post

Безготовинско плаќање како мобилизирачки сегмент за менаџирање на глобалните пазари

Купување на постоечки бизнис Извезената или увезената стока може да биде целосно платена, може да биде делумно платена – делумно компензирана за друга стока, а може и целосно да се компензира со контра испорака. Најголем број од испораките на производите или суровините во меѓународното работење, се одвива со плаќање. Но доколку компаниите или државите имаат баран производ, суровини или енергенси, а на нив им требаат други производи, но имаат проблем со платниот биланс, неконвертибилна валута, недостаток на финансиски средства или некој сличен проблем, во тој случај се оди на целосно компензирање на купената стока со контра испорака на друга стока. Во вакви случаи контраиспораката носи голема заработка и на двете земји и на двете компании кои соработуваат.

Клириншкиот начин на плаќање, подразбира размена на стока за стока. При што вредноста на стоката се врзува за одредена валута, а банките водат евиденција за клирнишките износи на побарувањата и инсистираат на обавезно затварање на побарувањата. Овој начин особено бил присутен во работењето на земјите од Источниот блок, но сеуште се користи и им овозможува на државите и на компаниите да дојдат до одредени стоки, за чие купување не можат да одвојат пари, односно во случај кога не се ликвидни.

Подиректно работење овозможуваат бартер аранжманите или трампа, со која се овозможува размена на стока без посредство на пари. Трампата се користи за работа меѓу партнерите кои немаат пари и не се кредитно способни. Тука постои опасност компанијата, за да ја пополни квотата, некогаш да земе стока која целосно не и одговара, но високото ниво на заработката овозможува и овие недостатоци да се надминат, бидејќи на другата страна најчесто се постигнуваат енормни заработки. Проблем е доколку стоките не се разменат истовремено, па излегува дека едната страна ја финансира другата за определен период, додека да се изедначат побарувањата, но со договори и овој проблем се надминува.

Противкупување е реципрочен договор за купување. Тој настанува кога компанијата се согласува да купи одредени количини на производи од земјата на која таа им продала производи. Пример доколку земјата А, купи производи од земја Б и ги плати, тогаш земјата Б се обврзува дека, за определен износ на добиените средства, ќе ги купи производите од земјата А.

Пребивањето е слично на размената со противкупување за сметка на извршената продажба, така што едната страна се соглесува да купи стоки и услуги со одреден процент од вкупната продажба. Разликата е во тоа што зделката може да се реализира со било која компанија од земјата во која е направен извозот.

Компензацијата може да се оствари и кога компанијата гради фабрики во земјата домаќин или обезбедува технологија, опрема или обука на кадри и се обврзува да превземе одреден дел од крајниот производ на фабриката, како надокнада за извршената работа. На компанијата од земјата домаќин, ова и одговара, бидејќи обезбедува сигурно пласирање на производите. Но и одговара и на компанијата која ги извезува услугите, бидејќи најчесто добива производи по поевтини цени, па заработува двосмерно, во еден правец извезувајќи ги своите услуги, а во друг правец увезувајќи евтин производ за своја употреба или за понатамошна продажба.

Свич трговијата се однесува на користење на специјализирана трета страна или трговска куќа, која се вклучува во договорот за размена, бидејќи има добро разгранети дистрибутивни мрежи и на тој начин го олеснува работењето на двете страни. Во овој случај заработката на двете компании се намалува, бидејќи се јавува посредник. Но, доколку компаниите не се сигурни дека ќе ја продадат понатаму превземена стока или доколку меѓусебно не се познаваат, сосема е прифатливо да се одстапи дел од заработката за сметка на сигурен пласман.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*