post

Важноста на брзи одлуки

Во претходниот напис навлегов во еден различен пристап на претприемач визнионер и претприемач опортунист (кој постојано бара можности, но никогаш не ги наоѓа).

Зошто опортунистот не ги наоѓа, или подобро кажано претвора најдените можности во квалитетен бизнис?

Затоа што постојано е зафатен со барање на нови можности и кога ќе најде некоја можност не носи одлука за искористување на истата.

Донесување на брзи одлуки

Зошто се потребни брзи одлуки?

Не можеме да донесуваме одлука и тој процес да трае вечно. Претприемничкиот живот и водење на успешен бизнис бара брзи одлуки бидејќи наместо Вас во секој момент слична таква одлука може да донесе конкуренцијата.

Како најважни причини зошто треба брзо да одлучувате би ги издвоил следниве:

1. Брзо искористување на пронајдени можности

Вие ќе откриете некоја можност, но таа можност нема да има вредност за Вас и за вашиот бизнис доколку не ја искористите. Затоа ќе треба брзо да одлучите како да ја искористите таа можност и кои активности кој ќе треба да ги спроведе за искористување на таа можност.

2. Брз одговор на барања и потреби на потрошувачите

Вие како претприемач и Вашиот бизнис постоите за да ги задоволите барањата и потребите на Вашите потрошувачи. Доколку откриете кои се промените на нивните барања и потреби не можете вечно да одлучувате за тоа како да ги задоволите бидејќи место Вас конкуренцијата ќе го направи тоа. Затоа е потребна брза одлука.

3. Брз одговор на активностите на конкуренцијата

Како што Вие постојано спроведувате бизнис активности, така и Вашата конкуренција не мирува туку спроведува одредени бизнис активности врз основа на кои се борите на пазарот за привлекување на потрошувачите. Секој нивен чекор ќе бара Ваш контра чекор. Затоа треба брзо да одлучите за тоа кои ќе бидат Вашите контра активности и како ќе ги примените.

Брзина наспроти квалитет

Многу често се поставува оваа прашање. Како влијае брзината на одлучување врз квалитетот на одлуката?

Квалитетот на одлуката секако дека зависи од брзината на донесување на таа одлука. Така да слободно можеме да кажеме дек квалитетот на одлуката е функција од брзината на одлучување.

Квалитетна одлука = f(брзина на одлучување) каде поголема брзина значи помал квалитет и обратно

Ова е логично, но не и единствено. Едно нешто е сигурно, зад секоја добра и квалитетна одлука стојат информациите кои ги имаме и врз кои ја донесуваме одлуката. А одлуката ја донесуваме ние претприемачи и самата брзина зависи од нас. Колку повеќе информации имаме толку потешко ќе имаме брза одлука. Затоа брзината на одлучување претставува функција од информациите и претприемачот. Така да горното равенство ќе биде:

Квалитетна одлука = f(информации, претприемач)

Ќе се обидам накратко да влезам во оваа тајна на информации и претприемач како основа за брзината на одлучување.

Колку повеќе информации имаме ќе биде потешко донесувањето на одлуката од страна на претприемачот, односно ќе биде потребно повеќе време. Понекогаш никогаш нема да имаме доволно информации за донесување на одлука, па брзината на одлучување може да оди временски до бесконечност, односно воопшто да не донесеме одлука, што во овој случај не е добро. Ова е поради фактот што постојано времето ќе го трошиме на собирање на информации. Од друга страна информациите треба да се обработат за да бидат во форма преку која лесно и брзо ќе воочиме некои трендови и некои скриени трендови кои ќе бидат корисни за одлуката на претприемачот. Значи за квалитетни одлуки треба да имаме оптимална количина на информации во форма која дава можност за одредени проценки од страна на претприемачот. Така да нашата формула од погоре сега би изгледала вака:

Квалитетна одлука = f(f(оптимална количина на информации, форма), претприемач)

За да претприемачот успее да извлече квалитетни заклучоци од информациите претставени во соодветна форма ќе треба да има одредени способности за препознавање на трендови и од некомплетни информации. Велам некомплетни информации бидејќи нашата цел е да донесеме квалитетна одлука и тоа брзо. Затоа е потребна способноста за аналитичност. Така да квалитетна одлука за краток временски интервал ќе биде претставена со следнава формула:

Квалитетна одлука = f(f(оптимална количина на информации, форма), аналитичност на претприемачот)

Аналитичност како основа за брзи одлуки

Како што можете да забележите аналитичноста претставува способност на претприемачот врз основа на некомплетни информации да извлече заклучок за да донесе квалитетна одлука. Се смета дека оние успешните претприемачи донесуваат брза одлука а нивната сопствена сигурност за исправноста на одлуката која ја носат е 70%.

Карактеристиката на аналитичните луѓе е да имаат мозок кој брзо размислува и да гледаат во група на информации и податоци во која ќе забележат нешто што просечниот човек не може да го забележи. Знаењето е еден предуслов со кој еден претприемач може да биде аналитичен.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] на непотполни информации и податоци за што пишував во Важноста на брзи одлуки. Доволно е да дојдете до знаци врз основа на кои ќе […]

  2. […] што можете повеќе идеи за името. Едноставно започни со донесување на одлука за тоа што треба да пренесе името на бизнисот. На бел […]

Speak Your Mind

*