post

Застареност или актуелност?

Денес еден бизнис и еден претприемач не може да се замисли без информации. Основа за донесување на квалитетни одлуки претставуваат информации. Но, сепак не било какви информации, туку квалитетни информации. А, ако информациите се важни за еден претприемач, тогаш и изворот на информации ќе биде исто така важен.

Застареност или актуелност на информации

Кога станува збор за информации пред една година вршев едно истражување во 30-тина македонски мали и средни бизниси во однос на деловно разузнавање. Резултатите од тоа истражување се објавени во неколку домашни и странски научни списанија. Основа на деловно разузнавање претставуваат информации.

Од друга страна работев едно 3 години во Царинска Управа, во одделението за разузнавање, каде информациите беа посензитивни во секој случај. Но, таму научив многу работи преку тоа што се обидував да го олеснам и автоматизирам процесот на прибирање и обработка на информациите.

Едно нешто е важно и треба да го запомни секој претприемач дека информациите претставуваат еден од највредните ресурси на секој бизнис.

Извори на бизнис информации

Прво и основно за некоја информација да се класифицира како квалитетна или пак важна е да се процени изворот на информацијата. Постојат повеќе методи на проценка на изворот на информациите кои се користат од страна на разузнавачките кои јас тука не би ги изложувал. Тоа се систематизирани процеси кои по завршување даваат една оценка, која кога ќе ја погледнеш ти кажува дали информацијата да ја земеш за озбилно или не.

Два вида на извори на бизнис информации

Информации за бизнисот може да дојдат од два извори:

  • Внатрешен извор. Сопствени бази на податоци или пак записи, билтени или пак извештаи во самиот бизнис.
  • Надворешен извор. Едноставно од секаде.

Посебно ми е интересен надворешниот извор на информации за бизнисот. Во она истражување што го напоменав на почетокот добив резултати дека информациите од внатрешните извори се обработуваат некако во вид на Excel извештаи или табели и графици. Но, она што е загрижувачко за мене е дека концептот на еден систем за прибирање на информации од надворешноста на бизнисот воопшто не е воспоставен или пак не се знае како да се воспостави или зошто би користеле тие информации.

Ќе земам еден пример. Вие сте претприемач и се наоѓате пред одлука за проширување на Вашиот бизнис во друг регион во Вашата земја. За да донесете квалитетна и вистинска одлука ќе ви треба информации за:

  • Потрошувачи. Какви се нивните навики, однесувања, приходи, желби, проблеми итн.?
  • Конкуренти. Што нудат конкурентите? Како продаваат? Кои им се идните планови?
  • Потребна инвестиција. Колку ќе треба да инвестирате?
  • Повраток на инвестиција. Како ќе ја повратите и кога ќе ја повратите инвестицијата?

За да одговорите на овие прашања ќе ви требаат информации.

Да земам друг пример. Вие како претприемач треба постојано да го проширувате Вашето знаење. Знаењето се проширува со примање на информации преку:

  • Читање на книги,
  • Читање на весници и списанија,
  • Читање на веб страни на интернетот итн.

Што има предност: староста или актуелноста на информацијата?

Конечно стигнав до она што ми е целта со овој напис. Често пати од прва отфрламе прием на одредени информации во нашиот мозок и тоа најчесто заради староста на информацијата.

На пример, одбиваме да прочитаме некоја книга само заради тоа што е постара. Иако сме свесни дека не сме го собрале целото знаење (и да сакаме не можеме) и дека можеби ќе има квалитетни информации за нас. Дали треба да ја отфрлам книгата од Peter Drucker која е стара пред 15 години само заради староста? Секако дека не. Од таа книга можам да научам многу работи за бизнисот од единствениот гуру над сите гуруа за бизнис светот. Ако, погледнам и во новите книги, скоро во сите ќе прочитам повикување на некои негови дела. Дали треба да јa отфрлам книгата на Abraham Maslow само заради тоа што е стара иако во не тој зборува за хиерархија на човечки потреби кои се актуелни и ден денес.

Староста на информација е едноставно времето кога е произведена таа информација. Актуелноста на информацијата е едноставно примената на истата во денешни услови.И двата критериума за информацијата се важни во различни прилики на донесување на одлука.

Кога сум кај книгите би тргнал со уште еден пример. Имам едно 50-тина книги во мојата приватна библиотека од скоро 400 книги за математика. Најстарата книга ми е од 1903 година – Учебник по математика за второ или трето одделение. Она во што се изненадив е актуелноста на истата и во денешни услови. И во таа книга и во некоја понова книга пишува дека 2 + 2 = 4. Само што во таа книга се користат грошови за објаснување а во поновите јаболка и круши.

Доколку ги користите и двата критериума за селекција на информации кои ќе ги примите и го примените прво критериумот старост, нека следи веднаш прашањето: Дали е актуелно?

Актуелноста треба секогаш да има предност пред староста.

Еве уште примери:

  • Како претприемач Вие треба да донесете одлука за нов производ. Имате база на податоци со одговори на прашалници за таков производ од претходните 10 години. Вие не треба да ги отфрлите постарите информации, бидејќи со нив ќе можете да видите еден тренд или образец на однесување на потенцијалните купувачи на еден таков производ.
  • Како претприемач Вие треба да донесете одлука дали да го ширите сопствениот бизнис во Москва. Читате информација дека Хитлер во 1940-тите години ја нападнал Русија и стигнал скоро до Москва. Дали оваа информација е стара? Да. Дали е актуелна? Не. Во ваков случај ја игнорирајте ја  информацијата бидејќи не е важна за она што се случува денес.

Уште еднаш: Секогаш првин проверете дали информацијата е актуелна, односно дали е вредна во денешни услови пред да ја отфрлите заради застареноста.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*