post

Теорија на бизнис идеи: Барај знаци наместо одговори

Досега во развојот на теоријата дојдовме до еден основен бизнис модел преку одговор на неколку прашања:

  • Кој има таков проблем?
  • Кој би можел да има таков проблем?
  • Какви решенија постојат во моментов на пазарот?

Развој на бизнис модел - Прва драфт верзија

Сеуште сме пред хартија или пред компјутер каде го дизајнираме моделот преку докажување на основните хипотези.

При одговор на тие прашања може да дојдеш до голем број на информации. Едно нешто е важно да го знаеш, секоја информација дури и да сметаш дека не е важна во моментов забележи ја во некоја интерна база на податоци.

Зошто?

Затоа што никогаш нема да можеш да дојдеш до сигурен одговор за тоа дека постои проблем на пазарот. Истото се однесува и за останатите хипотези. Ти бараш знаци, а не одговори кои никогаш нема да ги најдеш.

Ајде низ некој пример да го разјасниме ова со знаците и одговорите. Ќе го користам истите прашања.

#1 Кој има таков проблем?

  • Знак 1: Ти си имал таков проблем и затоа си дошол до таа бизнис идеја. Да, најчесто бизнисите се раѓаат преку сопствениот проблем на претприемачот. И тоа е еден знак. Иако велиме дека не е многу силен се додека не потврдиме дека освен тебе и некој друг има таков проблем, сепак постои веројатност дека ти не си ниту првиот ниту последниот кој го почувствувал тој проблем.
  • Знак 2: Некој од твоите блиски имал таков проблем. И ова е случај на знак, кој не дава одговор и доказ дека постои проблем на пазарот, но сепак е еден знак кој ни кажува дека и кај некој друг постои таков проблем.
  • Знак 3: Постои конкуренција која нуди решенија за слични или исти проблеми. Можеби и најдобар пример е овој пример, бидејќи самото постоење на конкуренција не ни кажува директно дека постои проблем, но индиректно кажува дека за таквите слични проблеми веќе некој се бори на пазарот, што значи дека веројатно поминал низ она низ што ти сега поминуваш.
  • Знак 4: На интернет се бара решение. Анализа на преку пребарувачите исто така дава знаци дека постои проблем, но доколку се бара решението.
  • Знак 5: На социјални медиуми се поставува прашањето. И ова е добар знак кој ни кажува дека постои таков проблем.
  • Знак 5: Си избрал неколку луѓе за кои сметаш дека имаат таков проблем и си ги интервјуирал. Овој знак е доста валиден, бидејќи директно преку интервју ќе докажеш дека постои проблем и ќе дознаеш нешто повеќе за тој проблем.
  • Знак 6: …

#2 Кој би можел да има таков проблем?

  • Знак 1: Трендовите на пазарот покажуваат дека во иднина повеќе луѓе ќе го имаат тој проблем. Добар знак, но не и целосен одговор, сепак трендовите се претпоставки.
  • Знак 2: При интервјуирање на потенцијални купувачи тие ти кажале дека и други може да го имаат тој проблем кога… Исто така знак кој ќе каже и дека постои проблем и дека ќе го имаат и другите.
  • Знак 3: …

#3 Какви решенија постојат во моментов на пазарот?

  • Знак 1: Постојат решенија, постои и проблем.
  • Знак 2: Некои карактеристики од тековни решенија се однесуваат на проблемот кој го анализираме. Доколку се утврди специјално дизајнирана карактеристика на некој производ која е насочена на решавање на проблемот кој го анализираме, тоа претставува знак дека постои проблем на пазарот.
  • Знак 3: Конкуренцијата е силна, значи дека постои проблем и пазарот е доволно голем (хипотеза 3). И ова е добар знак.
  • Знак 4: …

Ова е само како пример, во пракса ќе се добијат и анализираат повеќе знаци, тоа ќе го развиваме во нареден период. Она што е важно, а треба да го знаеш е дека не треба да бараш одговори, бидејќи нема да ги најдеш. Твојата задача како еден “ќе бидам” претприемач е да дојдеш до повеќе знаци, колку што може побрзо заради првичното докажување на хипотезите при развој на твојата бизнис идеја.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*