post

Зближување и оддалечување на компаниите и земјата домаќин

Постојат голем број на фактори кои придонесуваат за зближување или оддалечување помеѓу една транснационална компанија и земјата домаќин. Поради лошото искуство, голем број луѓе во неразвиените земји сметаат дека деловните односи со транснационални компаниите се или нечесни (потплатени домашни политичари, образование или вработување на деца на политичари на сметка на компанијата и слично) или исклучително експлоатирачки и неповолни. Но, причината која ги тера на соработка со транснационална компанија, е тоа што преку нив се доаѓа до финансиски средства, се добива понапредна технологија, напреден менаџмент, се зголемува вработувањето, вработените се здобиваат со поголемо искуство преку праксата и слично.

Двете страни влегуваат во меѓусебна соработка, најчесто поради заеднички интереси и со добра волја договорените начела за работењето да бидат почитувани од двете страни.

Со текот на времето и двете страни можат да ги променат ставовите, интересите, апетитите, па да се создадат услови за конфронтација. Бидејќи знаеме дека транснационални компании одат во други земји за да ги искористат нивните ресурси (природни богаства, енергија, човечки потенцијал преку одлив на мозоци или ловење на таленти, користење на транспортните коридори, приближување до пазарите заради нивното полесно освојување и слично), во еден момент земјата домаќин може да констатира дека компанијата го максимизира искористување на тие ресурси, а за возврат малку дава.

Причини за судир од страна на земјата домаќин може да биде:

  • националното користољубие,
  • остварувањето екстремни профити на компанијата,
  • големите социокултуролошки разлики,
  • чувствството на подчинетост и експлоатација,
  • искористувањето на најдобрите домашни луѓе од страна на компанијата,
  • дејствување на компанијата спротивно на општествените обичаи и слично.

За спроведување на своите интереси, транснационалните компании се во состојба тајно или јавно да ги финансираат или на друг начин да ги подржуваат политичките опции, кои подоцна би се реванширале на компанијата со доделување на одредени концесии. Некогаш, митото кое се дава на локалните политичари се покрива со “божемните”, едукативни потреби. За да ги намалат можните загуби, компаниите најчесто се обезбедуваат со државни гаранции, дадени од својата или од државата со која влегуваат во соработка, па за нејзе ризикот во работењето е минимален.

Некогаш, во земјите каде постои ризик во работењето, се практикува пресметување на нереално високи цени, што се толкува како “премија за ризик”. Доколку не постојат експлоататорски договори, можно е негодувањето да биде помало, а со тоа и обидите за раскинување на договорите. Меѓународните корпорации, кај своите менаџери мора да развијат општествени и дипломатски вештини за да ги попречат можните судири, бидејќи секој судир е спротивен на интересите на компанијата, па тие мораат успешно да ги решаваат настанатите проблеми. Можните судири не се во интерес ниту на една страна, па на почетокот на договарањето се утврдуваат условите и начините за решавање на споровите. Доколку некој спор не може билатерално да се реши, можно е да се оди на арбитража и пред меѓународните судови, што и двете страни го одбегнуваат и се обидуваат самостојно да ги решават споровите.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*