post

Бизнис План – Онлајн Стратегија

Ќе продолжам со туторијалот за бизнис планирање. Досега ја направивме насловната страна, кажавме и за резимето и содржината, напишавме нешто за компанијата, ги дефиниравме производите и услугите кои ќе ги понудиме на пазарот, направивме анализа на пазарот и индустријата и спроведовме SWOT анализа. Сега е на ред нешто сосема ново, и нешто што во практика ретко или пак воопшто го гледам.

Бизнис план - Онлајн стратегија

Онлајн стратегија како дел од бизнис план

Овој наслов како дел од еден бизнис план е нешто сосема ново, нешто што не беше опфатено со претходната верзија на туторијалот за изработка на бизнис план. Сметам дека е од суштинско значаење за бизнисот ушто во оваа фаза на планирање претприемачот да испланира за онлајн присутноста и онлајн активностите кои ќе ги спроведува во иднина.

Во претходниот пост дадов некои видувања за тоа околу поистоветување на онлајн стратегијата со бизнис стратегијата. Мислам дека за да не се направи грешка со испуштање на онлајн присутноста на еден бизнис мора уште во оваа фаза да се вклучи и онлајн стратегијата во процесот на бизнис планирање.

Овој наслов како дел од еден бизнис план можеби претставува наједноставниот наслов за кој е потребна добра волја на претприемачот и секако разбирање на значењето и потребата на една онлајн стратегија во неговиот бизнис.

Неколку важни одлуки

Пред да започнете со изработка на онлајн стратегија како дел од процес на бизнис планирање би требало да одговорите на следниве прашања:

  1. Што прават потенцијалните конкуренти на оваа поле?
  2. Кои се онлајн активностите на потенцијалните конкуренти?
  3. Каде на интернетот се присутни моите потенцијални клиенти?
  4. Што бараат потенцијалните клиенти на интернетот?
  5. Како мојот бизнис да биде присутен на начин подобар од конкурентите и попрепознатлив за потенцијалните купувачи?
  6. Дали ќе имам само статична веб презентација на производите и/или услугите или динамична и интерактивна со потенцијалните купувачи содржина?
  7. Која ќе биде целта на онлајн присутноста?
  8. Што ќе биде постигнувањето кое може да се каже дека е задоволителна нашата присутност?

Со одговор на овие прашања, но одговор кој ќе биде реален и неутрален веќе ќе можете да ја видите Вашата онлајн стратегија која ќе биде дел од Вашиот бизнис план.

Дизајнирање на онлајн стратегија

Во седмото прашање веќе дадовте одговор за целта на онлајн присутноста на Вашиот бизнис. Па затоа и дизајнот треба да започне со тие цели кои ќе се преточат во стратегија. На пример, имате цел јакнење на Вашиот бренд со онлајн присутност. Стратегиите за исполнување на оваа цел би можеле да бидат: зголемување на посетеност на Вашата веб страна, зголемување на интеракцијата со посетителите, зајакнување на присутноста на социјалните медиуми…

За секоја стратегија треба да произлезат посебни тактики. На пример, за стратегијата зголемување на посетеноста на веб страната некои тактики би биле:

  • Постојано ажурирање на содржина,
  • SEO – Оптимизација за пребарувачи,
  • Користење на PPC кампањи,
  • Промоција преку социјални медиуми,

Ставам три точки за да не бидам сфатен дека ова е единствено, ова е само пример кој може да ви даде еден патоказ како да ја подготвите Вашата онлајн стратегија како дел од бизнис планот. Понатаму за секоја тактика (како што ја дефиниравме стратегијата во Стратегија за бизнис трансформација) ќе треба да ги специфицирате конкретните активности и одговорностите на одделите или пак лицата кои ќе треба да ги спроведат тие активности. На пример, за постојано ажурирање на содржина како активности би можеле да ги дефинирате следниве:

  • Следење на вестите од индустријата,
  • Пишување на информативни содржини,
  • Објавување на сите тие содржини

Онлајн стратегија како дел од бизнис планот

Сега веќе ги имате дефинирано сите овие елементи во вид на:

  • Стратегија
    • Тактики
      • Активности

Сега едноствно ви останува сето тоа да го ставите во една табела и на една страна да биде сместена во бизнис планот. Тоа е доволно за да имате почетна онлајн стратегија за Вашиот бизнис. Вклучете ја како дел од бизнис планот и верувајте ми, дека нема ништо да изгубите, а придобивките доколку ја реализирате се немерливи.

post

Дали онлајн стратегија претставува бизнис стратегија?

Живееме во време на интернетот, каде информациите не се заштитени само за одредена група на луѓе. Од друга страна се е поприсутна двонасочната комуникација во секојдневниот живот на просечен граѓанин кој е поврзан на некаков начин на глобалната мрежа. Сето ова остава голема трага и на бизнисите и на претприемачите. Дури и да има некои кои не го почувствувале оваа влијание набргу ќе го почувствуваат. Се почесто слушам зборови порано беше вака, во старите добри времиња…

Бизнис стратегија и онлајн стратегија

Онлајн стратегија и бизнис стратегија

Но, тоа порано или тие стари добри времиња денес се минато и доколку се навраќаме на нив само може да ни наштетат. Потребно е брзо погледите да се насочат колку што може подлабоко во иднината.

Пред некое време добив e-mail од Аmazon за да направам пред нарачка за книга која сеуште ни тие не ја добиле. Насловот ми се допадна затоа што го содржеше токму она што го ставив во насловот на овој пост во вид на прашање: Marketing in the Age of Google: Your Online Strategy IS Your Business Strategy (Маркетинг во ера на Google: Вашата онлајн стратегија e Ваша бизнис стратегија). И секако додека ја очекувам книгата да ми пристигне ми налетаа неколку прашања во главата.

  • Дали бизнис стратегија може да се поистоветува со онлајн стратегија?
  • Дали навистина онлајн стратегија во иднина ќе биде и единствена бизнис стратегија?
  • Дали бизнисот мора да продава преку интернет за да има онлајн стратегија?
  • Дали онлајн стратегија ќе опфаќа само продажна и маркетинг онлајн стратегија за бизнисот?

Ќе се обидам накратко да го дадам моето размислување за одговори на овие прашања.

Дали бизнис стратегија може да се поистоветува со онлајн стратегија?

Бидејќи стратегијата е средство за исполнување на бизнис цели која е составена од тактики и активности кои треба да се спроведат може да се каже слободно дека онлајн стратегијата може да се поистоветува со бизнис стратегија. Се повеќе луѓето, па и бизнисите бараат информации на интернет, купуваат преку интернет, комуницираат преку интернет, се спријателуваат преку интернет, споделуваат преку интернет… Затоа и се повеќе бизнис релациите ќе се селат од кафеани на интернетот, па од тука и потребата онлајн стратегијата да биде дел од бизнис стратегијата.

Дали навистина онлајн стратегија во иднина ќе биде и единствена бизнис стратегија?

Во поразвиените земји ова е веќе реалност, а неможам да кажам дека нема да биде реалност и кај нас. Многу бизниси целосно своите операции ќе ги префрлат на интернетот, дел од бизнисите ќе префрлат само дел во вид на продажба и маркетинг, некои само ќе бидат присутни минорно, но оние кои воопшто нема да бидат присутни мислам дека ќе го започнат процесот на умирање од животните циклуси на бизнисите. Можностите се огромни, не само во продажба и маркетинг туку и во се останато, штета е да не се искористат.

Дали бизнисот мора да продава преку интернет за да има онлајн стратегија?

Не. Едноставен, но сигурен одговор. Во никој случај продажбата не е и не треба да биде поврзана со присутноста на глобалната мрежа. За да бидете најдени едноставно треба да бидете присутен таму каде што некој бара нешто што вие можете да му го понудите. На кој начин ќе ве исконтактира, на кој начин ќе комуницирате и на кој начин ќе се договорите останува на Вас како еден претприемач, а можностите и слободата за креативноста се огромни.

Дали онлајн стратегија ќе опфаќа само продажна и маркетинг онлајн стратегија за бизнисот?

И тука одговорот кој мислам дека е точен е НЕ. Маркетинг и продажба претставуваат срце на бизнисот, но за да функционираат онака како што треба потребни се многу други елементи како истражување и развој, анализи, идеи, подобрувања… За сето ова постои можност да се користи интернетот. На пример, однесувањето на купувачите можете да го предвидите преку интернетот, потребите на потенцијалните купувачи и нивните проблеми исто така можете да ги откриете преку интернетот. Можете да развивате нешто со колегакој е во некоја трета земја без никаков проблем.

post

Електронски Билтен – Маркетинг Средство 53

За оваа недела како 53-то маркетинг средство ќе ги опфатиме електронските билтени. Во претходната недела стана збор за E-mail маркетинг што значи дека доколку го користите веќе градите сопствена листа. Како дел од E-mail маркетинг можете да ги користите и електронските билтени кои може да се испраќаат на одреден временски период.

Што претставува електронски билтен?

Како 37-мо маркетинг средство на претприемач пишував за билтени и сето она што таму е опфатено може да важи и за електронските билтени. Таму го дефиниравме билтенот како:

  • Нешто што редовно се дистрибуира
  • Содржи тема која е од интерес за примателите
  • Нешто што претставува еден вид на публикација.

Кога станува збор за електронски билтен само ќе биде додадено дека е во електронска форма кој се испраќа преку e-mail или пак може да се симне преку бизнис веб страна или блог.

Форма на електронски билтен

Може да се користи било која форма која овозможува електронска дистрибуција на самиот билтен. Како најкористени форми може да бидат:

  • PDF формат на билтен. Овој билтен е добар во случаи кога истиот ќе се поставува на Вашата бизнис веб страна или пак блог и оној кој ќе сака ќе може да си го симне. Предноста е во тоа што овозможува одлична визуелизација преку поставување на слики, форматиран текст, различни бои…
  • HTML формат на билтен. Овој формат се користи во случаи кога билтенот се испраќа преку е-mail или пак кога едноставно ќе може да се прегледува преку Вашата веб страна. Предноста е во тоа што овозможува одлична визуелизација преку поставување на слики, форматиран текст, различни бои…
  • Text формат на билтен. Ова е обичен текстуален билтен во вид на текстуален е-mail. Визуелен ефект е многу слаб, но стапката на примање преку e-mail е многу поголема.

Без разлика која форма ќе ја изберете би било пожелно билтенот да биде достапен и на Вашата веб страна. На пример да имате страна со билтени и линкови до истите.

Процес на подготовка

Пред да започнете со објaвување и дистрибуција на електронски билтени би требало да:

  • Ја определите содржината на истиот. Што ќе содржи билтенот? Кои теми ќе ги обработува?
  • Ја опредeлите структурата на истиот. Каква ќе биде структурата, односно кои ќе бидат поднасловите? Ова ќе зависи од самата содржина?
  • Го определите периодот на објавување и дистрибуирање. На колку време ќе се објавува нов билтен. Кога станува збор за бизниси, најоптимално е да го подесите на еден месец, со оа што ќе имате 12 билтени годишно.
  • Доколку се испраќа преку е-mail да го изберете сервисот за дистрибуција (види E-mail Маркетинг за повеќе детали за сервис за дистрибуирање).
  • Да го осмислите начинот на промовирање на истиот. На пример, во кој дел од Вашата бизнис веб страна или пак на кои се други маркетинг средства ќе го промовирате овој билтен.
  • Да одлучите за тоа кој ќе биде одговорен за содржината.
  • Да одлучите за форматот на билтенот. Кој формат и какви бои ќе се користат.
post

Обука на Тема Интернет Маркетинг

Светот на бизнисот и секако светот во кој функционира еден претприемач е целосно променет во последниве 10-тина години. Постојат нови медиуми и нови технологии кои се користат секојдневно како од самите бизниси така и од самите потрошувачи – индивидуалци. Се почесто традиционалните медиуми се заменуваат со нови кои во голем дел егзистираат и функционираат на интернетот. Повеќе за овие промени можете да прочитате во Влезен маркетинг – Inbound Marketing.

Штотуку прочитав дека во организација на Центар за нови медиуми ќе се одржи обука на тема за интернет маркетингот насловена како: Интернет маркетинг. Не е мистерија!

Како што е наведено на веб страната на Центарот за нови медиуми оваа обука е наменета за:

  • Сопственици и менаџери на мали и средни компании
  • Директори на продажба и маркетинг
  • Маркетинг специјалисти
  • Специјалисти за односи со јавност
  • Специјалисти за електронска трговија
  • Ентузијасти кои имаат потреба да научат како Интернет маркетингот треба да се вклучи во постоечката маркетинг стратегија.

На истата веб страна можете да ја погледнете и агендата која опфаќа извонредни теми од областа на интернет маркетингот како и да се пријавите за учество на обуката. Бројот на учесниците е ограничен. Краен рок за пријавување е до 29.03.2010 додека обуката ќе се одржи на 30.03.2010.

post

Како за неколку минути на прво место на Google?

Целта на веб презентација на бизнисите е да бидат најдени на овој огромен виртуелен простор. Прво, помеѓу се друго останато е да бидат најдени на Google, најмоќниот пребарувач. Инаку зошто на еден претприемач би му била потребна бизнис веб страна.

Веќе пишував за тоа дали веб страната е обична брошура и дополнувањето на тој напис во вид на заборавено поглавје. Во овие написи преку еден пример и преку некои мои размислувања ја претставив разликата помеѓу обична брошура и квалитетна веб страна која привлекува посетители кои ги трансформира во купувачи.

Целта на веб страните е да овозможат еден сосема нов приод во маркетингот, приод кој не е ист со оној маркетинг од ХХ-иот век туку сосема поразличен, а тоа е влезен маркетинг.

Овој напис претставува една моја презентација која произлезе како резултат на едно мое истражување и анализа како за насловот на една страна да излезам прв на Google и тоа на англиски јазик каде конкуренцијата е доста поголема. Оваа истражување во форма на пробување, грешење и забележување траеше неколку месеци. Веб страната на која работев беше Entrepreneurship In a Box, англиска верзија на претприемач која се повеќе ми служи за анализи и пробување на нови работи.

Тука нема да ги забележувам сите оние работи кои веќе ги имам инсталирано за да се известува Google за новата содржина туку едноствано за она што направив за веднаш по кликнување на копчето Publish за фразата која ја таргетирав да се најдам на прво место.

Резултатот од мојата работа

Забележувате дека по 32 минути проверив за насловот и излегов прв од 192.000.000,00 страни. Но, ова постигнување бараше дополнителна работа на самиот напис уште еден час.

Каква врска има ова со претприемачите?

Ќе покажам еден пример. Зборот челични цевки месечно се пребарува 3810 пати. Додека зборот цени на челични цевки се пребарува 990 пати. Дали некоја наша компанија може да излезе во пресрет на бизнисите или луѓето кои го бараат овие зборови. Имаме две компании кои произведуваат челични цевки во Република Македонија, но и двете не се наоѓаат меѓу први кога ќе барате на Google тие фрази на англиски (не сакам да споредувам во однос на македонски јазик бидејќи ние сме мала земја и сметам дека целта е да излегуваме надвор од Македонија преку извоз на нашите производи и услуги).

Од друга страна двете фрази од примерот имаат различно значење, едната е општа, додека втората е специфична и има поголема веројатност дека некој кој ја бара има за цел да купи.

Мислам дека со мала математика ќе можете да го сфатите значењето за претприемачите да нивната веб страна котира повисоко на Google.

Што е тоа што го направив?

Во кратки црти ќе се обидам да направам рекапитулар на онаа што претходеше на овој резултат:

  • Таргетирав специфична фраза. Свесен сум дека доколку одев со фразата business idea нема да постигнам ништо бидејќи е многу поконкурентен. Затоа таргетирав фраза која е специфична и која помалку се бара, а сепак на еден подолг рок може да даде одредени резултати. Во едни вакви ситуации подобро е да имме повеќе страни со различни специфични фрази преку кои на еден подолг рок ќе таргетираме повеќе посетители.
  • Наслов. Фразата која ја таргетирав ја ставив на почетокот на насловот (Title).
  • Комбинација на примарни и секундарни зборови. Доста време потрошив на оваа комбинација, бидејќи примарните зборови требаше да ги усогласам со содржината на текстот.
  • Опис (Description). Не знаев дека големо влијание има и оваа поле кое всушност претставува meta description. Она што го забележав е дека не треба да биде многу долг описот и секако зборот кој го сметам како примарен да биде на почетокот.
  • Hyperlinks. Ова е едно од клучните елементи на ова мое истражување. По повеќе обиди забележав дека треба да има повеќе линкови во самиот текст, но доколку претерав добивав контра ефект. Така да како оптимално мојата математика покажа дека е препорачливо да се има еден hyperlink на 120-150 збора во текстот.
  • Густина на зборовите. На ова најмногу се намачив. Бидејќи текстот беше превод на Имате бизнис идеја – Што понатаму? од претприемач, а примарните зборови се повторуваа премногу па затоа морав на англиски да ги склопам речениците така да не изгубат смисол, а да ги отстранам премногуте повторувања кои се над 2-3% од вкупниот број на зборови.

Забележувате дека ова бара дополнителна работа, а всушност претставува само еден мал дел од целиот процес. На пример, јас веќе имав готов текст, напишан на англиски. Значи содржина е нешто примарно за да Вашиот бизнис успее во влезниот маркетинг.

Ова е само 1% од се она што треба да се прави за да се постигне успех. Но, полека ќе ги склопуваме коцките на претприемач и во оваа поле, а особено кога набргу ќе следуваaт 50-те маркетинг средства кои ќе се однесуваат на онлајн или интернет маркетинг.

post

Интернет Маркетинг Грешки

Како и во секоја друга област така и во интернет маркетингот, се појавуваат грешки на кои се склони токму оние кои го работат тоа. Најчести грешки со кои се соочуваат компаниите се следните:

Интернет маркетинг грешки

  1. Немате назначено почетна страна на сајтот! Страната достигнува глобална публика, а не само на луѓето од нашиот град и со тоа би требало да има назначена почетна страна.
  2. Бавен Loading! Кога народот сурфа од дома на интернет, ако е слаба конекцијата, го напушта трпението.  Не е важно колку е интересна и импресивна веб страната, со сите тие модерни графики, ако на страницата и се потребни повеќе од 10 секунди за да се вчита тогаш се губи трпението на посетителот и се напушта сајтот, и тогаш посетителот оди во посета на друг побрз сајт.
  3. Gee Whiz Технологија!  Само затоа што тоа може да се направи, не значи дека така треба и да биде. Многу од популацијата која сурфа на интернет се нови или пак сурфери на кои им е потребна информација, а не ги засега многу до каде е стигната технологијата.  Еден пример за тоа е линкот кој не е обележан дека  е линк, и тогаш до него одма стои порака која вели: “овој сајт е дизајниран да биде отворен со Browser xxxxxx, Преземете го тука!„ Ако на некој му е потребна некоја информација, а не сака да ја инсталира таа нова програма за отворање на апликации, тогаш веднаш би се откажал од таа веб страна и нормално би посетил нова, помалку комплицирана од оваа.
  4. Тешка навигација!  Ако некој троши време за пребарување на нешто важно и случајно пребарувачот го одведе до вашата страна, тогаш тој не е на почетната страна на сајтот, туку негде во внатрешноста. Треба да се потрудите да постојат линкови кои ќе му овозможат на посетителот полесно да се движи на вашата веб страна со тоа што ќе има врска која секогаш ќе може да го врати “назад„ или да го одведе на почетната страна.
  5. Многу застарени информации!  Не смеете да дозволите вашиот веб сајт да биде преполн со застарени информации. Тој сепак служи за информирање и привлекување на купувачи и како поинаку би ја одиграл својата улога, ако не со секогаш свежи информации.
  6. Немате насоки за движење по сајтот! Посетителите “бараат мапи„ за движење по сајтот, тогаш тие се позадоволни и секогаш би се вратиле пак на истото место.
  7. Не собирате е-маил адреси! Е-пошта, билтени, веб надградби или известувања за претстојните настани на вашиот сајт, посетители кои се регистрирани/претплатени и сл, со нив се добива најквалитетниот маркетинг. Искористете ја секоја прилика да соберете имејл адреси од вашите посетители и притоа со нивна согласност да им праќате рекламни пораки во иднина.  Со тоа ќе ги насочите луѓето кон вашите производи и услуги.
  8. Барање на премногу информации! Не им поставувајте претерано многу прашања на вашите потрошувачи ако сакате да ги заинтересирате да се регистрираат на вашиот сајт за да добиваат редовни информации или да извршуваат купување од вашиот сајт.  Тоа може да произведе само контра ефект. Доволно е да им побарате само имејл адреса и име.

Дополнувања ДШ:

Gee Whiz технологија претставува технологија која ќе овозможи изненадување, воздишување или пак ентузијазам од страна на посетителот на веб страната. Погледенет ја страната на најголемиот продавач на интернетот – Amazon. Дали има премногу графики, флеш анимација или било што друго што има за цел да извлече воздишка од страна на посетителот. Проверете и ќе видите дека воопшто нема да најдете такво нешто. На Amazon има се и сешто, но само не она што тука се нарекува Gee Whiz технологија. Често пати она што предизвикува воздивнување од страна на Вашиот посетител може да доведе и доведува до голем број на негативни ефекти. Ќе наведам два примери:

  • Лоша SEO (Оптимизација за пребарувачи). Иако можете да најдете информација од страна на Google дека тие започнуваат да ги пронаоѓаат овие флеш анимации на веб сраната сепак се далеку од она што треба да биде. Може да биде прочитано само името на таа анимација и она што е ставено како замена (alt). Текст во самиот флеш не! Имам видено многу докази за оваа, а и препораки од страна на едни од најголемите интернет маркетари на чии курсеви сум бил да се избегнуваат при користење.
  • Премногу воздишки на нешто такво го одвлекуваат вниманието на потенцијалниот купувач од она најважното Вашиот производ или Вашата продажна инка.

Како надополнување на некои грешки е и немање на обид да се извлече нешто и од оние посетители кои ја напуштаат Вашата веб страна. Од поновите Browser-и оние скокачки прозорци се оневозможени. Но има технологија која не е во вид на скокачки прозорци и која едноставно при обидот на посетителот со глувчето да одат кон излез од страната се појавува некој вид на One-Time Offer (понуда која важи само доколку нешто превземете во тој момент). Имам прочитано за статистички информации дека просечно околу 40% од продажбата е врз основа на One-Time Offer. Тоа е изгубена продажба претворена во продажба.

Понатаму немање на Upsale е уште една интернет маркетинг грешка. Да му се понуди на купувачот веднаш по купување на еден производ дополнителен производ по поевтина цена доколку го изврши купувањето на дополнителниот производ веднаш. Повторно пример може да ви биде Amazon со другите кои ја купиле таа книга ја купиле и таа, вие можете да ги добиете и двете за специјална цена од толку и толку. Таа цена е поевтина во однос на посебн купување на двете книги. Но, едноставно електронскиот продавач (автомат во вашата веб страна) нуди и повеќето од продажбите на книги на Amazon се извршени на еден таков начин.

Има уште многу можни грешки но навистина овој напис би отишол до бесконечност во должината. Па затоа би прекинал тука, а во некој иден напис малку би продолжил на оваа тема.

*****************************************************************

Овој напис е напишан од Кристина Алексоска – Постдипломец на Економски Институт- Скопје, отсек претприемнишво, при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј„-Скопје; Користена литература:

Katherine Khalife, Internet Marketing – Nine Common Marketing Mistakes Museum Websites Make, 2001

*****************************************************************

post

Интернет маркетинг микс

Во овој дел, би ја опишала рамката на маркетинг миксот, која се применува во маркетингот, во својата стратегија за Интернет маркетинг. Маркетинг миксот често се применува во дискусијата за маркетинг стратегија, затоа што обезбедува едноставна стратегиска рамка, за различни елементи на организацијата.  На пример, ако целта е да се зголеми продажбата на производите, тогаш во опција влегува намалувањето на цената и промена на типот на промоција, или пак комбинација од тие елементи.

Интернет маркетинг микс

Е-трговијата дава многу нови можности за интернет маркетингот, како би се разликувал од маркетинг миксот. Е-трговијата има далекусежни импликации за релативна важност на различните елементи на миксот за многу пазари, без обзир на тоа дали е организацијата вклучена директно или индиректно во е-трговијата. Со оглед на тоа, маркетинг миксот е корисна рамка за формирање на стратегијата и развојот на организацијата. Прво, дава информации за постоечките услуги на организацијата со конкурентите, а може да се користи и како алатка за вреднување на идеи, како механизам за генерирање на алтернативи на стратегискиот пристап.

Клучни прашања поврзани за различните елементи на маркетинг миксот:

  • Производ – дали постои можност за менување на сржта или само на дел од производот (услугата) која се нуди.
  • Цена – импликации на интернетот за цени или усвојување на нови цени, модели и стратегии.
  • Место-импликации за дистрибуција.
  • Промоција – нови промотивни алтки кои можат полесно да се применуваат.

Вовед во маркетинг миксот

Како поим најпрво се појавува во 1960 година, како симптоматска потреба на купувачите.  Како последица на тоа, маркетиншкиот микс тежнее кон тоа да го доведе производот до очите на купувачот.  Лаутенборн (1990) ги предложил 4P во една малку поинаква варијанта и тоа:

  • потреба на потошувачот и желба за купување (на производот)
  • трошоци на потрошувачот (цената)
  • погодност (во однос на местото – дистрибуција)
  • комуникација (промоција)

Производ

Производот како елемент на маркетинг миксот се однесува на карактеристиките на услугата или на неговиот бренд. Одлуките за производот се донесени врз основа на истражување на пазарот, каде што потребите на купувачите се проценуваат и се добиваат повратни информации кои служат за менување на постоечките производи со нови и подобри.

Постојат многу алтернативи за различни производи во контекст на мрежата, кога претпријатието развива своја стратегија. Интернетот во врска со одлуките за производот може да биде корисно поделен на одлуките кои се однесуваат на основните производи и производниот асортиман. Сржта на производот се однесува на главниот производ купен од страна на потрошувачот, да ги исполни своите потреби додека производниот асортиман се однесува на дополнителните услуги и погодности кои се изградени од сржта на главниот производ.

Цена

Цената се однесува на политиката на цени која ја води едно претпријатие, кои се користат за дефинирање на моделот на цени, и нормално да се постават цени за производи и услуги кои се нудат на интернет. Постојат различни гледишта за тоа како треба да се води таа политика на дефинирање на цената.  Start-up компаниите имаат тенденција да користат ниски цени за да добијат база на клиенти. Други компании пак имаат корист ако стават диференцијални цени за одредени производи на нивниот сајт.

Дистрибуција

Овој елемент се однесува на тоа како производот е дистрибуиран на корисниците. Типично, за онлајн каналите, местото е целта за да се максимизира најголем домет на дистрибуција за да постигне поширока достапност на производите, со што се намалуваат трошоците за залихи, складишта и транспорт.  Успешни продавачи на своите производи или услуги се оние кои ја максимизират нивната застапеност и видливост на сајтовите од третата страна кои ги користи нивната целна публика. Третата страна се всушност сајтови кои се вклучуват при пребарување на онлајн порталите.

Главни импликации на Интернет маркетингот се:

  • Место на купување
  • Нови структурни канали
  • Виртуелна организација

Промоција

Промоцијата како еден од основните инструменти на маркетингот се дефинира во теоријата на маркетингот. Тоа произлегува веројатно од широката лепеза на облиците на промоција кои опфаќаат, од една страна, информирање и убедување на потрошувачите, а од друга, и вкупниот систем и процес на комуницирање меѓу производителите и потрошувачите чија цел е, пред се, да се создаде поволно мислење за производите (услугите) за да истите се прифатат од потрошувачите.

Промоцијата е, исто така, незаменлив инструмент со кој најнапред се запознаваат потрошувачите со карактерстиките на производот и другите инструменти на маркетингот, за да потоа се создадат нужните предуслови за зголемување на обемот на продажбата.

Луѓе, процес и физички доказ

Елементот на марктинг миксот – луѓето, се однесува на организација на вработените во интеракција со клиентите и другите заинтересирани страни во текот на продажбата и пред и после-продажната комуникација.

Главно треба да се интересираме на тоа како луѓето влијаат во однос на купувањето, било преку новите улоги, како што се одговарање на е-маил или преку чет информации кои се заменуваат во автоматизирани сервиси.

Процесот како елемент на маркетинг миксот се однесува на методите и постапките кои ги користи бизнисот, како би можело сите функции на маркетингот, како што е воведувањето на нов производ, промоција, продажбата и корисничкиот сервис максимално да бидат инволвирани во самиот маркетинг.

Физичкиот доказ како елемент на маркетинг миксот се однесува на видливиот израз на производот и како го купил и користи потрошувачот. Во мрежата, на интернет мерктингот во овој контекст „физички докази“ се однесува всушност на искуството на клиентите на комапнијата по пат на веб сајтот. Тоа вклучува прашања како што се полесна употреба или ориентација, достапност и перформанси.

Заблешка ДШ:

Забележувате дека маркетинг микс за кој во овој напис станува збор е 7P маркетинг микс. Додадени се луѓе – People, процеси – Process и физички доказ -Physical Prove. Особено последното е интересно кога станува збор за интернет маркетинг миксот. Зошто? Кога продавате нешто преку интернет вашиот потенцијален купувач не може да го опипа физички производот кој го продавате. Затоа главна улога при донесување на одлуката може да има физичкиот доказ во вид на препораки или пак лично искуство. Погледнете го само функционирањето на најголемиот продавач на интернетот Amazon. Скоро за секој производ имате можност да прочитате што велат купуавчите. Сигурно дека оваа опција Amazon не ја има ставено за џабе.

*****************************************************************

Овој напис е напишан од Кристина Алексоска – Постдипломец на Економски Институт- Скопје, отсек претприемнишво, при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј„-Скопје; Користена литература:

Dave Chaffey, Fiona Ellis-Chadwick, Kevin Johnston, Richard Mayer, Internet Marketing – Strategy, Implementation and Practice, Prentice Hall, Third Edition

*****************************************************************

post

Дефинирање на Е-трговија и Е-бизнис

е-бизнис и интернет маркетинг Поимот е-трговија и е-бизнис често се користи во сличен контекст со терминот интернет маркетинг, но нивниот опсег е сосема различен. Важно е за секоја организиција и нејзиното внатрешно управување со дигиталната технологија да постигне јасно дефинирање во смисла на е-маркетингот, е-трговијата и е-бизнисот, како би ја дефинирала и целта која сака да ја постигне.

Електронската трговија често се мисли дека се однесува само на купување и продавање на производи, со користење на интернет, меѓутоа електронската продажба се однесува на финансиските и информативните електронски патишта со посредство на трансакција помеѓу организацијата и било која трета страна. Од тоа следи дека не-финансиските трансакции како што се влезните е-маил клиенти и прашањата од странство преку е-маил порака, изгледа дека и купувачите се аспекти на е-трговијата кои и помагаат на организацијата во процесот на истражување на маркетингот.

Кога се разгледува влијанието на е-трговијата на маркетиншките организации, тоа е идентификувано во улогата во која од една страна се продава а од друга се купува производ преку е-трансакција. Продажбата се однесува на трансакција која ја обавуваат клиентите со интернет плаќањето.

Е-трговијата се однесува на трансакцијата со која се бави организацијата за продажбата на производите. Интернет маркетигнот користи директна поддршка за продажба на производите. Таа одговорност ја имаат оперативните функции за набавки во организацијата.

Забелешка ДШ

Кога имаме е-трговија или пак е-бизнис? На претприемач веќе пишував за интернет бизниси и имам започнато еден серијал на написи за интернет бизниси. За да еден бизнис влезе во категорија на интернет бизнис во написот основа на интернет бизниси го напишав следново:

За да може да влезе во категорија на интернет бизниси бизнисот треба примарно да функционира на интернетот. Важно е пазарот на кој функционира тој бизнис да биде на интернет.

Ова е едноставна категоризација која ја искористив од моите ментори за интернет бизнис и нивните вебинари кои ги посетувам. Од друга страна, понекогаш наместо интернет бизнис или пак е-бизнис или е-трговија се користи терминот интернет маркетинг како некој поширок термин. Иако состојбата реално е обратна (поширок е терминот интернет бизнис). Најпознатите претприемачи од полето на интернет бизнисите велат дека се интернет маркетари, а не интернет бизнисмени. Зошто е тоа така?

Прво и основно, тоа е така бидејќи скоро 90% од работата на еден интернет бизнис е интернет маркетингот. Интернет маркетинг е ваш продажен тим, ваш промотивен тим, ваш тим за набавка и се што е поврзано за функционирање на еден интернет бизнис. Ако успеете во интернет маркетинг ќе успее и Вашиот интернет бизнис. Тоа е основното правило. И затоа честопати еден интернет бизнис се поистоветува со терминот интернет маркетинг.

*****************************************************************

Овој напис е напишан од Кристина Алексоска – Постдипломец на Економски Институт- Скопје, отсек претприемништво, при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј„-Скопје; Користена литература:

Dave Chaffey, Fiona Ellis-Chadwick, Kevin Johnston, Richard Mayer, Internet Marketing – Strategy, Implementation and Practice, Prentice Hall, Third Edition

*****************************************************************

post

Дигитален Маркетинг – Дефинирање

Дигитален маркетинг - дефинирање Дигиталниот маркетинг е уште еден сличен термин во интернет маркетингот.

Институтот за Директен Маркетинг (ИДМ) е институт кој се занимава со проучување на неговата специјалност на професионалната квалификација. За да ни го објасни пристапот за тоа како се користи дигиталниот маркетинг, ИДМ разви детално објаснување за истиот.

Дигиталниот маркетинг опфаќа: примена на технологија во облик на онлајн канали од типот на: интернет, е-маил, база на податоци и мобилна/безжична и дигитална ТВ. За постигнување на овие цели потребна е поддршка на активностите на маркетингот со цел да се постигне поголем профит за задржување на клиентите, во повеќеканален процес на купување.  Покрај користењето на овие тактики на маркетингот, уважувајќи го стратешкото значење во развојот на дигиталната технологија и планирањето на пристапот до корисниците и преносот на онлајн сервисите, по пат на е-комуникација се применува и традиционалната комуникација. Задржувањето на оние кои користат интернет маркетинг се постигнува на тој начин што им се подобрува начинот на информирање на купувачите за одреден производ или стока со што се испраќаат разни видови на пораки на нивните профили, со што ја погаѓаат целта кон која се стремат потрошувачите и кои одговараат на нивните индивидуални потреби.

Ајде сега да го разгледаме секој дел поединечно од овој опис кој го дадовме.

Во првиот дел илустриравме дијапазон на пристапи и средства на комуникација кои формираат онлајн канали со кои е-маркетингот ги користи за изградба и развој на односите со клиентите.  Пристапите или хардверските платформи опфаќаат PC, PDA, мобилни телефони и интерактивна дигитална ТВ и со овие содржини им се овозможи испорака покрај различните онлајн комуникациски алатки, како што се веб-сајтовите, порталите и пребарувачките блогови, е-поштата, инстант пораките и текст пораките. Некои исто така ги вклучуват и традиционалните говорни телефонии како дел од дигиталниот маркетинг.  На пример онлајн банка користи многу од овие технологии со цел полесно да комуницира со своите клиенти, нормално по желба на потрошувачите, некои сакаат да користат интернет, други безжична или интерактивна телевизија, трети пак традиционалните канали.

Svennving во 2007 година сумира раст од користењето на оваа технологија.

Вториот дел од описот покажува дека би требало да биде технологија со која ќе се добијат нови клиенти и би ги одржала старите како постоечки клиенти.  Исто така нагласува како дигиталниот маркетинг не ги изолира другите технологии, но најефикасен е кога е самостоен а не кога е интегриран со останатите комуникациски канали, како што се телефоните, директната пошта или лице-в лице интеграцијата.

Завршниот дел од описот сумира пристап кој е ориентиран на е-маркетингот. Тоа покажува колку има испланирано да постигне успех на пристапот преку интернет на веќе постоечките канали и мрежи кои се остварени од корисниците на овој маркетинг, избирајќи го миксот на е-маркетинг и традиционалната комуникација. Задржувањето на корисниците на мрежата треба да биде заснована преку истражување на карактеристиките на клиентите, однесувањето, вредностите кои ги прават верни на тој веб сајт, а потоа испраќањето на прилагодливи пораки, релевантни на веб и е-маил комуникацијата.

*****************************************************************

Овој напис е напишан од Кристина Алексоска – Постдипломец на Економски Институт- Скопје, отсек претприемнишво, при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј„-Скопје

*****************************************************************

post

Интернет маркетинг – Неколку Дефиниции

Во последно време се појавуваат многу дефиниции од научници кои го дефинирале поимот интернет маркетинг.  Некои од различните дефиниции помагаат да се објасни обемот на новата форма на маркетинг.

Интернет маркетинг - неколку дефиниции

Што е интернет маркетинг?

Апликација на интернет поврзана со дигиталната технологија во традиционалната комуникација за да се постигнат целите на маркетингот.

Интернет маркетингот може да биде едноставно дефиниран како: остварување на маркетинг целите преку примена на дигиталните технологии. Оваа дефиниција ни помага да сфатиме дека треба да се утврдат инвестициите во интернет маркетингот, а не да се усвои технологијата. Овие апликации вклучуваат дигитална технологија, интернет медиуми, како што се веб-сајтови и е-маил, и други дигитални медиуми како што се безжични и мобилни телефони, телевизијата, како кабелската така и дигиталната. Апликацијата на интернет е поврзана со дигиталната технологија во традиционалната комуникација за да се постигнат целите на маркетингот.

Терминот “Интернет маркетинг„ се однесува на тоа како интернетот може да се користи во комбинација со традиционалните медиуми за да се стекне давање услуги на клиентите.  Електронскиот маркетинг има широк опсег на давање услуги, бидејќи се однесува на давање дигитални услуги преку дигитални медиуми како што се е-маил, и електронските Customer Relationship Management системи (д-CRM системи), бежичните медиуми, во кои се вклучени и управувањето на дигиталните податоци.

Маркетингот е модел од менаџирањето, одговорен за идентификување, антиципарање и задоволување на клиентите и нивната побарувачка.

Оваа дефиниција фокусот го става на купувачот, додека пак во исто време имплицира потреба да се поврзе и со другите делови на менаџментот како би се постигнал поголем профит.

Интернет маркетингот може да се користи:

  • да се истражува и да се дознае мислењето на клиентите
  • за да служи како дополнителен канал на информации за купувачите со кои можат да пристапат во било кој дел што нив ги интересира.

Успехот на интернет маркетингот се огледа во задоволството на купувачите, кое може да се следи преку електронски канали, со поставување на прашања преку сајтовите, кои се многу едноставни за употреба.  Исто така сајтовите претставуваат врска помеѓу луѓето и физичката испорака на производот, со што купувачот го гледа и порачува преку интернет, а подоцна и наплаќа преку електронско плаќање.

Поширока дефиниција на маркетингот е равиена од трана на DIBB, Simkin, Pride, Ferrell:

Маркетингот се состои од индивидуални и организациски активности, со цел да го олесни и забрза размената на задоволувачки односи во динамичното окружување преку остварувањето на дистрибуцијата, промоција на стока, услуга и идејa.

Оваа дефиниција е корисна затоа што привлекува различни маркетиншки активности, неопходно е да се постигне “размена на односи„, односно развој на производот, одредување на цената, промоцијата и дистрибуцијата.  Во однос на оваа дефиниција важен е начинот на кој интернетот влијае на овие елементи – интернет маркетинг микс.

*****************************************************************

Овој напис е напишан од Кристина Алексоска – Постдипломец на Економски Институт- Скопје, отсек претприемнишво, при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј„-Скопје

*****************************************************************

Забелешка ДШ: Ова е почеток од еден серијал на гостински написи за интернет маркетинг од страна на Кристина Алексоска.