За претприемништвото многу се пишува, многу се зборува, многу се проучува…
Сето тоа доведува до дузина различни мислења, теории и тврдења.
Но, проблемот е што претприемништвото сеуште како една научна дисциплина нема воспоставено цврста рамка за тоа што е лошо а што добро, што дава резултати, а што не дава резултати, што е потребно за успех, а што не е потребно за успех…
Причината за ваквата состојба е фактот што секој бизнис е различен, секој пазар е различен и секоја индустрија е различна. Но, и секој бизнис, пазар и индустрија се подлежни на крупни промени како што поминува времето. Затоа и многуте детални анализи и проучувања додека да се завршат, дел од нив стануваат невалидни заради променетите услови на стопанисување на еден бизнис.
Кои се оние митови кои што ги знаеме, а кои сепак не се точни?
1. Доволна е добра бизнис идеја и успехот ќе следува
Бизнис идејата е само почеток, но не и гаранција за успех. Многу добри бизнис идеи воопшто не се преточени во успешен бизнис или успешен процес на претприемништвото.
Една бизнис идеја мора да биде во согласност со потребите и проблемите на пазарот, но и да биде имплементирана.
2. Сите претприемачи се богати луѓе
Ако некој е претприемач не значи по автоматизам дека е богат човек. Пред сопствено богатење постојат многу чекори кои треба да се изодат, многу процеси кои ќе треба да се имплементираат и многу елементи во кои ќе треба да се инвестира.
3. Претприемачот е сам свој газда
Иако изгледа така, сепак реалноста е сосема друга, дури понекогаш и многу полоша. Од еден газда или еден шеф, претприемачот добива повеќе газди и шефови. Тоа се повеќе луѓе кои на ваков или онаков начин наредуваат, бараат, притискаат…
Купувачите, снабдувачите и државата се само дел од новите можни газди за еден претприемач.
4. Потребни се многу финансиски средства за претприемништвото
Некако кога се зборува за претприемништвото прво што му паѓа на ум на секој човек е дека се потребни многу пари за започнување, растење и развој на бизнисот.
Во некои случаи за одредени бизнис идеи тоа е точно, но сепак постојат многу можности за започнување на бизнис и без огромни вложувања на пари.
5. Претприемништвото е нешто вродено кај претприемачот
Дали претприемачот се раѓа или развива? Прашање кое доста актуелно.
Практиката покажува дека сепак доколку потенцијалниот претприемач се насочи во соодветна насока на личен развој ќе успее во своите намери да стане успешен претприемач.