post

План за промоција преку одговор на 40 прашања

Бизнис план грешки

Прашања за план за промоција

Минатата недела објавивме пост за подготовка на план за промоција во кој презентиравме 7 основни чекори кои треба да се поминат при изработка на еден таков план. Со овој пост би сакале да го поедноставиме целиот процес преку дефинирање на основните прашања кои треба да ги одговорите за да подготвите еден план за промоција.

Прашањата имаат за цел да ве водат низ целиот процес на креирање на еден план за промоција за вашиот бизнис. Започнете од првото прашање и дајте одговор се до последното. Сите прашања треба да бидат одговорени колку што може попрецизно како би се подготвил супериорен план за промоција кој ќе го одведе вашиот бизнис до едно многу посупериорно ниво.

Прашања за план за промоција

  1. Кои се целите кои се поставени пред бизнисот за периодот за кој ќе се однесува планот?
  2. Кои се маркетинг цели кои ги имате воспоставено во согласност со бизнис целите?
  3. Што треба бизнисот да постигне во периодот за кој се однесува овој план и е во согласност со воспоставените бизнис и маркетинг цели?
  4. Колкава е старосната граница на твоите идеални купувачи?
  5. Колкав е приходот кој тие го имаат?
  6. Кои се нивните најголеми проблеми со кои се соочуваат?
  7. Што е она што може да им го привлече вниманието?
  8. Кои се корисностите кои твојот производ и/или услуга ќе им ги обезбеди?
  9. Каде најчесто го поминуваат денот?
  10. Какво им е нивото на едукација?
  11. Дали тие самите носат одлука за купување?
  12. Доколку не носат самите одлука за купување кој влијае на нивната одлука?
  13. Какви коли возат моите идеални потрошувачи?
  14. Со кого живеат моите идеални потрошувачи?
  15. Што сакаат да читаат, да гледаат, да јадат…?
  16. Кој не е ваш идеален потрошувач?
  17. Кој сеуште не е ваш идеален потрошувач, но би можел да стане?
  18. Кои се моите сегашни потрошувачи?
  19. Колкава е временската рамка на нарачки од страна на тие сегашни потрошувачи?
  20. Која е временската рамка која треба да ја постигнам за да ги исполнам поставените цели?
  21. Колку нарачки прави еден просечен сегашен потрошувач?
  22. Колкав е бројот на нарачките кои се потребни заради остварување на поставените цели?
  23. Колкава е паричната вредност на нарачките на моите сегашни потрошувачи?
  24. Колкава парична вредност на нарачки е потребна заради остварување на поставените цели?
  25. Постои ли можност да се зголеми продажбата кај сегашните потрошувачи?
  26. Доколку постои можност за зголемување што е тоа што би го предизвикало тоа зголемување?
  27. По кои карактеристики најмногу се разликуваат сите досега опфатени сегашни и потенцијални потрошувачи?
  28. Кои сегменти може да се користат врз основа на тие карактеристики?
  29. Кои карактеристики се однесуваат на кој сегмент?
  30. Колкав е буџетот за промоција за периодот за кој се однесува планот?
  31. Кои се промотивни алатки и техники (маркетинг средства) би требало да ги користам за остварување на поставените цели?
  32. Која промотивна алатка и техника е најсоодветна за секој од сегментите дефинирани со прашањето 28?
  33. Колку пари се потребни за имплементација на тие промотивни алатки и техники во периодот за кој се однесува промотивниот план?
  34. Дали буџетот од прашање 30 и потребните пари од прашање 33 се еднакви?
  35. Што треба да исфрлам или додадам доколку одговорот на прашањето 34 е не се еднакви?
  36. Кога секоја промотивна алатака и техника од претходните прашања треба да биде имплементирана?
  37. Дали на календарот соодветно се распределени имплементациите на тие промотивни алатки и техники?
  38. Кој ќе биде одговорен за спроведување н секоја од тие промотивни алатки и техники?
  39. Кои се мерните индикатори врз основа на кои ќе можам да кажам за секоја алатка и техника дека е успешна или неуспешна?
  40. Што треба да променам во текот на имплементацијата за да ја подобрам ефикасноста на секоја алатка и техника?
post

Маркетинг план за 2011

Маркетинг план за 2011

Маркетинг план за 2011

Бизнис кој не вложува во маркетинг не може да очекува соодветно ниво на продажба. Затоа секој бизнис има повеќе маркетинг активности кои ги спроведува за да поттикне продажба кај постојните потрошувачи и за да внесе свежа крв во бизнисот преку нови потрошувачи.

Она што треба да се знае е дека постојат илјадници или пак милиони потенцијални потрошувачи за Вашиот бизнис, но пред да станат потрошувачи тие првин мора да дознаат за производите и/или услугите кои ги нуди Вашиот бизнис. Тука стапуваат на сила Вашите маркетинг активности.

Се надевам дека веќе имате подготвено бизнис план за 2011 во кој се опфатени севкупните бизнис цели на Вашиот бизнис или барем ги имате одговорено 10-те прашања пред да започне 2011 година . Маркетинг планот треба да ги следи тие бизнис цели за 2011.

Во овој пост ќе се обидам да ви помогнам да наравите една рамка за маркетинг план за 2011 преку одговор на следниве прашања:

  1. Каде се моите потенцијални потрошувачи?
  2. Дали таму постои доволно голем проблем кој мојот бизнис го решава?
  3. Дали таму постои доволно голема желба за решението кое ние го нудиме?
  4. Дали таму постои спремност да се плати за нашето решение?
  5. Дали имаме доволен капацитет за да настапиме таму?
  6. Кои се нашите противници (конкуренти) кои се борат за истиот пазар?
  7. Што нудат тие наши противници (конкуренти)?
  8. Како го нудат тоа што го нудат нашите конкуренти?
  9. Можеме и имаме ли капацитет за подобра понуда?
  10. Кои ќе бидат нашите маркетинг активности за да ги поддржат нашите бизнис цели?
  11. Што сакаме да постигнеме со нашите маркетинг активности?
  12. Дали маркетинг целите се на оптимално ниво за кое имаме капацитет да ги оствариме?
  13. Дали поставените цели се мерливи?
  14. Како ќе ги оствариме поставените маркетинг цели?
  15. Што ќе треба да превземеме за да тие цели постанат реалност?

Ова се основните прашања кои треба да ги одговорите за составување на маркетинг план за 2011. Одговорите пишувајте ги во еден докумант, листите и активностите во табела, останатото е само форматирање заради подбар изглед.

post

Успешна маркетинг кампања во 10 чекори

Маркетинг кампања - 10 чекори

Маркетинг кампања - 10 чекори

Доколку Вашиот бизнис е „нормален“ бизнис, тогаш неговата егзистенција веројатно се базира на потрошувачи и секако продажбата на тие потрошувачи. Како и да е, продажба без маркетинг е невозможна, или е возможна но не онака како еден претприемач би сакал да е. Од друга страна, маркетингот без оној последен чекор, вистинска маркетинг кампања која ќе привлече потрошувачи е како нешто без глава.

Доколку ја завршиме нашата домашна задача – изработка на маркетинг план и:

  • Вие веќе го знаете Вашиот целен пазар,
  • Веќе имате маркетинг цели,
  • Ги знаете Вашите маркетинг стратегии
  • Ги знаете Вашите маркетинг тактики и
  • Ги знаете Вашите маркетинг активности

тогаш, ќе можете да продолжите со распоред на маркетинг кампањи преку следните 10 чекори.

1. Проверете го Вашиот маркетинг план за да видите што е следно.

Вашиот маркетинг план е единствениот извор на информации за сите Ваши маркетинг кампањи. Мора да го консултирате пред да започнете со дизајн на кампањи.

2. Подгответе јасни цели за планираните маркетинг кампањи.

Вие веќе ги имате глобалните маркетинг цели за Вашиот бизнис. Сега е време да ги трансформирате тие цели во цели на кампањата. Размислете за конкретни бројки како број на луѓе кои треба да се привлечат со кампањата или пак број на продажби базирани на тековната кампања.

3. Кои ќе бидат најважните мерни индикатори?

Овие мерни индикатори на крајот од кампањата ќе ви кажат дали кампањата е успешна или не. Бидете сигурни дека индикаторите ги следат целте на кампањата.

4. Определете маркетинг буџет.

Колку пари ќе потрошите за кампањата? Можеби сакате да потрошите милиони кои ги немате. Ќе мора да го оптимизирате буџетот за да ги извлечете максимално можните резултати.

5. Разделете ја планираната кампања во акциски чекори.

Многу е подобра имплементацијата на кампањата доколку имате прецизно дефинирани акциски чекори.

6. Приоритизирајте ги тие акциски чекори.

Секогаш ќе има поважни активности во однос на другите. Затоа е важно да ги приоритизирате тие активности како би биле сигурни дека нешто важно нема да се заборави. Овој чекор ќе ви помогне во подобрување на процесот на делегирање што е следен чекор.

7. Делегирајте ги активностите.

Доколку имате вработени делегирајте ги сите активности со понизок приоритет да бидат завршени од нивна страна. Нема да можете да постигнете самите се.

8. Па да започнеме!

Кога ќе ги подесите сите активности кампањата може да започне.

9. Мери и анализирај!

Следи ги важните мерни индикатори од чекорот 3 и анализирај ги постигнувањата од кампањата.

10. Подобри или повтори!

Секогаш постојат можности за подобрување. Користи го она што ќе го откриеш во претходниот чекор за подобрување на кампањата или за повторување на истата во иднина.

post

Подобар Маркетинг План – 5 Прашања и една табела

Маркетинг план - Мој патоказ

Маркетинг план - Мој патоказ

Се најдов себеси повеќепати заглавен во формализација на еден маркетинг план што ми се чинеше како една вечност. Пишување на еден маркетинг плaн според мое искуство не претставува прекрасен документ кој изобилува со графици и дијаграми, туку едноставно еден патоказ кој ќе ве води во исполнување на поставените маркетинг цели. Повеќе за ова во еден процес на бизнис планирање пишував во Опасности во стилот планирај го твојот бизнис план. Добар маркетинг план е базиран на севкупните бизнис цели кои се трансформирани во една маркетинг стратегија а не на наслови и приказни во тие наслови.

Заради поедноставување и нормално подобрување на квалитетот на еден маркетинг план би извлекол процес кој е составен во одговарање на 5 прашања и изработка на една табела.

1. Кој е Вашиот целен пазар?

Започнете со барање на специфичностите во подрачјата каде што сакате да биде присутен Вашиот бизнис. Секој пазар е составен од повеќе подрачја, односно може да биде разделен во сегменти. Кога зборувам за подрачја не мислам за подрачја како геометриски површини, туку подрачја во вид на индикатори кои го разликувaат еден дел од пазарот од другиот. И да, прашањето е: Кој е Вашиот целен пазар?

  • Мојот целен пазар е подрачје каде што постои проблем кој што мојот бизнис може да го реши.
  • Мојот целен пазар е подрачје со потенцијални купувачи кои ќе сакаат да ги купуваат моите производи и/или услуги.
  • Мојот целен пазар е подрачје со луѓе кои се спремни да платат за моите производи и/или услуги.
  • Мојот целен пазар е подрачје доволно големо до го поддржи постоењето и развојот на мојот бизнис.

Ова се 4 одговори кои мора дa бидат дадени пред да го изберете Вашиот целен пазар. Забележувате дека тука станува збор за 5 елементи:

  • Проблем
  • Желба
  • Спремност
  • Капацитет и секако можеби најважното нешто
  • Да јас и мојот бизнис можеме.

Ова значи дека целниот пазар мора да има проблем доволно голем да постои желба за решение кое нашиот бизнис може да го понуди за цена која пазарот е спремен да ја плати и со доволно голем капацитет да ги поддржи нашите планови за раст на бизнисот.

2. Кои се твоите маркетинг цели?

Сега кога знаеме кој е нашиот целен пазар, ќе мораме да ги формулираме целите на нашиот маркетинг. Што сакаме да постигнеме со нашите маркетинг активности? Овој дел претставува специфични 3 до 4 реченици со кои ќе опишеме што сакаме да постигнеме. Забележувам дека често имаме потреба да дефинираме повеќе цели. Тоа е голема грешка. Ако поставите премногу цели, ќе го загубите фокусот и ќе биде многу потешко постигнувањето на тие цели.

Поставете мерливи цели бидејќи имплементацијата ќе зависи од Вашата способност да го следите прогресот и да ги мерите резултатите. Доколку Вашите цели се генерални без опипливи елементи, обидете се да најдете начин да ги направите поспецифични. На пример:

  • 30% учество на целниот пазар во првата година на плaнот и 45% во втората година.
  • Зголемување на стaпката на конверзија од 5% на 10% во првата година и на 15% во втората година.
  • Зголемен влез во продажната инка за 10% во првата година и 20% во втората година.

Со вакви цели вие ќе имате конкретни бројки кои ќе треба да ги исполните и лесно можете да тргнете од тие бројки наназад за да дојдете до определени активности. На крајот, имате мерливи индикатори за тоа да утврдите дали тоа нешто е остварено или не и доколку не е остварено да барате одговори зошто не е остварено кои ќе ги имплементирате во наредниот процес на планирање на маркетинг активности.

3. Кои ќе бидат Вашите маркетинг стратегии?

Сега кога го знаеме целниот пазар, ги знаеме целите, време е да ги развиеме стратегиите кои ќе го поддржат исполнувањето на тие цели како дел од нашиот маркетинг план.

Стратегија претставува план на акции за остварување на група цели кои нашиот бизнис ги има поставено, а во овој случај тоа се маркетинг цели. Ќе мора да одговорите на следниве прашања:

  • Како ќе ги оствариме поставените маркетинг цели?
  • Што ќе треба да превземеме во генерални термини за да тие цели постанат реалност?

На пример, доколку ја земеме првата маркетинг цел ќе имаме нешто слично како следново:

  • 30% учество на пазарот
    • Стратегија 1: Подобрување на перцепцијата
    • Стратегија 2: Зајакнување на маркетинг кампањи
    • Стратегија 3: Додавање на поголема вредност во понудата.

4. Кои маркетинг тактики ќе ги користиме?

Стратегиите имаат потреба од тактики заради процесот на имплементацијата. Тактиките ќе претставуват група на акции кои ќе треба да се спроведат заради ефективна имплементација на стратегиите. На пример, доколку продолжиме со стратегијата 1 ќе имаме:

  • Стратегија 1: Подобрување на перцепција
    • Тактика 1: Зголемување на онлајн присутноста на бизнисот.
    • Тактика 2: Развој и имплементација на нова политика за услужување на потрошувачи.
    • Тактика 3: Тренирање на вработените за системот за водење на грижа за корисниците.

5. Кои ќе бидат маркетинг активностите?

Секоја тактика се имплементира преку вистинска акција, или активности од страна на персоналот на бизнисот. Сега кога Вашиот маркетинг план веќе го има дефинирано целниот пазар, целите, стратегиите и тактиките време е да се конвертираат тие тактики во опипливи активности. На пример доколку продолжиме со првата тактика ќе имаме:

  • Тактика 1: Зголемување на онлајн присутноста на бизнисот
    • Редизајн на веб страната
    • Изработка на бизнис блог
    • Отворање на бизнис профили на социјални медиуми
    • Комуникација со потенцијални клиенти

Последната работа – Табела

Табела за маркетинг план

Доколку сакате да останете фокусирани на имплементацијата на овој маркетинг план, табелата како оваа е нешто што ќе ви помогне.

post

Зошто сегментација на пазарот?

Сегментација на пазарот Не верував дека ќе налетам на некој кој погрешно ја толкува сегментацијата на пазарот, а на некој начин е вовлечен во процес на бизнис планирање, но од другата страна, не од страна на претприемачите. Но, добро и тоа се случува.

Еве ја приказната од еден претприемач кој ми е роднина.

Мал бизнис таргетира извозни компании. И нормално во процесот на бизнис планирање го интересира колкав е бројот на тие компании кои извезуваат. Тоа го прави во делот на сегментација на пазарот како што го опишав во насловот Анализа на пазарот и индустријата. Тука следуваат пити во вид на графици, се со цел да се види конкретниот број на извозници при што пазарот го сегментира на извозници и неизвозници и делот извозници претставува целен пазар.

Претприемачот не го интересира износот во долари на извозот на една компанија, во тој сегмент од пазарот. За него и оној кој имал извоз од 2000$ а сака да има 10000$ и оној кој има милионски суми е една бројка – број 1. Значи тој едноставно, го прави она што треба да го прави да ги собере во вид на бројка сите извозници за да види дали ќе има доволно критична маса на потенцијални купувачи за неговите производи и/или услуги. Програмерите користат наредба Count за една ваква „сложена операција“.

Податоци кои ги користи претприемачот се податоци за компании кои имале EXA1 декларација. За оние кои не се запознаени тоа е декларација која означува редовен извоз, со пополнета рубрика 24 од ЕЦД-то 11. Тоа пак 11 значи Конечно купување/продажба.

Е сега некој му вели на тој претприемач не е добра сегментацијата бидејќи не се гледа кој процент претставува извоз во вид на лон систем. Не ми е јасно како некој може да меша лон систем со редовен извоз кои што се сосема различни постапки и кои имаат сосема различни декларации. Едната ЕXA1 а лон или поточно кажано повторен извоз на привремено увезена стока заради облагородување со EXA3. И начинот на плаќање е различен (рубрика 24) каде се впишува 51 што значи трансакција после преработка.

Можеби причината е да се види структурата на извозниците. Но, зошто некој да го оптеретува бизнис планот доколку една таква информација не му е важна бидејќи се оди според принципот сите се еднакви.

Едно е важно: Сегментацијата на пазарот се прави за да се измери критичната маса на потенцијални потрошувачи, за да се спореди предвидување на продажба со таа критична маса, за да се мери учеството на бизнисот на пазарот и со тоа да се види колкав процент држат конкурентите…

А не се користи заради поубав график во вид на пита со проценти на различни имиња на потенцијални купувачи. Тоа подоцна самите ќе си го правите во вид на маркетинг или продажна стратегија.

post

Бизнис План – Маркетинг Стратегија и Имплементација

Ќе продолжам со туторијалот за изработка на бизнис план, односно за бизнис планирање. Досега ја направивме насловната страна, кажавме и за резимето и содржината, дадовме опис на нашата компанија, ги дефиниравме производите и услугите кои ќе ги нудиме, спроведовме анализа на пазарот и индустријата, спроведовме SWOT анализа и секако направивме онлајн стратегија за бизнисот.

Бизнис план - Маркетинг стратегија и имплементација

Бизнис план - Маркетинг стратегија и имплементација

Сега е потребно нашето внимание да го насочиме на маркетинг стратегија како една од најважна стратегија заедно со продажната стратегија (што ќе биде следниот наслов) за исполнување на бизнис цели. Без разлика дали се работи за производствен бизнис, или пак за малопродажба, или пак за големопродажба, или пак за услужен бизнис или пак за интернет бизнис овие две стратегии мора да бидат опфатени во квалитетен бизнис план.

За она што претставува стратегија повеќе ќе можете да прочитате во Стратегија за бизнис трансформација.

Како и во секој наслов од бизнис планот пред да започнете и тука дајте кратко резиме за она што ќе биде содржано во поднасловите како и за сето она што е најважно, односно што треба да биде потенцирано од овој наслов.

Што треба да содржи маркетинг стратегијата

Нашата цел е преку поставените бизнис цели во насловот Резиме и содржина на бизнис планот да ги преточиме во маркетинг стратегија која ќе треба да помогне во остварување на тие цели. Ако целите ни се зголемување на продажба од 10% во однос на минатата година, маркетинг стратегијата треба да не доведе до маркетинг активности кои ќе овозможат зголемување на продажба од 10%.

На крај од овој наслов треба да произлезе план на активности за остварување на целите на бизнисот. Еве како би изгледала една маркетинг стратегија со своите поднаслови:

1. Цели на маркетингот

Едноставно тука ќе треба да одговорите за тоа зошто ви е потребен маркетингот во вашиот бизнис, односно што ќе треба да постигнете со маркетингот. Ваша задача е да ги преточите тие бизнис цели во маркетинг цели. На пример, доколку една бизнис цел ви е зголемување на профитот за 25%, маркетинг целите ќе бидат:

  • Зголемување на влезот во продажната инка,
  • Одржување на продажната инка секогаш да биде полна,
  • Зголемување на стапката на конверзија на потенцијални потрошувачи во купувачи,
  • Зајакнување на брендот

2. Целен пазар

Дајте краток опис на целниот пазар на Вашиот бизнис бидејќи во голем дел севкупната маркетинг стратегијата ќе се базира на овој целен пазар. Во анализата н пазарот и индустријата Вие веќе ги имате определено сегментите на пазарот во бројки. Тука едноставно опишете кој сегмент ќе биде дел од Вашиот целен пазар и доколку има потреба доспецифицирајте го тој сегмент. На пример, нашиот бизнис ќе се насочи кон пазарот на женската популација која изнесува 30.000 потенцијални корисници на нашите производи со примања над 30.000 денари месечно (дополнително допрецизирање на сегментот жени), а кои со нашите производи ќе ги решат тие и тие проблеми.

3. Конкурентска предност

Многу е тешко да се најде бизнис кој е сам на пазарот и кој нема конкуренти. Една од целите на Вашата маркетинг стратегија е со нејзина имплементација потенцијалните потрошувачи да направат разлика помеѓу Вашиот бизнис и конкурентите. Дајте одговор на следниве прашања:

  1. Зошто некој би го избрал Вашиот наместо конкурентите?
  2. Кои се најголемите разлики помеѓу Вас и конкурентите во термин на корисности за потрошувачите?
  3. Кои се разликите во карактеристиките на производите и услугите кои Вие ги нудите со оние на Вашите конкуренти?
  4. Што има Во Вашиот бизнис за Вашите потенцијални потрошувачи, а Вашите конкуренти го немаат?
  5. Што претставувате Вие за Вашата пазарна ниша?

Забележувате дека одговорите на овие прашања треба да се распространат како би им се укажала разликата на потенцијалните потрошувачи. Голем дела од овие одговори ќе бидат опфатени во пораки во промотивните тактики кои подоцна ќе ги дефинираме.

4. Ценовна стратегија

Во овој дел опишете кои ќе бидат Вашите тактики во однос на цените за маркетинг стратегијата. Целниот пазар во голем дел ќе ги дефинира и вашите тактики за цените. Доколку целниот пазар може да си дозволи повисоки цени и вие ќе одите со повисоки цени. Доколку конкуренцијата нуди пониски цени и вие ќе се прилагодите со тие цени. Наведете се што ќе биде поврзано со Вашите цени, како и начинот на кој ќе влијаат тие цени врз привлекување на потрошувачи.

Повеќе детали како и линкови до други написи поврзани со цените можете да прочитате во Цени како маркетинг средство.

5. Промотивни тактики

Во овој дел треба да ги опишете сите промотивни материјали или маркетиншки средства кои ќе ги користите во Вашата маркетинг стратегија. Овие материјали треба да бидат на нивото на Вашиот целен пазар. Прилагодете ги со целниот пазар. На пример, како промотивни тактики ќе користиме:

  • Бизнис картички
  • Брошури
  • Реклама на радио
  • Попустни картички за постојани потрошувачи

6. План на активности

Сето она што во претходните поднаслови го испланиравте и изанализиравте сега едноставно сместете ги во една форма како следнава:

  • Тактики
    • Активности
      • Буџет

Ова има за цел да кога ќе завршиме со формалниот бизнис план овозможиме лесно креирање на план со активности,одговорности и рокови на спроведување на истите како би се овозможило соодветно обврзување за исполнување на планот.

post

Претприемач – Дополнувања за Маркетинг План

Вчера пишував за маркетинг планот кој го препорачува Jay Conrad Levinson во третата панел дискусија од The League of Extraordinary Minds каде 53 најголеми светски експерти од областа на бизнисот и маркетингот дискутираат секоја недела. Тоа е написот за Маркетинг план во 7 едноставни реченици. Доколку сте го пропуштиле би Ви препорачал да го прочитате бидејќи денешниов текст само ќе претставува едно мое дополнување на овој стил на разработка на маркетинг план во 5 минути.

Marкетинг план дополнување на 7 реченици

Да се потсетиме накратко кои беа тие 7 реченици кои го составуваат маркетинг планот:

1) Целта на маркетингот

2) Конкурентска предност

3) Целен аудиториум

4) Маркетинг средства во вид на листа

5) Што претставувате Вие за Вашата пазарна ниша?

6) Идентитет и

7) Буџет.

      Дали нешто фали во овој маркетинг план?

      Овој стил на маркетинг план ми се допадна веднаш, но бидејќи имам една мана секогаш да барам некој вид на подобрување во истиот забележав дека нешто ми фали. Во претходниот напис – Маркетинг план во 7 едноставни реченици забележав дека една од грешките што ги прават претприемачите е да не го исполни тој план што веќе го направил.

      Ако веќе имате маркетинг план и со тоа половина грешка веќе не е грешка поврзана со маркетингот, тогаш мора да се заколнете на тој документ дека ќе го искористите и спроведете онака како што сте испланирале во истиот.

      Но, како да се заколнете? Ова едноставно ќе се случи доколку тој маркетинг план содржи, кој, што, каде, како и кога.

      Во овие 7 реченици имаме веќе одговорено на што и како. Но, фали кој и кога.

      Дополнителни елементи на маркетинг план во 7 реченици

      Значи ги имаме елементите:

      • Што – Конкурентска предност, Идентитет и она што претставувате Вие за вашата пазарна ниша.
      • Каде – Целен аудиториум.
      • Како – Маркетинг средства во вид на листа.

      Ни фалат следниве прашања во однос на маркетинг планот:

      • Кој ќе биде задолжен за кое маркетинг средство и
      • Кога ќе биде спроведено секо маркетинг средство.

      Значи двата дополнителни елементи кои што фалат влегуваат во четвртата реченица од маркетинг планот – маркетинг средства. Па, оваа нема да биде реченица ниту листа туку едноставно една табела со 3 колони:

      • Маркетинг средство
      • Задолжена личност за спроведување на тоа маркетинг средство
      • Датум кога ќе започне спроведувањето на тоа маркетинг средство.

      На ваков начин маркетинг планот ќе биде обврзувачки за лицата кои ќе треба да го спроведуваат.

      Уште еден елемент кој фали

      За крај уште еден многу важен ако не и најважен елемент кој забележав дека фали во маркетинг планот во 7 едноставни реченици. Овој елемент е популарно наречен повратна врска – Feedback. Како ќе ја вршиме контролата во однос на тоа кое маркетинг средство е успешно а кое неуспешно?

      Овој елемент е значаен заради тоа што ќе ни овозможи да видиме кои маркетинг средства да ги исфрлиме, кои да ги подобриме и кои да ги замениме со нови. На ваков начин, реченицате 4 за маркетинг средства ќе има 4 колони во кои дополнителната од погоре колона ќе биде за успешноста на маркетинг средството.

      Со еден ваков маркетинг план ќе имаме можност постојано да ги подобруваме нашите маркетинг активности. Всушност, како еден приказ на таа табела може да биде и маркетинг календарот кој го имаме како еден од 10-те темплејти на претприемач.

      post

      Маркетинг План во 7 Едноставни Реченици

      Сржта на секоја маркетинг програма на секој бизнис па и на малиот бизнис е квалитетен маркетинг план. Мислам, дека како претприемачи често го избегнуваме и целокупно ги базираме нашите маркетинг активности на случајноста. На претприемач досега опфативме многу теми кои навлегуваат во проблематиката на маркетингот (дури 50 блог написи во кои 30-тина се за различни маркетинг средства, барем досега).

      Маркетинг план во 7 реченици

      Во однос на маркетинг планот досега на претприемач пишувавме во три наврати:

      Последното, се однесува на тоа што треба да содржи еден маркетинг план. Но, написот се однесува за маркетинг план онаков како што изгледа по книгите. Во тој маркетинг план опфативме 5 поднаслови:

        1. Резиме
        2. Анализа на пазарот
        3. Маркетинг стратегија
        4. Финансиски елемент на маркетингот и
        5. Контрола.

      Грешка која еден претприемач најчесто ја прави во маркетингот

      Пред една недела се одржа третата панел дискусија на The League of Extraordinary Minds еден од екпертите беше и Jay Conrad Levinson популарно познат и како „таткото на герила маркетингот“ и автор на бестселерот „Герила Маркетинг“. Едно од прашањата беше која е најголема грешка која претприемачите ја прават во маркетингот? Како најголема грешка тој ги издвои следниве две:

      • немање на маркетинг план и
      • доколку претприемачот има маркетинг план не се обврзува да го исполни.

      Доколку сте претприемач и имате мал бизнис одговорете си на прашањето дали имате некаков вид на маркетинг план за Вашиот бизнис и доколку го имате колку го исполнувате?

      Jay Conrad Levinson е и еден од креаторите на маркетинг кампањата на Marlboro во 1960-тите години кога Marlboro станува бренд број еден во светот од една просечна компанија (Таа кампања се однесува на каубојот со Marlboro). И ден денес Marlboro како бренд е препознатлив по тој каубој и цигара. Но, она што Jay го напоменува е дека тој маркетинг план не бил долг и компексен но целосно обврзувачки за менаџментот и компанијата воопшто.

      Она што можеме да го извлечеме од препораката на овој маркетинг експерт е тоа што не е важен изгледот или формата на Вашиот маркетинг план, туку важно е да имате едноставен кој секогаш ќе го исполните.

      Маркетинг план во 7 реченици

      Овој маркетинг експерт, кој слободно можеме да го ставиме во еден од најголемите екперти во светот за маркетингот вели дека кога како консултант за компаниите бил најмуван секогаш предлагал едноставен маркетинг план во 7 реченици и тоа за 5 минути. Следниве 7 реченици се однесуваат на еден таков маркетинг план:

      1) Целта на маркетингот

      Првата реченица се однесува на вистинската цел на Вашиот маркетинг. Одговорете на прашањето зошто ви е потребен маркетинг планот или која придобивка сакате да ја добиете од маркетингот.

      2) Конкурентска предност

      Втората реченица е конкурентската предност која сакате да ја истакнете за да потенцијалните потрошувачи преку Вашата маркетинг кампања направат нешто. Запрашајте се која е Вашата конкурентска предност во облик на бенефит на потенцијалните потрошувачи.

      3) Целен аудиториум

      Секој маркетинг има целен аудиториум кој треба да ја прими маркетинг пораката врз основа на која Вие како претприемач сакате да потенцијалниот потрошувач превземе некоја акција. Во една реченица претставете го тој целен аудиториум.

      4) Маркетинг средства

      Четвртата реченица е најдолга и всушност не претставува реченица туку листа и тоа листа на маркетинг средствата кои ќе ги користите за да ја исполните целта. На претприемач веќе неколку месеци обработуваме различни маркетинг средства (досега 31 од 100). Во книгата „Герила Маркетинг“ имате 200 маркетинг „оружја“ како ги нарекува Jay Conrad Levinson.

      5) Што претставувате Вие за Вашата пазарна ниша?

      Оваа реченица треба да го претстави она што Вие како бизнис или пак како претприемач претставуваат за Вашиот пазар односно Вашата пазарна ниша.

      6) Идентитет

      Шестата реченица која треба да ја содржи секој маркетинг план согласно Jay Conrad Levinson е за Вашиот идентитет како претприемач и идентитетот на Вашиот бизнис.

      7) Буџет

      Последната, односно седма реченица е буџетот односно колку пари планирате да потрошите во одреден временски период за кој се однесува маркетинг планот. Во овој дел Jay предлага маркетинг буџетот да го изразите како процент од бруто продажба. На пример доколку имате 300.000 денари продажба и изберете 5% маркетинг буџет, тогаш значи дека ќе потрошите 15.000 денари за маркетинг на месечно ниво.