post

45 Совети за заштеда на бизнис пари – Дел 2

45 Совети за заштеда на бизнис пари

45 Совети за заштеда на бизнис пари

Заштеда на пари и инвестирање на тие пари во раст на бизнисот навистина претставува одлична можност за секој претприемач да го изгради бизнисот од сопствените соништа. Ќе продолжиме совториот дел од 45 совети за заштеда на бизнис пари. Првиот дел можете да го прочитате во 44 Совети за заштеда на бизнис пари – Дел 1.

21. Опрема за Вашиот бизнис

Купувајте опрема на попусти. Сочекајте кога ќе се нудат попусти за опремата како што се комјутери, маси, столови, апарати… На ваков начин ќе заштедите од 10-20%. Од друга страна интернетот ви нуди се поголема можнсот за следење на попусти, создадете систем за следење на истите и користете ги.

22. Употребувана опрема

Опрема која не мора да биде во тренд купувајте ја половна но во исправна состојба. На интернетот, но и во малопродажба  можете да пронајдете голем број на добра опрема која се продава за доста поволна цена. На ваков начин ќе избегнете непотребен трошок за нешто што не Ви треба.

23. Купувајте канцелариска опрема од еден снабдувач

На ваков начин ќе овозможите соодветен попуст заради редовност во купување и изградена доверба како постојан клиент. Ова правило може да важи и за се останато што набавувате за Вашиот бизнис.

24. Продажба на опрема

Продавајте ја опремата која веќе не ја користите. На ваков начин ќе ослободите простор во Вашите деловни простории и ќе го зголемите влезот на пари во Вашиот бизнис.

На пример, пред некој месец имв стар интернет модем кој не го користев. Го вратив кај оној од кој го купив пред некоја година за замена за тонер за мојот мултифункционален принтер.

25. Залихи – непотребни трошоци за простор

Намалете го нивото на Вашите залихи и ќе ги намалите непотребните трошоци за простор кој го зафаќаат овие залихи доколку го изнајмувате тој простор.

26. Залихи – непотребно врзани пари

Со големо ниво на залихи Вие ги финансирате Вашите снабдувачи. На ваков начин Вашите пари се врзани во стока која сеуште не сте ја продале. Одржувајте го нивото на залихите на оптимално ниво и ќе го подобрите Вашиот готовиски тек.

27. Трошоци за испорака

Доколку потрошувачот не е во можност сам да дојде и да ја подигне купената стока мораат да се анализират сите можности за испорака. Најпопуларна е поштенската испорака па анализирајте ги цени на разните понудувачи на поштенски услуги. Може да постои голема разлика помеѓу различни понудувачи, а постојат и разни видови на пратки (обична, препорачена, експрес,..) . Изберете ја најоптималната опција за секоја пратка. Така ќе можете да заштедите. Бидејки такси услугите станаа евтини, достава на стока може да се врши и преко одредени такси компании доколку се доставува во истиот град. Тука и таксистите си го најдоа своето место па наместо да возат само патници, сега добија уште еден сегмент за работењето а тоа се пратки. Тука се бара и чесност на таксистите бидејки никој не е присутен со нив па можат неоправдано да ја зголемат цената на транспортот. Тој проблем е минимален бидејки може однапред да се договори износ за плаќање, а бидејки конкуренцијата е голема и самите такси компании вршат меѓусебна ригорозна контрола. Па досега нема информации за проблеми околу испорака (тоа го потврдува и нашето искуство). Сличен транспорт се почесто се користи и во меѓуградскиот транспорт каде таксисти покрај патници вршат транспорт на стока па претприемачот заштедува и време и пари. Користење на автобуси на редовна линија е исто доста користен начин на испорака. Доста е евтин (искуствено еден пакет до 100 денари), потребно е само да се запише бројот на автобусот и час на пристигнување и да се јави на купувачот за да ја сочека пратка. Се попопуларни се испораки со велосипеди и мотори, кои полесно се пробиваат низ градскиот метеж, пофлексибилни се во работењето и поевтини. Секако дека не може стоката да се испорача без претходно да се изврши уплатата или однапред договорениот начин на плаќање. Има и други начини на испорака, ние наброивме некои од почесто користените начини.

28. Редовно плаќање на сметките

Плаќајте си ги сметките кои Ви достасуваат на датумот наведен на сметката. Сметките за телефон, струја и други кога задоцните во наредна сметка Ви ја вклучуваат каматата. На една сметка ова не е голем износ (10-20 денари) но на повеќе сметки и на годишно ниво може да изнесува од 500 – 1000 денари.

29. Користете ги попустите кога ги набавувате производите

Многу дистрибутери или понудувачи на услугата даваат попуст или рабат кој можете да го добиете доколку ги платите фактурите за одреден рок (веднаш или неколку дена). Овој попуст може да изнесува од 3 до 10%. Ова е голема сума на пари која можете да ја заштедите. Доколку имате можност за брзо плаќање користете ги овие поволности и на таков начин ќе заштедите пари и ќе ја зголемите Вашата маржа, а со тоа и профитот.

30. Онаму кај што нема попусти за брзо плаќање искористете го најдолгиот рок

Одложете го колку што можете повеќе плаќањето каде што нема попусти за брзо плаќање. На ваков начин Вашите снабдувачи ќе Ве финансираат за период за кој ќе биде одложено плаќањето. Преговарајте, ништо нема да изгубите, само можете да добиете преку подобрување на готовинскиот тек за Вашиот бизнис.

31. Набавувајте само она што Ви носи приход

Анализирајте постојано што е онаа што најмногу го продавате и секогаш давајте предност за набавка на тие производи. Немојте да ги полните залихите со производи кои послабо се трошат. Елиминирајте ги сите тие производи. Користете ABC анализа за оваа намена и ќе видите дека 80% од Вашите приходи ги носат 20% од производите. На ваков начин ќе заштедите од непотребно врзани пари и ќе се насочите на вистинските производи за инвестирање.

32. Провизии на банки

Секоја банка има различни цени за провизии и услуги кои Ви ги нуди. Анализирајте ги различните банки и нивните провизии и изберете банка која ќе Ви понуди најдобра услуга со најниска провизија. На таков начин ќе заштедите иако мала сума (од 1-2 денари) на налог, но доколку имате 100-тина налози месечно ќе заштедите од 100-200 денари месечно или 1200-2400 денари годишно.

33. Користете услуги на електронско банкарство

Секое стоење во ред на шалтер во банка значи непотребно потрошено време, а времето е пари. За тоа време можете да извршите активности кои навистина ќе ви донесат повеќе пари. Можете да го намалите тоа време преку користење на e-bank услугите на банките. На ваков начин ќе мора само да внесувате дневен пазар, а сите налози преку интернетот да ги реализирате. Замислете доколку имате 50 налози месечно и доколку просечно време на шалтер во банка е 10 минути и доколку носите по 2 налози во просек, Вашето време кое го поминувате на шалтер во банка ќе изнесува 250 минути или 4,5 часа (50:2х10=250). Тоа е повеќе од половина работно време за еден ден од 8 часа работно време или 54 часа годишно или скоро 7 дена (еден мини одмор).

34. Електронско банкарство – помала провизија

Од друга страна со реализирање на налозите преку електронско банкарство ќе ви наплаќаат помала провизија во износ до неколку денари од налог. Вака ќе заштедите одредена сума на пари. Напоменуваме дека банките за услугата на електронско банкарство ќе Ви наплаќаат одредена сума на пари на месечна основа. Направете анализа и проверете дали ќе заштедите со време и пониска провизија.

35. Кредити

Секоја банка има различна каматна стапка за одобрени кредити. Проучете ги убаво пред да аплицирате и изберете ја банката која нуди најниски каматни стапки. Така ќе можете да заштедите во однос на плаќање на каматни стапки на банките.

36. Избегнувајте ги кредитите доколку можете

Кредитите нека Ви бидат на последно место за финансирање. Барајте алтернативни начини како што е bootstrap финансирање, бизнис ангели, ризичен капитал како можност за финансирање итн. На ваков начин ќе ги избегнете високите каматни стапки како трошоци на бизнисот.

37. Користете блог како маркетинг алатка

Започнете да го користите блогирањето како маркетинг алатка. Сите бизниси веќе се онлајн. Пишувајте за Вашите производи, за Вашата индустрија, за случките во Вашата општина или улица. На таков начин ќе добиете квалитетна реклама за Вашите производи и за Вашата индустрија и компанија. Искористете ја оваа бесплатна или навистина нискобуџетна можност.

38. Користете социјални мрежи како маркетинг алатка

Социјалните мрежи како facebook и twitter се бесплатни. Поврзете се и вмрежете се со луѓе кои можат да ви станат потенцијални потрошувачи. Оваа е бесплатен маркетинг за Вас.

39. Направете веб презентација за Вашиот бизнис

Вашиот бизнис може да биде онлајн со навистина мал буџет или пак сосема бесплатно. Разликата од платежен и бесплатен веб простор ја опишавме во разлика помеѓу платежен и неплатежен хостинг. За тоа како самите да изготвите сопствена веб презентација со минимум вложени средства можете да ги искористите 10-те видеа од новиот серијал за тоа како до сопствена веб презентација.

40. Заменете ја директната пошта со e-mail

За да испратите една честитка, понуда, пропаганден материјал и слично мора да купите поштенски марки кои имаат различна цена за различни места на испорака. Користете го вашиот e-mail како средство за праќање на Вашите материјали, тој е бесплатен. На ваков начин ќе заштедите доста пари.

41. Користете ширење на збор од уста

Збор од уста е најдобар и најефтин начин на рекламирање на Вашиот бизнис. Посетувајте различни бизнис или локални настани и зборувајте за Вашиот бизнис, за она што го нудите и за она што можат да го добијат доколку станат Ваши потрошувачи. Оваа е бесплатно и ќе Ви донесе потрошувачи. Вирозниот маркетинг е нешто што во голем дел ќе ви помогне за ваквите стратегии.

42. Појавете се во медиуми бесплатно

Јавете се на локалните издавачи и контактирајте со истите, станете пријатели и праќајте на одреден временски период како прес материјал. Давајте интервју доколку побараат од Вас. Оваа е бесплатно и ќе Ви донесе потрошувачи.

Во книгата The New Rules of Marketing & PR David Meerman Scot (@dmscott) дава примери од негово лично искуство како со помош на блог успева да ги раздрма сите новински агенции да пишуваат за неговиот производ (книга).

43. Ефикасност на маркетинг средствата кои ги користите

Голем дел од трошоците, односно излезот на парите од Вашиот бизнис ќе претставува маркетинг. Буџетот за маркетинг може да биде и до 50% од вкупниот годишен буџет на Вашиот бизнис. Но, неефикасните маркетинг кампањи може да претставуваат непотребен трошок за Вашиот бизнис. Затоа следете, анализирајте, споредувајте и отфрлајте ги сите маркетинг средства кои не даваат очекувани резултати.

44. Заштеда на канцеларискиот материјал

Избегнувајте печатење и користење на хартија секогаш кога е тоа можно, користите други начини на чување на податоци, снимање на усб, цд, dropbox

45. Заштеда на време

За секој човек времето претставува најлимитирачки ресурс бидејки човечкиот живот е временски лимитиран. За да се развие одреден бизнис мора да се вложи огромно време. Работно време за претприемачот не постои, тој работи секогаш кога за тоа ќе се јави потреба. Тоа време претприемачот треба да го одземе од себе, од најблиските за да се посвети на развојот на бизнисот. Заради тоа треба да определат приоритети во работењето за да може да се постигнат обврските кои се неопходни. Заштеда на времето може да се постигне преку намалување на состаноците. Некаде прочитавме во една канцеларија натпис: “Вие може да седите колку сакате, но ние можеме да работиме откога вие ќе отидете”. Понатаму со користење на вработените може да се заштеди дополнително време. Со користење на побрз превоз (авион). Има доста примери на претприемачи кои поради недостиг на време го запоставуваат сопственото семејство, жена, деца, роднини, пријатели за да можат да им се посветат на бизнисите. Па поради тоа често бизнисот се нарекува најмило дете, бидејки на него се троши најмногу време и труд.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] Останатите 25 совети продолжуваат во 45 совети за заштеда на бизнис пари – Дел 2. […]

Speak Your Mind

*