post

Зошто повеќето бизнис идеи не успеваат?

Статистички гледано повеќето бизниси не успеваат. Но доколку ги земеме бизнис идеите нивниот неуспех е уште поголем, бидејќи само мал дел од идеите се претвораат во бизнис.

Зошто повеќето бизнис идеи не успеваат?

Подолу се основните 7 причини, кои најчесто се комбинација, а не само една причина за неуспех на една бизнис идеја.

1. Идејата не е добра

Една од најчестите причини за неуспех на една бизнис идеја е доколку таа не е добра.

Што подразбираме под добра или лоша идеја?

Добрите идеи се оние кои нудат вистинска вредност за потенцијалните купувачи. Тие се решенија кои решаваат проблем, или задоволуваат одредена потреба за тие купувачи. Се останато е само идеја, без потенцијал да биде претворена во бизнис.

2. Не е вистинско време за идејата

Доколку идејата не е нешто што се однесува за времето во кое што живееме, веројатноста за неуспех ќе биде поголема.

Секоја бизнис идеја мора да биде во согласност со актуелната состојба на пазарот и актуелните трендови кои се однесуваат за тој пазар. Доколку се однесува на нешто што би можело да биде хит пред 10 или 20 години, или пак премногу е напред во однос на временската рамка и погледите на потенцијалните купувачи истата ќе доживее неуспех.

3. Идејата е добра, но пазарот не е вистинскиот

Добрата идеја, која е во вистинскио време може да доживее неуспех доколку се однесува за пазар кој не е вистинскиот за бизнис идејата.

Секој пазар си има свои специфики преку кои ќе се карактеризира една бизнис идеја. На пример, пазар каде преовалдуваат топли клими и горештини, нема да прифати зимски бунди.

4. Големината на пазарот не е доволна

Освен што пазарот треба да биде вистинскиот, тој треба да гарантира дека ќе има доволен број на луѓе кои ќе купуваат со што би се обезбедило нормално функционирање на бизнисот.

Одлична бизнис идеја на вистинскиот пазар и во вистинското време ќе бара и доволен број на потенцијални купувачи на тој пазар.

5. Бизнис моделот не е соодветен

Иако една бизнис идеја може да ги има сите претходни карактеристики, сепак слабо изработен бизнис модел кој не гарантира профитабилност на бизнисот може да доведе до неуспех на таа бизнис идеја.

Мора да се усогласат сите останати елементи на бизнисот како поддршка на бизнис идејата за да се обезбеди успехот. Станува збор за односите со купувачи, дистрибуција, трошочната структура, висината на приходите, стратегиите…

6. Претприемачот како причина за неуспех

Досега ги опфативме карактеристиките на идејата и идниот бизнис како причини, но и претприемачот како срцето на секој бизнис може да претставува пречка за успех.

Доколку еден претприемач нема соодветно знаење за имплементација на таа бизнис идеја, воопшто не сака да работи во едно такво подрачје, нема пасија за бизнисот како производ на таа идеја или пак не е во состојба да ја имплементира ќе дојде до неуспех.

7. Недостаток на вистински тим

И секако за крај, имплементацијата на идејата ќе бара вистински тим на луѓе кои ќе придонесат за успехот. Задачата на тимот е соодветно претворање на визијата на претприемачот во реалност.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*