post

Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Резултати

Кои се одлучувачки фактори за да кажеме дека еден претприемач е успешен претприемач? Ова беше една анализа која ја спроведовме во изминативе две недели. Во анализата учествуваа над 100 читатели на претприемач кои одвоија неколку минути од своето драгоцено време. Благодарност до сите кои учествуваа и кои допринесоа во оваа анализа на некој начин.

Овој напис е една анализа на самите резултати и коментар на истите, а секој од овие 10 фактори и сите оние кои беа дополнително наведени од Вашата страна ќе бидат презентирани како посебни наслови.

Резултатите се навистина интересни и откриваат различни размислувања за тоа што го прави еден претприемач да биде успешен претприемач.

Резултати за одлучувачки фактори за да бидете успешен претприемач

Како што можете да забележите на сликата погоре различно е мислењето во однос на одлучувачките фактори за еден претприемач да биде успешен претприемач. Еве како изгледаат истите во проценти:

ФАКТОР ЗА УСПЕХ
% НА ОДГОВОРИ
Знаење
16,50%
Креативност
16,50%
Вештини
13,30%
Интелигенција
12,80%
Истрајност
10,60%
Искуство
10,10%
Воркохоличност
6,90%
Талент
5,00%
Врски
4,60%
Среќа
3,70%



Забалежувате дека знаењето и креативноста убедливо се на прво место. и поради тоа би ги ставил во групата на најважни фактори. Во втората група на важни фактори кои го прават претприемачот успешен претприемач се вештините и интелигенција. Средно важни фактори се истрајност и искуство, додека најмалку важни фактори се воркохоличност, талент, врски и среќа.

Според овие резултати го добиваме следново:

Еден претприемач за да биде успешен претприемач треба да има:

  • Знаење за проблематиката на бизнисот кој ќе го започне,
  • Креативност за да биде уникатен и постојано да го подобрува бизнисот,
  • Вештини за различни бизнис потреби,
  • Интелигенција за да се снаоѓа во секакви ситуации и да ги решава најтешките проблеми,
  • Истрајност за да не се откажува по првиот пораз, бидејќи ќе има многу порази кои не значат и загубена војна,
  • Искуство за да ги применува сите досегашни искуствени состојби кои ги имал.

Значи ова се едни од најважните особини. Истото ова ќе го пронајдете и во секој учебник за претприемаништво и малиот бизнис. Дека не е важно дали е воркохолик или не е веќе пишував во: Дали претприемач воркохолик е успешен претприемач? Талентот може да помогне, но не е неопходен.

Врските ми се малку проблематични бидејќи знам претприемачи кои изградија империја на својот бизнис со помош на одредени врски во Владата во изминативе 15-тина години. Најслатки и најчисти пари за секој бизнис се државните пари, така да некое тендерче, јавна набавка или било што поврзано со трошење на буџетски средства може навистина да му помогне на секој претприемач да изгради успешен бизнис. Но, ОК во учебниците не пишува за можноста една врска да го катапултира претприемачот во светот на успешните.

Среќата претставува психолошки фактор. Некој претприемач може да каже дека нема среќа, некој пак ќе каже дека му се сложиле коцките и едноставно успеал. И навистина има некои „среќлии“ кои едноставно се нашле случајно на вистинско место и во вистинско време. Но, сепак тоа се еден мал процент и не може да се вклучи како некој озбилен фактор за успех.

Дополнителни фактори за успех на претприемачот

Во самиот прашалник како второ прашање имаше можност да се внесат дополнителни фактори за кои сметате дека се значајни еден претприемач да биде успешен претприемач. И навистина некои од размислувањата се креативни и ми се допаќаат. Следниве фактори беа наведени дополнително:

  • Тимска работа. Никој не може ништо да постигне сам па ни претприемачот бидејќи претприемачот не е „супермен“, така да во целост се сложувам дека треба да има карактеристика на тимски играч.
  • Визија, мисија и победнички став. Визијата претставува поглед во иднината и секако дека претставува важен елемент иако мислам дека визијата е комплекс од креативноста, знаењето, интелигенцијата, искуството и знаењето кои пак се елементи кои веќе ги опфативме како најважни. Ќе имам квалитетна визија доколку ги имам наведените карактеристики. Мисија пак е нешто што треба самите да го дефинираме за нашиот бизнис – што ќе правиме во иднина. Но, победнички став е нешто сосема друго. Победнички став е резултат на самодоверба што пак е наведено како една карактеристика подолу.
  • Преземање на ризик. Ова е навистина едно од најотворените прашања: Дали претприемачот превзема ризик? Да, секое започнување на бизнис претставува преземае на ризик. Но, поважно е каков ризик превзема еден успешен претприемач? Најчесто се споменува зборот вкалкулиран ризик како најсоодветен збор за оваа карктеристика на претприемачот. Повеќе за оваа карактеристика во еден од наредните написи кога целосно ќе ги разработиме овие карактеристики.
  • Чесност. Чесноста е важна во секој случај, но понекогаш чесноста, да бидеме реални може да му биде и најголемиот непријател на еден претприемач во сложени услови како што се нашиве.
  • Самодоверба. Навистина самодовербата е еден важен и клучен фактор за секој претприемач. Сметам дека никој не би бил претприемач доколку немал самодоверба дека може, знае и умее да започне и води сопствен бизнис.
  • Упорност. Упорноста едноставно претставува одбивање да се откажете од нешто, односно способност да ги продолжите вашите акции наспроти Вашите лични чувства дека не сте подготвен за тие акции. Чувствата и мотивацијата не произведуваат резултати, туку акција е таа што произведува резултати. Упорноста и истрајноста која претходно ја идентификуваме се значајни фактори за успех на еден претприемач.
  • Спремност да превземе акција. Ова е можеби и најважниот фактор за успешноста на еден претприемач кој намерно го изоставив од предложените 10 фактори. Но, наредниот напис во однос на овие фактори за успех ќе даде целосно обрзложение зошто овој фактор е најважен.
  • Ниедна од горенаведените. Овој предложен фактор ми се допаѓа најповеќе бидејќи навистина мислам дека ниеден од досега изложените фактори (освен спремност да се превземе акција) не се нешто без кое не може да се биде претприемач. Но, и за оваа во утрешниот напис – Теорија наспроти реалност за успешен претприемач.

За крај на овој прв напис од серијалот за профил на успешен претприемач накратко би ги сублимирал сите фактори кои преку оваа анализа ги идентификувавме:

  1. Спремност да превземе акција,
  2. Знаење,
  3. Креативност,
  4. Вештини,
  5. Интелигенција,
  6. Истрајност,
  7. Упорност,
  8. Тимска работа,
  9. Вкалкулирано ризикување,
  10. Самодоверба,
  11. Искуство,
  12. Талент
  13. Чесност,
  14. Врски и
  15. Среќа.

Продолжува: Успешен претприемач – Одлучувачки Фактори – Реалност

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] одлучувачки фактори за успех за кое ги презентиравме резулатите и ја подготвивме хиерархијата на најважните фактори […]

  2. […] за ажурирањата на претприемач.Во вчерашниот напис за Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Резултат… со помош на анкетата која ја спроведовме во […]

Напиши одговор на Успешен Претприемач - Одлучувачки Фактори - Реалност | Претприемач Откажи одговор

*