post

Жени претприемачи во Република Македонија

Првин, нека Ви е честит Денот на Жената – 8-ми Март и секако имајте голем успех во се што ќе се нафатите да работите!

Дали треба или не треба да се пишува и зборува за жени претприемачи. Мое лично мислење е дека нема и не треба да постои разлика и поделба на мажи и жени претприемачи. Сепак, науката, светската литература и праксата покажуваат голем интерес кога станува збор за жени претприемачи. Готово и да не постои книга за претприемништво која се користи како учебник на нашите, но и на светските универзитети, а да нема цело едно поглавје за оваа тема.

Овој пост е малку подолг бидејќи претставува реобјавување на претходен пост кој се наоѓаше на артиклите на претприемач, а кои полека ги селиме тука и во исто време е надграден со нови идеи, мислења и ставови од перспектива на оваа 2011 година.

Жени претприемачи

Жени претприемачи

Сведоци сме на се подобра положба на жените во целиот свет. Еманципацијата продира во сите земји. Меѓутоа постојат и сиви зони каде правата на жените никако не се во задоволителен обем. Дали меѓу тие неповолни сиви зони каде се загрозени женски права се наоѓа и Република Македонија?

Меѓу негативностите што ја придружуваат транзицијата спаѓа и големиот број на невработени луѓе. Без оглед дали тие се отпуштени поради неработење на фабриките или поради тоа што се прогласени за технолошки вишок или воопшто не успеале да се вработат, се формира армија на невработени и сите тие негативни последици ги чувствуваат и жените. Поради ова многу жени се оставени сами да се грижат за себе и за својата егзистенција, па честопати стануваат жртви на насилство, сексуално вознемирување, проституција и др.

Меѓународните фактори се загрижени за статусот и положбата на жените во земјите опфатени со транзицијата и покажуваат интерес за што побрзо решавање на таа состојба. Се одржуваат конференции за женско претприемништво и се организираат инкубатори.

На жените претприемачи им е потребна посебна помош: образование, стекнување на специфични способности и знаења, финансирање, техничка помош, влевање на самодоверба преку различни обуки, практична настава и слично.

Потребно е да се создадат еднакви услови и можности за работа и на мажите и жените, а со тоа да се создадат и условите за отстранување на дискриминацијата на жените.

Значајна е и заштитата на жената како мајка, што значи помош при одгледувањето на деца и слично на овој план може да помогнат многу женски организации и здруженија, посебно на планот за борбата на жените за економска независност, а со тоа и за нејзината еманципација и целосна рамноправност со мажите.

Постојат повеќе пречки во развојот на жените како претприемачи (кои што претставуваат и пречки и за мажите) во Република Македонија, а како најизразени пречки се:

  • Недоволна поддршка од државата. Во последните десетина години се прават одредени напори, но тоа не е доволно бидејќи се само декларации на хартија или маркетинг кампањи.
  • Високи даноци и придонеси на плата. Во 2009 година се намалија за незначителен износ и владата донесе одлука за намалување во наредните 3 години, но сепак тоа се незначителни суми претворени во пари.
  • Високи трошоци за кредити и заеми. Кредитите и заемите од банките и штедилниците се прескапи. Со каматни стапки над 10% и специјални пресметки кои се поволни само на банките. За кредит од 4000 евра ќе треба на име на камата да вратите до 1500 евра на 3 години. Што е многу, многу е.
  • Преголеми банкарски трошоци и провизии. При земање на кредит, при плаќање на налози, при отворање на сметки, при употреба на кредитни картички банките ви земаат провизии, кои за услугата што ја извршуваат навстина се преголеми.
  • Преголеми банкарски гаранции. Се барат преголеми банкарски гаранции за извршување на одредени бизнис активности, а банките премногу наплаќаат заваков тип на услуга.
  • Висок данок на приход. Даноците се преголеми за малите бизниси кога се во фаза на започнување кога немаат доволно финансии да инвестираат во развојот, а немаат ослободувања. Да не зборуваме за данокот на добивка кој доколку не се надмине одреден износ се претвора во данок на приход без разлика дали станува збор за мал бизнис кој прави добивка или сеуште е во фазата на започнување (развој) кога е логично да се работи со загуба.
  • Недостиг на поддршка од бизнис асоцијации. Бизнис асоцијации постојат само на хартија без конкретни подршки и помош за жените претприемачи.
  • Банките не се доволно заинтересирани за малите бизниси. Да земете кредит во прва година од своето постоење кога продажбата е сеуште мала, кога сеуште немате развиено цврсти деловни односи, кога финансиите ви се најпотребни е чиста научна фантастика. Потребна ви е дебела врска.
  • Сеуште неповолно претприемничко окружување во државата. Колку и да се фалиме дека многу сме постигнале сепак не сме ни еден чекор напред. Доколку имаме вистинска претприемничка клима економскиот раст на целата држава би бил многу поголем, а невработеноста многу помала.
  • Големата невработеност и сиромаштија на локално население. Ова повлекува тешка еономска состојба за сите бизниси, а особено на малите и почетните бизниси.
  • Недоволно поттикнување на свеста. Во последно време се повеќе се посветува внимание на потикнување на свеста за жените претприемачи. Но, севкупната состојба покажуваат дека ова е сеуште на далечно ниво од потребното. Во следниот пост за статистика за жени во Република Македонија ќе видиме и некои конкретни бројки.
  • Непостоење на доволно регионално поврзување помеѓу државите, а особено во делот за малите бизниси. Не постојат вистински регионални развојни програми од локалните власти со кои ќе се зголеми поврзаноста со локалните места во соседните држави и ќе се олеснат бизнис активностите меѓу бизнис субјектите од тие локални места. Градаоначалници – Освестете се би бил добар слоган за локалните самоуправи.
  • Недоволен број на бизнис инкубатори. Во држава како Република Македонија постојат само два вакви центри, во Скопје и Битола кои во последно време превземаат соодветни напори за развој на претприемништвото како и повеќето организирани обуки за жени претприемачи. Но, сепак за да се почувствуваат поголеми придобивки потребно е секој град во Република Македонија да има по еден ваков центар кој ќе произведува 20-30 нови бизниси на годишно ниво. Повторно локалната самоуправа може да одигра голема улога, барем со простории за ваквите центри.
  • Пасивноста на Универзитетите. Иако последните години донесоа голем напредок на ова поле сепак универзитетите би можеле многу повеќе и поактивно да се вклучат како во развојот на претприемништвото, така и во развојот на жените претприемачи. Погледнете го само успехот на Google компанија која во голем дел своите успеси ги базира на универзитите и науката. Одличен проект во изминатиов период беше со бизнис стартап центарот во Скопје.

Во нашата држава практично нема статистички податоци за жени претприемачи од кои би се добила слика за тоа: колкав број жени претприемачи има во Република Македонија? Иако нешто може да се извлече од последното истражување на Државен завод за статистика во изданието насловено како Жените и мажите во Република Македонија. Кои се проблеми на кои наидуваат во текот на своето работење и на кој начин тие можат да се отстранат?  Има мислење дека нашие жени не се доволно охрабрени да започнат сопствен бизнис. Чест е случајот кај нас фирмата официјално да се води на жената, а практично со неа да работи мажот кој е вработен во државна или друга фирма, а преку “by-pass” фирмата заработува од положбата што мажот ја има во општествената фирма. Дали во наши услови мажите се плашат од успешни жени претприемачи и настојуваат да го намалат нивното влијание?

Сојузот на организациите на жените на Македонија, како и други невладини организации започнуваат активна политика за активирање и вклучување на жените во стопанскиот и политичкиот живот, како и активности во доброволни хуманитарни организации.

Домашната работа на жените не се вреднува, но како активност, традиција и обичај претставува големо национално богатсто. Но, сепак за жените да го покажат својот максимален израз, треба активно да се вклучат во процесот на стопанисување како сопственици и менаџери, со што ќе се потврдат нивните вистински способности, знаења и умешност, а со тоа и нивниот претприемачки дух, кој треба да се поддржува и развива.

Сепак, и покрај расположливиот кадровски потенцијал и способности на жените, за успешен развој на женското претприемништво е потребна силна поддршка како од страна на владата така и од страна на локалната самоуправа и сите останати чинители на соодветните простори.

Република Македонија е доста далеку од овие определби. Сепак, со направената Асоцијација на жените претприемачи АРНА (оформена во јуни 1999 год.), потоа НИЗА од Скопје, се прави одреден чекор напред во оваа сфера. Ова укажува дека свеста кај жените е се поголема за остварување на правото на работа како и подобар живот, преку подршка на идеите и нивното самовработување и со поддршка на владата, било материјална или нематеријална, жените го наоѓат своето место во македонското стопанство.

Во почеток на 1998 година Можности започнаа програма за поттикнување на женското претприемаштво.

Поради немање на статистичките податоци не е можно да се направи анализа за бројната состојба на жените претприемачи и раководители во малите бизниси.

Но, сепак бројот на жените како претприемачи и раководен кадар во малите претпријатија е во постојан пораст, што може да се објасни со:

  1. Желбата на жените за независност и самодокажување на вредноста на својата личност;
  2. Раполагање со потребни знаења;
  3. Женската чувствителност за промени и решителност за преземање ризик.

Неколку примери каде жените можат да развијат претприемничко дејство:

  1. Доколку се образовани, можат прво да пробат да ги подучаваат децата во соседството, а потоа, доколку се докажат, можат да организираат курсеви кои би се наплатувале или би можеле да отворат книговодствени фирми, адвокатски фирми, училишта за изучување странски јазици, прватни градинки, школо за компјутери, школо за математика и други предмети.
  2. Доколку умеат да шијат, да плетат, да прават слатки, познаваат фризерски занает и слично, тоа може да го усовршуваат дома или во соседство, а потoа можат де отворат кројачка работилница, слаткарницата, фризерски салон.
  3. Доколку се од селски подрачја, тогаш доколку имаат познавање од лековити билки, печурки, полжави, можат да отворат продавници каде би ги продавале даровите од природата.
  4. Доколку се занимаваат со сточарство или живинарство, тогаш се во можност да организираат производство и преаботка на млеко и млечни производи или да отвораат мини фарма за кокошки и сл.
  5. Образовани жени преку интернет можат да ги понудат свои услуги.

Ова се секако само некои примери каде жените би можеле да постигнат успех во работењето. Секако дека постојат уште многу работи кои тие можат да ги сработат и затоа секоја жена треба да се препраша и да види што најмногу знае и и одговара и каде најмногу би профитирала.

Едно истражување покажало позитивна корелација помеѓу степенот на образованието, брачната состојба и обликот на организацијата. Пример: поголем степен на образование поголема соработка со банките.

Можеби со одложување на брачниот статус и на раѓањето деца ќе се подобри положбата на жената претприемач, но тогаш може да се наруши биолошка рамнотежа. Не мора мажот секогаш да е поуспешен и тој да го води бизнисот. Можна е и промена на улогите, така што мажот повеќе внимание ќе му посветува на одгледувањето на децата, а жената ќе прибавува економска сигурност. Сопствениот мал бизнис бара целосна посветеност, за разлика од државното вработување или вработувањето кај некој друг сопственик. Основајќи сопствен бизнис, жената треба целосно да му се посвети нему. А децата? А мажот? А куќата? Има нешто што природата им го дала на жените и кое треба да се усогласи со бизнисот, а тоа е мајчинството. Дали мајчинството е реална пречка кај жените за започнување и водење на сопствен бизнис или мајчинството и дава дополнителна енергија за започнување и водење на сопствен бизнис? Но, има средини каде образованието на женските деца се завршува со основното образование. Има и средини каде што уште е незамисливо жената да излегува од областа на куќните и земјоделските работи. Дали со основање, раководење и целосно ангажирње на жената во сопствениот мал бизнис, таа ќе изгуби од женственоста? На мислење сме дека тоа нема да се случи. Но, со развојот на науката и техниката и се поголемата достапност на интернетот, жените во развиените земји наоѓаат голем простор во претприемничко дејствување. Затоа понови кованици на зборови во САД се mompreneurs (мајки претприемачи) или womenpreneurs (жени претприемачи). Интернетот и можноста за водење на бизнисот од дома овозможуваат жените да бидат и претприемачи, и мајки и жени на мажот.

Доколку бараме баланс помеѓу традицијата во Република Македонија и модерното – жените да заработуваат најдобро решение е домашен бизнис, виртуелен бизнис – бизнисот ќе работи преку компјутер. На ваков начин нема потреба од посебни простории, дополнителни вложувања и слично. Потребен е еден компјуер, интернет конекција, специјализирано знаење на жената за бизнисот кој го започнува и желба за успех.

Дали има места за некои размислувања дека децата треба да се поттикнуваат кон бизнис уште од основното образование? Ова е многу битно за иднината на децата, бидејќи со раното воведување во бизнис тие се во состојба понатаму сами да заработуваат.

 

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*