post

4 Нотеси кои секој претприемач мора да ги има кај себе

„Нотеси“ за претприемачи

„Нотеси“ за претприемачи

Иако насловот на овој пост е „нотеси“, не мора да значи дека мора да бидат хартиени нотеси бидејќи едноставно може да се користи мобилен телефон, iPad, или лаптоп. Важно е да се има кај себе структуриран преглед на идеи за 4 основни претприемнички активности.

Постојат периоди во годината кога не се остваруваат резултати, но не значи дека бизнисот не функционира и не го троши тоа време за нови потенцијални потрошувачи, размислување за развој, нови идеи…

Сигурно сте се нашле во ситуација во која чувствувате дека едноставно вашиот мозок ќе експлодира од нови идеи. Некои можеби во моментов сосема безвредни, но со одреден потенцијал кој ветува за иднина.

Можеби сте сретнале некого, но во тој момент не сте го гледале како потенцијален потрошувач бидејќи во тој момент немал проблем кој можете да му го решите или пак не сте нуделе решение за неговиот проблем. Но, тоа не значи дека во иднина нема да понудите некое решение за негов проблем или пак тој нема да има потреба за вашето решение.

Сигурно сте се нашле во ситуација на саем каде поминувате повеќе десетици штандови на компании кои во тој момент не претставуваат ваши потенцијални купувачи, но сепак не значи дека не постои можност за било каква двострана соработка помеѓу вас.

Затоа, како еден претприемач кој мисли за иднината на сопствениот бизнис секогаш мора да имате при рака минимум 4 различни „нотеси“:

1. Книга со бизнис идеи

Идејата за книга со бизнис идеи е промовирана повеќепати на претприемач. Дури и како еден од темплејтите кои ги добивте (барем оние кои се регистрирани за добивање на билтени на претприемач) еден од тие е книга со бизнис идеи. Во премум претприемач тој темплејт е малку поопширен со дополнителни елементи заради подобрување на процесот на генерирање на бизнис идеи.

Во секој случај доколку сакате да не го изгубите потенцијалот и моќта на вашата креативност во однос на бизнис идеи мора да користите еден таков вид на книга.

2. Книга со потенцијални потрошувачи

Кога и да налеташ на некој потенцијален потрошувач, или пак сретнеш некого кој има проблем кој твојата идна бизнис идеја или пак иден производ ќе може да го реши искористи ја оваа книга за да имаш спремна листа на идни бизнис можности.

3. Саемска книга

Без разлика дали сте изложувач или само посетител многу идеи и контакти може да се стекнат на саемите. Секогаш кога ќе сретнете некого кој сакате во иднина да го контактирате воведете ја неговата бизнис картичка или контакт детали во таа книга со забелешка зошто е важно лицето. На ваков начин сите ваши, контакти и идеи од саемот ќе бидат на едно место и спремни да се искористат за идните бизнис можности.

4. Книга за фидбек од потрошувачи

Многу идеи за развој на нови производи, за развој на нови бизнис потфати, за подобрување на производите и/или услугите доаѓаат од потрошувачите и нивниот фидбек. Многу од нив можеби ќе ги сретнете надвор од канцеларија или официјален состанок доколку сте претприемач кој гради блиски долгорочни односи со своите потрошувачи. Затоа и ќе ви биде потребна една ваква книга со што кога ќе дојдете во процесот на развој или подобрување едноставно ќе ги имате на едно место сите тие забелешки и идеи од фидбек на потрошувачите.

post

Brian Tracy Формула за зголемување на приход

Пред неколку дена преку Stumbleupon налетав на едно видео со Brian Tracy кое се однесува за зголемување на приход за 1000%. Гледајќи го видеото веднаш го зедов телефонот да направам некои забелешки во форма на mindmap.

Овој пост ќе го искористам за да ја споделам таа мапа за која сметам дека има корисни препораки како да се навлезе во еден циклус на здрав ментален живот и постојано подобрување со цел за одреден временски период (една, две, три или пак 10 години) да се стигне до зголемување на приходот за 1000%.

Првин да го погледнеме видеото и советите во него.

Сега главните препораки во вид на чекори кои ги препорачува Brian Tracey за неговата формула за зголемување на приходот за 1000% во вид на mindmap:

Mindmap Brian Tracy - Формула за зголемување на приход

Brian Tracy Формула за зголемување на приход

Прв чекор: Прочитај нешто

Овој прв чекор за секој ден ми остави впечаток. Brian Tracey го нарекува златен час кој секое утро треба да го потрошите на читање нешто инспиративно, едукациско, душевно… Тој вели дека како што утринската вежба служи за здраво тело, читањето наутро претставува психички развој.

Втор чекор: Направи акциона листа

Ништо ново за секој добро организиран претприемач. Тефтерче, телефон или било што, што помага да ја направиме и следиме листата на дневни активности ќе ни помогне во голем дел да го завршиме она што сме го испланирале.

Трет чекор: Приоритизација

Секогаш ќе има активности кои ќе бидат поприоритетни од другите. Една сигурно ќе биде најприоритетна. Не е добро да започнеме од најмалку приоритетната и никогаш да не стигнеме до приоритетната само затоа што најмалку приоритетната е најлесна.

Четврт чекор: Започни со најприоритетната (Број 1 активност)

Нормално кога листата ќе биде приоритизирана започнуваме со првата и се додека не ја завршиме не преминуваме на втората. Повторно ништо ново.

Пети чекор: Слушај аудио програми во автомобил

Советот е дека додека возите од работа накај дома или обратно или било каде да користите едукациски аудио програми во автомобил. Иако сметам дека е корисно, сепак овој чекор е малку застарен и сметам дека претставува маркетинг на Brian Tracy за неговите аудио тренинг програми по кои тој е карактеристичен.

Шести чекор: Одговор на две прашања

Овој чекор е навистина важен во било кој процес. Brian Tracey ги нарекува магични прашања и тие се токму оној дел кој го воведува циклусот на континуирано подобрување.

  • Што направив денес правилно?
  • Што можам да направам поинаку?

Седми чекор: Третирај го секој како важен за вашиот бизнис

Секој може да биде потенцијален купувач e правило кое не смее да се заборави.

post

Плаќање по постигнување

Плаќање по постигнување

Веќе подолго време се обидувам да најдам одредена корелација помеѓу успешноста на бизнисот и начинот на поттикнување на вработените! Три години поминаа откако воведов еден ваков систем каде основа на плаќање е постигнатото, а не часови или денови работа.

Сметам дека можам веќе да согледам некои елементи од овој начин на работа иако сеуште не сум наишол на вработен кој навистина ќе го сака овој начин на работа. Можеби затоа што не сум сеуште наишол на квалитет кој го барам!

Многу успешни компании користат ваков систем на работа и ја темелат сопствената успешноста на еден таков систем. На ваков начин ја поттикнуваат креативноста и секако се поголемо остварување од страна на поединците при што се трансформира поединечното во компаниското остварување!

Како основни елементи кои може да влијаат за една ваква стратегија би можел да ги издвојам следниве:

  • Правилен дизајн на имплементација на стратегијата.
  • Избор на вистински вработени во согласност со дизајнираната имплементација.
  • Имплементација во реалноста.

Дизајн на имплементација

Сметам дека е многу важен дизајнот на системот бидејќи преку него ќе поттикнуваме соодветна акција. Но, не смееме да заборавиме на можностите или бизнис капацитетот. Кога велам можностите и бизнис капацитетот мислам првенствено на финансии. Морате прецизно да ја пресметате математиката.

Од друга страна дизајнот треба да обезбеди и задоволство на втората страна, како со поголемо залагање би добиле повеќе.

Избор на вработени (Селекција)

Можеме да имаме одлично дизајниран систем, но доколку не избереме соодветни вработени нашиот перфектен систем нема да функционира. За да еден добар систем функционира мора неговиот состав да биде перфектно составен. На пример, капацитетот на вработениот е подпросечен од она што го нуди вашиот систем, па најнормално е нивниот морал да опаѓа и на таков начин се создава контраефект!

Имплементација на системот

Иако е се супер дизајнирано, иако ги имате најдобрите вработени често пати во пракса ќе се појават недоречености што предизвикуваат забуна кај двете страни. Дизајнираното мора да се примени во целост во пракса. Сите недоречености да се прецизираат и секоја промена да биде ставена на хартија.

post

Алатки за тимска работа

Пред некој ден на претприемач имавме гостински пост кој се однесуваше на тимска работа и тимска ефективност при што главен акцент беше ставен на улогата на менџерот во градење и управување на тимови. Во овој пост би сакал да наведам неколку алатки кои денес може да се користат со цел да ја поттикнат тимската комуникација помеѓу членовите на тимот без потреба од постојани очи во очи состаноци.

Некои сигурно досега сум ги споменал на претприемач, но би сакал повторно да ги наведам бидејќи навистина претставуват моќни алатки во рацете на еден претприемач во ова време каде комуникација и соработка во тимот како и со клиенти е важен фактор за успешноста.

1. Skype

Skype - Алатка за комуникација

Skype – Алатка за комуникација

Skype е алатка која навистина го измени телекомуникацискиот свет. Со гласовни и видео повици, како и чет системот, трансфер на фајлови и конференциски повици Skype стана алатка која мора да се поседува и користи од страна на претприемачите. Големиот број на бесплатни сервиси може да ги намалат бизнис трошоците. Едноставен е за користење.

2. Google Groups

Google Groups - Алатка за соработка

Google Groups – Алатка за соработка

Веќе во некои од претходните постови пишував за Google Groups, кој сметам дека може доста креативно да се користи во бизнис цели. Може да се користи за работа на различни проекти од повеќе луѓе каде ќе се споделуваат идеи, коментари и предлози. Може да се користи за информирање на вработени или група на потрошувачи за разни бизнис новости.

3. Google Docs

Google Docs - Алатка за соработка

Google Docs – Алатка за соработка

Google Docs во подобрена верзија се чини дека повеќе внимание дава на соработка помеѓу група на луѓе. Сега истовремено може повеќе соработници да работат на еден документ без разлика дали е табела, текст или некоја презентација. Доколку имате интернет, немате средства за лиценцирање на MS Office ќе претставува доследна бесплатна замена за Вашите бизнис решенија и во некои случаи дури и подобра.

4. Dropbox

Dropbox - Алатка за соработка

Dropbox – Алатка за соработка

Dropbox се додека не почнав да го користам не ја гледав ползата од него. Но, како место за сигурно чување на различни документи претставува солидно средство за еден бизнис. Бесплатната верзија е ограничена до 2 GB простор. Она што најмногу ми се допадна е што успеав една апликација во MS Access да ја сместам онлајн така да секогаш имам пристап до базата на податоци од таа апликација.

5. Google Wave

Google Wave - Алатка за соработка

Google Wave – Алатка за соработка

Иако последна за мене претставува најважна алатка во моментов без која не можам да го замислам работниот ден. Дури се прашувам како сум можел да функционирам без Wave. Интересно е што оваа алатка од поединци можеби е најнапаѓана како нешто безвредно. Но, сигурен сум дека не ги почувствувале придобивките и можностите од користење. На претприемач веќе пишував во постот Комуникација и продуктивност кога започнав да ја користам. Продолжив и на секој на кој што сум му објаснил како да ја користи веднш станува секојдневен корисник на оваа алатка. Најчесто ја користам за соработка на различните проекти во кои сум вклучен како и за комуникација и размена на идеи со клиентите.

Најголемиот проблем што веднаш не може да се забележи корисноста од Google Wave е што не се работи во група на луѓе. Сам човек, безвреден Wave.

post

77 Подобрувања на бизнисот за 77 дена

77 Подобрувања за 77 дена

77 Подобрувања за 77 дена

Подобрување е основа за конкурентска предност. Најуспешните бизниси се бизниси кои денес не се исти како вчера, а утре воведуваат нешто ново со што денешницата претставува подобрена. Во овој пост на претприемач подготвив една листа од 77 елементи кои можете да ги подобрите за 77 дена. Секако листата не е конечна, можеме да одиме со уште многу елементи. Но, сепак ја ограничив на 77 најважни елементи.

Можете да ја искористите одеднаш, но моја препорака е да ја користите во циклуси. Започнете од првиот ден и по 77-иот ден повторно навратете се на првиот. Така ќе имате бизнис кој тешко ќе може некој да го копира. Па да започнеме со подобрувањето.

Бизнис идеја

Ден 1: Креативност

Прво место каде има секогаш простор за подобрување е да ја зголемите Вашата креативност.

Ден 2: Комуницирање на идејата

Вие не сте сам и идејата нема да биде само за вас доколку ја реализирате. Комуницирај ја идејата и извлечи подобрувања од таа комуникација.

Ден 3: Заедница

Бизнис идејата се комуницира со Вашата заедница во која Вие и Вашиот бизнис опстојувате или ќе опстојувате. Важен елемент од процесот на креирање и имплементација на бизнис идеи.

Ден 4: Приоритизација

Ќе имате многу идеи, многу проекти но приоритетот на истите не е ист. Можете да го подобрите процесот на приоритизација.

Ден 5: План на имплементација

Многу добри бизнис идеи не се трансформираат во успешни бизниси заради недостаток на едно нешто – имплементација.

Ден 6: Процес на имплементација

Бизнис идејата може да е одлична, но доколку не се имплементира на вистински начин целиот процес ќе биде залуден.

Ден 7: Лидерство

Кој е лидерот кој ќе го води целиот процес?

Ден 8: Капацитет на имплементација

Каков е и може ли да се зголеми капацитетот на имплементација на бизнис идеи?

Бизнис план

Ден 9: Претходно искуство

Провери го претходното искуство со бизнис планирање и пронајди ги најголемите промашувања.

Ден 10: Предвидување

Квалитетно предвидување е основа за добро бизнис планирање. Подобри го процесот на предвидување.

Ден 11: Знаење

Бизнис планирање бара знаење, пронајди извори на знаење со што ќе го подобриш истото.

Ден 12: Бизнис модел

Започни со дизајн на бизнис моделот, па потоа инкорпорирај го тој бизнис модел во еден квалитетен бизнис план.

Ден 13: Цели

Што сакате да остварите со бизнис планот? Целите се основа на секој процес на бизнис планирање и нешто што секогаш може да се подобри.

Ден 14: Графици

Бизнис планот претставува графичка презентација на бизнис бројките. Со еден поглед може да се видат потребните подобрувања.

Ден 15: Намената на бизнис планот

За кого е наменет бизнис планот? Не се обидувајте со еден бизнис план да ги задоволите сите страни.

Ден 16: Интересност

Дали бизнис планот е интересен или здодевен?

Ден 17: Реалистичност наместо оптимизтичност

Процес на планирање бара на сте реален, немојте премногу оптимистички да предвидувате или да поставувате цели.

Ден 18: Јас, јас и само јас синдром

Проверете каде го користите и избегнете го!

Ден 19: Поглед кон конкуренцијата

Секогаш можете да најдете можности за подобрување на Вашиот поглед кон конкурентите.

Ден 20: Перспективи

Изберете една перспектива преку која ќе биде насочен Вашиот поглед, подобрете ја и само напред!

Ден 21: План за имплементација на планираното

Имајте, подобрете го и применете го планот за имплементација на планираното.

Ден 22: Докази

Проверете дали сите бројки и факти се докажани и извлечени од доследни извори на информации, а не од обични претпоставки.

Финансии

Ден 23: Извор на финансии

Нешто што на секој бизнис му е потребно! Побарајте ги можните извори на финансии и подобрете ги!

Ден 24: Готовински тек

Погледни го графикот на анализа на готовински тек и забележи што може да се подобри.

Ден 25: Вештини за готовински тек

Подобри си ги вештините за готовинскиот тек преку избор на различни извори на знаења за проблематиката.

Ден 26: Трошоци

Верувале или не трошоците се нешто што секогаш може да се подобри (скратат).

Ден 27: Рентабилност

Направи анализа на рентабилноста и види што, каде и како да подобриш.

Ден 28: Проекции на профит/загуба

Погледни во проекции на добивка/загуба и разгледај ја можноста како да го подобрите профитот или пак доколку е загуба како да го направите профитабилен.

Ден 29: Коефициент на економичност

Каков е односот помеѓу вкупните приходи и вкупнит расходи и што треба да направите за да го зголемите тој однос?

Ден 30: Коефициент на повраток на инвестиција

Како се движи повратокот на инвестициите во бизнисот? Како може да се подобри?

Ден 31: Стапка на акумулативност

Каков е односот помеѓу нето приходот и вкупните инвестиции (вложувања) и што треба да направите за да го зголемите тој износ?

Продуктивност

Ден 32: Организација

Организирање претставува мајка на зголемена продуктивност. Подобрете ја организацијата и ќе ја подобрите и продуктивноста.

Ден 33: Планирање

Бизнис планот ја зголемува личната и бизнис продуктивност. Подобри го процесот на планирање за да ја подобриш личната и бизнис продуктивност.

Ден 34: Системи

Бизнис системите овозможуваат побрзо изведување на иста работа во ист временски период. Секогаш постои можност за подобрување.

Ден 35: Личен живот

Подобри го личниот живот и ќе ги видиш разликите во бизнисот.

Ден 36: To-Do Листи

To-Do Листи претставуваат корисни алатки во зголемување на продуктивноста.

Ден 37: Препреки

Секогаш постојат препреки како лични така и бизнис препреки. Пронајди ги и елиминирај ги ќе ја зголеми личната и бизнис продуктивност.

Ден 38: Аутсурсинг

Што може да биде изведено во вид на аутсурсинг како би се заголемила продуктивноста?

Ден 39: Вработени

Бизнис продуктивноста се базира на продуктивноста на вработените.

Ден 40: Менаџмент системи

Бизнис продуктивноста зависи од менаџерските системи кои се користат во бизнисот.

Ден 41: Информативни системи и софтвер алатки

Вистинска информација, во вистинско време, кај вистинската личност ќе помогне да се заврши повеќе работа.

Ден 42: Систем за учење

Знаењето стекнато преку добар систем за учење ќе ја зголеми бизнис продуктивноста.

Бизнис процеси

Ден 43: Организирај го неорганизираното

Секогаш постои нешто во бизнисот што не е организирано онака како што треба.

Ден 44: Систематизирај ги бизнис процесите

Систематизација на бизнис процесите претставува основа за идни подобрувања и одржување на конкурентска предност.

Ден 45: Технологија

Користи ја оптимално технологијата во бизнисот.

Ден 46: Влез/Излез

Секогаш може да се подобри трансформацијата на влезот во излезот.

Ден 47: Бизнис модел

Основата на на секој бизнис секогаш може да се подобри.

Маркетинг

Ден 48: Маркетинг план

Направи подобар маркетинг план. Прочитај повеќе во Маркетинг план во 7 реченици и Дополнувањаво однос на маркетинг планот.

Ден 49: 4P

Производ, промоција, дистрибуција и цената се елементи од маркетинг миксот кои можете да ги имате како предмет на подобрување.

Ден 50: Маркетинг средства

Секое маркетинг средство може секогаш да се подобри.

Ден 51: Маркетинг календар

Провери, спореди, анализирај и редизајнирај го маркетинг календарот.

Ден 52: Повик за акција

Повик за акција е еден од најважните елементи на секое маркетинг средство кој има огромно влијание на успешноста на одредена маркетинг кампања. Подобри го за да ја зголемиш ефикасноста и ефективноста на маркетинг напорите.

Ден 53: Сегментација

Искористете ги алатките како RFM формула и демографија наспроти активности на потрошувачите.

Ден 54: Листа на потрошувачи

Провери, спореди, анализирај и редизајнирај ја листата со потрошувачи.

Ден 55: Листа на потенцијални потрошувачи

Провери, спореди, анализирај и редизајнирај ја листата со потенцијални потрошувачи.

Ден 56: Блог дизајн

Што може да подобрите во дизајнот на блогот.

Ден 57: Дизајн на веб страна

Што може да подобрите во дизајнот на веб страната.

Ден 58: Маркетинг кампањи

Секогаш може и подобра кампања од претходната.

Ден 59: Онлајн стратегија

Онлајн стратегија станува една од најважните бизнис стратегии за еден бизнис. Секое подобрување претставува севкупно бизнис подобрување.

Ден 60: Внимание, репутација и доверба

Подобрете го привлекувањето на вниманието кон Вашиот бизнис како и репутацијата и довербата кон истиот.

Ден 61: Дополнителна услуга

Подобрете ги дополнителните услуги кои ги нудите на потрошувачите.

Ден 62: Запознај ги подобро потрошувачите

Потрошувачот претставува најважната личност во Вашиот бизнис свет. Подобро познавање на Вашите потрошувачи подобар бизнис ќе имате.

Ден 63: Ургентност

Подобри ги елементите кои предизвикуваат ургентност за купување.

Ден 64: Корисности

Подобри ги корисностите на Вашиот производ и/или услуга за потрошувачите.

Ден 65: Кредибилитет

Подобри го кредибилитетот на бизнисот.

Ден 66: Понуда

Подобрете ја Вашата понуда да биде од аспект на потрошувачи. Бизнис понудата мора да се базира на потрошувачите и пазарот, не на желбите на претприемачот.

Ден 67: Социјални медиуми

Подобрете го присуството на Вашиот бизнис на социјалните медиуми.

Ден 68: SEO

Подобрете ја оптимизацијата за пребарувачи на Вашата бизнис веб страна или блог.

Продажба

Ден 69: Продажна инка

Подобрете го подесувањето на продажната инка на Вашиот бизнис. Секогаш има простор за подобрување.

Ден 70: Влез во продажна инка

Подобрете го влезот во продажната инка. Зголемен влез претставува зголемена веројатност за поголема продажба.

Ден 71: Стапка на конверзија

Стапка на конверзија претставува стапка на трансформирани потенцијални купувачи кои влегле во продажната инка во купувачи. Оваа мерка се изразува како процент од вкупниот влез и секогаш може да се најде простор за подобрување.

Ден 72: Просечна продажба

Подобрете го износот на просечна продажба од еден купувач.

Ден 73: Времетраење на продажна инка

Намалете го времетраењето на продажната инка.

Ден 74: Продажен тим

Продажниот тим е оној кој ја завршува последната работа, нека биде поубедлив.

Ден 75: Знаење на продажниот тим

Подобри го знаењето на продажниот тим за твоите производи и/или услуги. Сепак тие се во директен контакт со потрошувачите.

Ден 76: Насмевка

Подобри ја насмевката на лицето на продажниот тим. Не држи луѓе кои не знаат да се смеат.

Ден 77: Објаснување

Секогаш може подобро да се објаснат на потрошувачот карактеристиките и корисностите на производот и/или услугата.

post

Технологија и промена на навики – Kindle

Досега веќе скоро 10 години купувам книги од Amazon. Искуството започна некаде 2000-2001 година и се сеќавам на првата нарачка кога ми беше страв да внесам кредитна картичка, но ја внесов. Потоа секој ден нервозно проверував каде се наоѓа мојата пратка со книги, па незнам сега е испорачана сега е на аеродром во САД, сега е на аеродром во Германија се додека по 2-3 недели не стигнаа книгите. Наредните нарачки веќе не постоеше страв.

Но, она што сега сакам да го покажам е моето чувство дека пред вратата ни стојат многу промени во оваа поле. Знаење е дел од вториот слој за успех на еден претприемач. Еден начин на постојано зголемување на знаење претставува и читање на книги од Вашето бизнис подрачје и нормално претприемништвото.

Веќе подолго време се мислев за купување на Kindle преку кој би можел да ги читам и нарачувам книгите, но не знаев какво е чувството и сеуште се двоумам за тоа. Па затоа еден ден едноставно направив обид преку нивната апликација за iPhone да видам како функционира и дали ќе бидат задоволени моите потреби при читање на една книга. Така првин симнав неколку книги во вид на примерок за да видам дали книгата е тоа што го барам и едноставно да проверам дали задоволството ќе биде ОК. Откако симнав три такви книги се одлучив едната да ја купам. Ова мое искуство веднаш го споделував на Twitter. Па еве што напишав во тој момент:

Мислам дека конечно ќе кажам збогум на нарачка на книги по пошта. Kindle for iPhone ги оправда моите очекувања.Првата книга ја купив.#iPhoneless than a minute ago via HootSuite

Предности на користење на Kindle

Потоа нормално откако веќе ја имав првата книга, а таа беше Making Ideas Happen од Scott Belsky за која што ќе следува еден преглед набргу бидејќи сум при крај со завршување, започнав со утвдрување на некои предности. Па така предност 1 за која напишав на Twitter беше следнава:

Kindle iPhone Предност 1: Не чекам 2-3 недели за да ги добијам и секако заштедувам на цена и деливери! #iPhoneless than a minute ago via HootSuite

Да, првото што ми се допадна што веднаш по плаќањето можев да започнам со читање. Едно нешто треба да го има во предвид секој претприемач е кога купувачот купува нешто, кај него постои возбудување и кревање на адреналинот за што побргу да го користи тоа нешто. Затоа времето од купување до конечно користењ е многу значајно и треба да се наоѓа начин на намалување.

Како предност број 2 ја напишав следнава:

Kindle iPhone Предност 2:Me изненади лесната читкост на книгата и страници но со iPad или kindle ќе биде уште подобро чувството #iPhoneless than a minute ago via HootSuite


Мислев дека ќе има проблем со читање, но навистина бев изненаден како на телефонот книгата беше лесно читлива. Еве некои слики:

Читливост на книгата преку телефонот

Читливост на книгата преку телефонот

И последната предност која ја твитнав е следнава:

Kindle iPhone Предност 3: Можност за симнување на sample примерок пред конечна одлука за купување! #iPhoneless than a minute ago via HootSuite

Ова на одреден начин дава можност да ја прелистаме книгата во скратена верзија за да се одлучиме дали ќе ја купиме или не.

Симнување на примерок пред одлука

Симнување на примерок пред одлука

Како дополнителни елементи кои ми се допаднаа беше и можноста за прилагодување на изгледот при читање како промена на боја на позадина и големина на букви.

Прилагодување на фонтот и позадината

Прилагодување на фонтот и позадината

И нешто што можеби најмногу ми се допаѓа е еден вид на социјализација и споделување при читање. Кога нешто ќе подвлечам во книгата преку нејзино Kindle издание се ажурира во мои забелешки и ознаки.

Забелешки и потцртувања

Забелешки и потцртувања

И секако во состав на ова секој кој го чита Kindle изданието на оваа книга и означи или подвлече нешто се прикажува во делот популарни ознаки. Токму затоа и сметам дека ваквото читање на книги едноставно те наведува да видиш што се допаѓа на некој друг и можеби да се навратиш на нешто што не си го прочитал со доволна концентрација. Ова го нема кај хардкопи книгите – едноставно е невозможно.

Што е најпопуларно во книгата

Што е најпопуларно во книгата

Знам дека многумина сметаат дека не може електронските изданија на книги да ги заменат хардкопи изданија. Но сепак ова е само почеток за она што следува и едноставно мене ми се допадна бидејќи имам помалку трошоци (околу 10-тина долари за транспорт и неколку долари за електронско издание) и заради горенаведените предности кои ги давам.

post

Мултитаскинг – Паралелно на повеќе задачи

Мултитаскинг во претприемништвото

Мултитаскинг во претприемништвото

Мултитаскинг е една од најпосакуваните опции на секој корисник на iPhone која што со последната верзија на оперативен систем ќе биде овозможена. Сите бараме мултитаскинг опции бидејќи сметаме дека ќе завршиме повеќе работа. Па така може да ни се случи во исто време да разговараме на телефон и да проверуваме дали имаме добиено e-mail или пак што се случува на Twitter. Сигурно повеќето од вас сте се нашле во состојба на започнување на неколку проекти, задачи, работни активности истовремено барајќи ја Вашата во тој момент најпродуктивна стратегија за остварувања. Повеќе за ова можете да прочитате во работи на еден проект се до финиш.

На пример во овој момент додека го пишувам ова во неколку наврати проверувам е-mail, во неколку наврати ќе ми влетаат нови идеи, само што завршив разговор на мобилен и погледнав во вториот PC за втората e-mail адреса (ова го пишувам на лап топ).

Дали мултитаскингот е добра претприемничка особина?

Можеби изгледа како добра особина, бидејќи сметаме дека сме многу способни и изведуваме повеќе активности истовремено со помош на мултитаскингот. Но, што се случува со нашиот фокус и концентрација кон она што го работиме. Секако дека опаѓа.

Да земеме еден пример со едноставни две задачи: разговор на телефон и проверка на e-mail.

Навистина едноставни задачи гледано од физичка перспектива. Со едната рака го држам телефонот, а со другата глувчето со кое го притиснувам Send/Receive копчето. Но, што се случува од перспектива на нашиот ум? Се би било ОК доколку во тој момент не добиеме e-mail. Но, доколку добиеме e-mail, нашето внимание ќе биде привлечено и веднаш ќе започнеме да го читаме. Како започнуваме да читаме нашата концентрација и фокус кон обработка на информации примени преку сетилото за слух (од телефон) ќе се намалува. Доколку се фокусираме кон слушање на звукот од телефонот не можеме да го исчитаме примениот e-mail. Па затоа слободно може да го напишам следново:

Зголемен мултитаскинг = намален фокусот и концентрацијата кон поединечната задача на која работиме.

Квалитетот на една завршена задача зависи од тоа колку сме фокусирани и концентрирани за нејзино завршување. Тоа значи дека намален фокус и концентрација кон поединечната задача доведува до намалување на квалитетот на завршената задача. Доколку заменам во равенството погоре ќе го добијам следново:

Зголемен мултитаскинг = намален квалитетот на завршената задача.

Од ова мое кратко образложение може да се заклучи дека не може да се смета дека мултитаскингот претставува квалитетна претприемничка особина.

Кои се причините за мултитаскинг?

Мултитаскингот може да биде предизвикан од разни причини. Едни се поради тоа што ние сакаме да работиме така додека други се поради некои надворешни фактори кои влијаат на нас. Но, првин би тргнал од тоа да се проверите дали Вие сте мултитаскинг ориентиран индивидуалец. Одговорете на следниве прашања со Да или Не.

  • Кога сурфате на интернет имате отворено повеќе јазичиња одеднаш?
  • Кога работите нешто на компјутерот често кликнувате на Send/Receive копчето за e-mail?
  • Работите во работна околина во која што постојат лесни пореметувања на концентрацијата?
  • Кога разговарате со некој очи во очи често пати ви се случува мислата да ви отиде на други проблеми?
  • Кога разговарате со некој очи во очи често пати ви се случува да слушате други разговори и да се уфрлувате во истите?

Доколку на повеќето од прашањата одговорите со Да тогаш постои веројатност дека Вие го применувате принципот на мултитаскинг.

Како најважни причини за мултитаскинг би ги издвојил следниве:

  • Работа на здодевни проекти или задачи. Секогаш кога работите нешто и тоа ве прави да се чувствувате здодевно ќе барате нешто што ќе ви ја намали здодевноста.
  • Постојани пореметување на редовните текови за активности. Доколку имате околина на постојани пореметувања ќе се доведете во состојба на мултитаскинг. На пример доколку e-mail клиентот ви е вклучен постојано ќе ви се појавува знак дека сте примиле нов e-mal.
  • Мислење дека така сте поефикасни и поефективни. Ова е едно мислење кое се чини оправдано иако во повеќе случаи не е. За ова пишував во работи на еден проект се до финиш.

Како да го избегнете мултитаскингот?

За крај би дал некои препораки кои може да помогнат во намалување на овие навики и воедно зголемување на квалитетот на завршените задачи.

  • Подели го денот на важни и неважни активности. Неважните остави ги за крај и сите можни пореметувања кои може да се појават за неважни активности исклучи ги. На пример, проверка на e-mail е доволна еднаш дневно па затоа исклучи го e-mail клиентот се додека не дојде периодот за таа активност.
  • Подобри ја сопствената концентрација. Концентрирај се на една задача во одреден временски период.
post

Се зависи од тоа како ги гледаме работите околу нас!

Можеме да смениме како ги гледаме работите

Можеме да го видиме успехот доколку нашиот мозок го ставиме состојба на креативност. Пред некоја недела во сабота беше навистина врнежливо, и иако беше сабота за која сите очекуваме да биде добро времето особено во овој период од годината сепак беше врнежливо. Но, не мора да биде толку црно прикажан еден таков ден. Ние можеме и сме способни да додадеме боја во нашиот живот во еден таков ден.

Тој ден бев во продавницата на мојата сопруга и гледавме преку прозорецот во улицата низ која имаше река и луѓе кои се обидуваа да се задскријат од дождот. Во исто време, мојата сопруга рече ужасен ден, а јас романтичен ден. Тоа е ист ден, гледан од иста или слична позиција и презентиран од две различни лица на два различни начини.

Огромна е разликата во значењето на двата описа – ужасно и романтично. Во тој ден јас видов романтика за двајца кои се сакаат, додека мојата сопруга гледаше низ бизнис перспектива бидејќи потенцијалните потрошувачи се затвораат дома и нема да влезат во продавницата.

Ова е поради фактот што нашиот мозок создава одредени слики за се она што се наоѓа околу нас. Тие слики се единствено наши уникатни слики. Ние навистина гледаме исти работи, но сликите во нашите мозоци се различни.

Кога и ја објаснив мојата слика на мојата сопруга тоа веднаш креираше насмевка на нејзиното лице. Понекогаш се стремиме да ги гледаме работите само од една перспектива и поради тоа и страдаме. Но, доколку имаме позитивни луѓе околу нас, ќе можеме да ја смениме нашата интерна слика и да го тргнеме изразот на страдање од нашето лице.

Пред да тргнам со оние неколку работи кои ми паднаа на ум за оваа проблематика би сакал да се навратам на еден напис од пред повеќе од една година на претприемач: Избегнување на негативците каде го образложував овој проблем од поинаква перспектива. За овој напис ме потсети еден претприемач пред некој месец дека му се допаднал и дека навистина се чувствува дека живее во една таква средина.

Но да продолжам со она што е заедничко за оваа тема:

1. Постои тенденција да ги гледаме работите во негатива.

Како претприемач вие веројатно ќе менаџирате повеќе или помалку вработени. Кај нив ќе постои негирање и негативност за одредени предлози. Вашата работа ќе биде да им објасните и да овозможите таа иста работа да биде гледана исто од сите.

2. Различни луѓе креираат различна слика за иста работа.

Мора да знаете дека различни вработени истата работа ќе ја гледаат различно. Тука не станува збор за негативноста, туку за диференцијација во идеите кои може да бидат корисни. Како што зборував за различни слики во нашите мозоци, постојат различни идеи во секоја од тие слики. Затоа би било корисно претприемачот да погледне во секоја од тие брилијантни идеи и да ги инкорпорира во предметот за кој што станува збор.

3. Мора да бидеме попозитивни.

Доколку сме попозитивни, ќе се чувствуваме многу подобро, а тоа ќе не енергизира за да извршуваме повеќе и повеќе работа. Но, не станува збор само за нас, нашата позитивна енергија и позитивното размислување ќе ги енергизира и луѓето околу нас и целата наша работна и неработна околина. Во едно такво место слободно можеме да очекуваме поголема продуктивност, поголема соработка и поголем квалитет на завршената работа.

4. Треба да ги споделуваме нашите позитивни слики со луѓето околу нас.

Доколку имате поубава слика во вашиот мозок, подобро е да ја споделите таа слика со оние околу вас. Каква би била користа на Вашата позитивност, доколку не ја споделите и ја подобрите Вашата работна околина? Како што јас успеав да извлечам насмевка на лицето на мојата сопруга во околина која и не изгледаше баш перфектно, зошто да не се обидеме да им помогнеме на нашите пријатели, колеги, вработени да се чувствуваат многу подобро во ситуација во која се чувствуваат ужасно.

Се е околу тоа како ги гледаме работите околу нас. Понекогаш ќе гледаме убави слики, а понекогаш нашата околина ќе гледа поубави слики од нас. Како и да е, доколку тие подобри слики ги споделуваме меѓусебно, ќе успееме да гледаме еден прекрасен свет околу нас, свет кој ние го креиравме.

post

Бизнис Капацитет – Секогаш мора да биде земен во предвид!

Кога сме во процес на бизнис планирање ние планираме што треба да изведеме, спроведеме, превземеме во иднина за нашиот бизнис. Ова изведување, спроведување, превземање ќе биде од страна на бизнисот. А бизнисот го сочинуваат:

  • Вие – претприемач (биолошки систем),
  • Вашите вработени (биолошки систем),
  • Технологијата (технички систем) и

Капацитет - Значајна алка во процес на бизнис планирање

Но, при тој процес на бизнис планирање, дали сте ги зеле во предвид капацитетите на бизнисот. Кога велам капацитети на бизнисот мислам на Вашите капацитети, капацитетите на Вашите вработени и капацитетите на Вашата технологија.

Ние можеби ќе сакаме да произведеме 100.000 парчиња од нашиот производ годишно, но нашата технологија ни дозволува само 50.000 парчиња годишен капацитет. Затоа секогаш во процесот на бизнис планирање морате да го имате во предвид капацитетот. Тоа значи, дека ќе треба да се навраќате неколкупати во процесот на планирање за да ги усогласите капацитетите со потребите и очекувањата од Вашиот бизнис.

Што претставува капацитет?

Капацитет едноставно претставува износ на работа која може да биде завршена во одреден временски период или пак способноста или можноста на еден вработен, машина, одделение, погон, сектор, организација да го произведе излезот во одреден временски период. На пример,

  • Еден вработен може да напише на компјутер една страна за 10 минути. Капацитетот е 1 страна/10 минути, или пак 6 страни/1 час, или пак 48 страни/1 ден.
  • Една дупчалка може да издупчи 20 дупки со дијаметар од 10 мм во лим со дебелина од 15 мм за 5 минути. Капацитетот е 20 дупки/5 минути, или пак 240 дупки/1 час, или пак 1920 дупки/1 ден… 10 дупки претставуваат излез на еден производ од таа машина, а тоа значи дека оваа машина има капацитет од 192 парчиња на ден.

Како што забележувате тука не ги земам некои фактори кои само би го намалиле капацитетот, како на пример, биолошки потреби на вработени, одржување на машината…

Она што сакам да го кажам тука е дека капацитетот едноставно претставува количина на излез од еден систем во единица на време.

Треба да напоменам дека различни системи ќе имаат различни капацитети, па дури и во склоп на еден ист систем на пример биолошкиот различни луѓе ќе имаат различни капацитетети. Тоа го наведов и во написот Повеќе работа не значи и повеќе завршена работа.

Два значајни вида на капацитети

Кога се наоѓаме во процес на бизнис планирање ќе треба да размислуваме за два вида на капацитети:

  • Достапни капацитети. Капацитети кои ги имаме во моментов и кои претставуваат нашата реална можност.
  • Потребни капацитети. Капацитети кои се потребни за одреден временски период. Ова се капацитети кои би било пожелно да ги имаме во иднина.

Вашата задача во процесот на бизнис планирање е секогаш да ги споредувате овие два вида на капацитети и да извлечете заклучок во вид на идни активности за зголемување на капацитетите. Логично, бидејќи процесот на бизнис планирање треба да овозможи подобрување на бизнисот во иднина, односно на крајот на периодот на бизнис планот нашиот бизнис треба да биде подобар од денот кога сме го започнале процесот.

Дополнување на Работи на еден проект

Во написот Работи на еден проект се до финиш дадов еден пример за работа на два проекта истовремено и како втора опција e да се работи на еден се до завршување и потоа да се започне со вториот. Во ова проблематика како дел од проектен менаџмент повторно голема улога одигрува капацитетот на бизнисот.

Со соодветно зголемување на капацитетот преку дополнителни вработени, купување на дополнителна опрема или едноставно со изведување на аутсурсинг за дел од активностите на двата проекти ќе можеме да ја постигнеме целта за побрзо завршување на двата проект на кои ќе работиме истовремено. Од друга страна ако повторно го земеме готовинскиот тек во овој приказ ова зголемување на капацитетите неминовно ќе доведе и до зголемување на трошоците за изведување на проектите.

post

Што е она што ја прави To-Do листата ефикасна?

Отсекогаш барам начин како да бидам попродуктивен – да завршам повеќе работа за пократок временски период. Кога имав менаџерска функција пред неколку години, налетав на еден проблем. Проблемот беше што не можев да следам што се треба јас да завршам и што се требаше мојот тим да работи. Дневно се среќававме со 100-тици можни задачи и плус 100-тици идеи за нови задачи кои ми доаѓа во мозокот заради подобрување на Одделението кое го водев. Првото решение на проблемот ми беше имплементација на еден формулар кој требаше да кружи и да ја содржи евиденцијата на она што е сработено од кого и што треба сеуште да се сработи. Тој формулар содржеше и приоритети.

Но, повторно бев затрупан со хартија. Затоа следен чекор ми беше да го автоматизирам процесот. Направив едноставно програмче со база на податоци во MS Access кое ја водеше целата евиденција за мене. Бидејќи мрежно бевме поврзани можев да следaм која задача до каде, кој доцни, зошто доцни, што е завршено итн. Но, она што најмногу ми се допаѓаше беше што по активирање на апликацијата од страна на секој вработен му се јавуваше порака дека имаат толку и толку незавршени задачи за кои рокот изминал. Мислам дека тоа програмче сеуште е во функција и ден денес.

Што претставува To-Do Листа

To-Do листа едноставно претставува листа на задачи или листа на потребни активности кои треба да ги завршиме во одреден временски период. Таа може да претставува и како потсетник за нешто што треба да направиме денес, или утре или пак за една недела.

Тоа е една жива листа која треба постојано да се ажурира. Старите завршени активности се прецртуват, се додаваат нови. Една To-Do листа за еден претприемач не смее никогаш да се остави празна. Барем не смееме да си дозволиме во неа да немаме нови идеи, кои една по една ќе ги реализираме во бизнис целите.

Што претставува ефикасна То-Do Листа?

Кога велам во насловот „ефикасна“ мислам и на ефикасна и на ефективна To-Do листа. Тоа значи To-Do листата да ги содржи вистинските работи кои треба да ги завршиме и тоа на оној единствен вистински начин. Сега, кои се вистинските работи на вистински начин?

  • Вистинските работи се активности кои имаат приоритет во завршување.
  • Вистински начин е да ги завршиме во предвидениот рок.

Пред неколку месеци ја пробав бесплатната верзија, а потоа ја купив и онаа верзија без ограничување iPhone апликацијата која е наречена Awesome Note која ја избрав по пробување на повеќе апликации. Но, се чини дека оваа во глобала ги задоволи моите потреби. Како некои карактеристики би ги издвоил:

1. Постојано кога ќе го вклучам мобилниот гледам дали имам незавршени работи.

Потсетување за незавршени работи

Ова всушност ми врши притисок да отворам и да видам што сум забележал за денес. А имам забележувнaо идеи и задачи од пред еден месец. Идеално е да немам ништо но не е така. Затоа, ќе си ги засукам ракавите и ќе се обидам барем нешто да елиминирам од листата.

2. Класификација во фолдери

Со помош на апликацијата бележам различни задачи, идеи, активности. Затоа и можноста да ги класифицирам во различни фолдери истите како би останал поорганизиран навистина ми претставува една вредност.

Фолдери во Awesome Note

Фолдери во Awesome Note

3. Можност за толку посакуваното X

Прецртување на она што е завршено

Она што ме прави среќен е кога ќе прецртам некоја од задачите и веќе нема да ми се брои. Токму тоа е она што ме поттикнува да продолжам да ја користам To-Do листата. Тоа е онаа единствена движечка сила која ме тера да одам напред. Инаку, една ваква листа доколку не се користи, тогаш е бесцелна. А, дижечка сила мора секогаш да постои доколку сакаме да останеме на патот кој сме го испланирале.

4. Синхронизација со Google Docs и Evernote

И како последна карактеристика која би ја издвоил е синхронизација со Google Docs и Evernote. Ова значи дека онлајн календарот на Google ќе ми биде ажуриран со нови забелешки и активности како и Evernote кој го користам за организација на идеи и собирање на различни материјали од веб.