post

Теорија на бизнис идеи – Хипотеза 1: Подготовка за тестирање

Продолжуваме со развојот на нашата теорија на бизнис идеи.

Денеска ќе продолжиме со развојот на теоријата продолжувајќи со подготовка за тестирање на првата хипотеза која доколку се потврди ќе ни каже дека постои проблем на пазарот за кое нашата бизнис идеја или иден бизнис ќе даде решение.

Добро би било да се потсетиме до каде стигнавме бидејќи ова е серијал на кој ќе работиме цела година.

Зошто еден ваков приод?

Многу бизниси се започнати без цврст доказ дека постои проблем на пазарот кој тие ќе го решат. Но, и многу проекти за равој на нови производи и услуги се започнати во постоечките компании без еден таков доказ. Затоа и статистички гледано многу нови бизниси пропаѓаат уште во првата или неколку први години. Затоа и многу проекти за развој на нови производи се неуспешни.

Пред да започнеш да вложуваш пари, време и енергија за развој на твојот бизнис од соништата, мора да бидеш сигурен дека ќе развиеш бизнис кој решава проблем кој постои. Ова е првото прашање, првата хипотеза, односно нешто што ќе ти каже дека вреди да вложиш време, пари и енергија во развој на тој бизнис.

Доколку не ја докажеш оваа прва хипотеза, тогаш подобро е едноставно да запреш или да се вратиш назад, кон самото решение, односно бизнис идејата. Тоа е прикажано и на шематскиот приказ на процесот.

Теорија на бизнис идеи - Валидација на хипотези

Бидејќи веќе го имаш дефинирано проблемот, и досегашните анализи веќе ти покажале одредено високо ниво на веројатност дека истиот постои сега треба да продолжиш со тестирање на истиот, она што се нарекува “излези надвор од канцеларија”.

Дополнување на бизнис моделот

Бидејќи веќе ги имаш дефинирано сегментите на купувачите за кои сметаш дека имаат проблем кој твојот бизнис ќе го реши и сетоп тоа поставено во твојот бизнис модел (сликата подолу) може да започнеш со подготовките за тестирање на проблемот.

Развој на бизнис модел - Прва драфт верзија

Пред да започнеш со активностите на тестирање на проблемот, потребно е да го дополниш бизнис моделот во делот на останатите елементи од истиот. Досегашниве анализи сигурно веќе ти дале идеи за можни подобрувања на сегашнава испорака на решението на сличен проблем кој постои на пазарот. Така, дополни ги следниве елементи:

  • Односи со купувачи. Ги имаш анализирано сегашните односи, но ти треба да дизајнираш твои уникатни односи со тие купувачи. Обиди се да ги најдеш најголемите недостатоци на конкурентите и нивните сегашни односи. На пример, можеби ќе обезбедиш долгорочни односи надополнети со постојана интеракција преку социјални медиуми, лични контакти, e-mail…
  • Канали. Каналите претставуваат начини на кои твојот бизнис ќе дојде до купувачи за да комуницира и го испорача решението. И тука бидејќи веќе ги знаеш конкурентските може да продолжиш со најголемите недостатоци на конкурентите. На пример, може да одлучиш дека каналите ќе бидат: твои сопствени физички продавници, e-трговија, синџир на мали продавници… Запомни дека каналите треба да обезбедат колку што може поголема достапност на твоите производи. Во оваа фаза (ова се однесува на сите елементи) слободно вметни се што мислиш, не размислувај на трошоци или можностите на изведба бидејќи сето тоа ќе го тестираш со купувачите.
  • Приходи. Вредноста која ќе ја нудиш, заедно со односите и каналите веќе ти навестуваат на можни извори на приходи и начини на наплаќање на производите или услугите кои ќе произлезат. Критичен елемент на секој бизнис модел е одговорот на прашањето како бизнисот ќе “прави” пари. Многу е важно уште во стартот на тестирање да провериш дали начинот на кој сметаш да заработуваш ќе биде прифатлив од страна на тие купувачи. Затоа ќе треба во бизнис моделот да наведеш како ќе заработуваш. Постојат повеќе видови на извори на приходи врз основа на решението или видот на производот или услугата. На пример, може да биде продажба на производот, наплата на износ за користење на определен временски период, регистрација, изнајмување, лиценцирање… Откако ќе одлучиш за изворот на приходите размисли за ценовната стратегија која сакаш да ја примениш. Не е лошо истата да се провери со тестирање на хипотезата. На пример, можеби сакаш да наплаќаш членство од 500 денари месечно по 30 дена бесплатна проба на сервисот кој го нудиш преку интернет.
  • Клучни активности. Овој елемент на бизнис планот треба да ги опфати најважните активности кои бизнисот треба да ги спроведува за да се обезбеди нормално функционирање на бизнис моделот. На пример, може да биде производство, одржување на платформа, развој на нови производи…
  • Клучни ресурси. Овој елемент од бизнис моделот ги дефинира најважните ресурси кои се потребни за да се обезбеди нормално функционирање на бизнис моделот. На пример, хостинг компанија ќе има сервери, луѓе, апликации…
  • Клучни партнери. Овој сегмент од бизнис моделот ги опфаќа сите мрежи на снабдувачи и партнери кои овозможуваат бизнис моделот да функционира. На пример, за една издавачка куќа партнер може да бидат печатниците.
  • Трошоци. Клучните ресурси и активности, како и партнерствата генерираат трошоци за бизнисот. Овој елемент од бизнис моделот треба да ги опише сите трошоци кои ќе се појават за да функционира бизнис моделот. На пример, производството ќе предизвика трошоци, одржувањето претставува трошок и ќе се изрази во пари, набавка на апликации…

Сега, твојот бизнис модел ќе изгледа како на сликата подолу:

Развој на бизнис модел

Сега веќе имаме подготвен бизнис модел кој ќе го тестираме. Ќе продолжиме во следниот наслов со уште една подготовка, а потоа ќе одиме со тестирањето.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*