Во текот на целиот живот добиваме совети. Со тек на време се зголемува животното искуство и се полесно се распознаваат различни видови на совети. И еден претприемач е човек кој постојано добива разни совети.
Постојат неколку типови на совети. Тука ќе стане збор за двата најчести вида на совети: добронамерни и злонамерни.
Ќе се обидам накратко да навлезам во нив од едно искуствено стојалиште.
Добронамерни совети
Добронамерни, кои се дадени од искрени и чесни луѓе, кои се пријателски настроени по разна основа или се блиски роднини или пак пријатели и тие најчесто кога ќе согледаат дека постои некој проблем или доколку бидат прашани дали знаат решение за некој проблем, ќе дадат одреден (добронамерен) совет како да се реши тој проблем или како да се постапи во одредена ситуација. Но, тука се поставува прашање колку е тој совет точен. Бидејќи понекогаш советите ги даваат луѓе кои немаат доволно искуство, немаат знаење или пак може да имаат погрешни согледувања за одредена проблематика. Но, на таквите луѓе дури и да дадат погрешен совет, со оглед на добрата намера не треба да им се лутиме бидејки нивниот капацитет бил на пониско ниво, иако она што тие го знаат несебично го нудат.
Заради овој проблем треба претходно да се анализираат луѓето кои делат совети (ментори). Најчесто луѓе кои многу знаат малку зборуваат, за разлика од луѓе кои помалку знаат а повеќе зборуваат. Па претприемачот може да биде затрупан со огромен број на совети кои можат да го парализираат и да не биде во состојба лесно да одлучува и да ги презема потребните чекори.
Постојат совети кои се бараат и совети кои се нудат.
Има луѓе кои “знаат се” и кои се спремни да делат совети дури и кога никој не ги прашал за совет. Тие во некоја рака се “демагози” кои знаат се заради што нешто може да се случи и се заради што нешто не може да се случи. Доколку зад нив не стојат конкретно лично постигнати дела такви луѓе се во принцип, плашливи и паничари, кои само сеат страв и дефетизам и од чии совети колку и да се добронамерни не може да се има голема корист бидејки се добиени од недоволно средена личност.
Најголема грешка прават претприемачите кои кај собирање на бизнис идеи за започнување на бизнис, обрнуваат големо влијание на “хит бизнис” за кој сите зборуваат дека носи “многу пари”.
Најчесто бизниси кои носат енормни профити доживуваат свој максимум во време кога за нив највеќе се зборува, а бргу потоа почнува нивната надолна пaтекa. Бидејќи подготвените претприемачи кои имаат наврeмено достапни информации и отпочнати активности, веќе ги исполниле барањата на купувачите, прозорецот низ кој би влегле новите претприемачи станува се помал, бидејки пазарот станува се позаситен.
Од друга страна бидејки се зборува дека “некој” заработил многу пари за тој бизнис, постојат лесноверни претприемачи кои поведувајќи се по “рекла казала” муабети, без претходно да направат личен план или пак самите да излезат на пазар за да видат каква е состојбата и што се случува, со голем ентузијазам влетуваат во бизнис потфат кој уште во старт е осуден на неуспех. На таков начин се губат финансиски средства, претприемачот станува емотивно поразен и многу мал број од таквите претприемачи навистина успеваат да се опорават за да можат да продолжат со нов проект, бидејки “успех влече успех а неуспех влече неуспех”.
Поради сето горе наведено препорака е за совет да се побара искусен “ментор” кој веќе успешно го изодил патот низ кој новиот претприемач почнува да оди. Но, такви луѓе не ги има многу, тие се најчесто зафатени со своите обврски, но доколку се има можност да се дојде до таквите луѓе, претприемачот треба силно да се пробие до нив за да добие потребни сознанија и совети и со тоа да ги зголеми шансите во пазарниот натпревар, односно да не “изгорат” прерано во таа борба. Таквите успешни луѓе кои се и сигурни во себе искуствено кажуваме имаат желба за помагање и советување, но претприемачот треба да е лојален, искрен, вреден, чесен и да има желба тие совети да ги примени во пракса.
Бидејки има големо искуство, успешниот претприемач ќе го тестира својот ученик, давајќи му на почеток помали совети и задолженија за да види како ученикот ќе реагира и дали се придржува до дадениот совет. Бидејки тоа се искусни луѓе кои имаа претходни и позитивни и негативни искуства со луѓе, секое калкулантско однесување на новиот претприемач ќе биде казнето со прекинување на понатамошното советување, па така со некоректно однесување ќе изгуби само новиот претприемач.
Но доколку се нема во близина квалитетен “ментор” тогаш потенцијалниот претприемач може да ги искористи советите и од други помалку проверени извори, со тоа што ќе прибележува дадени совети, идеи и мислења, а потоа кога ќе биде сам внимателно ќе ги анализира, проучи и сепарира корисните од штетните совети, добронамерни од злонамерни, искусни и неискусни совети и ќе ги прифати оние совети кои се прикладни за нивниот статус, финансиска моќ, интелектуални и други перформанси, за кои претприемачот интимно знае дали ги поседува или не.
Злонамерни совети
Покрај ваквите врсти совети постојат злонамерни совети кои дават лоши луѓе, луѓе кои од само за себе познати причини сакаат да му нанесат штета на претприемачот за да доживее неуспех и да пропадне. Секој претприемач кој нема да успее да ги препознае овие луѓе и нивните зли совети многу бргу ќе се соочи со проблеми и наместо да се бори за успех, ќе се бори за опстанок и излез од кризата.
Заради тоа потребно е внимателно да се пристапи кон секој совет, секој совет да се анализира, а да се анализира и личноста која го дава советот за да се уочат неговите намери (добри или лоши). Одмерено слушање, проследено со голема анализа и одлучно спроведување може да биде клуч за успешан бизнис и живот.
Од друга страна премногу совети ќе значи и премногу анализи. Премногу совети и анализи, ќе значи и преголема збунетост. Премногу совети, премногу анализи и преголема збунетост ќе доведе до неодлучно спроведување на конкретни акции. Ова претставува голема негативност. Од друга страна, советите се во ред, но карактеристиката на претприемачот е добра проценка и цврста одлучност. Претприемачот најчесто своите одлуки ги базира или пак треба да ги базира на својата сопствена проценка и не треба да допушти премногу луѓе да му се мешаат во процесот на донесување на одлуки.