post

4 Совети за мерење на перформанси

Како еден претприемач постојано ќе следите и мерите различни перформанси на вашиот бизнис од кои ќе зависат и акциите кои ќе ги преземате, но и успехот на вашата компанија.

мерење на перформанси

Во овој пост сакам да презентирам четири совети кои ќе ви помогнат во примена на посистематски приод кога станува збор за мерење на перформансите во вашиот бизнис. Едноставно ќе тргнеме од кои мерки да следите па се до еден процес на следење и мерење на перформанси.

Пред да преминеме на самите совети мора да напоменам дека овие совети претставуваaт само извадок од првата подкаст епизода на “претприемачки пат” која во целост можете да ја слушнете на Епизода #01: Процес на следење и мерење на резултати.

Мерење на перформанси

  1. Оценете ги мерките кои што ги следите. Дали имате стратешки пристап во следење на некои мерки за перформанси на вашиот бизнис? Знам дека сигурно следите како се одвива продажбата без разлика дали е тоа во нотес или пенкало, или пак некоја база на податоци преку која ги следите тие мерки, сигурно ги следите. Но, прашањето е дали имате стратешки и систематски пристап во следење на некои мерки? Кога велам стратешки и систематски пристап мислам на некаков процес во вид на: Недела навечер, сублимирање на мерка 1, мерка 2 и мерка 3, споредба со претходни недели, барање на одговор на прашањето зошто е поголема, зошто е помала и носење на заклучоци и одлуки за акции за следната недела.

    Сега доколку имате дефинирано и имплементирате еден таков стратешки и систематски пристап, доаѓаме до прашањето за тоа кои мерки ги користите. Тоа може да бидат 3 мерки, 5 мерки, 10 мерки или пак стотици (што не препорачувам бидејќи премногу мерки само ќе ве збунат, нема да бидете поефикасен и поефективен претприемач). Направете една листа од тие пет мерки кои ги користите и одговорете на следниве прашања:

    • Што секоја од тие мерки ви кажува? Оваа прашање треба да ви покаже за што се однесува мерката.
    • Кои од тие мерки се добри мерки, а кои воопшто не се потребни за вас како претприемач и вашиот бизнис? Кога веќе во претходното прашање навлеговте во причината за користење на секоја од тие мерки, сега лесно можете да видите кои се навистина потребни, а кои воопшто не се потребни, па едноставно оние непотребните веднаш прецртајте ги или променете ги со новите до кои што дојдовте при разгледување на причините од претходното прашање.
    • Дали постојат уште некои мерки кои што не ги користите, а можат да бидат корисни за вашиот бизнис? Добро размислете при одговор на оваа прашање, бидејќи не е работата само да нафрлате мерки кои што нема да бидат суштински за подобрување на вашите бизнис процеси.
  2. Дефинирајте ја едната мерка која навистина има значење за вашиот бизнис. Сега кога ги имате тие неколку мерки кои сметате дека се најважни за вас како претприемач, но и за следење на перформансите на вашиот бизнис прашањето e дали можете да ја дефинирате едната мерка која навистина е најважна за вашиот бизнис. Кога ги прашувам претприемачите вакво прашање вообичаено добивам збунувачки одговор и не можат да одвојат една која навистина значи “живот или смрт” за бизнисот. Оваа мерка треба да биде нешто на што во целост може да се ослоните во зависност од фазата од животниот циклус во која се наоѓа вашата компанија. Оваа е мерка која доколку ја одржувате постојано до максимум, ја зголемувате или подобрувате постојано ќе бидете пред конкуренцијата, односно ќе ви даде непроценлива конкурентска предност. Дали имате една таква мерка?

  3. Дефинирајте ваш процес кој секогаш ќе ја потврдува или отфрла мерката која што ја следите. Сега кога веќе знаете што мерите или што треба да мерите и знаете која мерка е најважна за вашиот бизнис, добро е да дефинирате процес. Тука сакам да препорачам еден процес кој едноставно ќе биде поширок од следење и мерење, затоа што тоа следење и мерење нормално има цел, а тоа е подобрување на вашиот бизнис.

    Секогаш започнувате со таа најважна мерка како приоритет, што значи дека овој процес ќе го користите секојдневно или пак најмалку еднаш неделно за таа мерка. Втор почеток на овој процес може да бидат останатите мерки за кои што зборував во првата препорака, и за разлика од првиот почеток овој може да биде на подолг временски период, на пример месец, квартал или полугодие. И како трет почеток, кој секогаш го предлагам на претприемачите се купувачите. Сепак тие се шефови и кажуваат што е важно, а што не.

    Потоа мора да откриете како може да се подобрува таа мерка врз основа на која започнува процесот. Кога ќе знаете што треба да подобрувате можете да преминете на имплементација на промени. Веќе кога сте ги направиле промените, односно сте ги презеле потребните чекори можете да преминете во следната фаза од процесот која се однесува на мерење на ефектите од преземените акции врз мерката. Излезот од овој чекор може да биде позитивен што значи дека онаа што сте го презеле ја подобрило мерката и можете повторно да започнете со следниот циклус на подобрувања, од почеток на процесот. Вториот можен резултат е негативен што значи дека чекорите кои сте ги презеле не даваат резултат во подобрување на мерката што ќе значи и поинаков следен чекор во однос на позитивниот резултат. За негативниот резултат ќе се вратите на откривање како да ја подобрите мерката и повторување на процесот од таму или пак ќе разговарате со купувачите за да ви помогнат во обезбедување на потребни активности кои ќе доведат до позитивен резултат.

  4. Постојано подобрувајте го процесот. И во самиот процес веројатно забележавте дека има интегрирано подобрување како основа. Сепак, оваа е само предлог темплејт на процес, вашиот за конкретен случај може да биде поразличен, само е важно да бидете свесни дека мора да го вклучите и купувачот во процесот, а со него да иницирате континуирано подобрување и на мерката која ја следите и на самиот процес во целина.

Мора да бидете свесни дека добра мерка е онаа мерка која ќе поттикне донесување на одлука и преземање на акција, а секоја останата мерка која не го задоволува овој услов слободно можете да ја отфрлите.

Не дозволувајте да се затрупате со стотици или илјадници извештаи, тоа не значи дека работите бидејќи понекогаш само еден извештај може да смени се.
Сега да преминеме на прашања од слушателите.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*