post

Работи на еден проект се до финиш!

Како шеста препорака во написот Како да постигнете се што ќе посакате во 2010 година беше примена на вистински проектен менаџмент. Една честа грешка која ја правиме е што работиме на повеќе проекти одеднаш сакајќи да завршиме повеќе проекти во пократок временски период. Тоа не е точно, дека на таков начин ќе бидеме попродуктивни и ќе завршиме повеќе проекти за пократок временски период. Во тој напис како препорака ја дадов следнава:

Едноставна препорака кога станува збор за проектен менаџмент е да се насочите на завршување на еден проект пред да почнете со друг. Ова се однесува на внатрешни проекти во Вашиот бизнис. Доколку започнете неколку проекти одеднаш ќе го одложите завршувањето на сите започнати проекти што нема да биде корисно за Вас како претприемач и Вашиот бизнис.

Со реална проценка на потребното време и реална имплементација на проектниот менаџмент еден проект ќе го завршиме токму за тоа време кое го имаме определено со истите ресурси.

Значи ако за еден проект ни се потребни 3 месеци за негово завршување со исти ресурси и за вториот проект доколку ни се потребни 3 месеци не можеме да кажеме дека ако одеднаш работиме на двата ќе успееме да ги завршиме побргу. Ова е поради фактот што ресурсите ни се исти и за да работиме на вториот нормално е дека ќе имаме застој во првиот. Па така на ваков начин ќе ги завршиме двата за 6 месеци и во случај на паралелно работење и во случај на финиширање на првиот па започнување на вториот. Графикот за двата начина на работа е даден подолу.

Два начина на работа на два проекти

Проектен менаџмент - Два приода!

Она што се забележува од сликата е дека:

  • Глобално гледано двата проекта ги завршуваме за 6 месеци и во двата случаја.
  • Имаме одложување на првиот проект за 2 месеци во првиот начин во однос на вториот.

На ваков начин во глобала можеме да кажеме дека сме продуктивни, сме завршиле работа, но не е така. Она одложување на првиот проект значи и губење на пари за бизнисот бидејќи се додека еден проект не заврши не започнува и приливот на готовина од истиот во најголем број на случаи (повеќе за готовински тек во Бизнис план – Финансии).

Затоа во графикот подолу на истиот график од погоре додадов уште една категорија – готовина. На пример да кажеме дека едномесечна работа и на првиот и на вториот проект ќе не чини по 10.000 денари. По завршување на проектите и едниот и другиот има потенцијал да ни носи по 20.000 денари месечно. Така да сега графикот би изгледал вака:

Два проекти со категорија готовина

Проектен менаџмент - Влијание на готовина

Може да забележите дека тоа задоцнување на првиот проект од два месеци ќе доведе до 40.000 денари помалку пари во вид на влез во нашиот бизнис. Но, овде само како пример е 40.000 денари, но доколку додадете уште една или две нули за реални ситуации тоа веќе е голем износ кој не е за потценување.

Затоа внимавајте, бидејќи во изминатиов период се изгорев токму заради една ваква грешка и доцнам со неколкуте проекти кои ги подготвувам. Едниот веќе стигна доцнење од 5 месеци, што е недозволиво.

post

Зошто е Важно 80/20 Правило?

80/20 Правило

80/20 Правило - Пат кон вистински успех

Повеќепати досега го потенцирав 80/20 правило како едно правило кое е присутно насекаде не само во бизнис светот. Еден претприемач и неговиот бизнис се наоѓа во едно динаично опкружување кое е се повеќе и повеќе подинамично. Границите помеѓу еден бизнис кои до вчера можеа прецизно да се определат денеска се скоро невидливи. Така да денес компании од Кина конкурираат на различни тендери во нашата околина што до пред 20 години беше незамисливо.

Но, она што е се позабележливо е дека модерната глобализација го потврдува 80/20 правилото преку постоење на следниве групи:

  • Витално Малцинство (Vital Few) и
  • Тривијално Мнозинство (Trivial Many)

Сите сакаме да бидеме во таа група на витално малцинство кое според 80/20 правилото претставува 20% од глоблната популација. Насекаде околу нас ќе забележиме ентитети кои спаѓаат во тривијалното мнозинство, но тоа не е тоа. Прашањето е како?

Принцип на итерација при 80/20 правило

Доста долго го анализирам оваа правило и нешто што забележав дека за неговата вистинска примена важи законот за итерација што всушност претставува постојано повторување на процесот до насјитните детали (или потсистеми) за да се постигнат поставените цели. На овој принцип се базира и фракталната филозофија како една менаџерска филозофија за подобрување. На пример, сакаме да бидеме во делот витално мнозинство тогаш нашиот бизнис ќе треба да го користи следниов приод:

  • Бизнис – 80/20
    • Систем 1 – 80/20
      • Подсистем 1 – 80/20
        • Човек 1 – 80/20
          • Активност 1 – 80/20
          • Активност 2 – 80/20
          • Активност 3 – 80/20
        • Човек 2 – 80/20
        • Човек 3 – 80/20
      • Подсистем 2
      • Подсистем 3
    • Систем 2
    • Систем 3

Значи во сите сегменти од функционирањето на нашиот бизнис ќе треба да го примениме оваа правило. Системскиот приод е најдобриот приод за оваа примена. Тоа значи дека за да ви биде полесно ќе морате квалитетно да го системтизирате Вашиот бизнис.

Но сепак не е се во математика, статистика и анализа на податоци. Повеќе е до самите нас. Не сме сите добри во математиката, но добри сме во размислувањето, сепак ние претставуваме најинтелигентни суштества на планетата.

80/20 Размислување

Бидејќи при 80/20 правило важи принципот на итерација сепак мора да се тргне од нас самите, односно нашето размислување. Затоа и како основа за еден квалитетен живот како на личен така и на бизнис план претставува примена на 80/20 размислување.

Секогаш не можеме да бараме податоци, да анализираме и да избираме што е важно а што не е важно. Почесто ќе се базираме на наши проценки и избор на неколку важни работи игнорирајќи еден куп на неважни работи. Но, не можеме од еднаш да бидеме перфектни во примена на оваа правило, бидејќи е потребно вежбање на нашиот мозок да се насочува на тие Важни работи.

На пример во RFM формула се насочивме преку анализа на однесувањето на потрошувачите да дојдеме до тоа витално малцинство кое можеби ни носи над 80% приход. Од друга страна за насочување на одреден сегмент на пазарот со потенцијални купувачи ќе немаме податоци за нивно однесување. Но, затоа можебе да ги претпоставиме и да го најдеме тој наш сегмент кој ќе претставува витално малцинство.

Примена на 80/20 размислување

Иако не постојат шаблони и темплејти ќе се обидам да извлечам неколку прашања кои ќе ве водат низ процесот на 80/20 размислување. Едно нешто е важно што треба да го напоменам. Никогаш не заклучувајте веднаш како да го знаете одговорот, обидете се да одите низ сите прашања и не само овие туку и ваши и воведете колку што можете поголем степен на креативност во Вас.

  1. Што претставува 20% од нешто што води до 80% од друго нешто?
  2. Зошто се тие 20% од нешто што водат со 80% од нешто друго?
  3. Кои се 20% од причини што води до 80% на ефекти?
  4. Зошто се тие 20% причини што водат со 80% од ефекти?
  5. Кои се 20% влезови кои водат до 80% на резултати?
  6. Зошто се тие 20% од влезови што водат со 80% од нешто резултатите?

Ова се само прашања кои ќе треба да го поттикнат вашето 80/20 размислување, но слободно можете да додавате уште Ваши прашања со цел да дојдете до квалитетен заклучок за тоа што претставува витално мнозинство за Вас и за Вашиот бизнис.

Затоа и е важно 80/20 правило, за да го примените 80/20 размислување во секојдневниот живот.

post

Дали повеќе време работа значи и повеќе завршена работа?

Повеќе работни часови, не значи и повеќе завршена работа

Како 13-то правило во 50 Правила за бизнис продуктивност го ставив правилото дека повеќе работни часови не значи повеќе завршена работа. Дали е ова правило точно и зошто доколку е точно.

Имам видено различни лица, кои работат на исто работно место (за иста плата) со различни резултати и различно потребно време да се комплетира истата работа. Но, зошто е тоа така.

Пред едно два месеци стоејќи пред една наша институција на место каде се пуши, случајно слушнав разговор помеѓу двајца вработени таму. Првиот, разочаран што мора да пие кафе надвор за да запали цигара малку „политички“ наведе дека на менаџментот се ќе му се врати ова „малтретирање“. Тоа беше постар вработен кој можеби повеќе од 20 години работи во таа институција. Помладиот, не сакаше да биде нападнат сегашниот менаџмент возврати со прашање дали тој едноставно прети нешто. Додека постариот вработен си влезе помладиот продолжи да зборува дека тие секој ден си одат во 16:30, додека тој останува до 20:00 на работа. Тука веќе морав да се вклучам во тој монолог едноставно со прашањето: Дали доколку седиш до 20:00 значи дека си ефективен и ефикасен? Всушност сакав да прашам дали ги прави правите работи и доколку ги прави дали ги прави на прав начин. Тој ми одговори, да ние решаваме проблеми, секојдневни работни активности, бла, бла, бла… А, дали си продуктивен следуваше мое прашање. Повторно одговорот му беше да. Иако не знае дека продуктивноста е завршена работа во единица време. Би бил продуктивен доколку успее сите денешни работни задачи да ги заврши до 16:30 како што му е регулирано во систематизацијата на работно место.

Не сакам да навлегувам во политичката омраза помеѓу вработени во ваквите организациски системи, тоа е голем проблем, но тука постојат неколку елементи кои ме наведуваат да заклучам дека нешто во овој организациски систем не е како што треба, од аспект на еден индустриски инженер:

  • Доколку му плаќаат прекувремена работа тој на секои два дена би земал уште една дневница зголемена за законските 35%. Доколку работното место е дизајнирано онака како што треба тој организациски систем ќе има зголемен трошок од скоро 100 часа месечно (со пресметано зголемување од 35%).
  • Доколку работното место не е дизајнирано како што треба, менаџментот има огромни проблеми во обезбедување на ефикасноста и ефективноста на вработените. Освен тоа продуктивноста ќе се намалува поради факторот на замор, а квалитетот на завршена работа ќе биде на ниско ниво.
  • Постои можност доколку некој останува повеќе на работа да едноставно нема капацитет за тие работни задачи. Или пак има капацитет, но бидејќи менаџментот нема други квалитетни вработени го затрупува оној кој може да заврши работа. Па зошто тогаш се плаќаат другите? Повторно, тоа е проблем на менџментот, не на вработените.

Ова е само еден мал процент од лошата реалност во нашите организациски системи – бирократски.

Анализирајќи го еден ваков проблем, дојдов до следниве одговори кои се поврзани со продуктивноста. Тоа се 4 најважни фактори кои влијаат на бизнис продуктивноста:

1. Различен капацитет

Различни лица, различни тимови и различни организации имаат различен капацитет на извршување. Овој капацитет ќе доведе до тоа некои вработени да завршуваат побрзо и поквалитетно иста работа во однос на други. Не можеме да очекуваме секое лице да има ист капацитет за вршење на правите работи на прав начин.

2. Различна пасија

Луѓето ќе имаат пасија за нешто доколку се возбудени, имаат ентузијастички емоции и позитивен афинитет за нешто. Доколку една личност има голема пасија за работата која што ја работи, таа работа ќе биде завршувана побргу и со подобар квалитет. Пасијата е почеток на се околу една личност и неговата работна околина. Затоа, еден претприемач пред да одлучи за избор на лица за вработување, ќе мора да се обиде да препознае за што има пасија тоа лице.

3. Уживање

Доколку уживам во спроведување на работните активности, ќе ги извршувам тие активности најдобро што можам. Некои лица ќе уживаат во работата, но некои ќе работат без уживање, а само заради платата. Продуктивноста ќе се базира на нивото на уживање, и затоа лицата кои не уживаат во работата ќе им требаат повеќе работни часови за завршување на таа работа.

4. Инспирација

Различна инспирација има различно влијание врз извршувањето. Доколку не сум инспириран да го дадам најдоброто од себе, не можам да очекувам дека квалитетот на резултатите ќе биде на посакувано ниво. Некои луѓе ќе бидат инспирирани од парите, некои за идеалите, но она што е важно за претприемачите е дека тие ќе треба да ги препознаат различните извори на инспирација на своите вработени.

post

50 Правила за Бизнис Продуктивност

50 Правила за бизнис продуктивност

50 Правила за бизнис продуктивност

Бизнис продуктивност претставува еден елемент на секојдневна работа на секој претприемач. Таа продуктивност доаѓа директно од членовите на бизнисот и нивните работни активности. Доколку тие се продуктивни и се е дизајнирано перфектно, тогаш севкупната ефикасност на бизнисот ќе биде ОК.

Подолу е една листа на 50 правила поврзани со бизнис продуктивноста, која може да се користи од страна на претприемачите да ги имплементираат и да го подобрат сопствениот бизнис.

  1. Доколку станете порано, Вашата дневна продуктивност ќе биде поголема.
  2. Вашата дневна продуктивност ќе влијае на неделна, што пак ќе влијае на месечна…
  3. Кафето нема да ви помогне во бизнисот.
  4. Продуктивноста претставува завршена работа во единица време.
  5. Повеќе завршена работа во ист временски период со исти ресурси претставува зголемување на продуктивноста.
  6. Организирање претставува мајка на зголемена продуктивност.
  7. Бизнис планот ја зголемува личната и бизнис продуктивност.
  8. Бизнис системите овозможуваат побрзо изведување на иста работа во ист временски период.
  9. Личниот живот влијае на бизнис животот и продуктивноста.
  10. 80/20 правило значи дека 20% од активностите прават 80% бизнис успех.
  11. Продуктивноста варира од ден во ден, од месец во месец и од година во година.
  12. Умно работење значи завршување на повеќе работа.
  13. Повеќе работни часови не значи повеќе завршена работа.
  14. Напорно работење не значи дека повеќе работа ќе биде завршена.
  15. Работа со пасија значи дека ќе биде завршена повеќе работа.
  16. Уживање во она што се работи ќе помогне да се заврши повеќе работа.
  17. Инспирацијата е креатор на продуктивноста.
  18. Негативни индивидуални емоции имаат негативен ефект на бизнис продуктивноста.
  19. Бизнис продуктивноста може да ја зголеми среќата во приватниот живот.
  20. Подготовка ќе ја зголеми веројатноста на квалитетно завршување на работата.
  21. Фокусирање на посакувани резултати ќе ја зголеми веројатноста на квалитетното извршување.
  22. Секогаш ќе постојат можности за подобрување.
  23. Следење на прогресот ја зголемува продуктивноста.
  24. To-Do Листи претставуваат корисни алатки.
  25. Пронаоѓање на препреки и нивно перманентно елиминирање ќе ја зголеми личната и бизнис продуктивност.
  26. Секогаш ќе постојат неважни задачи.
  27. Аутсурсинг на неважни задачи ќе ни помогне.
  28. Првин треба да се завршуваат најважните задачи.
  29. Помошта од други луѓе е секогаш добредојдена и прифатлива.
  30. Проверка на E-mail треба да е последна активност на листата.
  31. Понекогаш завршување на повеќе полесни задачи може да ја зголеми продуктивноста.
  32. Преценувањето на потребно време има негативен ефект.
  33. Одолговлекувањето ја намалува продуктивноста.
  34. Нешто што може да се заврши денес не треба да се остава за утре.
  35. Бизнис продуктивноста се засновува на продуктивноста на вработените.
  36. Бизнис продуктивноста зависи од способноста на претприемачот и менаџерите, а не од способноста на вработените.
  37. Кратка пауза ќе ја подобри личната продуктивност.
  38. Освежување на мозокот ни дава дополнителна енергија.
  39. Прифаќање на критицизмот овозможува подобро завршување на работата во пократок временски период.
  40. Одвлекување на вниманието има негативен ефект на продуктивноста.
  41. Вистинска информација, во вистинско време, кај вистинската личност ќе помогне да се заврши повеќе работа.
  42. Времето може да се раздели на семејно и бизнис време.
  43. Учење од други бизниси ќе ни помогне да ги избегнеме нивните грешки.
  44. Стресот има негативен ефект на продуктивноста.
  45. Прославување на успехот со вработените ќе ни даде дополнителна потенцијална енергија.
  46. Самодовербата е важна.
  47. Проактивност, а не реактивност е основа за успехот.
  48. Дневните рутини ја зголемуваат продуктивноста, но ја намалуваат креативноста.
  49. Бележниците се важни кога нешто важно ни доаѓа во умот.
  50. Нормално е понекогаш да работите да не се движат онака како што треба.
post

Зголемена нагласеност на казни – ниско ниво на доверба!

Како што ја читам книгата The Speed of Trust – The One Thing That Changes Everything од Stephen M.R. Covey ме наврати на еден период од пред една година и повеќе. Од друга страна, едноставно со овој пост би се надоврзал на претходниот за Една менаџерска задача – Инсталирање на доверба.

Доверба и казни

Доверба и казна

Имено, авторот навлегува во еден сосема нов термин кој го нарекува економија на доверба, која всушност има данок на доверба и дивиденда на доверба.

Системи со ниско и високо ниво на доверба

Системите со ниско ниво на доверба плаќаат данок на доверба додека системите во кои постои ниво на доверба добиваат дивиденда на доверба. Па така како една главна класификација авторот ја дава следнава:

  • 80% данок – Систем во кој не постои доверба
  • 60% данок – Систем во кој постои многу слаба доверба
  • 40% данок – Систем во кој постои слаба доверба
  • 20% данок – Систем во кој постојат отворени прашања во однос на довербата
  • Нема данок/нема дивиденда – Систем во кој довербата не претставува проблем
  • 20% дивиденда – Систем во кој довербата претставува видлив имот
  • 40% дивиденда – Систем кој функционира врз основа на одлична доверба

Најлошото е првото каде имаме данок од 80% поради тоа што во еден таков систем воопшто не постои доверба. За секоја од овие видови на системи класифицирани во однос на егзистенција на довербата во истите авторот ги дава главните причини. Она што го забележав како прво (а што го знаев и мислам дека повеќепати го потенцирав тука на претприемач во однос на бирократските системи) е дека една од главните причини да еден систем се класифицира во  систем кој плаќа 80% данок на доверба е нагласеност на казнаната политика.

Нешто што сум го искусил…

На сето ова би сакал да ги нагласам некои мои искуства каде еден ваков систем функционира:

  • Од почетокот на денот се зборува кој и за што е казнет што доведува до покачување на негативната енергија на поединците.
  • Се размислува како само да се спаси животот, а не развој, подобрување, иновативност…
  • Вработените меѓу себе се гледаат како противници, а не како колеги кои се тука заеднички да работат на развојот на системот.
  • Се размислува само на правила, а не и на начинот на спроведување на работните активности.
  • Понекогаш не се знае прецизно одговорноста кој што и кога треба да сработи, бидејќи сите трчаат се да сработат.
  • Често пати товарот паѓа само на неколкумина кои можат да завршат некоја работа.
  • Сите чекаат само да заврши денот, а утредента одат повторно со покачена негативна енергија уште на почетокот на денот.

Не би одел понатаму зошто листата би била навистина долга. Но, сепак главното нешто на што ќе падне товарот на тој данок е изгубена ефективност и ефикасност на системот, што секако ќе ги зголеми и реалните трошоци изразени во пари.

post

Која е сличноста помеѓу Велигден и бизнис?

Овие два дена навистина се изморив премногу. Освен тоа што во четврток, петок и сабота решавав проблеми за еден клиент, неделата беше кулминација кога требаше традиционално да го прославувам овој голем христијански празник – Велигден. На овој ден вообичаено сакани луѓе доаѓаат кај мене дома и секако јас со моето семејство одиме кај саканите луѓе. Овој празник е особено интересен за децата кои добиваaт јајца и секако некоја паричка.

Бизнис и Велигден сличности

Бизнисот и Велигден имаат свои сличности

Но, за нас родителите навистина претставува голем замор и голем притисок, треба да се стигне на повеќе места, и секако треба да си дома да ги причекаш сите оние кои ќе ти дојдат.

Немам големо искуство бидејќи само 4 години славам велигден со мојот син. Но, мислам дека постојано се подобрувам во ефективноста и ефикасноста за разлика од првиот кога стигнав само на едно место, кај Кумот каде се напив и за мене тој ден беше завршен. Се напив затоа што имав постојан притисок дека треба да стигнам на повеќе места и секако морав да брзам со кревањето на чашката и наздравувањето.

Анализирајќи ги тие последни 4 години на овој голем ден можам да забележам неколку сличности со претприемачот и бизнисот кои можете да ги прочитате подолу:

1. Доколку станеш порано, ќе имаш повеќе време

Ова правило е присутно секаде. Сум станувал навистина доцна во некој период од мојот живот, работејќи до раните утрински часови, но мојата продуктивност при еден таков живот е навистина за никаде. Најпродуктивен во едни такви услови станувам во 21:00 часот кога никој друг не работи. Кога станам порано денот ми е навистина подолг.

2. Не можеш да се насочиш да постигнеш се одеднаш

Како што не можеш за тој еден ден на Велигден да стигнеш на сите места така не можеш и во бизнисот да започнеш повеќе проекти одеднаш бидејќи во еден таков случај квантитетот ќе го сруши квалитетот на завршената работа. Подобро е да се изберат неколку работи за кои имаме потенцијал да ги завршиме во даден временки период отколку да бидеме нереални и да се нафатиме со повеќе работи кои не можеме да ги завршиме. Како што и за Велигден ќе си направите приоритет каде да одите првиот, а каде вториот ден така и за бизнисот ќе треба да си поставите приоритети кои проекти треба да бидат завршени како први, а кои ќе се завршат по завршување на оние приоритетните.

3. Потребен е план

Можеби изгледа смешно, но без добар план не можеш ни на Велигден да си ја оствариш целта. По кој пат ќе се движиш, кој до кого е блиску за да поминеш без празни одови… Така е и во бизнисот кој без добар бизнис план ќе биде бизнис без компас.

4. Потребна е комуникација

Бидејќи на овој ден ти доаѓаат гости, и во исто време треба да одиш на гости, потребна е квалитетна комуникација со сите тие блиски со кои сакаш да се видиш на Велигден. Така е и во бизнисот кој денес претставува едноставно процес на комуникација со снабдувачи, купувачи, вработени…

5. Притисокот е негативен

Притисокот на никого не му е потребен бидејќи едноставно создава нервоза и паника, која во мојот случај на првиот Велигден со мојот син влијаеше катастрофално. Така е и во бизнисот. Проблемите не се решаваат со притисок. Менаџмент не значи вршење на притисок, туку извлекување на потенцијалот на вработените во корист на бизнисот. Планирани активности не се решаваат со притисок.

post

10 Google Апликации кои може да се користат од бизнисите

Google има безброј алатки, апликации и веб страни кои навистина можат да го олеснат животот на еден претприемач. Понекогаш не сме ни свесни колку можеме да си ја зголемиме продуктивноста со соодветен микс на овие алатки и соодветно користење во склоп на бизнис активностите на еден бизнис.

Овие алатки кои ќе ги набројам во овој напис скоро секојдневно ги користам за различни причини. Некои започнав уште пред 4 години и сеуште ми се наоѓаат во секојдневната работа.

1. Google Docs

Пред 4 години целосно бев зависен од MS Office за било кој документ кој го работев на мојот компјутер. Денес веќе не е така. Се повеќе го користам Google Docs за изработка на текст документ, или пак обработка на некоја табела. Ова особено ми ја зголемува продуктивноста кога работам на ист документ со моите колеги. Едноставно со споделување на документот со различни акаунти на Google можеме да го ажурираме документот без да го праќаме по mail и да се чудиме која беше последната верзија.

Од друга страна оваа алатка има можност и за креирање на форми кои едноставно можат да се постават на веб во вид на анкети или некои мини апликации за соработка помеѓу учесниците.

2. Gmail

Gmail од самата појава навистина го измени начинот на користење на некој mail клиент. Бидејќи е веб базиран едноставно од било каде каде имаме пристап можеме да пристапиме кон истиот. Огромниот простор (во моментов 7437 MB) кој го овозможува претпоставува дека никогаш нема да имаме потреба да ги бришеме старите mail-ови. Ова особено ми помага кога барам нешто што сум испратил или пак примил пред неколку години.

(Овој додаток е тргнат од страна на авторот) Од друга страна со помош на еден додаток за Firefox – Gspace го користам и како простор за складирање на моите фајлови кој изнесува скоро 7 гигабајти. А од друга страна сето она што е складирано на тој простор ми е достапно од секаде каде што имам пристап на интернет, а тоа е секаде и секогаш.

3. Google Calendar

Едно време користевме тефтери, оние популарно наречени роковници каде ги забележувавме нашите активности или состаноци кои треба да ги спроведеме. Денес популарните роковници освен што се делат како маркетинг средство, и што служи како обична тетратка се повеќе се намалуваат во користење за нивната вистинска намена. Мобилните телефони, интернетот и веб календарите како овој Google Calendar си го направија своето во модерниот начин на живеење и работење. Како имаме се помалку време оваа алатка е навистина корисна.

Кога започнав да го користам овој календар она што ми беше најпотребно тогаш беше што бесплатно го подесив да ме известува во определен временски период за активности кои треба да ги завршам преку SMS на мојот мобилен.

4. Google Analytics

Доколку имате веб страна за бизнисот оваа алатка претставува стандард за следење на аналитиката за она што се случува на Вашата веб страна. Едноставно со оваа алатка можам да следам од каде доаѓаат посетители, да ја споредувам AdWords кампањата во однос на успешноста, да следам различни графици кои јас ќе ги поставам во однос на перформансите на веб страната…

5. Google Site

Оваа алатка претставува еден вид на алатка за едноставна подготовка на веб презентација за Вашиот бизнис. Но, јас повеќе ја користам во вид на интранет решение заради квалитетна комуникација со сите со кои соработувам на одреден проект. Повеќе детали за користење на Google Site како интранет бизнис решение можете да прочитате во Како до бесплатно интранет решение за малите бизниси?

6. Google Talk

Google Talk е една мала апликација која се инсталира на компјутерот и која праќа известувања за примените mail-ови на вашиот Gmail акаунт и која има можност за чет како и за праќање и примање на поголеми фајлови. Оваа алатка започнав да ја користам пред едно 15 месеци и сеуште ја користам за повремен чет со сите со кои соработувам онлајн. Освен текст чет има и опција за видео чет како и праќање на гласовни пораки.

Може да се користи и како замена на телефонски повици со лица кои ја имаат инсталирано оваа апликација при што претставува достојна замена на Skype.

7. Google Reader

Без Google Reader не би можел да си го замислам животот денес. Го користам веќе 4-5 години и ми има решено навистина големи проблеми во работата. Првото користење ми беше за прибирање на информации по клучни зборови од странските весници кои ми беа потребни за работа. Денес едноставно при пиење на првото утринско кафе ги читам сите наслови кои ми се подесени и класифицирани во оваа алатка.

8. Google Wave

Беше бомбастично најавен и колку што гледам се повеќе и повеќе луѓе го користат. Оваа алатка е особено корисна за зголемување на комуникација и продуктивноста при работа на повеќе проекти со повеќе луѓе во исто време. Повеќе за начинот на кој може да се користи Google wave можете да прочитате тука.

9. Google Groups

Оваа алатка претставува еден вид на јавен форум кој служи за комуникација помеѓу луѓе од различни страни на светот за различни теми. Кога станува збор за бизнисот може да се користи навистина на многу начини. На пример, јас првпат ја искористив оваа алатка за да направам затворена група преку која ќе споделувам различни информации во Секторот во кој работев во царина. Ова го направив по неколку обиди за креирање на алатка од страна на ИТ Секторот кои завршуваа неуспешно. Може да се користи и како алатка за е-mail маркетинг.

10. Google Webmaster Tools

И како последна во овој напис ј издвојувам алатката Google Webmaster Tools која се однесува за сите оние бизниси кои имаат сопствена веб страна која не им ја одржуваат технички лица. Преку оваа алатка едноставно следите како функционира вашата веб страна, што треба да направите за да ги подобрите перформансите, кои грешки се откриени итн.

Ова се 10 алатки, кои не се единствени. Овој напис ќе продолжи со останатите алатки за кои сметам дека може да помогнат на еден претприемач и еден бизнис.

post

Демографија VS Активности на потрошувачите

Малку за анализа на потрошувачите.

Суштината на успех на еден бизнис е познавање на сопствените потрошувачи како и познавање на потрошувчи кои сеуште не се станати потрошувачи за бизнисот. Затоа и се развиваaт CRM (Customers Relationship Management) системи. Доволно познавање на потрошувачите му овозможува на еден претприемач да ги избере соодветните маркетинг и продажни стратегии за тој потрошувач.

Демографија наспроти активности на потрошувачи

Како што се прави сегментација на пазарот врз основа на одредени пазарни карактеристики треба да се направи и сегментација на потрошувачи, при што ќе идентификуваме неколку сегменти (групи) на потрошувачи.

Секој од потрошувачите во истата група има исти или слични карактеристики, додека еден потрошувач од една група и друг потрошувач од друга група имаат различни карактеристики.

Потрошувачи кои треба да се познаваат

Кога станува збор за потрошувачи, еден претприемач и еден бизнис треба да препознае 3 вида на потрошувачи:

  • Оние кои купуваат често. Ова се потрошувачи кои минимум еднаш во еден до шест месеци купуваат од Вашиот бизнис.
  • Оние кои купувале, но не се знае дали повторно ќе купат. Ова се нови потрошувачи кои купиле еднаш, но ги нема повеќе од 6 месеци да го повторат купувањето.
  • Оние кои воопшто не почнале да купуваат – потенцијални. Ова се потрошувачи кои сеуште не дошле да купат нешто од Вашиот бизнис.

Оваа класификација како што можете да забележите претставува класификација врз основа на одредена активност (однесување) на потрошувачот во одреден временски период. Тоа однесување е врз основа на тоа колку пати купувале нешто во одреден временски период.

Понатаму класификацијата може да се направи и врз основа на тоа за кој износ на пари е купувањето од оние кои што веќе купувале. Дали купуваат скапи или ефтини производи?

Демографски карактеристики на потрошувачи

Кога станува збор за демографија на потрошувачите можеме да ги класифицираме на различни начини.

Согласно полот потрошувачите може да бидат:

  • Жени и
  • Мажи.

Доколку се работи за B2B ќе имаме:

  • Мали бизниси
  • Средни бизниси и
  • Големи бизниси.

Согласно возраста можете да ги класифицирате на пример:

  • До 15 години
  • Од 15 до 20 години
  • Од 20 до 30 години
  • Од 30 до 40 години
  • Од 40 до 50 години
  • Над 50 години

Понатаму може да се класифицираат и согласно регионот во кој живеат или пак градовите во кои што живеат.

Како што можете да забележите било што што на некој начин ги опишува демографските карактеристики на потрошувачот може да се искористи во сегментација или класификација на истите.

Демографски карактеристики VS Активности

Демографските карактеристики се важни за добро познавање на Вашите потрошувачи, но на еден претприемач ништо не му кажуваат.

На пример, што ќе ви значи следниов исказ:

70% потрошувачи се мажи, со старост од 30 до 40 години, со приход од 40.000,00 до 50.000,00 денари месечно. 30% се мажи од 20 до 30 години, со приход од 20.000,00 до 30.000,00 денари месечно.

За мене нема никакво значење освен дека најголемиот сегмент на кој бизнисот успева е оној првиот.

Доколку во горниот пример додадам и однесување на таа група на потрошувачи ќе биде нешто сосема друго. да го видиме новиот исказ:

70% потрошувачи се мажи, со старост од 30 до 40 години, со приход од 40.000,00 до 50.000,00 денари месечно кои купуваат минимум еднаш месечно во просек од 5.000,00 денари. Додека 30% се мажи од 20 до 30 години, со приход од 20.000,00 до 30.000,00 денари месечно кои купуваат еднаш во 6 месеци или пак воопшто не се враќаат во просек од 2.000,00 денари.

Ова веќе ќе значи нешто за секој претприемач. На пример,

  • Поголемо внимание во однос на маркетингот ќе посветам на првиот сегмент бидејќи знам дека полесно ќе го придобијам тој сегмент.
  • Ќе се обидам да воведам производи за помладата популација согласно нивните приходи.
  • Ќе определам посебни продажни тактики во однос на двата сегменти.

Забележувате дека од вториот исказ излегуваат конкретни чекори за еден претприемач и еден бизнис.

Значи, демографијата е важна, но без комбинација на таа демографија со однесување или специфични активности на таа група на потрошувачи, таа демографија нема никакво значење за претприемачот.

Имам видено претприемачи кои целосно се посветуваат на демографијата во сегментцијата, па едноставно се вртат во круг и не знаат понатаму што со тие податоци. Затоа немојте да ја правите таа грешка, бидете ефикасен и ефективен.

post

Комуникација и Продуктивност – Google Wave

Google Wave беше бомбастично најавен од страна на Google како нешто што во целост ќе ја замени комуникацијата која што денес ја познаваме. Од пред 5-6 месеци ги следев случувањата и си замислував какво ќе биде тоа ново чудо. кога станува збор за Google и нивната иновативност немам зборови, а не можам и да не верувам дека навистина ќе се изроди едно ново чудовиште кое ќе ги смени нашите животи. Од друга страна американците полудеа со ова ново чудо.

Прв вистински интерес за Google Wave пројавив кога една колешка од Канада (блогер за жени претприемачи со која контактирав бидејќи го препорачав нејзиниот блог), страствено бараше покана за Google Wave вториот ден откако Google го пушти онлајн.

Пред едно месец дена конечно и јас добив покана за оваа чудовиште од комуникациска алатка кое не е само за комуникација туку и за соработка преку веб на повеќе лица одеднаш. Со многумина со кои контактирав велат дека не можат сеуште да ги воочат придобивките од користење на Google Wave. Но, сметам дека реалноста е сосема друга.

Затоа во овој напис би споделил неколку работи за кои сметам дека Google Wave навистина може да ја зголеми Вашата лична продуктивност како претприемач, како и продуктивноста на Вашиот тим.

1. Real Time комуникација и соработка

комуникација во вистинско време преку Google Wave

Ова е една од главните придобивки на Google Wave. Во real time ќе можете да комуницирате со Вашиот партнер од другата страна без разлика каде се наоѓа. Можеби ќе кажете дека и e-mail ќе ви го овозможи тоа. Да, и e-mail-от овозможува комуникација но не ваква во real time. Всушност на секој нов wave како што пишува вашиот соговорник така и излегува на Вашиот екран. Оваа е во стилот на Wiki пишување, што значи дека ќе можете да го едитирате, да додадете или пак да го измените секој сегмент од еден wave. Од друга страна имате можност и да ја видите целата комуникација како се одвива од почеток до крај во вид на еден филм преку Playback копчето.

Оваа можност може да се користи за размена на идеи, преговори, договарање, планирање на активности, истовремено работење на еден проект или за било што што ќе има примена за Вас лично или пак Вашиот бизнис.

2. Да/Не/Можеби Анкета

Прашалници и анкети преку Google Wave

Со едноставно поставување на прашање и избирање на луѓе од контакт листата можам да спроведам анкета чии одговори се Да, Не или пак можеби. Овој додаток е достапен со самиот пристап на Google Wave и едноставно по вашето прашање можете да го додадете овој Gadget. Автоматски ќе се собираат одговорите и ќе можете да видите што мислат вашите соговорници или Вашиот тим за некои од активностите што ги планирате.

3. Brainstorming преку Mind Mapping

Brainstorming сесија преку Google Wave

Ставање на идеите на хартија е доста продуктивен начин на соработка. Но, доколку во исто време на иста хартија одеднаш ставаат организирани идеи повеќе луѓе продуктивноста расте со светлосна брзина. А, пак доколку тоа го додадеме да биде графички прикажано во вид на Mind Map веќе неможете ни да замислите колку Вие како претприемач и Вашиот тим ќе бидете попродуктивни и ќе генерирате квалитетни идеи.

4. Организираност

Организација преку фолдери во Google Wave Кога станува збор за организираност го користам Google Wave како место каде што ги сместувам моите идеи (на пример идеи за написи на претприемач). Втората работа за организираноста е тоа што направив посебни Wave-ови како активности кои треба да ги спроведам. Ова не е целосно автоматизирано како на пример во Google Calendar но, она што го сакам е се да имам на едно место, односно да не корстам 5-10 различни алатки, а со тоа да си ја зголемам сопствената продуктивност.

За ова користам различни фолдери кои се наоѓаат од левата страна на кои им додадов различна боја. Секој Wave е означен во некој од фолдерите и се појавува во различна боја согласно бојата на фолдерот. На ваков начин можам да ги приоритизирам работите (Wave-овите) и кога го користам како алатка за комуникација и соработка.

Можностите се навистина големи. Ова е еден начин на користење кој го стекнав за помалку од еден месец и секако на една preview верзија бидејќи Google Wave не е сеуште во својата фул официјална верзија. Од вашата креативност ќе зависи и користењето на истиот за да се организирате подобро. Се надевам дека набргу ќе има и некоја можност за интеграција на останатите алатки на Google како што е Google Calendar за да оваа организираност биде на повисоко ниво.

5. Видео и теле конференциска врска

Ова се навистина кул можности кои можат да се користат со посебни додатоци, но за жал не можат да се користат за телефонски броеви од Македонија.

6. Пробивање на јазични граници во комуникација и соработка

Автоматски превод при комуницирање со Google Wave

Ова е едно чудо кое е најавено од Google и кое се нарекува Rosy а всушност претставува робот кој автоматски ги преведува на посакуваниот јазик вашите пораки или пишувања. Замислете ваш соговорник од другата страна да е Кинез. Вие не знаете кинески а сакате да комуницирате со него за да го прашате нешто за нивната понуда до Вашиот бизнис. Со овој робот едноставно Вие ќе си пишувате на македонски, а Вашиот соговорник Кинез ќе го гледа поставеното прашање на кинески. Дали ова не е вредна и неприменлива алатка?

Овој робот наречен Rosy сеуште е во тест фаза и не е пуштен официјално од Google, но пронајдов привремена алатка која ја заменува официјалната и која е изработена од друга компанија (види слика погоре).

7. Рекреација

Рекреација со Google Wave

За крај она што еден претприемач често го заборава е рекреација. Најдов една игра Sudoku која може да се игра со повеќе соговорници од другата страна. едноставно малку да го оладиме мозокот од бизнисот.

Ова е се за што најдов одредена примена во мојот секојдневен живот на ова ново чудо наречено Wave. Мислам дека ова е само почетокот. Но, едно нешто е важно: Wave е корисно доколку имате некого од друга страна да го користите, доколку не тогаш навистина е непотребен. Би сакал да напоменам дека Wave не е замена за е-mail туку замена на досегашниот начин на комуникација со е-mail.

Google Wave сеуште работи на база на покана. Значи секој нов корисник има можност да прати 10 покани на други корисници. Јас имам уште 3 отворени покани.

Доколку сте заинтересирани би бил задоволен да ви пратам покана. Затоа оставете коментар за овој напис во врска со некои Ваши идеи за кои би можеле да го користите Wave и на тројца од Вас ќе ви пратам покана за Google Wave.

post

Што е Претприемничка Продуктивност?

Можете да забележите дека често пати тука на претприемач го користам зборот продуктивност. Но, што е тоа продуктивност?

Претприемничка продуктивност

Зборот продуктивност на претприемач го користиме во следниве форми:

  • Бизнис продуктивност – еден бизнис да биде продуктивен
  • Претприемничка продуктивност – Еден претприемач да биде продуктивен
  • Продуктивност на вработените – Еден вработен да биде продуктивен
  • Продуктивност на ресурсите – Еден ресурс да биде продуктивен
  • Производствена продуктивност – Продуктивност на производствениот систем во бизнисот
  • Продажна продуктивност – Продуктивност на продажниот тим.

Ова се најважните ентитети во еден бизнис каде се користи зборот продуктивност, иако во однос на се можеме да ја бараме продуктивноста.

Многу користен збор, но дали доволно го разбираме?

Се сеќавам на едно предавање додека уште студирав, мојот тогашен професор и подоцна ментор проф. Д-р Тодор Кралев го постави ова прашање. Но, никој од нас не знаевме да го одговориме.

Сите знаевме дека е добро да се биде продуктивен, но како да ја мериме продуктивноста?

Дефинирање на продуктивноста

Првин би ја искористил дефиницијата од Wikipedia која некако ни го олесни животот на многу полиња:

Продуктивноста е мерка на излезот од производствениот процес по единица на влезот.

Значи на се што влегува на одреден начин во бизнисот и излегува на друг начин можеме да ја мериме продуктивноста. Во еден ваков случај како некој математички израз за продуктивноста би имале:

Продуктивност = Излез/Влез

 

Колку е поголем овој резултат толку ќе имаме поголема продуктивност.

Но, ова дефинирање не ми се допаѓа. Мислам дека е ОК, но сепак може да биде и подобро.

Една од најдобрите дефиниции за продуктивноста ја прочитав на блогот на Steve Pavlina насловен како Што е продуктивност? Како лична дефиниција Steve Pavlina ја дава следнава:

Продуктивноста претставува Вредност поделена со време:

Продуктивност = Вредност/Време

 

Оваа дефиниција ми се допаѓа бидејќи навистина се може да се подреди во вид на време. На пример времето можеме лесно да го пресметаме во вид на пари или пак некој друг облик.

Оваа дефиниција всушност ни кажува колкава вредност сме постигнале да создадаме за одредено потрошено време. На пример, за еден претприемач колку е продуктивен може да биде колку вреди неговиот бизнис во однос на време кои постои тој бизнис.

Како да ја зголемиме продуктивноста?

Втората формула толку ни го поедноставува животот во однос на продуктивноста така да едноставно можеме да забележиме што влијае на тоа да продуктивноста биде поголема.

Следниве активности ќе ја зголемат продуктивноста:

  • Да ја зголемиме вредноста, додека потрошеното време да остане исто.
  • Да го намалиме времето, додека вредноста останува иста.
  • Да ја зголемиме вредноста и да го намалиме времето за добивање на таа вредност.

На пример да го земеме продажниот тим. Колку е продуктивен? Доколку износот на продажба за 30 дена изнесува 500.000 денари продуктивноста ќе биде:

500.000 денари/30 дена = 16.666,66 денари/ден

Доколку се зголеми продажбата на 600.000 денари за 30 дена (времето останува исто) ќе ја имаме следнава продуктивност:

600.000 денари/30 дена = 20.000 денари/ден

На ваков начин произлегува дека нашиот продажен тим е попродуктивен за 20%.

Попродуктивен ќе биде и доколку успее за 20 дена да има продажба од 500.000 денари – 25.000 денари на ден. Исто така попродуктивен ќе биде и доколку успее да оствари 600.000 за 20 дена – 30.000 денари на ден. Ова е за скоро 100% попродуктивен нашиот продажен тим.

Сметам дека со овој напис на претприемач успеавме да ја расчистиме дилемата во однос на продуктивноста.

За крај еден совет: Мерете ја продуктивноста на сите критични елементи наведени на почетокот и обидете се постојано да ја подобрувате.