post

Идеи кои може да ги искористиш од Февруари 2012

Претприемач

Претприемач

Веќе сме во третиот месец од оваа 2012 година, односно поминува првиот квартал од годината. Овој пост претставува месечен серијал за оние најчитаните, односно најдобрите постови кои како идеи може да ги искористиш за развој на твојот бизнис, а се објавени претходниот месец. Претходниот месец во овој случај е февруари 2012 година.

Овие наслови, на крајот на годината по уште една анализа на популарноста ќе влезат на страната Започни тука.

Во февруари на претприемач беа објавени 48 наслови во кои преовладуваше темата за маркетинг. Маркетинг темата беше актуелна бидејќи сакавме да направиме малку пауза со темата за започнување на бизнис која всушност е главна тема за оваа година и особено поради еден серијал за меѓународен маркетинг и секако маркетинг планот и негова подготовка преку одговор на 8 прашања.

Па, да видиме што е она најактуелното што можеш да го искористиш за твојот бизнис од Февруари 2012 година.

Започнување на бизнис

Оваа 2012 година главната тема на претприемач ќе биде започнување на бизнис. Фактот дека она што најмногу ни треба е креација на нови бизниси, за ново време прилагодени кон најновите светски трендови. Темата е избрана поради фактот што развојот на науката и технологијата во последниве години доведе до многу промени кои имаат големо влијание на процесот на развој на нови бизниси. Но, ние су тераме, онака по старо, онака како сме научиле, или поточно како не научиле.

Маркетинг

Што е маркетинг? Дали маркетингот е наука? Дали маркетингот е уметност?

Маркетинг претставува еден креативен процес во бизнисот кој овозможува соодветна комуникација помеѓу бизнисот и производот или услухата со купувачите. Но, не било кои купувачи, туку идеални купувачи. Бидејќи претставува процес кој што пак од друга страна е креативен процес во маркетингот се измешани повеќе научни дисциплини. Оној кој повеќе е насочен кон финансиските работи ќе го гледа како трошок, иако не е. Оној кој е насочен кон техничко технолошките работи ќе го гледа како нешто што создава непотребен притисок врз развојот и производството. Но, целта е тој маркетинг процес да ги интегрира сите функции на бизнисот кога станува збор за најважниот надворешен фактор – купувачот.

Ќе се занимаваме доста во оваа подрачје оваа година, бидејќи како секундарна тема на претприемач за оваа година ја определивме темата за маркетингот.

Менаџмент

Некој веднаш ќе каже зошто менаџмент, кога јас сум и претприемач и менаџер и вработен. Но, менаџмент концептот сепак е нешто што треба да претставува еден вид на “патобран” кој нема да дозволи твојот бизнис да излезе од патот. Не е важно што можеби во моментов си сам, ти треба но и допрва ќе ти треба. Подобро уште во раните фази да ги изградиш и имплементираш менаџмент системите за да твојот бизнис биде подготвен за иднината.

Претприемач

Сепак бизнисот е креација од два ентитета: претприемачот и купувачот. Еден без друг неможе да функционираат, ниту да постои бизнис.

Во минатото оваа тема беше доста форсирана, но и ќе продолжиме со неа, само не со некој голем интензитет.

Продажба

И секако, продажбата е конечната цел на секој бизнис процес. Без продажба нема ни бизнис. Но, продажбата не значи и крај на процесот, таа е нов почеток, на еден нов циклус на развој на бизнисот.

post

Некои аспекти на влијанието на меѓународниот маркетинг врз економските перформанси на Република Македонија

Маркетинг Светската економска криза дополнително ја влоши состојбата во Македонското стопанство. Обидите на владата за отварање на фабрики во слободната царинска зона Бунарџик, влезот на странскиот капитал, како и другите активности, не ги постигнаа очекуваните економски резултати. Големината на економските проблеми во земјата различно се толкуват од страна на власта или од страна на опозицијата. Во секој случај, неспорен е фактот дека економска состојба во земјата е лоша и пропратена со голем број на невработени лица. Во претходниот период, бројот на лицата што беа невработени беше поголем, бидејќи имаше голем број на вработени кои работеа на “црно”. Но, поради високите казни кои се применуваат, доколку се затекне непријавен вработен на работното место, а и поред редовните инспецииски контроли, овој проблем се сведе на мал број на изолирани случаи, кои не се вредни за анализирање. Но сепак, вистинската невработеност останува голем проблем во Р. Македонија и го загрозува социјалниот мир, а постои опасност, бидејќи вработувањето не го прати демографскиот раст, да дојде и до национални судири.

Намалувањето на притисокот од страна на невработените врз берза на трудот, се врши и преку насочување на младите луѓе кон студирање. А потоа, голем број на млади луѓе одат на специјализација во земјата и во странство, познато како “одлив на мозоци”. Во секој случај и во земјата останува голем број на школуван и способен кадар, кој може квалитетно да го менаџира, како маркетингот така и севкупното работење на компаниите или институциите. Но, бидејќи е голем притисокот за вработување, најчесто не се врши правилна селекција, па вработувањето во државните институции се врши врз база на национална или политичка определба. Има мислења дека четири години се вработуваат припадниците од едната партија, а наредните четри години припадниците на другата партија. Во приватниот сектор, вработувањето најчесто се врши врз база на роднински и пријателски врски, па во државата може ретко да се најдат менаџери вработени во маркетингот или на некоја друга позиција, а кое се базира врз реални способности на кандидатите.

Во центарот на вниманието на политичарите и компаниите се наоѓа процесот на транзиција и приватизација, како и последиците кои настанаа поради овие процеси. Влијанието на меѓународниот маркетинг во Републиката Македонија може да се набљудува двосмерно. Од една страна можеме да набљудуваме како меѓународните компании влијаат на купувачите во Македонија, а од друга страна можеме да набљудуваме како нашите компании, со помош на меѓународниот маркетинг, влијаат на освојување на нови пазари и нови купувачи. Во Република Македонија поголемо значење има меѓународниот маркетинг, кој доаѓа од надвор и е насочен кон освојување на нашиот пазар, а пожелно би било процесот да е обратен и нашите компании со помош на квалитетен маркетинг да го освојуваат странски пазар.

Пазарот во Македонија се однесува како секој пазар на неразвиените земји во светот, каде главен акцент се става на купувањето на евтини или купување на брендирани производи, кои им обезбедуваат на купувачите поголем авторитет. Во еден период беше актуелно одењето во убаво средени климатизирани продажни простории, со огромен избор на понудена стока и тоа претставуваше вистинска забава и задоволство. Но, поради влианието на светската економска криза и стравот кој се создаде, луѓето се помалку купуваат, водејќи сметка за секој денар. Луѓето не сакаат и не можат да плаќаат поскапи производи, па ценовната политика во Македонија, претставува битен фактор при определување на маркетинг активностите. Бидејќи владее сиромаштија, купувачите пред да извршат купување, обиколуваат поголем број на продажни објекти. За да се справат со овие појави, компаниите се принудени постојано да ги следат цените кај конкурентските производи и да вршат континуирана корекција.

Кога се набљудува влианието на нашите компании во меѓународни рамки, можеме да констатираме дека состојбата е поразителна. Има мал број на компании, кои водат смислена и долгорочна меѓународна маркетинг стратегија. Сето тоа придонесува, настапот на меѓународниот пазар да биде проследен со многубројни проблеми. Македонските извозници очекуваат да го зголемат извозот, особено во Европската Унија, поради близината на овој пазар и поради настојувањето од страна на Македонија да се приклучи кон Европската Унија, а охрабрувањето доаѓа и од позитивните сигнали кои ги праќа Европската Унија. На извозниците им недостасуваат планови за развој на новите производи, како и планови за освојување на нови пазари. Најголеми економски партнери на Македонија се: Германија, Грција, Италија… Најголемиот извоз се остварува со текстил и челик. Тука може да се додадат земјоделски производи, обувки, електрични проводници, мермер, кожа. Овој однос е непроменет со години и компаниите се повеќе ориентирани кон освојување на регионалните пазари, најчесто во рамките на бившите Југословенски простори. Тоа се должи поради сличноста на пазарите, старите бизнис релации, компатибилноста на призводните процеси и слично.

Причината за слабиот извоз се гледа во: поседување на застарената технологија, заради што производите не можат да ги исполнат високите стандарди; недостаток на финансиски средства; лошиот менаџмент; лошиот маркетинг; непознавање на пазарот; слабата подршка од страна на државните органи и слично. Главни извозни артикли претставуваат репроматеријалите и евтината работна рака (работење по лон системот), каде вработените од бившите големи фабрики како Чик, Годел, Астибо и други, отвараат мали производствени капацитети и поврзувајќи се со старите бизнис партнери, продолжуваат да работат на овој начин. Запоставена е и туристичката понуда (верскиот туризам, спортскиот туризам, рекреациониот туризам, посетите на езера, природни богаства), заради лошата понуда и низа инциденти. Од примерот кој го гледаме во регионот, туризмот носи големи девизни приливи во соседните земји, а ние имаме што да покажеме, но поради некоординираното делување сé се сведува на стихиско работење, па финансиските приливи се ниски.

Македонија скоро и да нема брендирани и лесно препознатливи производи. Особено треба да се настојува во земјоделието да се внесе нова димензија.

Актуелната состојба во Македонското стопанство не дава надеж за можна скора промена на состојбата. Македонските компании треба повеќе да се фокусираат на развојот на маркетингот и на иновациите. Но, иновациите мора да бидат подкрепени со знаење, што значи мора да дојде до големи промени во образовниот систем. Секоја сериозна компанија која се грижи за опстанокот и напредокот во својата дејност, треба постојано да спроведува истражувања. Но, особено е важно и да ги имплементира резултатите од истражувањата. Конкуренцијата на странскиот пазар е исклучително јака, а нашите производи, освен во ретки случаи, немаат некој добар меѓународен имиџ.

Овие набројани проблеми треба да се менуваат за да се поуспешно пласираат производите. Излезот од лошата економска состојба се бара во приклучување кон Европската Унија и НАТО. Тие се огромни и силни партнери, кои можат многу да помогнат за остварување на економскиот раст, но не треба да се заборави и развојот на сопствените потенцијали. За таа цел препорачуваме прво развој и подобрување на образопвниот систем (но, не по системот “УРА”), кој има голем број на пропусти. Сето тоа треба да биде проследено со искоренување на проблемите во судскиот систем. Кога овие два столба ќе зајакнат и кога македонското стопанство ќе биде помогнато со финансиски средства и напредна технологија од страна на европските партнери, сметаме дека ќе дојде до позитивен развој на стопанските активности.

post

Уште една цел – 1000 наслов на претприемач веќе е објавен

1000-тиот пост на претприемач веќе е објавен

1000-тиот пост на претприемач веќе е објавен

На 30.09.2010 година прославивме мал јубилеј од 500 постови на претприемач. Денес, по една година и три месеци од тој јубилеј можеме да се пофалиме дека ја поминавме границата од 1000 наслови.

Денешниот наслов Глобални маркетинг цели – пазар во однос на производот напишан од страна на Илија Чубровиќ ја имаше таа чест да биде јубилејниот илјадитиот пост на претприемач.

Имајќи во предвид дека 99% од содржината е сопствена креација на авторите и истовремено креаторите (двајца) на претприемач, сепак претставува еден солиден напредок за оваа кратко време од три години колку што и постои овој сајт. Знаењето кое е опфатено тука би можел да го претставам како:

  • Над илјада книги од оваа проблематика прочитани од страна на авторите во последните 15 години.
  • Искуство собрано од работа службено и неслужбено со стотици компании како клиенти, како пријатели, како поддржувачи…
  • Десетици научно-истражувачки проекти од проблематиката на претприемаштво.
  • Континуирано следење на развојот на науката кога станува збор за претприемаштво и менаџмент во последните 15 години од страна на авторите.
  • Континуирана желба за обезбедување на издржани и докажани алатки и техники за претприемачите во Македонија од страна на авторите.
  • Континуирана желба на авторите Македонија да ја видат во едно поубаво светло како општество кое креира, развива и го менува животот не само на жителите на оваа земја туку и на целиот свет.
  • Реализација на мисијата поставена уште во 2009 година да креираме знаење лесно достапно за претприемачите.

Тоа е она што секој може да го препознае во 1000-те наслови на претприемач. Со сопствени средства, со скромни буџети, без никаква поддршка го постигнавме она што денес претставува овој сајт. Кога почнавме Илија ми кажа дека набргу ќе нема за што да пишуваме, дека ова се исцрпни теми. Но, праксата покажа дека темата која ја обработуваме претставува една научна тема, која постојано треба да се истражува и проучува. Постојано се доаѓа до нови сознанија, дури и со некои од почетните текстови и самите ние нема да се сложиме во целост. Но, тоа е основата, тоа е процесот, тоа е знаењето… Секогаш има нешто подобро. А, тоа значи дека и во овој сајт постојат уште премногу места за подобрување за што ќе се насочиме во периодот кој следува.

Благодарност до сите читатели на претприемач.

Благодарност до сите меилови за поддршка, бидејќи тоа е основниот двигател кој не тераше и не тера да продолжиме со работа на оваа содржина.

Благодарност до сите оние кои пратија свој текст за да се објави и се вклучија во придонесот за развојот на претприемаштвото во Република Македонија.

Благодарност до сите оние кои преку свој коментар ја дополнија содржината и се вклучија во придонесот за развојот на претприемаштвото во Република Македонија.

Благодарност и до сите оние кои преземаа и реобјавија наслови од овој сајт, онака како што треба “машки” со сите нишани на фер плеј.

Благодарност и до оние на кои не им се допаднавме, кои не опсипаа со “пцовки”, иако се помалку од 0,1%, сепак ги почитуваме и цениме.

И секако ќе го искористам ова за едно известување. Артиклите на претприемач од сабота веќе не постојат, ги избришав и доколку се обидете да пристапите на http://www.pretpriemac.com/articles ќе ве пренасочи на почетната страна. Таму се наоѓаа над 150 наслови, од кои еден дел се префрлени и преобработени тука, а одреден дел не се. Оние кои не се префрлени тука во следниве неколку денови ќе бидат преработени и реобјавени, додека некои едноставно се уништени. Но, забележав дека еден дел од уништените се по грешка (на пример не можам да го најдам текстот за BCG матрица) која ќе се обидеме да ја исправиме со наоѓање на тие текстови во нашата лична архива или едноставно повторно составување и објавување.

Затоа во следниот период има едно 10-тина наслови кои ќе бидат доста долги бидејќи претставуваат групирани и преработени серијали токму од тој избришан дел. На пример, серијалот за реинженеринг кој имаше три наслови сега ќе биде преработен објавен во еден, бидејќи сметаме дека ќе биде од корист некому. Истото е и со TQM, Lean менаџмент и фрактална филозофија.

 

post

Како еден претприемач размисли за ова…

Претприемачка ноќна мора

Претприемачка ноќна мора

Во овој наслов нема да должиме многу со едукативни теми. Само сакам да дадам неколку точки вредни да се размислат од страна на еден претприемач.

Размислувањето може да доведе до нови видици и нови погледи кои како еден претприемач ќе треба да ги имаш.

Едноставно налетав на овие белешки во мојот Evernote акаунт кои некаде пред една година ги имам ставено.

  1. Сите падови може превентивно да се избегнат. Ова е факт и не треба да се избегнува со барање на причини. Причините се кај тебе, претприемачот.
  2. Вие сте причина вашиот бизнис да успее или неуспее. Не ги барај причините кај купувачите зошто не сакале да купуваат, ниту кај вработените кои ти си ги избрал и најмил. Пред да бараш надворешни виновници размисли каде си погрешил, па потоа обиди се да ги поправиш грешките.
  3. Сите однесувања имаат свои последици. Се што ќе направиш има своја последица. Знаеш ли кои се последиците на одредено твое однесување во твојот бизнис. Размисли добро. Ќе ти помогнат да ги прошириш видиците.
  4. За да успее бизнисот мора: да поставите соодветни цели со кои секој член на бизнисот ќе биде запознаен, секој да внимава на најнеопходните чекори за успех, секој да ја следи акцијата која ја презема, секој мора да си сноси одговорност. Дали е тоа така во твојот бизнис? Размисли добро.
  5. Доколку не успеете во поставување на вистинските цели, не можете да се фокусирате на извршување на вистинските работи за успешност на вашиот бизнис. Не можете да ја следите или пак ако ја следите имплементацијата, тоа не е вистинското и не можете да очекувате соодветна одговорност.

Не се некоја филозофија, но задираат во основите на секаков бизнис. Не се нешто ново, но сепак можат да влијаат на еден претприемач и неговото практицирање на бизнисот.

post

Преголема фокусираност на производот, опасност за бизнисот

Фокус на претприемачот Бизнис креира производ, без разлика дали тоа е физички производ или пак услуга. Тој производ или услуга е клучен елемент за еден бизнис, бидејќи претставува основата која се разменува за пари како приход во бизнисот.

Производот го креира лице кое има познавање за тој производ. Тоа лице некој го нарекува техничар, некој производител, некој креатор…

Но, техничар, производител или пак креатор не значи дека е претприемач. Претприемач е многу повеќе од техничко лице, без разлика што техничкото познавање го натерало да стане претприемач. Освен дизајн на производот, подобрување на функционалностите, вградување на карактеристики и користење на технологии, треба да се менаџира, маркетира, продава

Знам дека она што најдобро го знаеме во старт е техничкото знаење. Токму тоа знаење ни вродува желба за започнување на бизнис. Токму тоа знаење креира сон за успешност. Но, претприемачки фокус само на производ наместо на бизнис е јак знак за пропаст.

Зошто велам треба да се фокусира на бизнисот. Започнувањето ќе бара креирање на бизнис. Креирање само на производ, не значи и креирање на бизнис. Производот е само мал дел од бизнис, но утре можеби нема да биде тој производ (што е сигурно). Затоа и креација на бизнис во однос на производ како централна фигура во таа креација претставува погрешен пристап.

Ќе забележам 3 примери од пракса, за кои времето покажа дека се штетни за еден претприемач.

#1 Започнување и целосен фокус кон производот

Во фаза на започнување се креира без да се размислува од стојалиште на еден маркетар или пак продавач. Може да креираш најдобар производ, но според тебе. Може да мислиш дека твојот производ има најдобри карактеристики, но само мислиш. Каде е тука пазарот, купувачот? Каде се тука луѓето кои треба да го доближат тој производ до купувачот? Ги нема!

Иако имаш знаење за она што го правиш, ќе треба и да го оставиш развојот за момент и да се насочиш кон креирање на купувачи, креирање на канали на дистрибуција, креирање на маркетинг системи, креирање на системи за администрација…

Доколку не успееш во тие други активности, нема да успее бизнисот.

#2 Ран раст и целосен фокус кон производот

Во фаза на ран раст повторно целосна ориентација е на производот без да се креираат системи за поддршка на растот.

Многу поголем проблем, можеби и најголем е кога ќе се помине фазата на започнување и ќе се добијат првите сигнали за раст. Често пати ова се лажни сигнали, кои даваат сосема различно толкување од страна на претприемачот-техничко лице.

Недостатокот на системите кои ги напоменав од претходната фаза ќе започнат да влијаат врз бизнисот. Претприемачот останува фокусиран на техничките проблеми, но само го проширува сопствениот делокруг на работа. Повторно не креира системи кои ќе го поддржат растот. Туку едноставно го зголемува сопственото работно време и најмува вработени кои би му помогнале во извршување на техничките работи.

#3 Раст и целосен фокус кон производот

Во фаза на раст повторно главната улога е на производот без да се мисли на останатите бизнис функции.

По некоја случајност (опасна, но сепак докажано се појавува) бизнисот ќе преживее и од ран раст ќе премине во раст затоа што има добар производ, има претприемач кој се потпира себеси секаде каде што ќе загусти. Но, тоа станува, пракса, стандард за работа во иднина.

Времето на работа на претприемачот ќе се зголеми од 8 на 12, можеби 15 па и 20 часа. Истото ќе се случува и со вработените, кои пак воопшто немаат врска со претприемачот (тој е зафатен со технички работи и својот производ). Незадоволството ќе расте, а со него и грешките.

Грешките ќе ги донесат и првите незадоволства од страна на купувачите, а со тоа и будење од сопствениот сон на претприемачот. Но, тоа будење нема да биде воопшто пријатно. Кога конечно очите ќе му се отворени, веќе е предоцна. Грешките кои доаѓаат од вработените ќе предизвикаат да се соочи со реалноста дека оставил некој друг без капацитет да регрутира кадри во неговиот бизнис. Ќе почне да притиска, да крева врева, да демотивира…

Ќе остане сам. Сам размислувајќи како се нашол во една таква состојба, но без идеи како да излезе.

post

Идеи кои можеш да ги искористиш од Јануари 2012

Претприемач

Претприемач

Помина првиот месец и од оваа 2012 година. Овој пост претставува месечен серијал во кој се групираат најчитаните наслови од претходниот месец од страна на читателите на претприемач, но и наслови кои ќе влезат во започни тука страната.

Во јанураи, месец полн со празници и неработни денови имаше објавено 40 наслови, од кои само 10 ќе влезат во овој серијал врз основа на аналитиката за посетеноста на овие наслови.

Започнување на бизнис

Оваа 2012 година посебно внимание ќе биде посветено на започнување на бизнис. Затоа и како посебна категорија можеби секогаш ќе има повеќе наслови во овој избор. Ова не значи дека ќе бидат запоставени и другите категории, туку едноставно ќе има приоритет. Целта е преку научно-истражувачки методи и техники како и практично искуство да развиеме и презентираме една теорија, која ја нареков теорија на бизнис идеи, односно како да се развие бизнис идеја која ќе опстои.

Како најчитани наслови од оваа категорија во Јануари 2012 беа следниве:

Маркетинг

Едно нешто е јасно: секој бизнис без разлика од индустријата во која функционира се наоѓа во маркетинг бизнис. Тоа е факт, и доколку се избегнува може да биде кобно за бизнисот.

Менаџмент

Овој месец во категорија на менаџмент беше цел еден серијал за интрапретприемачи и интрапретприемаштво. Иако, ова е цел серија од десетина наслови како најчитан меѓу првите 10 влезе следниов:

Видео

И категоријата видео влезе во овој избор согласно аналитиката за посетеност со постот насловен како:

post

[Вежба] Планирање, детализирање, фокусирање

Вежба на еден претприемач Кога размислував за вежбата за оваа недела на претприемач имав други идеи, но вчерашниот пост насловен како претприемач во крајно обоениот свет ме натера да го одложам распоредот за спремните и да одиме оваа недела со вежба за она што барем како вовед го дадов во тој пост.

Зошто?

Затоа што планирање, детализирање и фокусирање претставуваат доста важни секојдневни активности на еден претприемач. Можеби затоа што токму сега е време да се преиспитате себеси за она како се однесувате доколку веќе имате бизнис или пак доколку сеуште сте во фаза на започнување да размислите кога, што и како треба да правите.

Вежбата за оваа недела ќе биде составена од прашања на кои едноставно треба да размислите и да се обидете да дадете одговор. Одговорите ќе ви ги дадат и насоките како да постапувате или што треба да промените за во иднина.

Па, еве ги прашањата:

  • Во која фаза од животниот циклус се наоѓа мојот бизнис?
  • Во која индустрија се наоѓа мојот бизнис?
  • Какви се промените во индустријата и колкав притисок истата врши врз мојот бизнис?
  • Дали треба да бидам доста прилагодлив бидејќи околината на бизнисот го бара тоа?
  • Какво е моето искуство кога станува збор за планирање?
  • Требали и што треба да променам во начинот на кој се изведува планирање во мојот бизнис?
  • Дали детализирам и што е она што го детализирам?
  • Дали сето она каде детализирам треба да биде во толкави детали?
  • Треба ли нешто да променам во однос на детализирање, да детализирам повеќе во нешто што досега не сум детализирал или да не губам време со детализирање за нешто што премногу го детализирам?
  • Каде е мојот фокус насочен како еден претприемач?
  • Дали онаму каде што најмногу се фокусирам треба навистина да се фокусирам?
  • Може ли некој да ме замени некаде каде премногу се фокусирам?
  • Има ли мојот бизнис капацитет за да ја спроведе таа замена?
  • Треба ли нешто да променам во однос на мојот фокус како еден претприемач кога станува збор за мојот бизнис?
post

Претприемач во крајно обоениот свет…

Претприемач во еден обоен свет Денешните бизниси работат, функционираат, опстојуваат и преживуваат во XXI век.

Тоа е факт.

Денешните стартапи започнуваат бизнис во XXI век.

И тоа е факт.

XXI век е многу поразличен од XX век.

И тоа е факт.

Дури и последнава помината 2011 година е поразлична од 2010 година.

И тоа е факт.

Но, она што го забележувам е збунетост од страна на претприемачите во однос на нивното сопствено однесување. Кога и како треба да постапат.

Интересно е што се може да се класифицира на некаков начин. Најчесто кога истражуваме или анализираме преку прашалници и ги поставуваме тие прашања како:

  • Многу мало,
  • Мало,
  • Умерено,
  • Големо и
  • Многу големо.

Проблемот е што ништо не е црно или бело. Не е дури ни сиво. Има премногу нијанси помеѓу црната и белата боја. Но, постојат и други бои. А во комбинаториките помеѓу нив можеме да дојдеме до безброј нијанси и други бои. Тоа е и претприемаштвото, во таков свет опстојува еден претприемач. Тоа е еден доста збунувачки свет. Се бара одлука. Брза одлука.

Од друга страна, како човечки суштества, и нормално нашиот живот не едуцирал да бараме модели на однесување кои ќе ги запомниме и ќе туркаме понатаму. Тогаш работиме по автоматизам. Стануваме програмирани роботи. А не сме роботи. Но, немаме излез системот не програмирал. Се е лесно, за се знаеме како треба и кога треба. Но, околината и реалноста не го бара тоа од нас. Дури и не прифаќа веќе такви модели и обрасци на однесување. Дури и да не ги бара или пак да не и е гајле за прифаќање, едноставно ќе ги игнорира. А, како претприемачи не сакаме да бидеме игнорирани.

Па, затоа и секогаш се наоѓаме во недоумица на пример за следниве прашања:

  • Многу мало, мало, умерено, големо или многу големо планирање? Различни фази од животен циклус ќе бараат различни видови на планирање. Нема и нема ни да постои еден општо прифатлив модел за длабочината во процесот на планирање. Секогаш ќе има повеќе фактори кои ќе влијаат на оваа одлука. Па, понекогаш планирањето може да биде и комбинација помеѓу умерено и големо, или многу мало и мало. Нема црно или бело, ниту сиво, туку безброј бои комбинирани една со друга. Само ти во твојот бизнис ќе знаеш која боја ти е потребна.
  • Многу мало, мало, умерено, големо или многу големо детализирање? Секогаш оди во детали, не оставај на случајноста, подобро детализирај отколку било што друго… Ова е начинот на кој сме научени. Но, не секогаш во реалноста е потребно детализирање. Некогаш е потребно и тогаш ќе детализираме, но понекогаш кога не треба ќе “забошотуваме”. Во теорија на бизнис идеи – барај знаци наместо одговори е опишан еден пример. ќе детализираме се додека не ги најдеме одговорите кои никогаш нема да бидат во форма која ја сакаме и така ќе ги игнорираме знаците кои можеби сами по себе не ни кажуваат ништо, но групирани повеќе знаци, анализирани на соодветен начин ќе ни дадат заклучоци кои може да претставуваат одговори на она што го бараме. Ти ќе знаеш кога треба да одиш во најситни детали, а кога не треба да одиш во најситни детали.
  • Многу мало, мало, умерено, големо или многу големо фокусирање? Секогаш биди фокусиран. На што? На се! Потрошувачи, производство, трошоци, маркетинг, продажба… Па можеш ли? Не е важно, претприемач си? А, дали тоа значи претприемач? Не е важно, важно е дека имам бизнис? А дали имање на бизнис значи дека си претприемач? Ако еден претприемач се фокусира на се и сешто во еден бизнис, како ќе може да се занимава со претприемаштвото – идеи, раст, развој… Фокусот на се и сешто во еден бизнис го прави еден претприемач да не е веќе претприемач, туку едноставно техничар без кој бизнисот не може. Затоа и некаде фокусот ќе биде голем, а некаде мал или пак умерен.

Ова се само три подрачја кои ги опфатив со овој пост, а сепак постојат многу вакви прашања кои ве мачат. Важно е да знаеш дека ти живееш во еден крајно обоен свет.

post

За правење на нешто вредно да се прави

Цитат кој вреди да се потенцира

Цитат кој вреди да се потенцира

За дваесет години од сега, ќе бидеш поразочаран за работите кои не си ги направил отколку за работите кои си ги направил. Затоа отфрли ги лесните патишта. Исплови од безбедното пристаниште. Фати ги брзите ветришта со твоите едра. Истражувај. Сонувај. Откривај. ~ Mark Twain

Како човечки суштества стравуваме од нешто ново, неочекувано или непознато за денешницата.

Но, можеме ли како претприемачи да се дозволиме да престанеме да правиме нешто ново, неочекувано или непознато само затоа што стравуваме од тоа?

Ова е неприфатливо, особено за претприемачите. претприемачи се личности што креираат нешто од ништо. Тие креираат нешто неочекувано на пазарот. Креираат нови потреби, ново знаење, нов начин на размислување и гледање во светот во кој живееме. Тие наоѓаат нешто непознато и го правот познато за многу луѓе на планетава.

Знам дека status quo е нешто безбедно. Но, ти си и сакаш да бидеш претприемач. Не може да бидеш задоволен со status quo ситуација. Тоа не е дел од претприемнички живот. Размисли за тоа и доколку сметаш дека сакаш безбедност, тогаш претприемништвото не е за тебе. Обиди се со нешто друго.

Доколку не преземеш нешто сега и ја преземеш сопствената судбина во свои раце во иднина ќе бидеш разочаран затоа што не си ги искористил можностите да направиш некоја промена во твоето опкружување.

Промените ќе се случат, со тебе или без тебе. Може да иницираш промени и да станеш лидер, или пак може да ги следиш и да бидеш дел о процесот на промени. Но, не може да си дозволиш да бидеш отпорен или пак да ги игнорираш промените, тие нема да бараат твое одобрување, едноставно стануваат твоја реалност.

Не дозволувај ти како еден претприемач да станеш тивок посматрач на она што се случува околу тебе. Биди креатор на иднината, биди дел од таа иднина. Ти може да го промениш светот. Ние можеме да го промениме светот.

post

10 Најголеми претприемачи во 2011 [Инфографик]

Да одиме малку поопуштено без теории, докази или хипотези.

Денес можностите се секаде околу нас.

Нашите животи стануваат се повеќе базирани на технологија. Нашите одлуки се базираат на информации во вистинско време. Постојано сме во потрага по други видови на социјализација, нови можности за комуникација и споделување на моменти од животот. Продуктивноста е попотребна од кога и да е порано. Поради новиот начин на живот, постојат многу повеќе потреби за нешто ново, нешто подобро и нешто извонредно.

Времето во кое живееме ни дава многу идеи, многу можности и многу средства за започнување и водење на извонредни нови видови на бизниси.

Млади луѓе стануваат млади претприемачи кои брзо го менуваат изгледот на светот кој го знаеме.

Погледајте го овој инфографик за 10 најголеми претприемачи во 2011. Разгледајте ги индустриите и пазарите на кои се насочени овие бизниси, сепак тоа ќе бидат пазари со најголем потенцијален раст. Што можеме да очекуваме во 2012? Кој веќе може да претпостави?

10 Biggest Entrepreneurs of 2011
From: Business MBA