post

Трговско Кредитно Осигурување

Македонска Банка за Поддршка на Развој

Македонска Банка за Поддршка на Развојот

Во секоја трговска трансакција каде условите на плаќање предвидуваат одложена наплата, за доверителот/продавачот секогаш постои ризик од потенцијална финансиска штета поради неплаќање. Таква финансиска штета може да настане поради комерцијални или некомерцијални ризици доколку купувачот на стоките и услугите не го плати навремено долгот. Авансните плаќања или пак документираните акредитиви не се најпопуларните инструменти во меѓународната трговија  од аспект на купувачите и многу често претставуваат пречка за развој на меѓународната трговија. Денес во една остра конкуренција на глобалниот пазар покрај квалитетот и цената се повеќе се става акцент на условите на плаќање како значаен фактор при реализација на меѓународните трансакции. Се повеќе меѓународната трговија се одвива на принципот на отворена сметка и нашите извозни компании следејќи ги современите трендови во глобалната економија со цел да опстанат на меѓународниот пазар продаваат на отворена сметка (без обезбедување) и се изложуваат на кредитен ризик. Прашање е колку македонските извозници располагаат со ресурси за покривање на загубите од евентуалното ненаплаќање на сопствениот извоз.

За да им се помогне на извозниците вклучени во вакви зделки, МБПР во рамките на своето работење го воведе трговско – кредитното осигурување. Тоа е инструмент за обезбедување на наплатата на побарувањата стекнати по основ на продажба на стока или извршена услуга на странскиот и домашниот пазар. Во сферата на финансиските услуги овој тип осигурувањето се смета за алтернатива на акредитивот со предност од аспект  на инволвирање на  колатерал кон инструментот. Имено, акредитивот е банкарски инструмент за чие издавање барателот мора да врзе дополнителни средства кај банката додека трговско – кредитното осигурување се заснова на оценката на финансиската способност на должникот и утврдување на кредитен лимит согласно кредитната способност на купувачот. На овој начин, продавачот има поголема слобода во поглед на склучувањето на трговските зделки притоа пренесувајќи го ризикот од наплатата на врз осигурителот.

Осигурувањето на извозните и домашни побарувања МБПР го воведе во 2001 година. Предмет на осигурување претставуваат краткорочни комерцијални и некомерцијални ризици.  Корисник на трговско – кредитното осигурување може да биде секој домашен стопански субјект, кој врши извоз на стоки и услуги на отворена сметка со рок на плаќање до 180 дена.

Осигурувањето како сервис примарно овозможува управување со кредитниот ризик на осигуреникот и обезбедува висок процент на заштита (до 90%) од непредвидени настани кои би го влошиле неговото нормално работење. Концептот на реализација на осигурувањето е превземен од тековните реосигурители на МБПР кои според STANDARD & POOR’S се рангирани во A/STABLE и A/STRONG. Се работи за Atradius Re со седиште во Даблин, Р. Ирска, кој е дел од интернационалната групација Atradius етаблирана како една од водечките компании во светот во овој бизнис. Потоа Nationale Borg од Амстердам, Холандија и SID-PKZ, развојната словенска банка. Соработката со овие компании и  овозможи на Банката да го имплементира производот според светски стандарди на начин и под услови прифатливи на меѓународниот пазар, но истовремено да ги користи и сервисните поволности кои овие институции ги развиле во своето работење. Така на пример испитувањето на бонитетите на странските партнери се врши врз основа на информации добиени директно од локалните институции. Исто така, во случај на осигурен настан – стечај или продолжено неплаќање, преку мрежата на агенции на реосигурителите Банката може директно преку локалната институција или агент да пристапи до должникот и да интервенира во насока на брзо решавање на проблемот. На овој начин Банката индиректно постигнала пристап до висококвалитетна услуга понудена под конкурентни пазарни услови.

Од друга страна, соработката со институции од ист карактер ја промовира Банката како извор кој може да обезбеди солидна финансиско-економска информација за македонските трговски друштва. Со изработката на кредитни извештаи за домашните увозници се овозможува осигурување на нивниот долг кон странските партнери. Со тоа  домашните увозници би можеле потоа од странските добавувачи да купуваат стока на одложено, доколку располагаат со добар бонитет ,а притоа да немора да отворат банкарски гаранции или авансно да плаќаат за купената стока.

Промоција на македонското стопанство Банката врши и преку нејзиното членство во Прашкиот Клуб составен дел на Berne Union, светска асоцијација на осигурителни и реосигурителни компании во сферата на кредитното осигурување. Со своето членство во клубот, МБПР се здоби со единствена можност да воспостави професионална соработка со другите членови на Клубот и да учествува на состаноци и семинари со висок професионален квалитет на организација и дискусии. Преку создавање на форум за професионална соработка и размена помеѓу членките на клубот, МБПР е директно инволвирана во следењето и развојот на финансиските и осигурителните збиднувања во секторот во регионот и пошироко, и може директно да влијае врз подобрувањето на трговската размена на земјата со понуда на финансиски инструменти кои најадекватно одговараат на потребите на македонските извозници.

Во рамките на работењето и реализацијата на осигурувањето се јавува потребата од анализа на ризикот на земјите каде македонските фирми вршат извоз. За таа цел, Банката врши и анализа на ризикот на земјите претставена како класификација според степенот на ризик. Ваква класификација се изработува по барање на НБРМ заради нејзини специфични потреби а истата е достапна до Премиерот на Владата на РМ и министрите на Министерството за финансии и економија.

Исто така, во тек се активности за промовирање на договорот за осигурување, односно полисата како колатерал при користење на банкарски услуги. Ова е од особено значење за приватниот сектор, како главен двигател на економскиот раст бидејќи овозможува полесен пристап до финансиски средства и со поповолни услови.

*****************************************************************

Овој напис е напишан од Дарко Стефановски – Шеф на Сектор за кредитно осигурување – Македонска Банка за Поддршка на Развојот. Телефон: 02 3115 844 Локал 104, 113 и 217.

*****************************************************************

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*