизнисот ушто во оваа фаза на планирање претприемачот да испланира за онлајн присутноста и онлајн активностите кои ќе ги спроведува во иднина.

Во претходниот пост дадов некои видувања за тоа околу поистоветување на онлајн стратегијата со бизнис стратегијата. Мислам дека за да не се направи грешка со испуштање на онлајн присутноста на еден бизнис мора уште во оваа фаза да се вклучи и онлајн стратегијата во процесот на бизнис планирање.

Овој наслов како дел од еден бизнис план можеби претставува наједноставниот наслов за кој е потребна добра волја на претприемачот и секако разбирање на значењето и потребата на една онлајн стратегија во неговиот бизнис.

Неколку важни одлуки

Пред да започнете со изработка на онлајн стратегија како дел од процес на бизнис планирање би требало да одговорите на следниве прашања:

  1. Што прават потенцијалните конкуренти на оваа поле?
  2. Кои се онлајн активностите на потенцијалните конкуренти?
  3. Каде на интернетот се присутни моите потенцијални клиенти?
  4. Што бараат потенцијалните клиенти на интернетот?
  5. Како мојот бизнис да биде присутен на начин подобар од конкурентите и попрепознатлив за потенцијалните купувачи?
  6. Дали ќе имам само статична веб презентација на производите и/или услугите или динамична и интерактивна со потенцијалните купувачи содржина?
  7. Која ќе биде целта на онлајн присутноста?
  8. Што ќе биде постигнувањето кое може да се каже дека е задоволителна нашата присутност?

Со одговор на овие прашања, но одговор кој ќе биде реален и неутрален веќе ќе можете да ја видите Вашата онлајн стратегија која ќе биде дел од Вашиот бизнис план.

Дизајнирање на онлајн стратегија

Во седмото прашање веќе дадовте одговор за целта на онлајн присутноста на Вашиот бизнис. Па затоа и дизајнот треба да започне со тие цели кои ќе се преточат во стратегија. На пример, имате цел јакнење на Вашиот бренд со онлајн присутност. Стратегиите за исполнување на оваа цел би можеле да бидат: зголемување на посетеност на Вашата веб страна, зголемување на интеракцијата со посетителите, зајакнување на присутноста на социјалните медиуми…

За секоја стратегија треба да произлезат посебни тактики. На пример, за стратегијата зголемување на посетеноста на веб страната некои тактики би биле:

  • Постојано ажурирање на содржина,
  • SEO – Оптимизација за пребарувачи,
  • Користење на PPC кампањи,
  • Промоција преку социјални медиуми,

Ставам три точки за да не бидам сфатен дека ова е единствено, ова е само пример кој може да ви даде еден патоказ како да ја подготвите Вашата онлајн стратегија како дел од бизнис планот. Понатаму за секоја тактика (како што ја дефиниравме стратегијата во Стратегија за бизнис трансформација) ќе треба да ги специфицирате конкретните активности и одговорностите на одделите или пак лицата кои ќе треба да ги спроведат тие активности. На пример, за постојано ажурирање на содржина како активности би можеле да ги дефинирате следниве:

  • Следење на вестите од индустријата,
  • Пишување на информативни содржини,
  • Објавување на сите тие содржини

Онлајн стратегија како дел од бизнис планот

Сега веќе ги имате дефинирано сите овие елементи во вид на:

  • Стратегија
    • Тактики
      • Активности

Сега едноствно ви останува сето тоа да го ставите во една табела и на една страна да биде сместена во бизнис планот. Тоа е доволно за да имате почетна онлајн стратегија за Вашиот бизнис. Вклучете ја како дел од бизнис планот и верувајте ми, дека нема ништо да изгубите, а придобивките доколку ја реализирате се немерливи.

post

Дали онлајн стратегија претставува бизнис стратегија?

Живееме во време на интернетот, каде информациите не се заштитени само за одредена група на луѓе. Од друга страна се е поприсутна двонасочната комуникација во секојдневниот живот на просечен граѓанин кој е поврзан на некаков начин на глобалната мрежа. Сето ова остава голема трага и на бизнисите и на претприемачите. Дури и да има некои кои не го почувствувале оваа влијание набргу ќе го почувствуваат. Се почесто слушам зборови порано беше вака, во старите добри времиња…

Бизнис стратегија и онлајн стратегија

Онлајн стратегија и бизнис стратегија

Но, тоа порано или тие стари добри времиња денес се минато и доколку се навраќаме на нив само може да ни наштетат. Потребно е брзо погледите да се насочат колку што може подлабоко во иднината.

Пред некое време добив e-mail од Аmazon за да направам пред нарачка за книга која сеуште ни тие не ја добиле. Насловот ми се допадна затоа што го содржеше токму она што го ставив во насловот на овој пост во вид на прашање: Marketing in the Age of Google: Your Online Strategy IS Your Business Strategy (Маркетинг во ера на Google: Вашата онлајн стратегија e Ваша бизнис стратегија). И секако додека ја очекувам книгата да ми пристигне ми налетаа неколку прашања во главата.

  • Дали бизнис стратегија може да се поистоветува со онлајн стратегија?
  • Дали навистина онлајн стратегија во иднина ќе биде и единствена бизнис стратегија?
  • Дали бизнисот мора да продава преку интернет за да има онлајн стратегија?
  • Дали онлајн стратегија ќе опфаќа само продажна и маркетинг онлајн стратегија за бизнисот?

Ќе се обидам накратко да го дадам моето размислување за одговори на овие прашања.

Дали бизнис стратегија може да се поистоветува со онлајн стратегија?

Бидејќи стратегијата е средство за исполнување на бизнис цели која е составена од тактики и активности кои треба да се спроведат може да се каже слободно дека онлајн стратегијата може да се поистоветува со бизнис стратегија. Се повеќе луѓето, па и бизнисите бараат информации на интернет, купуваат преку интернет, комуницираат преку интернет, се спријателуваат преку интернет, споделуваат преку интернет… Затоа и се повеќе бизнис релациите ќе се селат од кафеани на интернетот, па од тука и потребата онлајн стратегијата да биде дел од бизнис стратегијата.

Дали навистина онлајн стратегија во иднина ќе биде и единствена бизнис стратегија?

Во поразвиените земји ова е веќе реалност, а неможам да кажам дека нема да биде реалност и кај нас. Многу бизниси целосно своите операции ќе ги префрлат на интернетот, дел од бизнисите ќе префрлат само дел во вид на продажба и маркетинг, некои само ќе бидат присутни минорно, но оние кои воопшто нема да бидат присутни мислам дека ќе го започнат процесот на умирање од животните циклуси на бизнисите. Можностите се огромни, не само во продажба и маркетинг туку и во се останато, штета е да не се искористат.

Дали бизнисот мора да продава преку интернет за да има онлајн стратегија?

Не. Едноставен, но сигурен одговор. Во никој случај продажбата не е и не треба да биде поврзана со присутноста на глобалната мрежа. За да бидете најдени едноставно треба да бидете присутен таму каде што некој бара нешто што вие можете да му го понудите. На кој начин ќе ве исконтактира, на кој начин ќе комуницирате и на кој начин ќе се договорите останува на Вас како еден претприемач, а можностите и слободата за креативноста се огромни.

Дали онлајн стратегија ќе опфаќа само продажна и маркетинг онлајн стратегија за бизнисот?

И тука одговорот кој мислам дека е точен е НЕ. Маркетинг и продажба претставуваат срце на бизнисот, но за да функционираат онака како што треба потребни се многу други елементи како истражување и развој, анализи, идеи, подобрувања… За сето ова постои можност да се користи интернетот. На пример, однесувањето на купувачите можете да го предвидите преку интернетот, потребите на потенцијалните купувачи и нивните проблеми исто така можете да ги откриете преку интернетот. Можете да развивате нешто со колегакој е во некоја трета земја без никаков проблем.

post

E-mail Маркетинг – Маркетинг Средство 52

Ќе продолжиме со 52-рото маркетинг средство на претприемач. Во овој пост ќе стане збор за E-mail маркетинг како маркетинг средство за малите бизниси. Ова маркетинг средство слободно може да се каже дека не е веќе ново, туку едно од првите кои се појавуваат со развојот на интернетот и користењето на електронската пошта како средство за комуникација како во деловниот така и во приватниот свет.

E-mail маркетинг за малите бизниси

E-mail маркетинг

Што Претставува Е-mail Маркетинг?

Меѓу првите маркетинг средства во овој серијал ги обработивме писмата кои спаѓаат во категорија на директен маркетинг во кој еден бизнис праќа писмо до потенцијален купувач со цел да изврши некакво маркетиншко влијание врз истиот.

E-mail маркетинг исто така претставува еден вид на директен маркетинг во кој наместо хард копи писма се испраќаат таканаречени електронски писма до потенцијалните или тековните потрошувачи. Значи е-mail маркетинг претставува испраќање на електронско писмо до потенцијален или теков потрошувач на бизнисот. Но, ова е во најопшта смисла на зборот. Не би сакал да го користам овој термин како средство кое се употребува во секојдневната комуникација на еден бизнис со друг бизнис или индивидуалец, иако понекогаш може да се смета дека е така. Ова е заради фактот што кога зборувам за ова маркетинг средство мислам на испланирана и координирана кампања за исполнување на маркетиншки цели на бизнисот. Така да ако би барале дефиниција би го дефинирал на следниов начин:

E-mail маркетинг претставува планирана и координирана кампања преку испраќање на група на електронски писма до потенцијални или тековни купувачи за исполнување на маркетиншките цели на бизнисот.

Предуслови за E-mail Маркетинг

Секое маркетинг средство па и ова бара некои предуслови за да има можност да биде класифицирано во категорија успешно. Тука би опфатил неколку за кои сметам дека се најважни.

1. Веб Страна

Прво сметам дека е потребно да се има и бизнис веб страна за да се искористи онака како што треба оваа маркетинг средство. Целта на веб страната е да биде место каде потенцијалните и тековните купувачи ќе ги видат деталите за кои ќе станува збор во самиот e-mail. Ова е поради фактот што понекогаш не можете се да напишете и се да покажете во тој еден e-mail.

2. Алатка за менаџирање

Како втор предуслов е да се има соодветна алатка за менаџирање на кампањите. Можеби сметате дека е доволен MS Outlook, но веднаш ќе Ви одговорам дека не е доколку се работи за една поголем листа. Постои можност и да се користат таканаречените групи (на пример Google Groups), но и тоа е несигурна варијанта особено за гаранција дека пораката ќе стигне онаму каде што е наменета. Во секој случај најдобро е да се искористат некои од сервисите кои нудат ваква услуга.

3. Содржина

Добро е уште во оваа фаза во вид на предуслови да се размисли за содржината на e-mail пораките кои ќе ги праќате. Тие треба да бидат информативни, едукативни, интересни а од друга страна да имаат одредена цел – да поттикнат продажба. Затоа пред да се започне со една ваква кампања е потребно да се избере вистинската содржина.

3. Double Opt-In

Ова претставува секој кој ќе влезе во листата да ја потврди сопствената регистрација. Со попрофесионални алатки за менаџирање ова е нешто што ќе помогне Вашиот домеин да не биде окарактеризиран како spam. Зошто? Затоа што кај поединците постои незнаење и може да пратат жалба до нивниот провајдер со што постои опасност сите меилови кои во иднина ќе доаѓаат од меилот од кој Вие праќате да бидат окарактеризирани како несакани. Со тоа драстично се намалува бројот на примени e-mail-ови кои ќе ги испраќате. На пример, Aweber во случај на една таква жалба автоматски го исклучува лицето од листата и праќа е-mail до провајдерот во кој докажува дека тоа лице самото побарало да биде дел од таа листа.

4. Можност за сегментација

Која и да ја изберете опција треба да размислите за можноста за сегментација на листата. Листата може да биде составена од тековни купувачи и потенцијални купувачи што веднаш прави разлика во самата содржината која ќе ја примаат и едните и другите.

Што може да се користи како содржина?

Секој бизнис може да користи различна содржина за пораките кои ќе ги праќа. Креативноста на претприемачот и тука има најголема улога. Границите се бесконечни и буквално нема пречка дали ќе се избере текст, видео или аудио содржина. Единствена граница е што треба да се следи целта на кампањата. На пример, како содржина може да биде користено следново:

  • Кратки новости од индустријата
  • Едукација за користење на Вашите производи и/или услуги
  • Искуство со Вашите производи и/или услуги на Вашите тековни потрошувачи
  • Покана за учество во наградна игра која ја организира Вашиот бизнис
  • Известување за попусти
  • Анкети
  • Едукативни содржини
  • Нови блог написи на Вашиот бизнис блог
  • Линкови до корисни веб страни поврзани со Вашата индустрија

Одлуки кои ќе треба да ги донесете

Постојат многу одлуки кои ќе треба да ги донесете пред започнување на една ваква кампања. Како најважни одлуки би ги издвоил следниве:

  • Која ќе биде целта на кампањата? Најважната одлука која што ќе треба да ја донесете. Добро дефинирана цел ќе значи и половина дизајнирана e-mail маркетинг кампања.
  • Која алатка ќе ја користите? Многу важно прашање на кое ќе треба да дадете одговор уште во оваа фаза на планирање. Од мое искуство само би препорачал да не се залетувате да користите нешто затоа што е бесплатно или поевтино затоа што подоцна оваа одлука може да ве чини многу повеќе пари доколку погрешите во изборот.
  • Дизајн на кампањата? Направете графички приказ на кампањата, односно видот на меиловите, сегменти на приматели и главни содржини.
  • Каде ќе ги испратите? Логично е во меиловите да имате линкови до каде што ќе сакате да ги испратите примателите. Размислете за алтернативите дали тоа ќе биде продажната страна, контакт страната, блог, промотивна страна… Пожелно е во графичкиот дизајн да ги вклучите и овие елементи кои во голем дел ќе зависат од целта на кампањата и сегментот како примател.
  • Фреквенција на испраќање. Многу важна одлука за која што никогаш нема да бидете сигурни дали сте ја донеле правилно. Мое мислење е дека не треба да се оди со повеќе од 1 до 2 неделно.
  • HTML или Text Plain пораки. Дали пораките ќе бидат во вид на HTML порака која е многу попрофесионална во однос на обичниот текст, но од друга страна одредени приматели не можат да ја примат. Ова со помош на попрофесионалните сервиси како Aweber и Getresponse e решено така да секоја HTML порака автоматски се трансформира и во Text Plain порака при што доколку примателот не може да ја прочита првата ќе ја добие втората верзија.
  • Од која адреса ќе испраќате? Најдобро е адресата да биде домеинот на Вашата бизнис веб страна. Многу попрофесионално е да користите ime@vasbiznis.com наместо ime@yahoo.com.
  • Наслови на поединечните е-mail-ови (Subject). Насловот ќе има влијание на процент на отворање на секоја порака. Направете барем листа на можни наслови на секоја e-mail порака барем на оние кои ќе бидат подесени за секвенцијално испраќање.
  • Како ќе ја промовирате? Иако последно, сепак не и неважно. Промоцијата на листата е Важен аспект за успешноста на e-mail маркетинг кампања. Логично би било да ја промовирате на Вашата веб страна, но не е забрането да користите и некои од традиционалните маркетинг средства како бизнис картички, брошури, летоци

Што да избегнете?

  1. Да испраќате на луѓе кои не се на листа. Основно и прво правило на секоја e-mail маркетинг кампања е да не испраќате несакани meil-ови на лица кои не се на Вашата листа, односно од кои немате дозвола да им испраќате нешто.
  2. Да не користите двојно Opt-In. Обидете се да изберете сервис кој ја има оваа опција, иако ова е еден чекор плус за потенцијалните купувачи сепак на подолг рок носи стабилност за Ваквите кампањи.
  3. Да немате линк за исклучување. Дозволете секој кој како што самиот влегол во листата и самиот да си излезе.

Написов излезе предолг, а ми се чини дека успеав да се искажам само 5% од она што го сакав и планирав. Затоа ќе треба во иднина да ја продолжам темава. Ова беа само кратки насоки за една e-mail маркетинг кампања како маркетинг средство за малите бизниси.

post

Ажурирање на блог од секаде – BlogPress

По подолго време чекање успеав да стигнам до оваа интересна апликација за iPhone и едноставно овој пост претставува тестирање на истата. Имено од кога го купив телефонот се обидував да најдам попрофесионални апликации. Вчера конечно по неколку недели добив е-mal од support тимот на Apple дека го отстраниле проблемот зошто не можев да купувам од iTunes Store. Па веднаш си се почестив неколку апликации од кои едната е и ова BlogPress за iPhone.

Првата интересна карактеристика која ми се допадна е можноста за користење скоро преку сите платформи за блогирање. На сликата подолу се прикажани можностите:

Видови на платформи за блогирање

Како што можете да забележите од сликата можете да ја користите за блог кој е на Blogger, MSN Live Spaces, WordPress, Movable Type, TypePad, Live Journal, Drupal и многу популрната кај нас Joomla. Едноставно избирате платформа го подесувате корисничкото име и лозинката и веќе можете да започнете со мобилно блогирање. Треба да потенцирам дека нема ограничување колку блог профили ќе подесите во апликацијата.

Втората карактеристика е интеграција со YouTube, Twitter и Facebook. Ова значи дека едноставно секое видео на вашиот iPhone пред да се закачи на блог написот ќе се аплоадира на вашиот YouTube акаунт, во исто време може да биде ажуриран и Вашиот профил на Twitter и Facebook.

Лесно се пишува иако не е како на десктоп компјутерите. Колку помалку се комбинира текст со слика или видео подобро. Сепак ова апликацијата служи повеќе за објавување на слики и видео проследено со краток текст. На пример, снимите изјава на задоволен потрошувач едноставно веднаш можете да ја преточите во блог напис. Moжете да го снимите Вашиот производ во акција и веднаш да го претставите тоа на Вашиот блог.

iPhone BlogPress

Апликацијата е 2,99$ и за цената мислам дека е корисна за секој претприемач кој го користи блогот како маркетинг средство во комбинација со iPhone.

Недостаток е немање на можност за вметнување на  SEO елементите кои мора да се внесат дополнително преку WordPress платформата.

— Post From My iPhone

post

Агенти за Доверба – Преглед на Книга

people make trust
Image by Tojosan via Flickr

Агенти за Доверба (Trust Agents) претставува релативно нова книга од 2009 година напишана од страна на Chris Brogan & Julien Smith која се однесува на градење на доверба на веб или попрецизно користење на веб за да се изгради доверба која може да се искористи за бизнис цели. Мислам дека не треба да го потенцирам значењето на интернетот и присуството на истиот за денешните бизниси.

Авторите на почетокот во книгата даваат одговор на прашањето што претставува ова книга многу едноставно:

Одговор на прашањето „Што правам сега“.

Со ова ни кажуваат дека книгата е полна со стратегии, потребни акции, примери и анализи за она што го правиме во моментов на веб просторот.

На што се однесува книгата?

Зад оваа книга се луѓе кои успеале да изградат солидна доверба користејќи го интернетот и врз таа доверба да изградат успешни бизниси. Едноставно книгата отвора едни нови погледи за онлајн присуството на бизнисите и како тоа присуство бизнисите можат да го искористат за сопствениот бизнис.

За да ја постигнат оваа цел авторите книгата ја базираат на 6 карактеристики или специфични однесувања на агентите за доверба кои се обработени во посебни поглавја на книгата. Тие крактеристики се:

  1. Агентите за доверба прават своја сопствена игра. Игра во која тие царуваат.
  2. Тие се едни од нас. Не се ни над нас ни под нас туку едни од нас, односно нашата заедница.
  3. Архимедов ефект – Дајте ми потпора и ќе го помрднам светот.
  4. Тие се нулта агенти – централни фигури во заедницата во која ја направиле таа нивна сопствена игра.
  5. Тие сепак се луѓе кои ги разбираат другите, кои комуницираат со другите, кои ги поттикнуват другите, кои споделуват со другите…
  6. Тие градат армија. Знаат дека ништо не можат да остварат сами па затоа и соработуваат со заедницата.

Кои се придобивките од читањето на книгата?

Кога се прашувам дали можам една книга да ја издвојам и да кажам дека е подобра од друга многу тешко наоѓам одговор. Во последно време доста навлегов во оваа проблематика преку свои сопствени истражувања и експериментирања како и со посебни обуки и инвестиции во книги од оваа подрачје, но сепак слободно можам да кажам дека сите книги имаат свој сопствен карактер и свој сопствен придонес во мојот интелектуален развој. Но, за оваа книга би ги издвоил следниве предности:

  • Едноставна за читање.
  • Практична без замарање со теорија.
  • Искуствено прикажување.
  • Полна со вистинити примери и асоцијации.
  • Претставува еден водич за продлабочување и зацврстување на односите на вебот.

За кого е наменета ова книга?

Оваа книга првенствено е наменета за малите бизниси, за претприемачи, односно луѓе кои превземаат акција. Самите автори напоменуват дека оваа книга е корисна и за големите бизниси, но тие нема да ги преземат потребните чекори што заради бирократијата, што заради тоа што тие ќе започнат своја сопствена игра.

Освен за сопствениците на малите бизниси ова книга може да биде корисна за сите професионалци кои на некаков начин се занимаваат со бизнисите и секако за луѓето кои се занимаваат со маркетинг.

post

Е-mail Како Маркетинг Средство 51

What's my login?
Сликата од midnightglory via Flickr

По пауза од една недела со серијалот на маркетинг средства на претприемач и завршување на првта половина (50 маркетинг средства) ќе продолжам со останатата половина кои ќе се однесуваат на онлајн средствата. Како прво од оваа втора половина го избрав e-mail-от бидејќи сметам дека денес претставува основно средство за комуникација како во бизнис светот така и во личниот живот.

Сакам да напоменам дека ова маркетинг средство не претставува она што е наречено e-mail маркетинг (за што ќе стане збор во некое од наредните средства) туку едноставно Ваша и на Вашиот бизнис идентификација во една ваква комуникација.

Како E-mail-от да се користи како маркетинг средство?

Сметам дека сите веќе сте имале едно вакво искуство и дека сите сте користеле и користите сопствен е-mail акаунт отворен на бесплатните сервиси. Тоа едноставно претставува електронска пошта во која можете да напишете нешто или да закачите некој документ кој го испраќате до примателот кој исто така има сопствена адреса и e-mail акаунт.

Она што е најважно за E-mail-от како маркетинг средство е да се постави Вашиот и на Вашите вработени електронски потпис на секој mail кој го испраќате, препраќате или враќате одговор. Ова со помош на MS Outlook или други слични апликации е едноставно да се изведе. (Во MS Outlook преку Tools – Options –Mail Format – Signatures).

Она што би требало Вие како претприемач и сите вработени во Вашиот бизнис минимум да го имате како електронски потпис на секој mail е:

  • Име и презиме
  • Компанија
  • Бизнис веб страна
  • Врски до социјални медиуми.

Може да ставите доколку сакате и адреса, телефонски број за контакт итн.

Втора, важна работа кога станува збор за e-mail како маркетинг средство е на кој домеин е самиот е-mail. Сакам да напоменам дека многу попрофесионално е кога Вашaта адреса користи сопствен домен и тоа домен на бизнис веб страната. На пример, доколку акаунтите за електорнски пораки кои ги користите за Вашиот бизнис се во вид на ime.prezime@vasbiznis.com се попрофесионални во однос на ime.prezime@gmail.com. Барем ова денес е едноставно и повеќето хостинг компании нудат или барем би требало да нудат неограничен број на e-mail адреси (Имам одлично искуство со MKХост кои се доста професионални и ја имаат оваа опција со пакетите кои ги нудат).

На ваков начин секој кој ќе прочита e-mail добиен од некој од Вашиот бизнис ќе може да ја види Вашата веб страна, Вашите активности на социјални медиуми, контакт детали, вашите производи и/или услуги… Понекогаш и кога нема потпис на mail-от доколку е од сопствен домеин секогаш одам да видам што се нуди на веб страната. Затоа и сметам дека ова претставува една дополнителна предност.