post

6 совети за заштеда на бизнис пари

Заштеда на бизнис пари е една од позначајните активности на секој претприемач. Понекогаш навистина непотребно се трошат парите на бизнисот без да се креира вистинската вредност во очите на потрошувачот.

На претприемач имавме пишувано за 45 совети за заштеда на бизнис пари кои се поделени во два постови Дел1 и Дел 2. Во голем дел тие совети сеуште се актуелни и можете да ги искористите. Во овој пост би додал уште совети преку кои можете да заштедите бизнис пари.

1. Вработувај млади сеуште неискусни луѓе.

Интересна стратегија за заштеда на пари е да најмувате млади вработени кои имаат висок потенцијал, но заради недостаток на претходно искуство ќе ги плаќате помалку отколку доколку би вработиле некој со поголемо искуство. Подобро е одредена сума од разликата да ја вложите во обука на тие неискусни вработени и по некое време и тие ќе стекнат искуство.

2. Одржување

Одржување на тековна опрема може да биде висок тршок за секој бизнис. Но, постојат многу методи и техники кои се занимаваат со превентивно одржување и одржување ориентирано кон надежност кои можат да заштедат огромни суми на пари за секој бизнис. Кога станува збор за одржување, застојот во производството или работата претставува еден дополнителен трошок. Секогаш тука постојат можности за подобрување кои ќе доведат до кратење на севкупните трошоци.

3. Преговарање со снабдувачи

Добар резултат од преговарање со вашите снабдувачи може да обезбеди големи заштеди и зголемување на профитабилноста на бизнисот. Зошто да не прашате? Ништо нема да изгубите, само би останала ситуацијата на исто ниво. Но, доколку успеете во преговорите, заштедите се тука.

4. Користете Open-Source софтвери

Знам дека многумина нема да се сложат со една ваква идеја, особено компаниите кои се занимаваат со продажба на софтвер. Направив грешка пред едно 4 години кога една ваква опција не ја ставив во стратешкиот развој на компанијата. Затоа сега морав да платам висока сума за лиценцирање на софтверите кои ги користам, иако доколку од почеток целиот развој го базирава на отворени (слободни) софтвери ќе имав заштедено од 700 до 1000 евра. Ова е голем износ за еден мал бизнис.

5. Испорака и дистрибуција

Одреден износ на трошоците ќе може да се заштеди со соодветен избор на дистрибуциски канали и секако начинот и видот на испораката. Операциски истражувања како наука можат во голем дел да ви помогнат во избор на вистинскиот дистрибуциски канал со најоптимални трошоци.

6. Маркетинг

Кај голем број на бизниси една од најголемите трошочни ставки може да претставува маркетингот. Со соодветна анализа на сите маркетинг средства и кратење на трошоците на традиционалните реклами кои согласно анализата не даваат резултати ќе се отвори една огромна можност да инвестирате во нетрадиционалните медиуми кои во голем дел ќе помогнат за привлекување на дополнителни купувачи за вашиот бизнис. Направете анализа, ништо нема да изгубите.

post

45 Совети за заштеда на бизнис пари – Дел 2

45 Совети за заштеда на бизнис пари

45 Совети за заштеда на бизнис пари

Заштеда на пари и инвестирање на тие пари во раст на бизнисот навистина претставува одлична можност за секој претприемач да го изгради бизнисот од сопствените соништа. Ќе продолжиме совториот дел од 45 совети за заштеда на бизнис пари. Првиот дел можете да го прочитате во 44 Совети за заштеда на бизнис пари – Дел 1.

21. Опрема за Вашиот бизнис

Купувајте опрема на попусти. Сочекајте кога ќе се нудат попусти за опремата како што се комјутери, маси, столови, апарати… На ваков начин ќе заштедите од 10-20%. Од друга страна интернетот ви нуди се поголема можнсот за следење на попусти, создадете систем за следење на истите и користете ги.

22. Употребувана опрема

Опрема која не мора да биде во тренд купувајте ја половна но во исправна состојба. На интернетот, но и во малопродажба  можете да пронајдете голем број на добра опрема која се продава за доста поволна цена. На ваков начин ќе избегнете непотребен трошок за нешто што не Ви треба.

23. Купувајте канцелариска опрема од еден снабдувач

На ваков начин ќе овозможите соодветен попуст заради редовност во купување и изградена доверба како постојан клиент. Ова правило може да важи и за се останато што набавувате за Вашиот бизнис.

24. Продажба на опрема

Продавајте ја опремата која веќе не ја користите. На ваков начин ќе ослободите простор во Вашите деловни простории и ќе го зголемите влезот на пари во Вашиот бизнис.

На пример, пред некој месец имв стар интернет модем кој не го користев. Го вратив кај оној од кој го купив пред некоја година за замена за тонер за мојот мултифункционален принтер.

25. Залихи – непотребни трошоци за простор

Намалете го нивото на Вашите залихи и ќе ги намалите непотребните трошоци за простор кој го зафаќаат овие залихи доколку го изнајмувате тој простор.

26. Залихи – непотребно врзани пари

Со големо ниво на залихи Вие ги финансирате Вашите снабдувачи. На ваков начин Вашите пари се врзани во стока која сеуште не сте ја продале. Одржувајте го нивото на залихите на оптимално ниво и ќе го подобрите Вашиот готовиски тек.

27. Трошоци за испорака

Доколку потрошувачот не е во можност сам да дојде и да ја подигне купената стока мораат да се анализират сите можности за испорака. Најпопуларна е поштенската испорака па анализирајте ги цени на разните понудувачи на поштенски услуги. Може да постои голема разлика помеѓу различни понудувачи, а постојат и разни видови на пратки (обична, препорачена, експрес,..) . Изберете ја најоптималната опција за секоја пратка. Така ќе можете да заштедите. Бидејки такси услугите станаа евтини, достава на стока може да се врши и преко одредени такси компании доколку се доставува во истиот град. Тука и таксистите си го најдоа своето место па наместо да возат само патници, сега добија уште еден сегмент за работењето а тоа се пратки. Тука се бара и чесност на таксистите бидејки никој не е присутен со нив па можат неоправдано да ја зголемат цената на транспортот. Тој проблем е минимален бидејки може однапред да се договори износ за плаќање, а бидејки конкуренцијата е голема и самите такси компании вршат меѓусебна ригорозна контрола. Па досега нема информации за проблеми околу испорака (тоа го потврдува и нашето искуство). Сличен транспорт се почесто се користи и во меѓуградскиот транспорт каде таксисти покрај патници вршат транспорт на стока па претприемачот заштедува и време и пари. Користење на автобуси на редовна линија е исто доста користен начин на испорака. Доста е евтин (искуствено еден пакет до 100 денари), потребно е само да се запише бројот на автобусот и час на пристигнување и да се јави на купувачот за да ја сочека пратка. Се попопуларни се испораки со велосипеди и мотори, кои полесно се пробиваат низ градскиот метеж, пофлексибилни се во работењето и поевтини. Секако дека не може стоката да се испорача без претходно да се изврши уплатата или однапред договорениот начин на плаќање. Има и други начини на испорака, ние наброивме некои од почесто користените начини.

28. Редовно плаќање на сметките

Плаќајте си ги сметките кои Ви достасуваат на датумот наведен на сметката. Сметките за телефон, струја и други кога задоцните во наредна сметка Ви ја вклучуваат каматата. На една сметка ова не е голем износ (10-20 денари) но на повеќе сметки и на годишно ниво може да изнесува од 500 – 1000 денари.

29. Користете ги попустите кога ги набавувате производите

Многу дистрибутери или понудувачи на услугата даваат попуст или рабат кој можете да го добиете доколку ги платите фактурите за одреден рок (веднаш или неколку дена). Овој попуст може да изнесува од 3 до 10%. Ова е голема сума на пари која можете да ја заштедите. Доколку имате можност за брзо плаќање користете ги овие поволности и на таков начин ќе заштедите пари и ќе ја зголемите Вашата маржа, а со тоа и профитот.

30. Онаму кај што нема попусти за брзо плаќање искористете го најдолгиот рок

Одложете го колку што можете повеќе плаќањето каде што нема попусти за брзо плаќање. На ваков начин Вашите снабдувачи ќе Ве финансираат за период за кој ќе биде одложено плаќањето. Преговарајте, ништо нема да изгубите, само можете да добиете преку подобрување на готовинскиот тек за Вашиот бизнис.

31. Набавувајте само она што Ви носи приход

Анализирајте постојано што е онаа што најмногу го продавате и секогаш давајте предност за набавка на тие производи. Немојте да ги полните залихите со производи кои послабо се трошат. Елиминирајте ги сите тие производи. Користете ABC анализа за оваа намена и ќе видите дека 80% од Вашите приходи ги носат 20% од производите. На ваков начин ќе заштедите од непотребно врзани пари и ќе се насочите на вистинските производи за инвестирање.

32. Провизии на банки

Секоја банка има различни цени за провизии и услуги кои Ви ги нуди. Анализирајте ги различните банки и нивните провизии и изберете банка која ќе Ви понуди најдобра услуга со најниска провизија. На таков начин ќе заштедите иако мала сума (од 1-2 денари) на налог, но доколку имате 100-тина налози месечно ќе заштедите од 100-200 денари месечно или 1200-2400 денари годишно.

33. Користете услуги на електронско банкарство

Секое стоење во ред на шалтер во банка значи непотребно потрошено време, а времето е пари. За тоа време можете да извршите активности кои навистина ќе ви донесат повеќе пари. Можете да го намалите тоа време преку користење на e-bank услугите на банките. На ваков начин ќе мора само да внесувате дневен пазар, а сите налози преку интернетот да ги реализирате. Замислете доколку имате 50 налози месечно и доколку просечно време на шалтер во банка е 10 минути и доколку носите по 2 налози во просек, Вашето време кое го поминувате на шалтер во банка ќе изнесува 250 минути или 4,5 часа (50:2х10=250). Тоа е повеќе од половина работно време за еден ден од 8 часа работно време или 54 часа годишно или скоро 7 дена (еден мини одмор).

34. Електронско банкарство – помала провизија

Од друга страна со реализирање на налозите преку електронско банкарство ќе ви наплаќаат помала провизија во износ до неколку денари од налог. Вака ќе заштедите одредена сума на пари. Напоменуваме дека банките за услугата на електронско банкарство ќе Ви наплаќаат одредена сума на пари на месечна основа. Направете анализа и проверете дали ќе заштедите со време и пониска провизија.

35. Кредити

Секоја банка има различна каматна стапка за одобрени кредити. Проучете ги убаво пред да аплицирате и изберете ја банката која нуди најниски каматни стапки. Така ќе можете да заштедите во однос на плаќање на каматни стапки на банките.

36. Избегнувајте ги кредитите доколку можете

Кредитите нека Ви бидат на последно место за финансирање. Барајте алтернативни начини како што е bootstrap финансирање, бизнис ангели, ризичен капитал како можност за финансирање итн. На ваков начин ќе ги избегнете високите каматни стапки како трошоци на бизнисот.

37. Користете блог како маркетинг алатка

Започнете да го користите блогирањето како маркетинг алатка. Сите бизниси веќе се онлајн. Пишувајте за Вашите производи, за Вашата индустрија, за случките во Вашата општина или улица. На таков начин ќе добиете квалитетна реклама за Вашите производи и за Вашата индустрија и компанија. Искористете ја оваа бесплатна или навистина нискобуџетна можност.

38. Користете социјални мрежи како маркетинг алатка

Социјалните мрежи како facebook и twitter се бесплатни. Поврзете се и вмрежете се со луѓе кои можат да ви станат потенцијални потрошувачи. Оваа е бесплатен маркетинг за Вас.

39. Направете веб презентација за Вашиот бизнис

Вашиот бизнис може да биде онлајн со навистина мал буџет или пак сосема бесплатно. Разликата од платежен и бесплатен веб простор ја опишавме во разлика помеѓу платежен и неплатежен хостинг. За тоа како самите да изготвите сопствена веб презентација со минимум вложени средства можете да ги искористите 10-те видеа од новиот серијал за тоа како до сопствена веб презентација.

40. Заменете ја директната пошта со e-mail

За да испратите една честитка, понуда, пропаганден материјал и слично мора да купите поштенски марки кои имаат различна цена за различни места на испорака. Користете го вашиот e-mail како средство за праќање на Вашите материјали, тој е бесплатен. На ваков начин ќе заштедите доста пари.

41. Користете ширење на збор од уста

Збор од уста е најдобар и најефтин начин на рекламирање на Вашиот бизнис. Посетувајте различни бизнис или локални настани и зборувајте за Вашиот бизнис, за она што го нудите и за она што можат да го добијат доколку станат Ваши потрошувачи. Оваа е бесплатно и ќе Ви донесе потрошувачи. Вирозниот маркетинг е нешто што во голем дел ќе ви помогне за ваквите стратегии.

42. Појавете се во медиуми бесплатно

Јавете се на локалните издавачи и контактирајте со истите, станете пријатели и праќајте на одреден временски период како прес материјал. Давајте интервју доколку побараат од Вас. Оваа е бесплатно и ќе Ви донесе потрошувачи.

Во книгата The New Rules of Marketing & PR David Meerman Scot (@dmscott) дава примери од негово лично искуство како со помош на блог успева да ги раздрма сите новински агенции да пишуваат за неговиот производ (книга).

43. Ефикасност на маркетинг средствата кои ги користите

Голем дел од трошоците, односно излезот на парите од Вашиот бизнис ќе претставува маркетинг. Буџетот за маркетинг може да биде и до 50% од вкупниот годишен буџет на Вашиот бизнис. Но, неефикасните маркетинг кампањи може да претставуваат непотребен трошок за Вашиот бизнис. Затоа следете, анализирајте, споредувајте и отфрлајте ги сите маркетинг средства кои не даваат очекувани резултати.

44. Заштеда на канцеларискиот материјал

Избегнувајте печатење и користење на хартија секогаш кога е тоа можно, користите други начини на чување на податоци, снимање на усб, цд, dropbox

45. Заштеда на време

За секој човек времето претставува најлимитирачки ресурс бидејки човечкиот живот е временски лимитиран. За да се развие одреден бизнис мора да се вложи огромно време. Работно време за претприемачот не постои, тој работи секогаш кога за тоа ќе се јави потреба. Тоа време претприемачот треба да го одземе од себе, од најблиските за да се посвети на развојот на бизнисот. Заради тоа треба да определат приоритети во работењето за да може да се постигнат обврските кои се неопходни. Заштеда на времето може да се постигне преку намалување на состаноците. Некаде прочитавме во една канцеларија натпис: “Вие може да седите колку сакате, но ние можеме да работиме откога вие ќе отидете”. Понатаму со користење на вработените може да се заштеди дополнително време. Со користење на побрз превоз (авион). Има доста примери на претприемачи кои поради недостиг на време го запоставуваат сопственото семејство, жена, деца, роднини, пријатели за да можат да им се посветат на бизнисите. Па поради тоа често бизнисот се нарекува најмило дете, бидејки на него се троши најмногу време и труд.

post

45 Совети за заштеда на бизнис пари – Дел 1

45 совети за заштеда на пари

45 совети за заштеда на пари

На малите бизниси, особено на стартап бизниси основното нешто што секогаш им недостасува се парите. Парите претставуваат основен крвоток за малиот бизнис. Без пари нема да може да се набават производите и услугите за нормално функционирање на бизнисот. Без пари нема да може да се создаде производот или услугата која што се продава. Без пари нема да може да се инвестира во раст на бизнисот. Секој бизнис функционира преку влез и излез на пари. За да има излез мора да има и влез. Но за да бизнисот биде успешен т.е. профитабилен претприемачот мора да се стреми излезот на парите секогаш да биде помал од влезот. На таков начин ќе се овозможи солиден готовински тек на бизнисот и согласно ситуацијата ќе се овозможи финансирање на растот од сопствени извори, а со тоа би се обезбедил поголем профит за иднина.

Во овој пост се дадени 45 совети или начини на кои можете да заштедите пари, а со тоа и да овозможите континуиран раст за Вашиот бизнис.

Успешни претприемачи се оние кои ќе успеат да создадат имиџ на успешна, професионална и солидна компанија која нема да допушти нејзините финансии непотребно да се разлеваат. Успешноста на Toyota како компанија со години се базира преку заштеди на непотребни трошоци. Па затоа од 1936 година дури во 2008 година Тојота за првпат е погодена од економската криза и ја заврши со загуба, а знаеме дека има создадено имиџ на врвен квалитет.

Претприемачот мора да ја пронајде формулата за работа на бизнисот ефикасно и ефективно и со оптимално ниво на трошоци за бизнисот. На таков начин ќе се осигура работењето на бизнисот за нареден период. Обидете се да ги инкорпорирате во Вашиот бизнис овие начини за заштеда на пари и се ќе биде поедноставно.

Некогаш заштедите се контрадикторни. Можете да го заштедите своето време, но ќе создадете одредени други дополнителни трошоци. Да кажеме може да се префрлите од точка А во точка Б, со авион. Во тој случај ќе заштедете време но ќе потрошите дополнителни финансиски средства. Така да претприемачот треба да размисли со што повеќе располага во моментот дали е тоа време или се тоа пари и согласно својот приоритетот да ги користи овие ресурси. А, знаеме дека времето е пари.

1. Проучувајте го излезот на парите

Постојано вршете проучување на тоа каде одат парите од Вашиот бизнис. Колку набавки сте извршиле, колку сте издвоиле средства за плата, струја, вода, телефон… Вршете ја оваа анализа на месечно ниво и пробајте да најдете некои можности за заштеди за наредниот месец. Доволно е само да ги погледнете бројките да соредите и да откриете можности за заштеди закои воопшто не сте ни свесни дека постојат.

2. Анализирајте го готовинскиот тек

Добар готовински тек е основа за добро функционирање на Вашиот бизнис. Може да остварувате профит, но доколку готовинскиот тек не Ви е добар тоа може да доведе до пропаѓање на бизнисот. Вршете анализа на готовинскиот тек на месечна основа и определете буџет за нареден месец. На ваков начин освен излезот ќе го анализирате и влезот на парите. Ќе утврдите можности за подобрување на влезот и намалување на излезот на готовина со што ќе ја зголемите бизнис потенцијалната енергија на Вашиот бизнис.

3. Outsourcing

Анализирајте ги Вашите бизнис активности и секаде каде што надворешен изведувач може да Ви ги скрати тековните трошоци изберете ја оваа опција. Не мора да имате постојан вработен како некој кој ќе Ви ја одржува контакт листата, кој ќе врши обработка на текстови на комјутер, кој ќе одговара на повици итн. За сето ова можете да најдете надворешни професионалци кои ќе ви наплаќаат од извршена работа по час. Па така доколку плаќате полно работно време за некои од овие активности тоа се 40 часа неделно, а имате потреба од само 5 часа неделно ќе заштедите 20 часа неделно. Бројката од 20 часа е дадена ориентационо бидејќи претпоставка е дека услугата или цената по час ќе биде поскапа од часот на редовно вработен.

4. Работете исправно

Сведоци сме на секојдневни казнувања на малите бизниси од страна на инспекциските органи. Немојте да дозволите да плаќате високи казни за откриени неправилности при работа. Во трендови за 2009 година напишавме дека финансирањето на буџетот ќе се одвива преку наплата на пенали и казни. Не дозволувајте ова да биде Ваш трошок. Овој тренд сметам дека ќе продолжи и во 2011.

5. Работна просторија.

Размислите дали за Вашиот бизнис имате оптимална големина на просторијата. Некогаш неадекватна големина на просторијата (мала или голема) ќе се толерира доколку се поседува добра локација. Доколку просторијата е Ваша сопствена тогаш може да се изведе соодветно реновирање со што ќе се обезбеди поквалитетен работен простор, ќе се обезбеди поголема заштеда при затоплување или ладење и други поволности. Доколку просторијата се изнајмува се отвараат други проблеми. Се треба да се работи во согласност со сопственикот, што некогаш и не е лесно да се обезбеди. За поголемите простории се плаќат и поголеми наемнини, па доколку факторот локација не влијае значително, тој трошок може да се намали со изнајмување на помала просторија. Меѓутоа, бидејќи на секого му е јасно дека претприемачот секогаш ќе бара подобра и поевтина локација, додека изнајмувач секогаш ќе бара луѓе кои ќе понудат поголема наемнина при изнајмување на локацијата, бидејки се работи за спротивставените интереси се потпишува договор во кој се прецизира износот на киријата како и времето предвидено за наем, па овој договор може да претставува лимитирачки фактор при барањето на нова локација. Заради тоа треба благовремено да се анализираат двата фактори: оптимална локација и оптимална големина на просторија.

6. Електрична енергија

Електричната енергија навистина претставува голема ставка во пари на Вашиот бизнис. Започнете со анализа на месечна потрошувачка. Греење во зимскиот период без оглед дали се работи за греалка, електрично парно, затоплување преку клима уреди, троши големо количество на електрична енергија. Доколку се греете во зимскиот период на струја побарајте електрични апарати кои трошат помалку електрична енергија, а даваат слична топлина. Доколку е потребно да се изврши дополнително изолирање на просторијата или пак дополнително заптивање на прозори и врати заради сочувување на енергијата, спроведете го тоа. Размислете за енергетската ефикасност на просториите на Вашиот бизнис. Друг период на голема потрошувачка на електричната енергија е летниот период кога се зголемени температури па е потребно да се изврши ладење на простории па клими, вентилатори и слични уреди остваруваат голема потрошувачка на електрична енергија. Доколко се појават екстремни температури (големи или мали) можно е да се размислува за скратување на работно време, промена на работно време (во летен период да се отпочне порано додека температурите се пониски) доколку е можно давање на годишни одмори и слично. Најчесто се оставаат светлечките реклами да светат ноќе па и тоа создава потрошувачка. Доколку постои опасност од кражба сијалиците се оставаат цела ноќ упалени. Се ова дава можност за заштеда преку замена на класични сијалици ( од 100 W) со штедливи кои се повеќе се нудат на пазарот. Водите сметка да сијалиците или други апарати кои трошат електрична енергија непотребно да не бидат вклучени.

7. Фиксен телефон

Фиксниот телефон може да претставува значително висок износ на трошоци за Вашиот бизнис. На секоја сметка на фиксен телефон плаќате претплата без разлика дали го користите или не (тоа почнува да се менува бидејки одредени оператори нудат користење на фиксни телефони без месечна претплата, но со помалку услуги). Размислете дали Ви е потребен фиксен телефон. Доколку не го користите или пак го користите малку, а имате мобилен телефон откажете го (бидејки има голем број на луѓе кои ги откажаа фиксните телефони немање на фиксниот број може на некого да сигнализира дека фирма нема средства да плаќа телефон па може да се створи негативна слика па препорачуваме внимателно овие фактори да се земат во предвид доколку се одлучува дали да се задржи фиксниот телефон). Од друга страна доколку телефонската комуникација ви е со странство имате опција да користите разни алатки кои нудат поевтини меѓународни разговори како Skype или Google Voice со што ќе заштедите значителен износ на пари.

8. Фиксен телефон – тарифни опции – евтина тарифа

Сега постојат повеќе тарифни опции на фиксен телефон и секако повеќе понудувачи на ваквите услуги. Доколку го користите фиксниот телефон и истиот претставува средство за реализација на Вашите бизнис активности добро проучете ги овие тарифни опции и изберете опција која е најоптимална за Вас. Доколку имате период на ефтина тарифа обидувајте се да го користите фиксниот телефон во тој период. Разликата меѓу скапата и евтината тарифа е доста голема. Ако постои можност за користење на ефтина тарифа користете го телефонот во тој период. Ќе се изненадите колкава заштеда можете да остварите со вистинскиот тарифен модел за Вашиот бизнис.

9. Фиксен телефон – заштеди небизнис активности

Доколку го користите фиксниот телефон и истиот претставува средство за реализација на Вашите бизнис активности разгледајте ја деталната сметка за тековен месец. (Сега барем е едноставно преку интернетот можете да пристапите до деталните сметки.) Од страна означете ги повиците кои се однесуваат за бизнис активности со +, а повиците кои не ги знаете или пак кои не се однесуваат за бизнис активностите со -. Во MS Excel ставете една колона која ќе биде + и се однесува на телефонски трошоци за бизнис активности и втора колона – која се однесува на трошоци за небизнис активности. Соберете ги и двете колони и доколку трошоците за небизнис активности се повеќе од 10% од вкупните трошоци елиминирајте ги во наредниот период. На ваков начин ќе заштедите доста пари на телефонски сметки.

10. Фиксен телефон – заштеди бизнис активности

Разгледајте ја повторно деталната листа и во MS Excel документ кој го направивте за претходната активност додадете колона пред колоната + и именувајте ја како повикани. Во колоната повикани согласно наведениот број во листата внесете ги сите повикани бизнис партнери, снабдувачи, купувачи… Размислете за тоа дали постои можност за поинаков контакт со овие луѓе. На пример e-mail, Skype или било која друга опција која не Ве чини ништо или пак претставува доста поевтина алтернатива. Од наредниот месец започнете секаде каде што постои можност да нарачувате, контактирате, продавате преку e-mail или друга алтернатива. На ваков начин во голем обем ќе ги скратите Вашите тековни трошоци кои одат на телефонска сметка.

11. Факс

Праќање на факс како комуникација со Вашите купувачи, снабдувачи, партнери или било кои други бизнис контакти може да претставува трошок за Вашиот бизнис. Анализирајте ги комуникациите со факс. Побарајте од тие контакти дали постои можност комуникацијата да ја префрлите преку e-mail.

Дали во ХХI век сеуште се потребни. Имаме e-mail, принтери, скенери… Технологијата се развива и се менува така да не можеме да ја следиме со голо око. Доколку постои можност да користите e-mail место факс искористете ја, така ќе ги намалите Вашите трошоци за факс опремата, за хартија и за факс тонер.

12. Мобилен телефон – тарифна опција

Конкуренцијата на пазарот со мобилни телефони доведе до постоење на различни тарифни опции кои се скроени за различни потрошувачи. Добро проучете ги истите и изберете ја најоптималната за Вашиот бизнис. На ваков начин ќе можете да скратите голем дел од Вашите трошоци за мобилен телефон.

Доколку самите не побарате промена на тарифна опција операторите нема да ви кажат дека можете да заштедите, а постојано се воведуваат нови поволности од страна на истите.

13. Мобилен телефон – заштеди небизнис активности

Како во советите за фиксен телефон извршете ја истата анализа и за мобилен телефон и елиминирајте ги сите непотребни повици за небизнис активности. На ваков начин ќе заштедите доста пари преку помала сметка за мобилен телефон.

14. Мобилен телефон – заштеди бизнис активности

Како во препораката за фиксен телефон извршете ја истата анализа и за мобилен телефон и елиминирајте ги сите непотребни повици за небизнис активности. На ваков начин ќе заштедите доста пари преку помала сметка за мобилен телефон. И тука постојат опции за повици преку други технологии.

15. Мобилен телефон – евтина тарифа

Доколку имате период на ефтина тарифа обидувајте се да го користите мобилниот во тој период. Разликата меѓу скапата и евтината тарифа е доста голема. Ако постои можност за користење на ефтина тарифа користете го тогаш.

16. Мобилен телефон-пораки

Праќање пораки текстуални или ММС пораки се доста евтина опциа за комуницирање. Ваков вид на комуникации остава пишан траг па сите можни недоразбирања би биле сведени на минимум, а може да послужи и за други цели (како доказен материјал во случај на некој спор). Имате опција и овие пораки да ги праќате преку интернет при што одредена количина не се наплаќа.

17. Интернет

Бизнисите во денешно време без интернет не можат да опстојат. На интернетот не треба да се штеди бидејќи истиот може да ви помогне да заштедите на други работи. Понудувачите на услугите на интернетот нудат најразлични тарифни опции кои главно зависат од брзината на симнување и количината на трансфер на податоци. Разгледајте го Вашиот месечен сообраќај на интернет и доколку имате помалку потрошено од лимитот кој го имате со тарифниот модел изберете друг тарифен модел кој ќе биде поевтин. Така ќе заштедите од непотребно плаќање за непотрошен сообраќај.

Од друга страна следете ги новите тарифни опции кои операторите ги нудат, тие нема да ви кажат дека можете да се префрлите во нова тарифна опција со што ќе заштедите. Јас со месеци плаќав скап интернет се додека не побарав на веб сајтот на операторор и не забележав многу поевтина опција, по што ги контактирав и потпишав нов договор, но заштедите изнесуваат скоро 40%.

18. Бензин – автомобили

Размислете за тоа каков автомобил Ви е потребен за вршење на бизнис активности. Дали Ви треба со поголема моќност или помала моќност. Дали сакате да остварите зголемено влијание на луѓе со кои соработувате (бидејки автомобилот докажува статусна моќ на претприемачот) или сакате автомобил да ви има само функционална намена. Потрошувачката на бензинот е директно поврзана со типот на автомобилот. Изберете оптимално решение за Вашиот бизнис и ќе ги подобрите Вашите финансии.

19. Бензин

Бензин за Вашиот автомобил може да претставува висок трошок за Вашиот бизнис. Одете пешки секаде кај што треба да одите и е блиску. Користете јавен превоз каде што можете. Знаеме дека ова нема да Ве претстави како вистински бизнисмен, но подобро да не бидете квази бизнисмен со празни џепови, туку да бидете вистински претприемач. На ваков начин ќе го подобрите Вашето општество со помало загадување и ќе можете да покренете еколошка кампања која ќе Ви донесе добар публицитет и бесплатна реклама.

Од друга страна многу претприемачи па и вработени користат службени автомобили за приватни потреби. Анализирајте го Вашето лично користење како и на Вашите вработени и елиминирајте ги ваквите однесувања.

20. Бензин – пребрзо возење

Секогаш кога ќе се вози побрзо од оптималната брзина препорачана од производителот Вашиот автомобил троши поголема количина бензин (тука се надоврзуваат и високи казни за брзо возење кои ги наплатува полицијата). Изгответе правилник за Вашите вработени за максимална брзина и применувајте го и Вие тоа правило, така ќе заштедите доста пари за Вашиот бизнис.

Останатите 25 совети продолжуваат во 45 совети за заштеда на бизнис пари – Дел 2.

post

ABC Анализа – 80/20 правило

80/20 правило - ABC анализа

ABC Анализа - 80/20 правило

ABC – анализа дава брз и едноставен преглед на асортиманот во еден малопродажен објект или големопродажен бизнис. Но, може да се користи и во сите подрачја на вашиот бизнис кога треба да донесете одлуки за залихите, асортиманот на производите, маркетинг техники, бизнис процеси, трошоци итн. ABC анализата обезбедува механизми за идентификување на предмети кои имаат значително влијание на севкупните трошоци на залихи и која ќе обезбеди идентификување на категории на залихи кои ќе бараат различен менаџмент и контрола. Слична анализа на ABC анализата е правилото 80/20 кое уште е наречено Парето принцип. Овој принцип се заснива на тоа дека 80% од ефектите доаѓаат од 20% на причини (активности). Ова правило вели дека 80% од вашата продажба доаѓа од 20% од вашите клиенти.

Во секој малопродажен објект, па и во големопродажен бизнис постојат артикли кои не се еднакви по својата вредност. Некои артикли се повеќе барани, на некои артикли повеќе се заработува, додека некои артикли морат да се држат заради комплетирањето на асортиманот. Значи сите артикли се разликуваат по однос на прометот, вредноста, значењето и слично. Бидејки залихите носат лоша конотација и секој настојува да ја намали количината на залихите односно да ги држи на оптимално ниво (негативности кои носат залихи може да се видат во нашиот текст за залихите), со оваа метода јасно и прегледно можат да се согледа вкупниот асортиман и неговото значење за вкупниот промет и вкупниот приход. Тука треба да разликуваме две работи, првата работа е колкав приход ни носи одредениот артикл, а друго колку е баран односно колкав обрт ни носи одредениот артикл. Бидејки некои артикли повеќе се продаваат но носат помал приход, но затоа обрт на обртните средства е поголем па и заработка е поголема, а можеби купувачите доаѓат најповеќе поради тој артикл (во колонијал тоа е леб, млеко…, во авто делови тоа се делови за ремонт, масло, свеќици, акумулатори, гуми… па ќе купат и уште нешто со тоа и приходот ќе биде поголем). Заради тоа може да се направат две табели во кои во едната ќе се анализира Асортиман (бројот на артикли) во однос на вкупниот приход и втора каде би се анализирало Асортиманот (бројот на артикли) наспроти вкупниот промет. Па да се искомбинират двете величини за да се согледа реална состојба и да се избере варијантата која ги максимизира резултатите и со која ќе се постигне поголем успех во работењето.

ABC - анализа на асортиманот во однос на вкупниот промет

ABC - анализа на асортиманот во однос на вкупниот промет

ABC - анализа на асортиманот во однос на вкупниот приход

ABC - анализа на асортиманот во однос на вкупниот приход

Класификација на производи со ABC методата се врши така што асортиманот (вкупно производи) се дели на три сегмента.

Во првиот сегмент А се производи кои се процентуално најмалку застапени да речеме околу 20 % во вкупниот промет, а носат најголем приход на продавницата, на пример 70%.

Во група B, е поголема количински на пример 30 % или вкупно 50%, но во прометот учествува со видливо помал процент на пример 20 % или вкупно 90 %.

Група C, може да биде и 50 % или вкупно 100 %, а вредносно само 10 %, да учествува во приходот или пак профитот.

Овие проценти се земени произволно и ориентационо, ништо не пречи доколку тој сооднос биде блиску до зададената вредност.

Врз база на добиените вредности од ова анализа се врши понатамошна набавка на асортиманот.

За ова може да се направи и компјутерски програм кој ќе работи врз зададените параметри и ќе црта табели и со кои ќе овозможи полесен и попрегледен увид. Можете и да користите MS Excel за спроведување на анализава:

Доколку дојде до промена на асортиманот, под истите услови се прават други табели и процедурата е сосема иста.

Оваа анализа некои ја викаат и како 80/20 правило. Правилото 80/20 или Парето принцип е сугерирано од експертот за бизнис менаџмент Joseph Juran и го крстил по италијанскиот економист Vilfredo Pareto кој вели дека 80% од приходот во Италија оди кај 20% на луѓе. Ова правило вели дека:

  • 20% од вашите активности носат 80% од вашиот приход. Дали треба да ги имате останатите 80% од активностите.
  • 20% од вашите купувачи ви носат 80% од вашиот приход. Насочете се кон задржување на тие 20%.
  • 20% од вашите производи ви носат 80% од вашиот приход. Елиминирајте ги производите кои не ви носат приход и вложете во оние кои носат.
  • 20% од вашите вработени обезбедуваат 80% од успех на вашиот бизнис. Дали треба да ги држите останатите 80% од вашите вработени.
  • 20% од вашите маркетинг активности ви носат 80% од потрошувачи. Елиминирајте ги активностите кои не ви носат потрошувачи, насочете се на продуктивните 20% од активности.
  • 20% од вашите потрошени пари носат 80% од приход. Остатокот од 80% од вашите потрошени пари можете да ги рагледате како можен трошок.
  • итн.

80/20 стапката е круцијална за развој и зголемување на перформансите на вашиот бизнис. Уверете се со тоа што ќе започнете да ги разгледувате работите со овој принцип. Ова не е единствена примена, можете да ја примените и во вашиот личен живот за да го направите поквалитетен вашиот живот.

post

Залихи – Како да ги управуваме?

Во претходниот пост пишувавме за залихи како зло без кое се може или не се може во кое претставив еден поедноставен дијаграм на тек за управување со истите.

Управување со залихите е повеќе од едноставно набавка на производи. Мора да знаете што да набавите, кога да набавите и колку да набавите. Мора да воведете систем на следење на залихите (рачно или автоматизирано) и од тој систем да извлечете знаење кое ќе го користите во процесот на набавки.

Од што зависи нивото на залихи?

Две работи од кои зависи нивото на залихите што треба да го имате се нормална (просечна) побарувачка на вашите производи во определен временски период и времетраење на процесот на набавка на Вашите производи (време од нарачка до примање на нарачаните производи).

Недоволно залихи може да значи губење на продажба, пореметување на производствениот процес и зголемување на оперативни трошоци. Од друга страна големи залихи ги зголемуваат трошоците. Затоа претприемачите мора посебно внимание да посветат на залихите.

Процес на управување со залихи

На графикот е прикажан еден поедноставен систем за контрола и управување со залихите и континуирано подобрување на истиот.

Дијаграм на тек за управување со залихи

Дијаграм на тек за управување со залихи

Значи доколку тековните залихи се поголеми од просечната потрошувачка во одреден временски период помножена со времетраење на процесот на нова набавка постои можност за подобрување на нивото на залихите.

На пример, просечната дневна потрошувачка е 10 парчиња, а процесот на набавка трае 3 денови. Во една ваква состојба теоретски ќе мора да имаме 30 прачиња на залиха. Доколку имаме 50 значи дека имаме 20 парчиња повеќе што претставува можност за подобрување.

Ова подобрување се изведува преку воведување на систем за контрола на залихите и намалување на истите на нивото на просечната потрошувачка во одреден временски период помножена со времетраење на процесот на нова набавка.

Како што забележувате на нивото на залихи влијае и времетраењето на процесот на нарачката. Овој временски период од нарачката до пристигнување на стоката може да зависи од Вашиот бизнис и од снабдувачите. Откога ќе го намалите нивото на залихите поминете на процесот на намалување на времетраењето на нарачките. За потоа повторно да го започнете истиот циклус.

Методи и техники

Може да користите повеќе методи и техники за управување на залихите. Но основата е во квалитетен систем на следење на залихите. Овој систем на следење може да биде:

  • со паметење
  • со картички (на хартија)
  • компјутерски

Првиот начин може да се користи доколку претприемачот е искусен во работењето, а асортиманот не е голем, па во секој момент знае во која состојба се наоѓаат залихите. Овој начин на работењето најмалку е препорачлив, бидејки напорот кој треба да се вложи за другите начини на евиденција е далеку помал, а добиените резултати се значително поголеми. Со ваков начин на евидентирање можни се чести и големи грешки, а воедно се оневозможува правење на дополнителна анализа со која ќе се утврди временскиот период во кој одредена стока имала зголемено или намалено побарување. Во пракса постојат примери на претприемачи кои на овој начин беспрекорно функционираат, но ние сепак не би го препорачале овој начин на работењето освен во екстремни ситуацији кога треба брзо да се реагира на некоја евтина понуда или во некој друг момент. Но замислете само доколку се работи за 100 артикли. Дали може да се запомнат сите. Секако дека не, затоа претприемачите мора да преминат на некој од пософистицираните начини на следење на залихите.

Евидентирање со картички е постар метод во однос на компјутерската евиденција. Овој метод се користи во случаи кога претприемачот нема компјутер на располагање или доколку претприемачот не е обучен за работење со компјутери. Тоа во денешно време е карактеристика на старите претприемачи кои немат доволно знаење за компјутерите. И во овој случај во практиката се наидува на претприемачи кои беспрекорно функционираат, но ние нема ни овој метод да го препорачиме (може како испомош во случај на некој квар на компјутер, нестанок на струја или некои други екстремни случај). Овој систем функционира на таков начин што за секој тип на производ постои картон со кој се води евиденција како што е прикажана на табелата. Овој систем е многу подобар од претходниот, но може и да биде компликуван со поголем број на артикли. Ако имаме 100 артикли ќе мора да водиме посебна евиденција за сите артикли.

Датум набавкаПЛ бр.КоличинаЕд.меркаДатум продажбаФактура бр.КоличинаОстаток во магацин
01.01.20091100PCE07.01.200918020
08.01.20093150PCE15.01.2009510070

Сега е веќе вообичаено да се набави персонален компјутер, соодветен софтер и да се изврши шифрирање на артиклите и евиденцијата на продаденото количество и количеството на залихите. Можно е автоматско печатење на листи на сите артикли, на сигнално ниво и започнување на нивна набавка. На овој начин се отвара можност за комплетна евиденција од потребната залиха, од побарувачката што била во претходниот период и уште голем број на другите анализи. Со шифрирањето во секој момент може да се види каква е состојбата на залихите како и лесно да се пронајдат потребните залихи во магацинот.

post

Залихи – Зло без кое не се може или се може

Залихите претставуваа количина на стоки и материјали кои бизнисот ги има во својот магацин. Но, зошто се потребни залихите? Дали се потребни залихите? Дали залихите обезбедуваат поефикасно и поефективно работење на бизнисот? Дали залихите претставуваат сигурност на бизнисот? Какво влијание имаат залихите врз финансиите на бизнисот? Сето ова се прашања за кои секој претприемач мора да ги знае одговорите. Ќе се обидеме накратко да дадеме одговор на овие прашања. Навистина залихите претставуваат нешто без што не се може од една страна, но од друга страна постојат голем број на факти кои велат дека може да се работи и без залихи и од тоа бизнисот само ќе има поголема корист.

Негативности на залихи

Без оглед дали се работи за производствено претпријатие (фабрика), услужно претпријатие или се работи за трговија секое од овие претпријатиа мора да држи одредени залихи. Тоа се суровини, материјали, резервни делови, готови производи… Секоја залиха со себе носи трошоци.

Врзани финансии

Како прво се врзуваат финансии кои би можеле да се употребат за други цели. Парите претставуват крвоток за секој бизнис, а со големите залихи Вие го загрозувате тој крвоток. Дури тие пари да не се користат за бизнис, може да се дадат под камата (бидејки парите се секогаш барана стока) и така дополнително да се заработува.

Пред извесен период разговарав со еден случаен познаник кој е еден вид на печалбар! Во муабетот кога стана збор за бизнис и вложени на пример 20000 евра во производи за продажба, ми кажа дека тој избрал да не вложува пари во бизнис туку да ги стави во банка и за таа сума да добива околу 10000 денари месечно.

Магацински простор

Следниот проблем е чувањето на залихите. Потребно е да се обезбеди магацински простор. Доколку немате магацински простор ќе треба да го изнајмите што претставува дополнителен трошок (а зошто Вие да не изнајмувате магацинскиот простор и со тоа овозможите дополнителна заработка). Магацинскиот простор мора да поседува пропишани димензии. Понатаму магацинскиот простор треба да биде соодветно изграден да не дојде до оштетување на залихите. Обезбеден, да не може да дојде лесно до крадење. Доколку постои можност за кражба потребно е да се обезбеди чуварска служба. Понатаму залихите можат да бидат загрозени поради елементарните непогоди земјотреси, поплави, пожари, оштетување при транспорт, влијание од штетниците… На пазарот може да се појави иста стока по пониски цени, стоката може да излезе од мода, може да помине рокот на траење и ред други негативности.

Сите овие причини ги терат менаџери и претприемачите да се позанимаваат малку повеќе со проблематиката на залихите. Во тој поглед најдалеку отидоа јапонците кои преко системите JIT (Just in Time – точно на време), TQC (Total Quality Control – Севкупна контрола на квалитет) и други методи при што набавка на залихите е комплетно контролирана и водена од пазарот. Во некои случаи се изведува и непосредно пред да започне монтажата доколку се работи за производствено претпријетие.

Па сега требаат или не требаат?

Сепак залихите во некои случаи мора да постојаат. Тие не треба да се преголеми, ниту премали за да не би дошло до пореметување на производствениот процес (види 80/20 правило и ABC анализа). Во однос на малопродажбата со премали залихи не би можело целосно да се задоволат потребите на купувачите. Значи залихите теба да бидат оптимални и да ги задоволаат вистинските потреби на бизнис процесите. Ако залихите се преголеми се јавуваат финансиски трошоци за кои што кажавме.

Но, уште една позначајна работа освен финансиите во однос на преголеми залихи е дека тие ги сокриваат проблемите во бизнис процесите кои што постојат. Овие проблеми не се решаваат, или пак претприемачите и менаџерите мислат дека ги решаваат со обезбедување на залихи, што претставува навистина ризично решение. Ако залихите се премали се губаат потрошувачи, бидејки не можат да го купат оно што го сакаат како по асортиманот така и по количина, па се создава лош имиџ.

Основното е дека тие треба да се држаат помеѓу максимумот и минимумот односно со залихите треба да се управува. Затоа се воведува еден термин кој се нарекува сигнално ниво на залихите. Кога залихите на стока ќе дојдат до тоа сигналното ниво, тогаш се започнува со процесот на набавка. Значи сигналното ниво претставува количина на залихи која ќе биде потребна да се овозможи непрекината работа на бизнисот во период додека трае процесот на набавки.

Тоа сигналното ниво зависи од просечната продажба доколку се работи за малопродажба или големо продажба и просечното производство доколку се работи за производствени бизнис од една страна и времетраење на процесот на набавка.

дијаграм на текот во процесот на менаџирање на залихите

дијаграм на текот во процесот на менаџирање на залихите

На сликата е прикажан само еден мал едноставен дел од дијаграм на текот во процесот на менаџирање на залихите. Важно е да го започнете процесот за управување на залихите бидејќи веднаш ќе ги почувствувате предностите.

Мора да напоменам дека управувањето со залихите се повеќе ќе се усложнува особено поради фактот што:

  • Се повеќе бизниси ќе воведат онлајн продажба.
  • Векот на траење на производот ќе биде се пократок.
  • Потрошувачите многу бргу ги менуваат сопствените потреби.
post

10 Извори на Bootstrap Финансирање

10 Извори на Bootstrap финансирање

10 Извори на Bootstrap финансирање

Кога размислувате како да финансирате нешто во вашиот бизнис прво треба да ја разгледате опцијата на bootstrap финансирање, користејќи ги вашите сопствени пари за потребите на вашиот бизнис. Во време на рецесија како што е сега достапноста на кредитите од страна на банките се повеќе се намалува, доколку се добијат пари каматата е доста повисока. Затоа, претприемачите мора да наоѓаат нови извори на финансии.

Што претставува bootstrap финансирање?

Bootstrap финансирање претставува збир на методи кои се користат за намалување на износот на надворешен долг и капитално финансирање од банки и инвеститори.

На ваков начин вие самите го финансирате почетокот или растот на вашиот бизнис преку вашата заработка или тековен имот оној кој што во моментот го имате или можете да го имате. Не користите кредити или инвеститори кои би добиле удел во Вашиот бизнис.

Предностите на bootstrap финансирање

Една од најголемите предности е што вашиот бизнис ќе вреди повеќе бидејќи помалку ќе должи и што нема да плаќате високи камати за кредитите кои ги користите.

На пример логиката е ваква:

  • Имам на штедна книшка, можам да ги вложам тие пари.
  • Можам да позајмам од роднини и пријатели без камата или сопственички удел.
  • Ќе интервенирам во подобрување на системот за наплата.
  • Ќе ги оптимизирам залихите.

Постојат повеќе методи и извори на bootstrap финансирање, но најчесто се користат следниве:

  1. Сопствени финансии
  2. Донации или неповратни средства
  3. Намалување на побарувањата
  4. Одложено плаќање
  5. Намалување на залихи
  6. Заедничко искористување

Извори на bootstrap финансирање

Накратко ќе се обидам да презентирам 10 методи или извори на bootstrap финанисрање:

1. Ваши лични заштеди

Кога започнувате нов бизнис или доколку има потреба да го финансирате растот на вашиот постоечки бизнис секогаш разгледајте ја можноста за користење на вашите лични заштеди. Ова се парите кои може да ги имате на вашата штедна книшка, под перница дома, дадено на заем на пријател… Пресметајте колку е износот на тие пари и дали тој износ ќе ги задоволи планираните потреби на вашиот бизнис. Доколку тој износ ќе стигне за финансирање на бизнисот искористете го. Доколку износот нема да ви стигне одете на следниот извор.

2. Пријатели и семејство

Секогаш можете да најдете некој од вашето семејство или пријател кој е спремен да ви помогне во изведување на вашите бизнис потфати. Размислете кој од вашите најблиски има финансиска можност да ви помогне и какви ви се односите со таа личност, односно дали можете да побарате на заем. Овој начин на финансирање е добар бидејќи се базира на добра волја и добри односи помеѓу претприемачот и позајмувачот и во вакви случаи нема да мора да плаќате високи камати на банките. Пресметајте го износот што вие ќе го финансирате и износот што ќе го позајмите од семејството или пријателите и доколку е доволен за финансирање на вашите бизнис потфати искористете го. Доколку износот нема да ви стигне одете на следниот извор.

3. Кредитни картички

Сега скоро секој има минимум по една кредитна картичка. На секоја кредитна картичка имате кредитен лимит кој можете да го користите. Банките вообичаено даваат овој износ да се плаќа на месечна основа во износ од 5 или 10 проценти од долгот во зависност од банката (а некои даваат на 6 месечни рати). Разгледајте ги состојбите на картичките што ги имате и начините на враќање и изберете која картичка ќе ја користите за финансирање на вашите бизнис потфати. На ваков начин ќе ги оптеретите вашите лични финансии, но ќе го ослободите вашиот бизнис од зголемување на долговите и секако можеби ќе ја избегнете опцијата некој друг д завземе солиден дел во Вашето сопствеништво. Соберете го износот од вашите лични заштеди плус позајмицата од семејство или пријатели плус износот што можете да го подигнете од кредитните картички и доколку е доволно искористете го за бизнис потфатот, а доколку не продолжете со следните извори.

4. Користете можни донации

Барајте и конкурирајте за секој можен извор на неповратни финансии. Постојат голем број институции на локално или национално ниво кои овозможуваат конкурирање за неповратни финансиски средства врз основа на бизнис план кој ќе победи. Овој начин се однесува и за постоечки и посебно за нови бизниси. На ваков начин можете да добиете финансии кои иако не се многу големи но сепак се бесплатни (не ги враќате).

5. Наградувајте го брзото плаќање (за постоечки бизниси)

Воведете систем на награда на вашите потрошувачи за побрзо плаќање во вид на попуст. Секој кој ќе ја плати вашата фактура веднаш ќе му овозможите поголем поуст, додека за подолг период помал попуст или за оној кој ви е вообичаен без попуст. На ваков начин ќе овозможите вашите побарувања да не бидат со поголем временски период и ќе овозможите подобар готовински тек на вашиот бизнис. Овие средства ќе можете да ги искористите за вашите планирани бизнис потфати.

6. „Казна“ за нередовните плаќачи (за постоечки бизниси)

Доколку имате потрошувачи кои своите обврски кон вас не ги плаќаат навремено размислете за опција да воведете затезна камата во вид на казна за неродовните плаќачи. На ваков начин ќе се подобри готовинскиот тек на вашиот бизнис и ќе имате повеќе финансии на располагање при идните бизнис потфати. Доколку и на ваков начин не можете да се справите со нередовните плаќачи раскинете ги односите со истите, така да нема да имате заробено пари во нередовните плаќачи.

7. Одложено плаќање (за постоечки бизниси)

Еден од начините да се подобри вашиот готовински тек е да издејствувате колку што можете повеќе одложено плаќање на стоките и услугите кои ги користи вашиот бизнис. Првин морате да видите какви услови добивате со плаќањето веднаш и доколку добивате солидни попусти искористете го, а доколку нема разлика од одложено плаќање и веднаш плаќајте одложено. На ваков начин ќе имате повеќе финансии за вашиот бизнис.

8. Изнајмувајте опрема

Разгледајте ги опциите за скапата опрема што е потребна за вашиот бизнис да ја изнајмите и за неа да плаќате месечен надоместок за користење. На ваков начин ќе заштедите на почетна инвестиција, нема да имате амортизациони трошоци и секогаш ќе можете да ја откажете.

9. Плаќајте ја опремата на рати

Разгледајте ги опциите и можностите кога купувате опрема за вашиот бизнис (компјутери, печатачи, факсови, канцелариска опрема итн) да можете да ги плаќате на рати. Многу продавачи на комјутерска опрема и канцелариска опрема овозможуваат плаќање на 3, 6 или 12 месечни рати. Предност на повеќе рати можете да добиете доколку купувате од ист снабдувач. На ваков начин ќе овозможите повеќе финансии да бидат наменети за обртните средства наместо за опремата.

10. Намалување на залихи (за постоечки бизниси)

Залихи претставуваат врзани пари. Секој денар вложен во залиха е денар кој нема да го имате во готовина за вашиот бизнис. И секој денар во залиха ја намалува можноста за инвестирање во растот на вашиот бизнис. Извршете соодветна проценка на нивото на потребни залихи за вашиот бизнис и пресметајте го оптималното ниво. Разгледајте ја можноста на некои производи да воопшто не држите залихи. Ова ќе можете да го остварите со соодветна анализа на вашите снабдувачи и преговарање со истите. Со минимално ниво на залихи ќе имате повеќе финансии во готовина спремни за натамошно оплодување.

Ова се 10 можни извори на bootstrap финансирање, но не и единствени. Вашата креативност и оригиналност ќе може да открие уште многу други начини на финансирање и искористете ги, а дури потоа размислувајте за кредити од банките.

post

Бизнис ангели

Овој пост е напишан од М-р Илија Чубровиќ, коавтор на книгата Менаџмент на Претприемничкиот Бизнис и еден од креаторите на идејата за овој веб сајт.

Бизнис ангели

Бизнис ангели

Успешноста на било кој бизнис е директно поврзана со достапноста на финансии, без разлика дали се работи за стартап финансии или за финансии потребни за вложување во растот на бизнисот. Секој бизнис проект бара да се инвестира одредена сума на пари за да може да профункционира и да обезбеди финансирање на почетните и тековните бизнис операции. Доколку овие финансии се лесно достапни и претприемачот има добар бизнис план базиран на уникатна бизнис идеја успехот е загарантиран, не само за претприемачот, туку и за целокупното општество. Еден од начините за зголемување на достапноста на финасиите може да биде зајакнување на мрежите на бизнис ангели.

Што претставуваат бизнис ангели?

Бизнис ангели (можат да се сретнат уште и како ангели, ангел инвеститор или неформален инвеститор) претставуват уште еден интересен терминолошки израз кој е даден со цел да се добие еден впечатлив назив, кој е полесен за паметење, а претставува синоним за финансиери.

Односно тоа е начин на финансирање и претставува неформален ризичен капитал. Финансиер може да биде индивидуалец или група. Тоа се луѓе кои имаат вишок на финансиски средства и кои се спремни да го инвестират тој вишок во индивидуалецот или во регионот преку најповолни услови. Најчесто парите ги заработиле (а можеби се уште заработуваат) како сегашни или бивши менаџери (директори), спортисти, естрадни звезди (пејачи, актери, режисери…), лекари, адвокати и другите високоплатени професии. Заради својот бекграунд, бизнис ангелите освен во финансиите можат да помогнат и во другите аспекти на бизнисот во зависност од нивната експертиза (како на пример, информации и know-how за тоа како да го направат бизнисот успешен). Оваа е дополнителна придобивка за претприемачите кои се врзуваат со бизнис ангели.

Овие финансиери претежно се сентиментално врзани за личност или региони (роднини, пријатели, роден крај или некој предел кој оставил големи импресии на одреден финансиер воо одреден дел од неговиот живот).

Видови на средства кои ги обезбедуваат бизнис ангелите

Бизнис ангелите може да дадат средства во вид на:

  • грант (подарок),
  • без камата,
  • со минимална камата или
  • со нормална камата.

На ваков начин давањето на гаранцијата би била значително олеснета а средства полесно достапни.

Тие најчесто инвестират поради желбата нивниот капитал да ја задржи својата вредност или поради љубов кон одредено место или личност. Секако дека сопствениците на овој капитал немаат против да стекнат профит (да ги оплодат своите пари) но, нивните основни мотиви не се првенствено профит па заради тоа тие даваат финансиски средства по поволни услови.

Секако дека бизнис ангелите не претставуваат наивни луѓе кои туку така ќе ги вложат своите пари, а да не проверат и не се заштитат од можната злоупотреба и нерационално трошење на парите па би било поволно да им се презентира комплетниот бизнис план за проекти за кои се планира да се реализираат (како и редовно да се известуват за степенот на реализација). Бизнис ангелите единствено ќе инвестираат во бизнисот доколку сметаат дека тој бизнис ќе успее и ќе остварува профит. При тоа треба да се води сметка дека таквите луѓе (бизнис ангели) да не се измамат поради некоја поситна придобивка или личен интерес на поединецот, бидејки еден успешно реализиран проект може да привлече реализирање и на други проекти со ваков вид на финансирање.

Значајноста на бизнис ангели

Значајноста на бизнис ангелите е согледана и од Европската Комисија со чија соработка во 1999 година се формира мрежата на европски бизнис ангели (EBAN – European Business Angel Network). Целта на EBAN e да обезбеди почетни стартап фондови за бизнис проектите.

Ваквите финансирања од типот на бизнис ангели се соодветни за стартап бизниси или пак бизниси кои се наоѓаат во својата рана фаза од животниот циклус и немаат соодветни приходи за да го финансираат сопствениот развој.

Како да се поттикне ваквиот начин на финансирање?

Овие финансиски средства можат да бидат полезни како за поединецот така и за развојот на целиот регион каде што живее. Затоа и треба на толку моќните поединци да им се понудат добри услови за вложување (како и можно доделување бесплатна локација, доделување на јавно признание за нивната заложба, пофалници, дипломи…), за да се привлечат да ги инвестираат средствата во регионален развој, а со тоа и самите да заработат или да ги задоволат своите потреби на општо задоволство.

Ваквиот начин на финансирање во Република Македонија сеуште го нема завземено вистинското место, бидејќи сеуште немаме основани мрежи на бизнис ангели преку кои ќе може да се добие достапноста на финансии и сеуште бизнис ангелите не можат лесно да се најдат. Во развиените земји, особено САД бизнис ангелите се многу популарни. Како мерки кои би можело да се преземат за интензивирање и поттикнување на бизнис ангелите во Република Македонија би можело да бидат:

  1. Националната и локалната власт да поттикнат и формираат мрежа на национално и локално ниво на бизнис ангели кои ќе се спремни да инвестираат во нови бизнис потфати. Без поддршка на националната и локалната власт ваквите мрежи не можат да заживеат. (Постојат примери каде локалните власти ги користат успешните локални бизнисмени да финансираат рекламни проекти на владејачката локална гарнитура. Наместо тоа за почеток нека ги поттикнат на здружување на тие финансиски средства и нека ги инвестираат во повеќе нови бизнис идеи.)
  2. Универзитетите како места каде најмногу се поттикнува претприемничкиот дух и од каде можат да излезат голем број на претприемачи да воспостават и одржуваат контакти со можните бизнис ангели и да функционираат како врска помеѓу идните претприемачи (студентите) и бизнис ангелите како инвеститори.
  3. Бизнис инкубаторите како места каде се раѓаат и инкубираат нови бизниси да воспоставуваат и одржуваат контакти со бизнис ангелите и воедно да претставуваат врска помеѓу претприемачите и бизнис ангелите. Од друга страна, потребна е силна врска помеѓу бизнис инкубаторите, бизнис ангелите и универзитетите каде можат да се родат навистина квалитетни високотехнолошки идеи. Дали може успехот на Силиконската долина во САД да се преточи и во Македонија?
  4. Стопанските комори да воспоставуваат и одржуваат контакти со бизнис ангелите и воедно да претставуваат врска помеѓу претприемачите и бизнис ангелите. Да ја интензивираат соработката со бизнис инкубаторите и универзитетите на едно многу повисоко ниво. Може да се формираат заеднички контакт центри и канцеларии во кои можните инвеститори би можеле да добијат информации за секој регион, идеја,проект…
  5. Самите бизнис ангели да градат сопствени мрежи, при што ќе бидат достапни за контакти од страна на идните претприемачи и на сите на кои им се потребни финансии за бизнис.

На ваков начин полека но сигурно ќе се интензивира активното учество на бизнис ангелите во Република Македонија и со тоа и достапноста на финансиските средства за нови бизнис потфати. Ова пак ќе овозможи креација на нови работни места.

post

Ризичен капитал (Venture Capital)

Овој пост е напишан од М-р Илија Чубровиќ, коавтор на книгата Менаџмент на Претприемничкиот Бизнис и еден од креаторите на идејата за овој веб сајт.

Ризичен капител

Ризичен капитал

Доколку претприемач поседува добра бизнис идеја и сигурен е дека може да ја реализира тогаш обезбедување на капитал (финансии) претставува клуч за реализирање на таа бизнис идеја. Доколку не постои друг начин на финансирање тогаш претприемачот може да користи средства од ризичниот капитал или VENTURE CAPITAL.

Ризичен капитал може да се добие од поединецот или од група финансиери (акционери) кои поседуват финансии и кои сакат на нив (како и на секоја друга стока или производ или услуга) многу да заработат преку вложување во бизнис идеи на претприемачите а за возврат добиваат значајен дел од сопствеништво на бизнисот.

Овој систем на работење носи голем ризик од неуспех па поради тоа и иматели на капитал сакат да го заштитат својот капитал од пропаѓања бидејки секоја идеја колку и да е добра не мора да значи дека е и профитабилна. Па капиталистите свесно влегуваат во ризик да некоја од инвестициите и пропадне, но со тоа да во неколку инвестиции ги покријат и големите загуби и остварат и големи профити како надокнада за превземен ризик. Заради ова за претприемачот овој начин на финансирање е најлош бидејки каматите како и условите за добивање на овој вид на капитал се најнеповолни.

Како и при секое започнување на бизнисот финансиерите го бараат на увид комплетниот бизнис план. Тогаш се пристапува на потпишување на договорите. И барање на заедничките интереси.

Најчесто се бараат високи камати кои се поткрепени со одредени хипотеки и гаранции. Некогаш каматите се намалуваат за сметка на уделот во сопствеништвото на фирмата. Тој удел најчесто изнесува од 20 – 55 %. Секој договор може да биде различен во зависност на условите кои владеат на теренот. Најчесто договорот ќе зависи од:

  • Колку претприемачот е силен?
  • Колку има свои средства?
  • Колку бргу се развива пазарот?
  • Дали веќе има фирма или дури сега треба да ја отвори?
  • Во кој сегмент на пазарот се наоѓа или би се наоѓала новоформираната фирма.

Ако се погледа во BCG-портфолио матрица тоа би биле компаниите кои се наогаат во сегментот звезди. Каде што производ на одредена компанија има мал удел на високорастечкиот пазар.

Доколку претприемачот нема пари и постои можност да не го реализира бизнис потфатот поради недостиг на пари тогаш е подобро да прифати и неповолни услови при што сепак и тој ќе оствари некоја финансиска придобивка па може понатаму дури и ако изгуби сопствеништво над својата фирма да отвори нова фирма во која би го користил досегашното искуство и финансиите кои ги стекнал од претходниот бизнис.

Проблем настанува бидејки никој не може да гарантира дека претприемачот пак ќе добие толку блескава идеја и дека следниот обид ќе биде успех. Бидејки голем број на почетни претпријатија во првите 5 години од постоење пропаѓаат па се јавува стрес и дополнителна фрустрација па дури и да неможе да се опорави претприемачот од нив и повторно да започне со новиот бизнис.

При исплатата на паричните средства финансиерите на секој можен начин гледаат да ја заштитат својата инвестиција, па затоа давањето на финансии го делат на повеќе фази со можност да се откажат во определена фаза од понатамошното финансирање доколку зацртаното не се спроведува без огледна тоа што до тогаш инвестирале. Тие за секоја фаза определуваат одреден износ на капитал кој ќе издвојат, поради тоа што секоја фаза носи различно ниво на ризик.

Во табела е даден приказ на ризикот во однос на фазите на развојот на бизнисот.

ФАЗА РИЗИК ЗА РЕАЛИЗИРАЊЕ
“Seed” капитал 80%
“Start-up” капитал 60%
Капитал за финансирање на прва фаза 50%
Капитал за финансирање на втора фаза 40%
Капитал за финансирање на трета фаза 30%
“Bridge” капитал 25%


  1. Почетна фаза на финансирањето се нарекува “seed” (семен капитал). Тој е мал, а им се дава на претприемачите за да го докажат својот концепт и да се квалификуваат за понатамошна работа. Ризикот е најголем, па со тоа и капиталот е најмал.
  2. “Start up” капитал, се дава за да се заврши фазата на развојот на производот и иницијалниот маркетинг (истражување на пазарот).
  3. Капитал за финансирање на првата фаза, се однесува и на капиталот потребен за финансирање на развојот на производот и започнување на комерцијалното производство и продажба.
  4. Капитал за финансирање на втората фаза, има за цел да обезбеди обртен капитал со кој може понатаму да се функционира.
  5. Капитал за финансирање на третата фаза, им се дава на фирмите кои имаат растечки обем на продажба. Тој се користи за понатамошни маркетинг активности, зголемување на обртните средства, експанзија на производните капацитети и понатамошен развој на производот.
  6. “Bridge” капитал е потребен кога фирмата се наоѓа во преодна фаза, како поддршка на деловните и организациските трансформации со што се заокружува финансирањето и започнува да се собираат профитите.
post

Ценовна стратегија – Случај на Apple

Ценовна стратегија на Apple

Ценовна стратегија на Apple

Ценовна стратегија е една од најважните бизнис стратегии. Во голем дел успешноста на еден бизнис ќе зависи на таа ценовна стратегија и перцепцијата на потрошувачите во однос на цените.

Корисник сум на Apple-овиот iPhone скоро една година и во моментов сум блиску до донесување на одлука за купување на iPad. Во исто време имам планови за иднина да купам Mac лап топ и потоа да направам трансфер на сите мои компјутери на оперативниот систем од Windows на Mac. Иако веќе една година анализирам, се уште не сум сигурен зошто, но чувствувам дека едноставно сум навлезен во фаза на онаа врескање или гладување за нивните производи. Ова најверојатно е поврзано со нивното успешно лансирање на производот.

Знам дека Apple се многу добри кога станува збор за стратегија за воведување на производот на пазарот кога успеваат да предизвикаат такво привлекување на нивните производи, но воопшто досега не сум размислувал за нивната ценовна стратегија. Претходната недела прочитав навистина добар пост од Ben Kunz за ценовна стратегија на Apple на Bloomberg Businessweek on msnbc.com.

Погледнете во овие две реченици за цените на производите на Apple кои што авторот ги забележува во постот (не ги преведувам за да не изгубат од значењето):

The popular iPod Touch media player has been revamped at three price points – $229, $299, and $399 – all costing more than the iPhone, which does everything the Touch can plus make phone calls.

The current iPad costs $499 in its lowest-powered configuration vs. the Archos 7 Home Tablet ($189) or the Dell Streak ($299 with a two-year AT&T contract). And competitors are rushing to offer more functionality for hundreds of dollars less; the Streak tablet throws in a videocam and phone, which iPads don’t yet match.

За да се успее во вакви ценовни стратегии бизнисот мора да има многу повеќе отколку само врвен производ или технологија. Ова бара комбинација од различни бизнис стратегии кои може да се користат за зголемување на целокупниот бизнис потенцијал.

Во улога на еден потрошувач, јас првин мора да бидам убеден дека сите производи се брилијантни. Потоа ќе погледнам во цените на еден iPod Touch и ќе ги споредам со iPhone и најверојатно ќе изберам да купам iPhone бидејќи тоа е разумно размислување. Карактеристиките и бенефициите од iPad и огромната врева околу него (се смета дека овој производ ќе го направи Apple да биде најмоќнта компанија во светот, по што ќе се соочи со антимонополски закони) ќе направи едноставно да гладувам за да го имам тој производ и најверојатно по одреден период ќе го купам. Мојот мозок е подготвен за таков производ да дадм од $500 до $629 (опциите кои ги разгледувам, а најблиску сум до $629). Во меѓувреме доколку тој производ поевтини заради лансирање на следната генерација ќе бидам уште позадоволен. И потоа со сите тие уредчиња на Apple во моите раце, ќе купам некоја песна, некоја апликација и ќе изнајмам некое видео.

Ова е целиот тој циклус во оваа ценовна стратегија. Но, препорачувам за подетално да го прочитате постот на Ben Kunz.

На крајот, авторот го дава следниот совет:

Следете го Apple, и ќе научите трикови за цени за вашиот сопствен бизнис.