Вчера дојдовме до бизнис модел кој ја содржеше и големината на секој сегмент, односно тоа е третата хипотеза за доволно голема критична маса која ќе има потреба од нашето решение.
Она што ќе треба сега да го направиме е да навлеземе малку во бројки, односно она што се нарекува предвидување на приходи и трошоци за да видиме дали нашите иницијални бројки кажуваат дека постои надежен бизнис модел. Надежен бизнис модел е оној кој носи профит за бизнисот. Доколку тие бројки покажат загуба, односно не генрираат профит ќе треба да се вратите назад во редефинирање на сегментите, проверка на хипотезите и редизајн на бизнис моделот. Можеби промени во однос на ресурсите или активности кои генерираат трошоци, можеби промена во сегментите преку насочување на сегмент со поголем потенцијал преку редефинирање на карактеристиките итн.
Уште една напомена која морам да ја кажам е дека, вие може да имате повеќе од еден бизнис модел за што зборувавме вчера. На пример, посебни карактеристики за посебен сегмент, со посебни извори на приходи и ценовни стратегии, како и активности, односи, канали и се она што го формира еден бизнис модел.
Целта е да дојдете до оној најнадежниот, вреден за понатамошни тестирања и докажувања.
Сега нашиот бизнис модел ќе биде дополнет со уште три нови елементи:
- Приходи. Бидејќи веќе ги имате дефинирано изворите на приходи, како и големината на сегментите лесно ќе можете да дојдете до дизајн на приходи во бројки. На пример, ако имате сегмент со големина од 100.000 купувачи и вашата претпоставка (нова хипотеза) е дека ќе имате учество на пазарот на тој сегмент од 10% вие ќе имате 10.000 купувачи за твојот бизнис. Доколку тие купуваат по еден производ за цена од 100 денари ќе генерирате приход од 1.000.000 денари.
- Трошоци. Бидејќи веќе ги имате дефинирано клучните ресурси, како и активностите кои ќе бидат главен извор на трошоци за бизнисот лесно можете да дојдете до трошоците кои ќе ги генерира бизнисот врз основа на овој бизнис модел. На пример, имате фиксни трошоци од 400.000 денари годишно, и варијабилни трошоци на продажбата во претпоставените приходи погоре во износ од 500.000 денари вкупните трошоци ќе бидат 900.000 денари за да генерирате приход од 1.000.000 денари.
- Профит. Ова е веќе главната оценка или показател на успешноста на еден бизнис модел. Ние сакаме да генерираме профит. На пример, од претходните приходи и трошоци ќе генерираме профит во износ од 100.000 денари. Доколку овој број е позитивен и поголем тоа значи дека бизнис моделот е подобар.
На сликата е прикажан овој бизнис модел како пример во кој се вклучени и приходи и трошоци.
На примерот презентиран во бизнис моделот профитот е 768.000 денари.
Неколку напомени:
- Во оваа фаза за развој на бизнис идејата и бизнис моделот може да имате 5-10 посебни бизнис модели
- Сеуште користите претпоставки, ова не се докази. Не ги земајте здраво за готово овие претпоставки бидејќи сеуште не се потврдени. Ние само правиме анализа за да дојдеме до бизнис модел кој вреди да се продолжи со тестирање заради потврдување на претпоставките.
- При самиот дизјан на оваа драфт верзија ќе дојдат повеќе идеи за подобрување на бизнис моделот кои е добро веднаш да ги инкорпорирате во истиот.
Speak Your Mind