post

Знаења и вештини распределени низ менџерски нивоа

Знаење и вештини во менаџерска хиерархија
Знаење и вештини во менаџерска хиерархија

Менаџерите се поделени на три нивоа: врвно, средно и прво ниво на менаџери (Наизглед научната поделба на менаџерите на врвно, средно и прво ниво делува грубо, но во праксата тоа е дадено во еден поеластичен поглед, бидејќи секој менаџер внимава и треба да внимава на репутацијата и чувствата на другите менаџери, бидејќи оној што е горе може да падне долу, а оној што е подолу може да се искачи горе во менаџерската хиерархија).  Во секое ниво може да има неколку поднивоа, во зависност од големината на компанијата и нејзината структурна поставеност, како и дејноста со која се занимава. Секое ниво на менаџментот треба да поседува одредени способности, знаења и вештини.

Во големите компании, неколку нивоа на менаџери може да бидат распределени во едно ниво. Пример, генералниот менаџер, зависно од структурната поставеност, обемот на производството, како и меѓудржавната дисперзираност, има под себе менаџери што се задолжени за финансии, производство, маркетинг, менаџмент или некој друг сектор. Ова второ подниво на менаџери, има во земјава или во странство поставено свои заменици, кои претставуваат веќе трето подниво. Сите заедно го сочинуваат врвниот менаџмент на компанијата. Овие поднивоа се формираат со цел да се постигне поголема функционалност на компанијата, поедноставно управување, полесно определување и извршување на работните задачи. На сличен начин се вметнуваат поднивоа, доколку е тоа потребно и кај средно и прво ниво на менаџерите. Во зависност од тоа колку поднивоа има менаџерска пирамида, се јавуваат големи и остри или мали а тапи менаџерски пирамиди. Секогаш се настојува менаџерската пирамида да има помалку поднивоа. Сепак сето ова зависи од соодветниот опфат на менаџментот применет во дизајнирањето на менаџерската структура.

Колку во една компанија ќе има менаџерски поднивоа, зависи од големината на компанијата но и од работата со која се занимава. Секое ново менаџерско подниво за компанијата претставува дополнителен трошок, може да претставува и пречка во комуникацијата но доколку постои потреба за нивно постоење тие се формираат.

Компанијата подобро функционира со ниска пирамидална структура, помали се финаниските трошоци, подобри се комуникацииските канали, па компанијата станува пооперативна.

Менаџерите дополнително можат да се поделат на функционални и проектни менаџери доколку се применува матричната структура. Функционалниот менаџер го контролира извршувањето на целокупната работа, додека проектниот менаџер е задолжен за реализација на одреден проект. Тие ги насочуваат своите капацитети само за реализирање на конкретни проектни задачи. Проектниот менаџер е во надлежност на функционалниот менаџер, но со одредени лични слободи во одлучување за прашања значајни за реализирање на проектна задача. Проектна задача може да биде: изградба на објекти, инсталирање на производствени линии, лансирање нови или модифицирани производи или услуги и сл. По завршување на проектната задача, проектниот менаџер се прераспоредува на друга работна задача.

Доколку реализирањето на работната задача биде на очекуваното ниво менаџерот се наградува, а доколку не покажал задоволителни резултати, тогаш се праќа на дополнителна обука, се прераспоредува на пониско работно место или добива отказно решение. Ова се шпекулации во доменот на можни решенија, што во пракса ретко се случува. Реализацијата на проектната задача бара ангажирање на голем финансииски и човечки потенцијал, па се определуваат искусни и проверени луѓе, за кои се претпоставува дека се способни да ги реализираат зададените задачи. Доколку не успеат, во зависност од причините (дали е за тоа крив менаџерот или некои други фактори на кој тој не можел да влијае) најчесто од срамот и притисокот што го чувствува, менаџерот го напушта работно место.

Концепциски вештини

За да ги остварат овие задачи менаџерите мора да поседуваат одредени знаења и вештини. Сите нивоа на менаџментот мора да поседуваат концепциска вештина. Концепциска вештина е способност на менаџерот да ја гледа компанијата како една функционална целина и да определува идни цели и задачи. Концепциската вештина може да се набљудува и како способност на менаџерот за формирање визија и создавање предуслови за работењето во сегашноста и во иднина. Компанијата е комплексна целина, како по прашање на поставување на цели, така и исполнување на различни услови кои мора да бидат испочитувани, но и различни ограничувања кои се поставени внатре во компанијата или се наметнати од страна на владата, конкуренцијата и слично.

Она што е во интерес на целината не мора да биде во интерес на некоја парцијална функција. Заради тоа се јавува потреба за усогласување на интересите, со што се постигнува компактност и функционална оперативност. Сите нивоа на менаџментот мора да поседуваат концепциска вештина, но се очекува кај врвниот менаџмент дозата на концепциска вештина да биде најголема, бидејќи тие треба да ја водат деловната политика на компанијата. Во самиот процес на селекција и развој на менаџери, оној што поседува изразени концепциски вештини побргу напредува низ хиерархиските нивоа, за еден ден да биде на врв и со собраното знаење и искуство да ја раководи компанијата.

Човечки вештини

Менаџерите треба да имаат развиени и човечки вештини, односно да имаат квалитетен однос со сите соработници, како во компанијата така и пошироко. Менаџерот треба да работи како член на групата, односно тимот, да биде сакан и почитуван, да поседува авторитет за да може да ги води луѓето кон остварување на целите. Тој треба и пошироко да соработува со луѓето, па добрите меѓучовечки односи придонесуваат кон создавање на добра слика за целата компанија. Сите нивоа на менаџери работат со и преку луѓе, добрата социјализација и добрите меѓучовечки односи, придонесуваат за добро функционирање на целата компанија. Овие способности мора да ги поседуваат приближно подеднакво сите нивоа на менаџери, за да можат правилно да ги мотивираат и насочуваат луѓето за извршување на зацртаните планови.

Технички вештини

Кога зборуваме за технички вештини, тогаш не се мисли само на инженерската техника, туку на сите знаења потребни за функционирање на компанија. Техничките знаења опфаќаат: технички и технолошки знаења, познавање на право, финансии, маркетинг, сметководство, кадровско, односи со купувачи. Потребно е да се поседува знаење за методите, техниките и опремата коишто се неопходни за извршување на работните задачи.

Доколку компанијата има диверсификувана дејност т.е. има производство и услуга, тогаш врвниот менаџмент не може да ги поседува сите технички знаења, туку за тоа се задолжени менаџерите од прво ниво. Исклучок претставуваат специјален тип на менаџери, тоа се претприемачи, кои се обидуваат на почетокот од работењето сами да применат голем број од наведените технички знаења, но кога компанијата ќе порасне и тие се принудени да побараат помош од одредени специјалисти. Овие знаења се добиваат со искуство или со образование и потребно е непрекинато да се усовршуват и прошируваат, бидејќи општото ниво на знаење секојдневно расте. Сите нивоа на менаџери треба да имаат технички знаења, но најголемото ниво на технички знаења е потребно кај првото ниво на менаџерите. Врвните менаџери треба да бидат информирани и запознаени со сите процеси, но нивното внимание треба да биде насочено кон луѓето и кон создавање на визија за сегашното и идно работење, додека реализацијата на техничките барања треба да се насочи кон техничките служби, кои се специјализирани за примена на технички знаења.

 

About Илија Чубровиќ

Trackbacks

  1. […] Знаења и вештини распределени низ менџерски нивоа […]

Speak Your Mind

*