Не, овој наслов не е за споредба на карактеристики помеѓу два телефони. Не сме тука за споредба на мобилни телефони. Овој наслов е тука на претприемач заради извлекување на знаење од борбата на двата гиганти во мобилната индустрија.
Пред некој ден Samsung излезе со нова реклама насловена како “не треба да бидеш гениј” за да ја видиш разликата во која јужнокорејската компанија го споредува нивниот Samsung Galaxy S3 со штотуку излезениот нов iPhone 5 (во петок).
На сликата е дадена рекламата на која може да се видат споредба на карактеристики на мобилните телефони. Целта е обичниот граѓанин да ја види разликата и со тоа да се реагира на моменталниот интерес за популарниот производ на Apple кој за само 24 часа се продаде во 2 милиони примероци (за споредба скоро двојно повеќе од претходната верзија на производителот).
Морам да напоменам дека јас сум корисник на iPhone 4S и дека лично сега за сега не планирам да се префрлам на новата верзија (сеуште ми врши работа тековниот модел). Лично никогаш не сум користел Samsung иако имав купено еден како подарок, но во далечната 2004/2005 година кој беше во употреба од страна на моето семејство. Тоа беше 200 евра, обичен, смешен телефон со камера која се врти, но далеку беше од оние Nokia телефони со многу повеќе функционалности (тогаш користев Nokia N70 и чекав да се појави N95 за да ја купам).
Но, да се вратам на целта на овој наслов. Што можеме да научиме од овие компании за да се примени во бизнисот?
И двете компании се одлични компании барем во последните 5 години. Успехот на Apple се чини дека го лансира и Samsung на многу повисоко ниво. Стратегијата која ја примени Samsung преку врзување со производот на Apple (кој сепак во времето кога излезе беше револуционерен и се однесуваше за еден сосема нов пазар) слободно може да се каже дека е ризична, но сепак забележуваме дека носи резултати. Од еден просечен производител пред 7-8 години (во тоа време луѓето се расправаа и споредуваа во однос на Nokia i Sony-Ericsson) станува еден од најдобрите. Каде се денес Nokia и Sony-Ericsson? И останатите кои се исмеваа на иновацијата за телефон без тастатура, висока цена и непотребни карактеристики или се мачат да опстојат или веќе ги нема од пазарот на оваа високо профитабилна индустрија.
Од друга страна, Apple е една од најиновативните компании во последниве години. Она што ми се допаѓа е зошто претставуваат навистина т.н. “школски” пример на бизнис, иновација и менаџмент. Стратегијата на Apple барем во претходните 5 години е креирање на сосема нови пазари, нови потреби и нови индустрии. Тоа е стратегија на “син океан”, која е потешка за имплементација и поризична, сепак гледаме дека дава резултати преку растот на акциите, финансиската состојба на компанијата и побарувачката на производите на компанијата. Освен со телефон Apple успеа и со iPad.
Сега, иако спротивставени стратегии, гледаме дека и двете носат добри резултати. Но, што е уште една разлика која сакам да ја напомена и која овој пат оди во прилог на Apple, a e поврзано со рекламата која ја споменав погоре?
Тоа е што Samsung го прави сосема спротивното од Apple. Прика-ува карактеристики наместо корисности за корисникот (уфф… за тоа пишував уште во 2009 година во насловот прикажување на корисности наместо карактеристики). Досега во ниеден случај на промоција на свој производ Apple не се расфрлал со модерни технолошки зборови. Презентација на првата верзија на iPhone беше преку приказ на спој на три постоечки производи во еден. Денес не велат има толку и толку RAM, процесор…. Туку велат двапати побрз од претходната верзија.
Доколку имам претходна верзија и знам што е со брзината полесно ќе сфатам што значи тоа двапати побрзо.
Пред некој ден, комшијата ме прашува колку инчи е голем мојот iPad. Му велам немам поим, дури и засрамено. Но, кога размислив дали е тоа важно да го знам. Воопшто! Важно е дека производот ми врши работа и едноставно го сакам.
Денес не е важно само да имате нешто што ќе биде подобро, важно е да знаете да одговорите на предизвиците и проблемите на луѓето кои живеат денес. Важно е да имате одлична стратегија за стекнување, одржување и раст на купувачи. Јас поминав низ сите тие фази на Apple, без притисок, без бомбардирање со реклами, туку едноставно преку една линија на производи која е дизајнирана така за да те влече низ целата продажна инка (од iPhone 3GS, iPad, iMac, iPhone 4S, MacBook Air и Apple TV).
Speak Your Mind