post

Претприемачи барајте знаци наместо одговори!

Претприемачот ги следи знаците

Претприемачот ги следи знаците

Можеби со овој пост ќе внесам малку невообичаеност во секојдневието на еден претприемач. Ќе се прашате зошто? Затоа што сакам да ја скршам коцката мраз во која сме ставени заради нашето општество во коешто живееме (и не само наше, тоа е секаде, нашето само препишува) и економијата која секојдневно врши притисок врз нашиот живот и нашето однесување.

Насловот – барајте знаци наместо одговори го знаев и применував многупати досега во мојот личен живот и секако професионален живот. Ние сме родени да размислуваме и да проценуваме и просудуваме согласно знаци. Но, тоа наше лично богатство или тој личен талент преку едукацискиот систем и корпорацискиот систем (мислам на вработување во поголеми компании или државни институции) полека но сигурно со текот на времето ни се одзема и едноставно ние стануваме тоа што не сме, бараме одговори наместо знаци. А одговорите не можеме да ги најдеме, бидејќи некогаш едноставно не постојат.

Ако не верувате во ова што го велам погледнете само колку луѓе има невработени кои не знаат што да прават со себе, а меѓу нив има и високо-образован кадар. Погледнете еден друг систем што направи од луѓето не само во Македонија туку и во нашата околина. Погледнете овој систем сега што прави. Вчера гледав една емисија на една босанска телевизија каде зборуваше поранешен директор на една поголема развојна компанија во Босна и Херцеговина која најголемите успеси во продажба на сопствени патенти (дури и во САД) ги има пред војната. Сегашниот проблем го гледа во неквалитетно образование на високообразовните институции, не заради вина на тие институции туку заради тоа што државата малку пари издвојува во просек за еден студент. Нема лаборатории, нема практична работа, едноставно креативноста во размислувањето е ставена на најниско ниво. Важно е да се следат правилата, процедурите…

Служби за борба против криминал

Би сакал да дадам една аналогија помеѓу претприемачот и инспекторите во службите за борба против криминал во однос на тоа барање на одговори или знаци.

На пример, при еден криминал инспекторите не тргнуваат и не можат да тргнат со барање на одговор бидејќи тоа би значело дека се очекува тие да треба да знаат кој го направил криминалот. Ова е невозможно. Затоа тие кога истражуваат за некој криминал собираат знаци, дури и најситни знаци кои можеби ништо не знаат. Целта е со помош на тие знаци да дизајнираат можни сцени на тој криминал. На ваков начин по секој откриен знак се поставува прашањето ЗОШТО, КОЈ, КАКО, МОТИВ…

Тоа значи дека тие првин собираат знаци преку различни информации, истражуваат и потоа размислуваат за можните осомничени.

Но, како е со претприемачите? Вообичаено, можеби над 90% од претприемачите размислуваат обратно од истражителите. На пример, тие бараат одговор во вид на:

Сосема погрешен пристап! Никој освен самите Вие не може да ви даде одговор за тоа кое маркетинг средство да користите. Па, ни вие одеднаш нема да можете да го дадете одговорот. Првин ќе треба да собирате знаци за верувањата, чувствата и желбите на Вашите потенцијални потрошувачи. Тие знаци ќе треба да ги вклопите во Вашиот бизнис модел, да ги усогласите со Вашите производи и/или услуги и да одлучите за маркетинг средства кои најмногу ќе одговараат на сите тие откритија. Повеќе за квалитетни одлуки можете да прочитате во Важноста на квалитетни одлуки.

Насекаде околу нас се знаци а не одговори

Сите ние сме постојано облеани со различни знаци во нашиот живот. Додека одиме по улица забележуваме различни однесувања на различни луѓе. Додека продаваме забележуваме различни гестикулации на нашите купувачи. Додека сурфаме на интернет забележуваме различни однесувања на различни други сурфери. Сето тоа се знаци кои може да имаат корисност за нашиот бизнис, но и не мора. Ваше е да ги собирате, класифицирате, обработувате и искористите тогаш кога ќе започнете со барање на различни одговори.

Понекогаш заради тоа како сме научени да размислуваме, знаците може и да ги гледаме а да не ги регистрираме. Тоа е голема опасност за еден претприемач, кој мора да ги базира своите одлуки на знаците кои ќе имаат некакво значење во расветлување на патот кој треба да се помине.

Затоа доколку се насочиме да ги бараме одговорите можеме да ја потрошиме нашата вечност во тоа барање како оној претприемач опортунист.

За вакво наше однесување не се криви политичарите, тие само препишуваат и извршуваат наредби без да размислуваат и без да знаат што прават и кои се последиците. Едноставно можеме само да кажеме, Господи прости им, тие не знаат што прават! Но, сепак и ние сме тие кои треба да го промениме нашето однесување и едноставно да не бараме одговори кога знаеме дека нема да ги најдеме, туку да ги следиме знаците, да бидеме креативни и самите да носиме одлуки за нашата судбина.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. Tweets that mention Претприемачи барајте знаци наместо одговори! — Претприемач -- Topsy.com напиша:

    […] This post was mentioned on Twitter by Dragan Sutevski. Dragan Sutevski said: Pretpriemac Novo: Претприемачи барајте знаци наместо одговори! http://ow.ly/17mhQf […]

Speak Your Mind

*