post

Во светот не недостасуваат идеи, туку оние кои ќе ги реализираат

Бизнис идеите се само еден мал дел од севкупниот процес кој обезбедува претприемачко однесување. Но, за жал во голем дел од тој процес многумина го ставаат фокусот само на нив.

кога бизнис идеи не успеваат

Да расчистиме уште на старт, не значи дека бизнис идеите не се важни, но не значи и дека се најважни за да генерираат успех. Веќе знаете дека тие имаат бизнис потенцијална енергија, но сепак таа енергија е само еден многу, многу многу мал дел од севкупната енергија потребна за генерирање на успех. Особено што како прво таа треба да се пренесе како прво на друг елемент со бизнис потенцијална енергија и потоа со понатамошен пренос да се трансформира во бизнис кинетичка енергија.

Сите сме различни. Сите сонуваме. Сите фантазираме. Сите знаеме што ни треба нам и делумно што им треба на други луѓе. Сите имаме одредена визија за иднината, што значи знаеме како сакаме да изгледа таа иднина во која ќе се најдеме и ние и сите околу нас. Сето тоа се добри предуслови за добри бизнис идеи. Но, сепак сите го имаат тој потенцијал, можеби некој повеќе, а некој помалку. Но, сепак секој има потенцијал и може да даде допринос за креирање на иднината.

Од друга страна, сосема е јасно дека не сите го трансформираат тој потенцијал во нешто опипливо, нешто што навистина ќе ја креира таа иднина од нашите соништа, нашата фантазија, нашата визија… Тоа е и разликата.

Добивам многу прашања за тоа дали да направам вака или онака, што ако ми ја земат идејата, што ако погрешам… Одговорот е едноставен. Нема да знаете се додека не се обидете.

Ќе ми ја преземат идејата

Ако е толку лесно да ви се земе идејата значи дека:

  • Прво, вашата идеја не е толку уникатна и лесно е да се копира и имплементира од било кој. Прашањето е што е суштината на вашата идеја, односно каде ја гледата клучната вредност? Многу компании со уникатни идеи имаат забележано брз раст, но едноставно и брза стагнација и опаѓање. Не е заради идејата, туку заради иновативноста на идејата или интелектуалната сопственост на која се базира самата идеја.
  • Второ, вие не сте ја пренеле самата идеја на следниот чекор во процесот со што веќе би биле неколку чекори пред оние кои може да ви ја преземат. Идеите бараат имплементација инаку се безвредни. Со секој понатамошен чекор во имплементација и самата идеја се подобрува и станува се понедостижна за другите, ако ништо друго останатите ќе доцнат по вас. Секој понатамошен чекор и дава на самата идеја, односно веќе на самиот претприемачки процес дополнителна вредност која ќе биде видлива само за вас како претприемач и за вашите купувачи, а многу потешко за вашите потенцијални конкуренти. Вие на идејата со секој чекор понатаму и давата живот.

Што ако погрешам?

Сите грешиме, па и вие не сте некој безгрешен. Делумно може да се гледа и на начин што грешките ќе ги гледате како процес на подобрување на самата идеја.

Едно нешто е сигурно, а тоа е дека нема да погрешите само доколку не започнете со реализација на идејата. Но, тогаш вашата идеја не вреди и точка.

Што ми треба за да започнам со реализација?

Веќе многу пати имам пишувано за онаа што една идеја треба да содржи за да се каже дека е добра идеја за вас и за пазарот. Дел од процесот на идеизација исто така претставува прилагодување на идејата од една страна со вас како еден претприемач и пазарот од друга страна кој ќе треба да ги користи благодетите од таа ваша идеја.

Тоа прилагодување, содржи и идеја за чија имплементација ќе имате голема пасија.

Значи можеме да кажеме нешто вака за целта на овој наслов:

Успешен стартап = Бизнис идеја + Акција = f(пазар, претприемач, процеси, ресурси)

каде

  • f(пазар) = f(купувачи, конкуренти, снабдувачи, партнери),
  • f(претприемач) = f(пасија, знаење, вештини, искуство),
  • f(процеси) = f(менаџмент, производство, маркетинг, продажба) и
  • f(ресурси) = f(луѓе, финансии, технологија).

Оној кој ќе ја направи оваа функција на најсоодветен начин, ќе обезбеди и доволен проток на бизнис потенцијална енергија и најоптимален трансфер на истата.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*