post

Достапна е нова верзија на Word Press 2.9 – Кармен

Пред неколку дена ја ажурирав платформата на која работи претприемач – WordPress на најновата верзија 2.9 наречена Кармен (Carmen). Бидејќи во 10-те видео материјали за изработка на веб презентација за Вашиот бизнис WordPress е главната опција, а и во написите и артиклите за интернет бизниси и интернет маркетинг, особено во написот за WordPress VS Joomla како победник го промовирав WordPress, би сакал накратко да ги искоментирам најновите опции кои што ги забележав во оваа најнова верзија.

Пред да преминам на тие карактеристики би напоменал дека пред некое време оваа моќна платформа е изберена за најдобра Open Source CMS платформа (платформа за менаџирање на содржина на интернетот). Повеќе детали за ова можете да прочитате на Open Source CMS Award. Инаку се до оваа година WordPress беше жртва на сопствениот успех како платформа за блогирање иако претставува комплетно CMS решение за комплексни веб страни. Но, оваа година грешката е исправена и конечно WordPress дојде на врвот каде што му е местото. Им честитам на сите дизајнери кои работат на усовршување на WordPress.

Па да преминам на главните карактеристики.

Едитирање на слики

Она што најмногу ми се допадна е што во оваа најнова верзија е додадена можност преку самата WordPress апликација да ги едитирате сликите кои што сакате да ги објавите на веб. Оваа нова функција овозможува 3 основни манипулации со сликите (Crop, Rotate и Flip).

WordPress Едитирање на слика

Корпа со отпадоци (Recycle Bin – Trash)

Она што ни е познато во Windows како корпа со отпадоци која служи да ги складира Вашите избришани податоци за уште една проверка за да не избришете нешто по грешка сега е додадено во WordPress како функција Trash. Оваа функција служи за бришење на одредени написи, но всушност не ги брише целосно туку се наоѓаат во Trash – Отпад од каде можете едноставно да ги избришете целосно или да ги вратите доколку сте избришале нешто по грешка.

Ажурирање на група на додатоци одеднаш

Досега доколку излезеше некоја нова верзија на некој додаток (Plugin) ќе моравте да одите еден по еден да го ажурирате. Во најновата верзија можете да ги ажурирате сите додатоци одеднаш при што WordPress ќе провери дали има нова верзија и дали е компатибилна со Вашата WordPress платформа. Нема веќе страв од тоа дека ќе инсталирате некомпатибилен додаток.

Едноставно внесување на видео од YouTube

Оваа опција не е само за YouTube туку и за Blip.tv, Flickr, Viddler и други познати видео сервиси на интернет. Наместо како досега да се копира и лепи кодот на видеото од сервисот каде е аплоадирано сега едноставно само со лепење на URL-то на видеото ќе можете да прикажете видео на Вашата веб страна.

Други подобрувања

Овие досегашни подобрувања се оние кои успеав да ги видам визуелно како нови опции. Но, прочитав дека во најновата верзија се опфатени уште еден куп на други подобрувања кои се однесуваат на безбедноста, на бубачки во кодот и функционалности во однос на коментарите и оптимизација на базата на податоци.

Во секој случај мислам дека оваа верзија 2.9 претставува претставува револуционерна верзија на овој систем за менаџирање на содржина на интернетот. Верувам дека согласно досегашната практика на дечките од WordPress набргу ќе излезе подверзија на оваа верзија, бидејќи за само една година започнав со верзијата 2.7 па следуваа подверзии, за потоа да се појави верзијата 2.8 која многу повеќе се однесуваше на безбедносните елементи и сега пристигна оваа верзија со повеќе функционални елементи.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*