post

Бизнис ефикасност и ефективност

Многу често во бизнис речникот се користат зборовите ефикасност и ефективност. Понекогаш кога се вели ефикасност се мисли и на ефективност, но заради скратено изразување се употребува само ефикасноста. Ефикасност и ефективност се взаемно поврзани. Не е доволно да сте ефективен, а неефикасен или пак обратно, ефикасен, а неефективен. Ефикасноста и ефективноста претставуваат елементи кои во голем дел можат да ја зголемат потенцијалната енергија на Вашиот бизнис. Ефикасноста и ефективноста треба да биде основа како на личен план (претприемачот), така и на бизнисот како целина (системска ефикасност и ефективност).

Но, што претставува ефективност, а што ефикасност? Ова е главно прашање и доколку биде сватено лесно ќе започнете да се насочувате да бидете поефикасен и поефективен.

  • Ефективноста наједноставно кажано претставува да се прават правите работи. Значи ефективноста се однесува на изборот на активностите на бизнисот, активностите на претприемачот.
  • Ефикасноста наједноставно кажано претставува правите работи да се прават на прав начин. Ефикасноста се однесува на начинот на изведување на тие бизнис активности.

На сликата подолу е дадена матрица за ефективност и ефикасност која може да се користи како за вашиот бизнис така и за вашиот личен живот.

Матрица за бизнис ефективност и ефикасност

Матрица за бизнис ефективност и ефикасност

Матрицата е составена од 4 квадранти и тоа:

  • Ниска ефективност и ниска ефикасност. Ова значи дека погрешните работи ги правите на погрешен начин. Каква катастрофа. Губите време за погрешни активности и покрај тоа ги правите на погрешен начин. За стие овие активности на бизнисот мора да ги стопирате (СТОП знакот). На пример, сте избрале погрешни производи за продажба и не знаете како да ги продавате.
  • Висока ефектвност и ниска ефикасност. Ова значи дека сте се насочиле кон вистинските работи за Вашиот бизнис, на работи кои ја зголемуваат потенцијалната енергија на бизнисот, но не ги изведувате на вистинскиот начин, што значи дека сте неефикасен. Ова значи дека сте го избрале вистинскиот пат, но наместо со авион да го поминете вие сте тргнале пешки и бара огромно време за да стигнете таму. Сите овие акивности мора да ги анализирате и да го најдете вистинскиот начин за нивна реализација бидејќи тие ќе го зголемат потенцијалот на Вашиот бизнис. На пример, сте ги избрале вистинските производи кои ќе ги продавате, но не знаете како да ги продавате или ги продавате на погрешен начин.
  • Ниска ефективност и висока ефикасност. Ова значи дека сте се насочиле кон погрешни работи за Вашиот бизнис, а ги изведувате на вистинскиот начин. Дали е ова добро? Дали е возможно ова? Ова и не е добро и не е возможно. Џабе што ги изведувате овие активности на вистинскиот начин кога тие не ја зголемуваат потенцијалната енергија на Вашиот бизнис. Ваквиот начин на работа само ви го губи времето. Анализирајте ги Вашите активности и сите што спаѓаат во овој квадрант стопирајте ги без размислување. Тие воопшто не ви се потребни. На пример, сте избрале лоши производи, кои ги продавате на вистински начин. Вие ќе направите некоја продажба но купувачот веќе нема да се врати.
  • Висока ефективност со висока ефикасност. Ова е вистинската пореба за секој бизнис. Работите она што најмногу ја зголемува потенцијалната енергија на бизнисот и тоа што го работите го работите на вистинскиот начин. Сите овие активности даваат резултати кои на крај ќе се одразат на профитабилноста на Вашиот бизнис. Насочете се секогаш да го работите она што спаѓа во овој квадрант. На пример, сте избрале вистински производи за Вашиот бизнис и ги продавате на вистински начин. На ваков начин обезбедувате долгорочна успешност за Вашиот бизнис и за Вас како претприемач.

Бидете ефективен и ефикасен во исто време бидејќи ефективноста без ефикасноста и обратно не одат. Така постојано размислувајте за вашите и бизнис активностите во поглед на ефективноста и ефикасноста. И работете го онаа што е и ефективно и ефикасно, успехот ќе ви биде загарантиран.

post

Говор на Steve Jobs пред дипломци

Интересен говор на Steve Jobs пред дипломците на Stanford од пред 5-6 години во кој кажува три приказни од неговиот живот вредни да се слушнат.

post

Отворени системи – 10 карактеристики

10 Карактеристики на отворени системи

10 Карактеристики на отворени системи

Секој бизнис е отворен систем и затоа многу е важно претприемачите да ги знаат карактеристиките на отворените системи. Со добро познавање на отворените системи ќе можете добро да го запознаете и вашиот бизнис.

Да се води бизнис не е едноставно. Иако бизнисот е творештво на претприемачот, тој може да не ги знае сите аспекти на функционирање на сопствениот бизнис. Тогаш и се прават грешки и тоа крупни. А, некои од тие грешки можат да бидат кобни како за бизнисот така и за претприемачот. Ова е особено важно затоа што отворените системи ја опишуваат врската и релацијата на бизнисот со околината, а изолиран бизнис од околина не постои. Од друга страна околината има се поголемо влијание врз бизнисот и зависноста на бизнисот од околината е се поголема.

10 Карактеристики на отворени системи

Основните 10 карактеристки на отворените системи согласно Katz D. i Kahn R. L. се следниве:

1. Внесување на енергија

Како што и човекот како биолошки систем има отреба од внесување на енергија од надвор (храна, вода, воздух, контакти со други луѓе итн.) така и бизнисите за да преживеат мора да внесат од надвор суровина, работна сила, пари, опрема, информации, производи и/или услуги… Колку повеќе го зголемиме влезот толку повеќе нашиот бизнис ќе биде поуспешен. Доколку имаме влез на квалитетна работна сила ќе се зголеми и квалитетот на извршуваните работни задачи на бизнисот. Доколку влезат повеќе пари ќе се набави поквалитетна суровина или производи и ќе го зголемиме квалитетот на нашите производи и/или услуги.

2. Премин

Оваа карактеристика претставува процес на трансформација на влезот во излезот. Сите влезови во бизнисот се преработуваат на одреден начин и се подготвуваат во одреден облик за излез. На пример, влезот на суровината се преработува во готов производ, влезот на производи во малопродажен бизнис се изложуваат за да се продадат, влезот на пари поминува низ банкарска сметка за да излезе во вид на набавка или плата на вработени.

3. Излез

Секој бизнис кога има влез мора да има и излез. Излезот едноставно претставува продукт на претходните две карактеристики (влез и трансформација на влез). Тој може да биде во вид на готов производ и/или услуга, отпадоци од производствениот процес, пари, проекти итн.

4. Цикличност на влезот и излезот

Влезовите се трансформираат во излез на организацијата од каде пак излезот повторно се трансформира во одреден вид на влез. Доколку бизнисот е производствен бизнис, тој суровината ја трансформира во готов производ (излез), тој производ го продава на купувачите и во вид на пари тој излез се враќа како влез во организацијата. И повтроно со тие пари ќе се купат суровини кои се трансформираат во излез. Истото е и за секој друг вид на бизнис.

5. Негативна ентропија.

Ентропија претставува мерка за несреденоста на системот. Низ процесот на трансформација на влезот во излезот бизнисот губи дел од својата енергија и така се зголемува несреденоста. Но, отворените системи заради нивната карактеристика на внесување на енергија од надворешноста доведува до појава на негативна ентропија во бизнисот, односно до зголемување на среденоста на системот. На пример, малопродажен објект продава производи кои потоа ги нема (појава на несреденост) и се додека не се набават повторно (негативна ентропија) нема да дојде до среденоста на системот.

6. Влез на информации, негативен feedback и процес на кодирање

Во бизнисот постои влез на информации во вид на feedback од излезот. Оваа карактеристика овозможува корективна акција на процесот на трансформација доколку се појави негативен feedback. Честопати тие информации се во огромен обем и несредени, па затоа се врши кодирање, средување и анализирање на истите.

7. Динамичка рамнотежа

Бизнисот како отворен систем се наоѓа во динамичка рамнотежа со околината (надворешноста). За да се спротивстави на ентропијата бизнисот се повеќе мора да ги шири сопствените граници со надворешноста што доведува до организациски промени. Самиот израз динамичка рамнотежа е контрадикторен. Дали нешто што е динамично може да биде во рамнотежа? Katz D. i Kahn R. L. ова го опишуваат како постоење на континуирана размена на енергија помеѓу околината и системот но, карактерот на системот, стапката на размена на енергијата и релациите помеѓу елементите остануваат исти.

8. Диференцијација

Поради фактот што бизнисот како отворен систем се спротивставува на ентропијата со тоа што го поттикнува растот логично е да се појави диференцијација.

9. Интеграција и координација

Преголема диференцијација бара интеграција и координација. Организациската структура, правилата, процедурите, нормите итн., се средствата кои ги користат менаџерите и претприемачите за интеграција и координација.

10. Equifinality

Оваа карактеристика претставува принцип кој постои кај отворените системи за дадената крајна состојба да може да се постигне на повеќе начини. Оваа карактеристика на отворените системи ни кажува дека секогаш ќе постојат повеќе начини на кои може да се изведат одредени активности за да се постигнат одредени бизнис цели.

Околина и бизнисот

Околина и бизнисот

Од 10-те карактеристики на отворени системи може да се види дека околината влијае врз бизнисот, а од друга страна бизнисот има влијание врз околината, односно бизнисот е интерактивен со околината и оваа влијание би можеле да го претставиме со одредени сили како на сликата лево. Испрекинатата линија на сликата ја претставува околината.

Можат да се забележат одредени сили (стрелки) кои се насочени од околината кон бизнисот и спротивно, од бизнисот кон околината. Значи бизнисот се обидува да се спротивстави на дејствата на околината за да остане во рамнотежа со истата. Ова може да изгледа како третиот Њутнов закон кој гласи: На секоја акција одговара еднаква реакција, со ист правец но во спротивна насока. Но, во овој случај не би го прифатиле законот во однос на спротивна насока, туку во насока на прилагодување на бизнисот со променетите барања на околината, што всушност претставува и суштината на дефиницијата на организациските промени. Од тука може да се заклучи дека промените на околината влијаат на промените на бизнисот.

post

Менаџмент теории – Теорија X, Y и Z

Менаџмент теории

Менаџмент теории

Во менаџментот како наука постојат теории кои ја разгледуваат мотивацијата на луѓето, а една од функциите на менаџментот претставува и мотивација. Мотивацијата е доста значаен фактор за спроведување на менаџерските улоги. Претприемачот има идеја, започнува бизнис, вработува луѓе и мора да биде и менаџер. Затоа е важно да се согледаат различните теории во менаџментот во поглед на мотивацијата на вработените за да знаете што може да се случи.

Теорија X и Теорија Y

Овие теории се развиени од страна на Douglas McGregor од MIT Sloan School of Management во 1960-тите години. Овие две теории опишуваат две сосема различни ставови за работна мотивација и се занимаваат со анализа на човечкото однесување и ги применуваат голем број на менаџери при работењето.

Теорија X

Теоријата X, смета дека на луѓето им е својствено да не ја сакаат работата и да ја гледат само како потреба за нивен опстанок и дека ќе ја избегнат работата секогаш кога ќе имаат таква можност. Многу луѓе со тоа што се мрзливи, сакаат да бидат насочувани, ја избегнуваат одговорноста и релативно не се амбициозни. Таквите мора да се присилуваат да работат, да се контролираат, да се насочуваат и дури да се казнуваат заради непостигнување на целите на бизнисот. Менаџерите (претприемачите во улога на менаџери) мораат да бидат авторитативни и строги ако подредените не ги извршуваат поставените цели. Претпоставки на кои се базира оваа теорија се:

  • Вработените не ја сакаат работата.
  • Менаџерите ја користат контролната функција за да ја контролираат работата.
  • Менаџерите користат закани пред вработените да започнат да работат онака како што треба.
  • Просечен човек сака да биде насочуван.
  • Просечен човек не е амбициозен
  • Просечен човек не сака одговорности
  • На просечниот човек најважна му е сигурноста особено финансиската.

Доколку ги погледнеме претпоставките навистина ќе видиме дека и денес можете да најдете некои од овие претпоставки кај вработените. Но, секогаш мора да постои прашањето ЗОШТО. Не ја сака работата – Зошто не ја сака работата. Можеби  не е задоволен од работните задачи доделени од менаџерот. Можеби смета дека е способен за напредување, а заради менаџерот не му е овозможено. Затоа, мора да кажеме дека не се сите вработени согласно Теорија X, па затоа постои Теорија Y.

Теорија Y

Теоријата Y, е многу пооптимистичка во однос на човечката природа, претпоставувајќи дека физичкиот и умствениот напор при работењето е исто како кога се одмораме или рекреираме. Луѓето ќе се насочат самите, ако за тоa извршување на работата бидат наградени. Многу луѓе имаат способност да ја прифатат одговорноста и со својата генијалност, креативност и фантазија да ги решаваат проблемите на организацијата. Луѓето сакаат да работаат и под добри околности тие се способни добро да работат. Според теоријата Y, проблемот е во тоа дека модерниот живот целосно го искористува човечкиот потенцијал. Менаџерите треба да ја искористат волјата и способноста за работа на подредените со создавање услови во кои нема само да се истакнаат најдобрите од групата, туку и ќе им се обезбеди простор за лично напредување. Претпоставки на кои се базира оваа теорија се:

  • Физичкиот и умствениот напор при работењето е исто како кога се одмораме или рекреираме
  • За да ги натераме луѓето да работат, контролата и казнувањето не се единствените начини, доколку тие се сложни со целите на бизнисот самите ќе се насочуваат кон нивното исполнување.
  • Работата за луѓето претсавува задоволство.
  • Просечниот човек сака одговорности
  • Креативноста, имагинацијата и снаодливоста може да се користат за решавање на работните проблеми.
  • Во услови на модерен индустриски живот потенцијалот на вработените само делумно се искористува.

Оваа теорија претставува сосема спротивна на претходната, потенцира дека во секој од вработените постои потенцијал и бара менаџерите да ја насочат енергијата кон искористување на таа потенцијална енергија.

Треба да напоменеме дека користење на една од оваа теорија во практицирање на менаџерската улога од страна на претприемачите не ја исклучува втората теорија. Можете во однос на дел од вработени да ја применуваат теорија X, а кон другиот дел теоријата Y.

Кога споменавме погоре во теорија X дека мора да следи прашањето ЗОШТО, мислевме токму на една ваква комбинација на двете теории. Затоа што секогаш постоела, постои и ќе постоеи некаква причина за одредено однесување на вработените.

Теорија Z

Како надополнување на Теорија X и Теорија Y се појавува еден посебен стил на менаџментот кој се користи од страна на јапонските компании. Теорија Z за првпат била идентификувана од страна на William Ouchi. Овој нов јапонски стил на менаџментот се нарекува Теорија Z. Спротивно на Теорија Х која вели дека вработените не ја сакаат и ја избегнуваат работата и затоа мора да се насочуваат постојано заради извршување, и на Теорија Y која вели дека работата е ОК и може да биде извор на задоволство, Теорија Z се фокусира на зголемена лојалност на вработените кон компанијата обезбедувајќи работа до крајот на животот и фокусирање на обезбедување на благосостојба на вработените како на работа така и надвор од неа. Додека Теорија Y претставува една психолошка перспектива која се фокусира на односите работодавач – вработен, Теорија Z се проширува на целата организација.

Претпоставки на кои се базира Теорија Z:

  • Вработените сакаат да изградат кооперативни и интимни работни односи со оние за кои што работат.
  • Работодавачите сакаат да изградат кооперативни и интимни работни односи со оние кои што работат со нив.
  • Вработените имаат потреба да бидат поддржани од компанијата.
  • Семејството, културата, социјалните институции се еднакво важни како и самата работа.
  • На вработените може да им се верува дека ќе ја исполнат својата работна задача се додека на менаџментот може да му се верува дека ќе ги поддржат вработените.

Вие како претприемачи и менаџери треба да се најдете во каква теорија спаѓа Вашиот менаџмент стил кој го практикувате како и во каква теорија најдобро ќе се вклопат Вашите вработени. Ова треба да биде усогласено со Вашите долгорочни цели и да ја изберете теоријата или комбинациите на овие теории во практикување на менаџментот во Вашата компанија за општо задоволство на двете страни (и менаџментот и вработените).

post

Иновација и различни погледи

Иновација

Иновација

Иновација е збор кој континуирано ги следи претприемачите и бизнисите, особено малите бизниси. Иновација е нешто што креира долгорочна вредност за еден бизнис. Иновација е нешто што има висок потенцијал да гарантира успешност. Иновација е нешто што може, но и не мора да значи, да биде забележано од потенцијалните купувачи.

Но, да бидеме реални за момент, многу бизниси пропаднале поради својата иновација. Многу бизниси кои иновирале одлични производи и/или услуги кои биле многу напред пред своето време денес воопшто и не постојат.

Ова е поради фактот што често иновацијата од страна на претприемачите и менаџерите се гледа еднострано. Ова еднострано гледање е поради тоа што за иновација се зема само едно гледиште и тоа најчесто во форма на:

  • Иновација на нов производ. Кога зборуваме за иновација прво нешто што ни доаѓа во умот е иновација на нов производ и/или услуга. Но, иновација на нов производ е креација само на еден подсистем во еден бизнис. Ваквата иновција е важна за секој бизнис, но не може да се стави во категорија на најважни бидејќи не мора да значи дека ќе донесе соодветен успех на севкупниот бизнис.
  • Иновација во производствен процес. Иновација во еден производствен процес е важна бидејќи ќе обезбеди зголемување на ефикасност и ефективност на еден производствен систем, ќе обезбеди намалување на трошоците, ќе ја зголеми продуктивноста… Но, повтроно тука е еден подсистем – производствен систем.

Сето ова е одлично, но сепак недостатсува една покомплетна целина која во пракса се заборава, а тоа е иновација која ќе влијае на севкпната стратегија на бизнисот.

  • Дали тој производ (иновација) ќе креира вредност за купувачите? Основното прашање кое треба секогаш да се постави пред започнување на било каква иновација во бизнисот. Зошто да се вложи енергија и пари за иновација доколку таа не креира видлива вредност во очите на купувачот?
  • Дали тој производствен процес ќе креира производи вредни за потрошувачи и во исто време ќе обезбедува профитабилност за бизнисот? Кога станува збор за производствениот процес, истиот ќе треба да обезбеди две страни – бизнисот преку помали трошоци и купувачот за кого ќе треба да се креира вредност.
  • Дали цената на тој производ е на ниво за кое потрошувачите се спремни да платат? Ова е трето прашање кое мора да се одговори. Можеме да креираме вредност, но во моментов таа вредност да е неодстижна или сеуште непрепознатлива како нешто вредно да се плати одредена сума на пари.
post

Концепт на еж

Концепт на еж

Концепт на еж

Во светот на животните многу е позната стратешката борба помеѓу лисица и еж.

Лисицата важи за многу интелигентна и умна која знае да применува различни стратегии за остварување на својата цел. Од друга страна ежот не се смета како некој многу интелигентен, но ежот има само една стратегија која одлично знае да ја искористи во сопствена самоодбрана. Таа стратегија е да ги исправи боцките при што доколку лисицата примени некоја од своите стратегии ќе се повреди и ќе се откаже од тој напад и да се подготви за нова стратегија и нов напад кој завршува со истата успешна стратегија на ежот.

Ежот знае само еден трик, кој постојано го применува и во најголем број на случаи успева. Наместо да користи или да пробува различни стратегии тој ја користи онаа за која е специјализиран и секако која најдобро ја знае.

Концепт на еж – основи

Основите овој концепт ги влече од одличната книгата за менаџмент Good to Great: Why Some Companies Make the Leap… and Others Don’t од авторот Jаmes Collins.

Во книгата се наведуваат два начини на кои лидерите од врвниот менаџмент ја управуваат компанијата:

  • како еж или
  • како лисица.

Кој е лисица а кој еж?

Менаџер или претприемач кој спаѓа во групата на лисица е оној кој:

  • постојано е во некое брзање
  • постојано скока од една во друга бизнис идеја
  • постојано применува нови стратегии
  • постојано е заинтересиран во нови производи и/или услуги

Од друга страна, менаџер или претприемач кој спаѓа во групата на лисица е оној кој:

  • е поспор но стабилно стапнува на цврста основа
  • секоја одлука ја базира на анализа и она што е најдобро за компанијата
  • не применува идеја за нов производ и/или услуга без да ја провери со пазарот можната успешност
  • применува еден чекор во определен временски период
  • оној кој се концентрира на она што неговата компанија најдобро го знае…

Се чини дека лисицата е попотребна кај бизнисите, бидејќи има енергија и постојано се обидува да ги подобри работите во бизнисот. Но, сепак заборава едно нешто, да најде во што е најдобар и да го имплементира тоа најдоброто до крај. Менаџерот – лисица нема јасна визија за утрешнината и нема долгорочни цели кои би го воделе бизнисот низ патот на успешноста.

Концепт на еж – Пресек на три кругови

Овој концепт се базира на 3 кругови кои се еднакво важни. Концептот извира од пресекот на тие кругови на кои треба да се концентрирате.

Концепт на еж - 3 кругови

Концепт на еж - 3 кругови

Како што може да се забележи од сликата овој коцепт бара одговор на 3 прашања кои заедно ќе го формираат концептот:

  1. Која е твојата пасија? Доколку сте возбудени и имате ентузијастички емоции и позитивен афинитет за вашето започнување на бизнисот, најверојатно е дека ќе имате добра пасија за претприемничката кариера која сте ја избрале.
  2. Во што си најдобар? Одговор на оваа прашање не треба да биде цел, туку изјава на факт (вистина) за тоа во што ти си најдобар.
  3. Што е она што те поттикнува економски? Дали се тоа пари и колку? Дали е поголема слобода? Дали е подобар живот? Ова е оној елемент кој треба да ве води во искористување на претходните два круга од концептот.

Она каде треба да се сконцентрирате е пресекот на сите 3 кругови, а тоа е:

Да го работите она во што сте најдобар, и да го работите навистина со една вистинска пасија со цел да ги задоволите вашите потреби.

post

Одговорност на еден претприемач

Одговорност на претприемачот

Одговорност на претприемачот

Одговорност! Збор кој се одбегнува од многу луѓе. Многу значаен и тежок збор кој сепак се избегнува.

Што се случува со претприемачот?

Од лично искуство сметам дека 80% и повеќе од претприемачите сакаат да избегнат директна одговорност за сопствениот бизнис. Нели, полесно е друг да биде виновен за нашите сопствени неуспеси. Како и да таквите претприемачи имаат и водат само еден просечен бизнис.

Остатокот, помеѓу 10% и 20% од претприемачите кои се навистина одговорни, во исто време имаат и менаџираат многу успешни бизниси.

Нешто што ја прави разликата помеѓу просечен и успешен бизнис е одговорноста на еден претприемач.

Што мислите за следниве изјави:

  • Потрошувачите не сакаат да ги купуваат моите производи и/или услуги.
  • Моите вработени не се толку добри за мојата компанија.
  • Конкуренцијата на пазарот е многу моќна.
  • Моите партнери не се толку добри за мојата компанија.

Дали некогаш сте кажале нешто вакво?

Доколку одговорот е да, тогаш вие сте еден од претприемачите кој сака да ја избегне личната одговорност бидејќи сакате да ја трансферирате истата на останатите стејкхолдери во твојата компанија.

Доколку вашиот одговор е не, тогаш веројатно вие сте одговорен претприемач кој има доста успешен бизнис.

Доколку сакате да изградите успешен бизнис, ќе мора да бидете целосно одговорни за тоа. Секој бизнис проблем е ваша одговорност.

Не можете да кажете дека потрошувачите не сакаат да го купат вашиот производ и/или услуга бидејќи тие се „лоши“ момци. Што е со истражувањето на пазаро кое го направивте? Како тоа истражување ви кажа дека потрошувачите ќе ги купуваат вашите производи и/или услуги? Кој е виновен сега? Вие или вашите потрошувачи кои не сакаат да го купат вашиот производ и/или услуга?

Не можете да кажете дека вработените не се добри и затоа страда и вашиот бизнис. Кој ги најмил тие вработени или кој одлучил за нивно вработување? Па бизнисот не е јавна институција па политичките партии да си ја префрлаат одговорноста заради сопствената неспособност. Вие како претприемач сте одговорен за наоѓање на најдобрите вработени за вашиот бизнис. Вие како претприемач сте одговорен за градење на вашиот бизнис тим.

Не можете да кажете дека конкуренцијата е виновна за вашите неуспеси. Конкуренцијата едноставно го сака истото што и вие. Тоа е поголемо учество на пазарот и поголема продажба и профитабилност. Зошто тие успеваат а вие не? Вашиот бизнис успех не е нивна одговорност. Вашиот бизнис успех е само ваша одговорност.

post

Временска рамка при одлучување – имплементација

Одлуки и имплементација

Одлуки и имплементација

Донесување на одлуки претставуваат секојдневна активност на еден претприемач. Дали се тоа добри или лоши одлуки, дали е тоа одлука за да не се донесе одлука (нулта одлука) или пак нешто друго постои една карактеристика – временска рамка помеѓу донесување на одлука и имплементација на истата.

Исак Адижес вели дека за еден ефикасен и ефективен организациски систем потребна е демократија во донесување на одлуката, додека за имплементацијата се бара цврста рака – диктатура. Еден таков процес тој го нарекува како демократура.

Но, целта на овој пост не е доброто носење и спроведување на одлуки, туку некои опасности кои може да се појават од донесување до имплементација на одлуката.

Процес на донесување на одлуки

Процесот на донесување на одлуки се одвива во повеќе фази. Различни автори дефинираат различни фази. Но, во глобала сите се однесуваат на ист или сличен процес. Тука за целите на овој пост ќе ги искористам фазите за одлучување од Проф.Д-р Тодор Кралев (книгата Основи на менаџментот):

  1. Дефинирање и анализа на проблемот,
  2. Оформување на алтернативни решенија
  3. (Пр)оценка на алтернативните решенија
  4. Избор на решението (одлука)
  5. Примена на одлуката и
  6. Контрола на одлуката.

Ова значи дека за да бидеме вклучени во процес на одлучување мора да постои проблем чие решение ќе претставува нашата одлука.

Временска рамка помеѓу донесување и имплементација на одлуката

Како што можете да забележите од горните фази првите 4 се однесуваат самиот процес на донесување на одлука, додека 5-тата фаза е имплементација на решението, односно одлуката. Шестата фаза е контрола која обезбедува повратна врска заради процесот на континуирано подобрување.

Пред да дојде моментот за примена на одлуката имаме 4 фази кои во некои случаи можат да траат и навистина подолг временски период. Оваа временска рамка може да доведе до тоа да одлуката  стане неприменлива (промена на околностите врз основа на кои е донесена таа одлука).

Сепак ова зависи од многу околности во кои стопанисува вашиот бизнис како и видот на проблемот и потребното решение на истиот.

Затоа треба да се има во предвид дека ќе постои еден временски период од појава на проблемот и започнување на барање на негово решение до имплементација на решението за проблемот.

Не е лошо уште во самиот процес на донесување на одлука да се размислува и на периодот за имплементација доколку процесот на донесување на одлуки се однесува за решение кое бара навистина подолг временски период. На ваков начин уште во самиот процес ќе се имплементира и временската рамка и последиците од неа.

Но, сепак е најдобро во услови на висок степен на промени во околината одлуките да се донесуваат брзо. Можете повеќе да прочитате за брзината на одлучување во Важност на брзи одлуки.

post

Основи на теорија на отворени системи

Секој бизнис претставува некој вид на систем. Бизнисите се составено од повеќе елементи кои мораат да се управуваат за да се исполнат целите на претприемачот опфатени со бизнис планот. Затоа е потребно да се знае каков систем е бизнисот, од кои елементи е составен тој систем и како да се управува (менаџира) за да се постигнат поставените цели. И вие како претприемач претставувате природен систем и сте составени од повеќе елементи кои имаат различни фнкции. Бизнисите спаѓаат во категорија на повеќе системи дефинирани во теоријата на системите. Оваа теорија го проучува однесувањето на тие системи и и нивното функционирање во различни услови.

Што претставува систем?

Систем претставува нешто што е составено од повеќе елементи (потсистеми) и кои претставуват една функционална целина. На пример, постојат природни системи и вештачки системи, отворени и затворени системи, едноставни и сложени системи итн… Бизнисите претставуваат организациски системи. Овие системи се комплексни системи поради тоа што во исто време тие претставуваат:

  • Вештачки систем бидејќи го создава претприемачот (човек).
  • Сложен систем бидејќи во својот состав има овеќе компоненти.
  • Динамички систем бидејќи за функсионирањето на овој систем е потребно управување што доведува до менување на истиот со текот на времето.
  • Стохастичен систем бидејќи не е прецизно позната наредната состојба која настанува како резултат на одредена акција на претприемачот или менаџментот.
  • Отворен систем бидејќи врши размена на материја, енергија и информации со околината и
  • Нелинеарен систем бидејќи врската помеѓу влезот и излезот во и од бизнисот (системот) претставува нелинеарна равенка.

Гледаме дека бизнисот не спаѓа во категорија на само еден систем и токму затоа тој е сложен. Токму затоа имаме и успешни и неуспешни бизниси. Токму затоа смртноста на новите бизниси е многу голема.

Секој бизнис па и Вашиот има своја околина. Вашиот бизнис претставува отворен систем поради тоа што има зависност и постојана интерактивност со околината во која тој опстојува. За да преживее секој бизнис мора да има одредени влезови (еден вид на енергија од околината) кои може да бидат во вид на пари, суровина, информации итн. Оваа енергија се трансформира во производи и/или услуги кои бизнисот ги нуди на околината (излез кој се враќа на околината) од каде што пак повторно се трансформира во влез во организацијата (приход од продажба). Овој кружен процес ги поврзува влезот и излезот на организацијата како што е прикажано на сликата.

Влез и излез од бизнисот

Влез и излез од бизнисот

Ова е многу важен процес кој повлекува уште многу други процеси и активности кои се изведуваат во бизнисот. Ова е основната шема на интерактвност на Вашиот бизнис со околината. Токму оваа интерактивност бара постојани промени затоа што околината постојано се менува.

Без разлика дали се работи за производствен, услужен, малопродажен или пак големопродажен бизнис оваа е основен закон на работење.

На пример, во производствен бизнис влегуваат суровини кои преку производствениот процес се трансформираат во готови производи (излез) кои се продаваат и се зимаат пари кои повторно претставуваат влез вои бизнисот.

За услужен бизнис како влез може да биде некое знаење кое се трансформира во вид на услуга за која се земаат пари кои влегуваат во бизнисот.

За малопродажба влез се готови производи набавени од големопродажба кои се изложуваат во малопродажен објект и се продаваат на купувачите кои плаќаат пари кои влегуваат во бизнисот за повтроно да се набави продаденото.

За големопродажба е исто како малопродажба со таа разлика што купувачите се малопродажни бизниси.

Од друга страна бизнисите се составени од повеќе елементи кои може да бидат физички (технолошка опрема, згради, компјутери итн), структурни елементи (сектори, оддели, групи итн.), луѓе, функции (производство, одржување, монтажа, продажба, маркетинг итн.) кои сите заедно претставуваат една целина, бизнис систем (организациски систем). Barbara Senior и Jocelyne Fleming во нивната книга Organizational Change, 3rd Edition организацијата ја претставуваат како состав на два потсистеми како на сликата:

Формален и неформален потсистем на бизнисот

Формален и неформален потсистем на бизнисот

Во формален потсистем влегуваат менаџмент, стратегија, цели, структура, работни задачи и технологија, додека во неформален неформален потсистем спаѓаат култура, политика и лидерство.

Значи влезовите влегуваат во бизнисот минуваат низ два постистема и се трансформират во излезот. Содржината на овие потсистеми зависи од фазата во која се наоѓа бизнисот во животниот циклус. Доколку бизнисот е солопретприемач (и вработен и газда и менаџер) во формалниот систем нема да има структура или менаџмент, додека во неформалниот потсистем лидерство. Но едно е важно, овие два потсистеми се меѓусобно поврзани на одреден начин во одредени сегменти на процесот на трансформација на влезот во излезот.

За да се свати функционирањето на бизнисот, а со тоа и да се овомзожи зголемување на ефективноста и ефикасноста на бизнисот мора да се примени системско размислување, односно бизнисот да се гледа низ перспектива на целиот систем.

post

Структура – Дали да се прифати?

Структура - да се прифати или не?

Структура - да се прифати или не?

Дали да се прифати или да се спротивставува на структурата?

Едно многу контрадикторно прашање, всушност прашањето е ОК, но одговорите кои доколку би ги побарале би биле контрадикторни.

Можете да дојдете до два вида на одговори:

  • Структурата, системите, процедурите креираат бирократија и негативни последици за креативноста и претприемничкиот дух на една компанија.
  • Структурата, системите, процедурите креираат ред и дисциплина и притоа овозможуваат работите да бидат завршени.

Контрадикторноста доаѓа поради фактот што и двата одговори се точни. Во неколку постови на претприемач во изминативе 2 години пишував за едно мое лично искуство во бирократска организација и негативните последици од таа бирократија креирана преку структури, системи, процедури…

Но, пишував и дека за успешноста во сите полиња на работење на бизнисот е потребно да градите системи кои ќе го поддржат развојот на бизнисот, а притоа ќе Ви ја олеснат Вашата работа како претприемач.

Сепак, она што е најважно е дека одговорноста е кај Вас – претприемачот. Вие сте одговорни за градење на тие системи и структури. Па затоа и вие сте одговорни за тоа да ги направите да функционираат како што треба, без да ја уништат креативноста во бизнисот.

Па како да се постигне тој баланс помеѓу структурата и системите без да се изгуби на креативноста и ефикасноста и ефективноста.

Првин, реба да бидете свесни дека системите и структурата служат за да обезбедат пофокусирана креативност. Што значи пофокусирана креативност?

Да се биде фокусирано креативен значи да не се троши креативноста на неважни работи во бизнисот, туку да се насочи на вистинските елементи кои носат долгорочна успешност. А сите останати некруцијални бизнис елементи, структурата и системите ќе ги завршат по еден вообичаен администраторски пат без да биде потребна ни трунка од креативноста.

Фокусирана креативност е да се насочите на:

  • иновација – производот и/или услугата кои креираат вредност за Вашиот бизнис, и
  • маркетинг – да го прикажете и донесете производот и/или услугата до купувачот.

Тоа е суштината на еден успешен бизнис.