post

Google Places и бизнисите во Македонија

Google Places - Маркетинг средство

Google Places - Маркетинг средство

Во вторник го објавив постот за 95-тото маркетинг средство на претприемач – Google Places и додека го пишував забележав некои интересни елементи кога станува збор за бизнисите во Македонија.

Апликацијата Places за iPhone е одлична, но без присуство на бизнисите на листингот на местата на Google Places мала корист ќе има било кој од овој сервис.

Почеток на апликацијата Google Places

Почеток на апликацијата Google Places

Кога ќе се отвори апликацијата дава почетна страница за да го пребаруваш она што можеби најчесто би ти затребало во еден таков момент. Всушност може секогаш да се додаде некое пребарување на дополнителни места. Така, по дифолт со еден клик можеш да пребаруваш за:

  • Ресторани
  • Кафетерии
  • Барови
  • Банкомати
  • Бензиски пумпи
  • Хотели
  • Атракции (меморијални центри, музеи, споменици на културата…)
  • Пицерии и
  • Пошти.

Се забележува горе дека пребарувањето ќе се врши врз основа на тоа на која улица се наоѓам во моментов. Во случајов се наоѓам во мојот дом кој е на улица Илинденска во Куманово.

Апликација Google Places - ресторани

Апликација Google Places - ресторани

Кога отворам за ресторани, иако има во мојата непосредна близина 2 ресторани, еден веднаш залепен до мојата куќа и еден на 20 метри погоре од мојата куќа, и уште неколку во соседните улици апликацијата не ми дава ниеден ресторан во Куманово во мојата близина.

Од друга страна како најблиски ресторани излегуваат ресторани од друг град – Скопје. Браво за бизнисите во угостителската дејност од Скопје. Што ќе се случи доколку некој од Скопје или било кој друг град се наоѓа во центарот на Куманово и побара листинг на Google Places за да одлучи каде да јаде. Нормално, нема да најде бидејќи сопствениците не го поставиле на Google Places. Затоа, претприемачите мора да го внесат нивниот бизнис во овој свет, бидејќи не е рано, овие алатки се во нашите раце и ги користиме.

Истото се случува и со барови и кафетерии во Куманово. Барем така апликацијата покажува, се надевам дека не е проблем несоодветно пополнување на податоци – адреса или категорија на бизнисот.

Апликација Google Places - Банкомати

Апликација Google Places - Банкомати

Она што ме заинтересира е и иконата со сликичка на банкомат. Нормално, можеби некогаш ќе се најдам во некој друг град и доколку би имал потреба од банкомат би побарал преку апликацијата да најдам каде најблиску има банкомат на банката која ми ја издала картичката. На мојата улица банкомат има Стопанска Банка АД Скопје. Очекував дека ќе имам некои локации на банкомати. Но, се излажав. Она што уште повеќе ме разочара е што очекував дека доколку нема банкомати во Куманово ќе ги има во Скопје. Но, реалноста е сепак „компир“

Пребарувајќи забележав дека копчињата служат за пребарување на англиски. Така да кај банкоматите апликацијата пребарува за ATMs. Затоа се обидов со рачно пребарување за зборот – банкомат. Тогаш се појавија нашите банки. Прво Стопанска која дава локација во Скопје. Како банкомати вистински локации во Куманово забележав кај Тутунска Банка и Комерцијална Банка.

Би напоменал за уште една интересна работа – бензински станици. Многупати сум се нашол во ситуација кога сум на подолг пат и кога не можам со еден резервоар да стигнам до дестинацијата да ме фаќа нервоза кога да застанам да полнам бензин, има или нема бензинска станица… Со помош на оваа апликација едноставно ќе знам каде во близина има бензинска станица за да дополнам гориво.

Кога кликнав од копчето за бензински станици резултатот беше само една и тоа во Прешево. При пребарување на нашинска верзија на зборот се појавија 4 локации. Но, оние поголемите бензински станици (мислам на Макпетрол и Окта) ги нема.

Од ова мое искуство би сакал да сублимирам неколку препораки и заклучоци:

  • да го има вашиот бизнис на Google Places е вредно за вашиот бизнис.
  • забележувате какво влијание за пронаоѓање на еден бизнис може да има опис и категорија во која тој е поставен. Затоа, добро размислете за сите можни категории и описни зборови. Освен на локален јазик, ставете категории и на англиски или некој друг јазик специфичен за локацијата.
post

Како да подесите Google Mail во Вашиот мал бизнис

Email преку Google Apps

Email преку Google Apps

Во изминатиов период слушав многу различни изјави од различни претприемачи и менаџери како имаат мал простор и мораат секој email да го прочитаат и по постапување да го избришат.

Слушав и осетив на сопствена кожа дека некои email пораки воопшто не стигаат до крајниот примател бидејќи хостинг компанија најверојатно автоматски ги брише (Ова ми се случи со мојот хостинг провајдер Bravenet).

Едно решение е со бесплатните понудувачи на услуги како gmail, yahoo, hotmail… Но, тука се работи за мал бизнис кој сака да гради бренд и сака email-от да биде на сопствениот бизнис домен: vaseime@vasakompanija.mk.

Во претходниот пост пишував како Evernote ме потсети да се префрлам целосно на Google Mail наместо на досегашниот обезбедувач на услуги – мојата хостинг компанија.

Тука би го презентирал процесот кој би требало да го направите доколку сакате да го извршите трансферот.

Што ќе ви биде потребно?

Прво и основно што ќе ви биде потребно е волја, односно да сакате да се префрлите на Google Mail. Понатаму како нешто потребно е време. Треба да оделите 30 минути до еден час од вашето драгоцено време за да го изведете процесот. Можеби за целосно завршување ќе бидат потребни дополнителни неколку часа, но не ваше време туку на Google за да профункционира се како што треба.

И третото нешто што ќе ви биде потребно е да поседувате сопствен домен, без кој нема да можете да го направите трансферот.

Процес на подесување

Процесот на подесување е едноставен и се изведува во неколку чекори:

Регистрација на Google Apps Standard

Регистрација на Google Apps Standard

  • Изберете домен име. Имате две опции, да внесете постоечко домен име или да купите ново преку Google. Доколку внесете постоечко домен име Google ќе бара да ја потврдите сопственоста на истото. Има неколку начини за потврда, јас го избрав да аплоадирам фајл кој го добив од Google и да кликнам на Verify.

Домени на Google Apps

Домени на Google Apps

  • Конфигурација на MX Records. Звучи страшно, но сепак е едноставно. Потребно е само да пристапите во сметката на вашиот хостинг провајдер или пак до административната конзола на Вашиот домен доколку сте внеле постоечки домен. Доколку пак сте купиле домен преку Google конфигурацијата ќе биде автоматска.
  • Внесување на email акаунти за корисниците. На крај откако се ќе биде конфигурирано ќе треба да ги внесете постоечките корисници со истите email адреси во Google Apps.

Тоа е се. Но доколку сакате понатаму да имплементирате дополнителни карактеристики и подесувања Google има обезбедено квалитетни How To страни за се што ќе ви биде потребно.

Еве неколку работи што потоа ќе можете да ги направите:

  • Можете да извршите брендирање и наместо логото на gmail да биде логото на Вашиот бизнис. Истото се однесува и на другите апликации како календар и Google Docs.
  • Можете да го смените пристапното URL на Google со ваше (на пример за да пристапите одите на http://mail.vasbiznis.mk).
  • Moжете да подесите сигурносни сетинзи итн.

Во секој случај одлично бесплатно решение за мал бизнис до 50 вработени.

post

Како Evernote ме потсети да завршам нешто

Evernote како потсетник

Evernote како потсетник

Многу активности и задачи кои треба да се завршат и доаѓаат во умот на претприемачот се наменети за поблиска или подалечна иднина.

Понекогаш, можеме да прочитаме нешто корисно што предизвикува идеи за нешто да направиме во нашиот бизнис, но не е приоритетно за да се стави во категорија „веднаш“.

Дали сте се нашле во ситуација кога ќе имате некоја идеја за да направите нешто, и ја маркирате за подоцна, а потоа едноставно заборавате и тоа е тоа? Тука завршува „животот“ на таа идеја.

Пред извесен период (поточно пред повеќе од 6 месеци) налетав на еден пост на интернетот кој се однесуваше на причини и како да ги префрлите email сметките од хостинг провајдерот на Google Apps Standard Edition кој овозможува до 50 email акаунти, секој до 7,5 гигабајти простор. Ова е стандардна едиција која е бесплатна, додека со бизнис едиција која чини 50$ годишно се добиваат дополнителни елементи.

Во моментоткога го читав постот ми дојде идеја да се префрлам од стандардниот хостинг акаунт на Google. Затоа го ископирав делот со упатството и го вметнав во Evernote како забелешка која во некоја блиска иднина ќе треба да ја проверам и имплементирам.

Пред една недела започнав со една ревизија на старите забелешки и налетав на истата за која си кажав дека токму сега е време да потрошам еден час и да ги спроведам активностите на трансфер на email акаунтите. Зошто се префрлив и како се префрлив во некој друг пост бидејќи целта на овој не е префрлувањето.

Она што сакам да го потенцирам е дека со помош на една алатка наречена Evernote успеав да завршам нешто што сум го заборавил веќе 6 месеци. За Evernote пишував и во посебен пост насловен како Evernote ја зголемува продуктивноста:

Алатка која навистина може да помогне во зголемување на нашата сопствена продуктивност во однос на нашите идеи или пак случувања кои ни се важни и сакаме да ги запаметиме за да ги користиме во иднината е  Evernote. Оваа алатка е синхронизирана за користење преку вашиот компјутер, мобилен телефон и веб. Значи се што бележите од различни места ќе оди во една и единствена база на податоци за Вашиот акаунт.

Во секој случај доста корисна алатка без која и неможам да замислам нормално да функционирам.

post

Нова политика на Apple – Нов извор на приходи?

Apple лого

Apple

Факт е дека Apple во минатите 10-тина години ја револуционеризираше индустријата во која е, но со тоа ги револуционеризираше и останатите индустрии. Факт е дека производите и услугите што во моментов Apple ги нуди даваат потенцијал компанијата да стане една од најмоќните компании во светот. Но, факт е и дека одлуките кои понекогаш ги носи не се многу потрошувачки ориентирани. Но, исто така и факт е дека секој бизнис има право да ја искористи моменталната позиција на пазарот за да ја „набилдува“ сопствената конкурентска предност.

Последните неколку денови, повторно Apple ја разбранува светската јавност со неколку одлуки во однос издавачката индустрија и iTunes. Би сакал ова да го презентирам и да ги извлечам некои од клучните елементи кои доведуваат до раст и развој на една компанија.

Како започна сето ова?

Се започна со објавување на Sony дека Apple ја одбил нивната e-reader апликација во The New York Times. Таа апликација овозможувала луѓето да купуваат книги од Sony и да ги читаат на апликацијата преку iPhone. Тоа значи дека дел од колачот (приходот од продажбата на книгите) нема да оди за Apple. На истиот овој принцип функционира и Kindle апликацијата на Amazon. Многумина веќе сметаат дека ова е објавување на војна од страна на Apple на Amazon.

При крајот на Јануари оваа година Amazon објави дека во 2010 година продала за 15% повеќе електронски (Kindle) книги во однос на печатени изданија. За една ваква состојба не верувам дека само Kindle (како опрема) е заслужен. Тука е и iPhone, тука е и iPad на кои купените Kindle изданија на книги преку Amazon може да се читаат. Само јас во изминативе неколку месеци купув 5 Kindle изданија на книги кои ги читав на iPhone и очекував да купувам уште книги кои би ги читал на iPad кој го очекувам до крајот на месецов.

Нормално, во овој огромен тренд и потенцијал кој го нуди издавачката индустрија, Apple, креаторот на револуционерниот iPad нема ништо, освен продажба на хардвер (Kindle апликацијата е бесплатна).

Нешто на што се базираат успесите на Apple

Во 2001 година Apple го лансираше револуционерниот производ во тоа време наречен како iPod преку кој коризниците можат да ја копираат нивната музика од CD или да симнуваат музика преку интернет и да ја сместат на уредот преку кој ќеја слушаат. Овој производ претставуваше платформа за складирање на музика од различни извори. Но, приходот на Apple завршуваше токму по извршување на продажба на уредот.

Во 2003 Apple ја лансираше музичката продавница на iTunes која на специфичен начин ја врза со уредот iPod. На ваков начин тие ги врзаа имателите на правото на музиката со купувачите на истата преку iTunes токму во време кога сите мислеа дека музичката индустрија пропаѓа заради интернетот. Одлична стратегија која го воведе Apple во целосна промена на нивниот бизнис модел и токму таа стратегија и тие одлуки од тоа време доведоа Apple да стане она што е денес.

Во 2008 година Apple ја проширува својата iTunes платформа за iPhone преку која овозможува на корисниците да пребаруваат, симнуваат и купуваат апликации. На ваков начин ги поврза дизајнерите на апликации со корисниците на апликации. За секоја продадена апликација одреден проценt (30%) оди за Apple – нов приход за компанијата.

Во 2010 година Apple повторно базираќи се на претходните успеси и добро проценувајќи ја потребата на пазарот излегува со револуционерниот iPad кој исто така ја користи истата платформа и на ист начин ги поврзува дизајнерите и корисниците и тоа на тространо задоволство.

Но, последниот тренд на активно користење на овие уреди за консумпција на содржина (весници, книги) кои не се интегрирани преку платформата на Apple доведоа до тоа оваа компанија да се закани дека ќе ги одбие апликациите кои не се интегрирани за продажба преку iTunes и кои не обезбедуваат 30% за Apple.

Што ќе се случи?

Сите сме во очекување на одговорот на Amazon како еден од најголемите продавачи на книги кој директно ќе биде погоден од ваквите одлуки на Apple.

30% e голем износ кога станува збор за книги и мала е веројатноста дека Amazon ќе се одлучи да се откаже од истите. Некаде прочитав дека постои опција Amazon да понуди двоен начин на плаќање, но не се знае дали повторно би се судрил со правилата на Apple.

Последните информации излегоа на The Wall Street Journal кои пак се повикуваат на еден дизајнер за издавачите кој бил информиран од страна на Apple дека сите апликации кои не наплаќаат преку iTunes ќе започнат да ги повлекуваат од 31.03.2010.

Кој е во право, а кој не?

Мое лично мислење како потрошувач и корисник на ваквите услуги е дека Apple претерува со неговата контрола врз се што на некој начин е поврзано со нивните производи.

Од друга страна, тоа е бизнис, ништо лично. Едноставно ја користат моменталната позиција на пазарот за да обезбедат поголем приход и затоа се оправдани нивните потези.

Но, сепак најдобро е да изнајдат заедничко решение.

Можеби за некое време ќе се случи хардверот да биде делен бесплатно, како што е со мобилните телефони доколку се користат услугите преку него кои ќе обезбедуваат приход на производителот.

Во секој случај ќе чекаме да видиме што ќе се случува, оваа е една важна пресвртна точка во избор на вистинска бизнис стратегија. Кој ќе победи во започнатата војна, ќе видиме. Се надевам дека на крајот корисниците нема да бидат единствените настрадани.

post

ВИДЕО: Алатка за менаџирање на потрошувачи

Пред некој ден инсталирав еден додаток на интернет прелистувачот кој го користам (Google Chrome) кој навистина ме изненади. Алатката е наречена Rapportive и можете да ја погледнете накратко функционалностa на истата во видеото подолу. Со неа можете брзо и лесно секој Gmail контакт да го вклучите во градење на долгорочни односи преку разни социјални медиуми.

post

Нова технологија – Отворени претприемнички прашања

Отворени прашања

Отворени прашања

Живееме во свет каде промената е нормална и единствено нешто кое може да се претстави како константа во нашиот личен и бизнис живот. Секој ден читаме за нови технологии, нови сервиси, нови опреми, нови…

Технологијата претставува користење на знаење, методи, техники и алатки кои го трансформираат инпутот во аутпутот во една компанија. Стапката со која технологијата влијае како извор на организациски промени варира од индустрија до индустрија. Како и да е, денес, се чини дека таа има огромно влијание врз сите типови на бизниси.

Како еден претприемач, вие ќе морате да го следите развојот на технологијата во вашата сопствена индустрија и да ги користите последните постигнувања во секојдневното функционирање на вашиот бизнис. Ова ќе бара и организациски промени.

Секој ден се појавува нешто ново. Нешто ново кое има можност да ги промени нашите животи доколку почнеме да го користиме.

Во нашиот ум доаѓат повеќе отворени прашања пред да одлучиме да тоа ново нешто е корисно за нас. Но, прашањата кои постојано се околу нас се:

  • Што е тоа ново нешто? Може да биде комуникациска алатка, социјален медиум, производствена алатка, маркетинг алатка, алатка за зголемување на продуктивност, продажна алатка…
  • Како може да се користи тоа нешто? Дали е едноставно или комплексно за користење?
  • Кој го користи тоа ново нешто? Дали има и други бизниси кои го користат тоа нешто? Какво е нивното искуство?
  • Дали треба да го користам и јас? Ова е најважното прашање кое ќе ве води до донесување на одлука. Доколку со користење ќе го подобрите личниот и бизнис живот би ребало да го користите.
  • Кои ќе бидат користите? Ова се целите кои сакаме да ги постигнеме со користењето.

Што мислите вие? Какви ќе бидат вашите одговори на овие прашања за користење на последната технологија?

Дали си ги поставувате овие прашања секој пат кога ќе прочитате нешто ново за технологија која може да се користи во вашиот личен и бизнис живот.

post

15 Алатки за виртуелизација на Вашиот бизнис

Алатки за бизнис виртуелизација

Алатки за бизнис виртуелизација

Виртуелизација значи Вашата компанија да стане виртуелна или делумно виртуелна. Тоа значи одредени операции да се изведуваат и без лично присуство на Вас самите или некој од Вашите вработени. На пример, да присуствувате на виртуелен состанок наместо на реален физички состанок. Пред повеќе од 10 години во една книга за менаџмент од САД читав едно поглавје кое зборуваше токму за виртуелна компанија. Тогаш си мислев колку сме далеку од сето тоа. Но, сепак денес сето тоа е возможно. Секојдневно на пазарот излегуваат нови технологии кои може да најдат место во Вашиот бизнис. Бизнис процесите секојдневно стануваат се посложени и посложени. Како што поминувате во наредните фази од животниот циклус на вашиот бизнис, сложеноста на работата е се поголема. Се бара различна соработка, outsourcing, виртуелни вработени и канцеларии. Ова се трендови кои не можеме да ги запреме доколку сакаме да останеме на патеката на успешноста. Ова се трендови кои ја олеснуваат работата на бизнисот, а од друга страна ја зголемуваат ефикасноста и ефективноста на Вашите бизнис процеси. Тука би претставиле 11 алатки кои можат да му помогнат на Вашиот бизнис и што е најважно тие се бесплатни.

Комуникација/Соработка

GMail – Ова е e-mail сервис кој е навистина еден од најдобрите. Има интегрирано повеќе алатки за организација на вашите e-mail-ови како и алатка за четување и видео четување. Можете да останете поврзани со вашите пораки било каде и да сте.

Dimdim – Претставува апликација за веб конференции. Основната услуга е бесплатна. Dimdim претставува бесплатна (основна верзија) апликација за веб конференции преку која можете да покажете слајдови, да зборувате преку кратки текстови, аудио зборување преку веб камера без потреба да симнувате апликација и да ја снимате на вашиот компјутер. Бесплатната верзија овозможува видео конференциска врска до 10 луѓе, за повеќе ќе треба да изберете верзија која е од 25$ нагоре.

Oovoo – Претставува бесплатна апликација за видео разговори преку интернет со колеги, семејство, пријатели… Оваа апликација е лесна за користење, лесно се инсталира и што е најважно таа е бесплатна. Една од карактеристиките е што овозможува видео со висока резолуција и ги снима вашите видео повици. Доколку не ви се пишуваат e-mail пораки можете да пратите e-mail видео порака. Она што е добро е што можете да разговарате и со оние кои ја немаат инсталирано оваа апликација така што ќе им пратите повик за видео конференција, тие ќе добијат линк кој кога ќе го следат видео повикот ќе се отвори во вашиот web browser. И уште една важна работа е што оваа апликација може да се користи за видео конференција до 6 луѓе.

Skype е алатка која навистина го измени телекомуникацискиот свет. Со гласовни и видео повици, како и чет системот, трансфер на фајлови и конференциски повици Skype стана алатка која мора да се поседува и користи од страна на претприемачите. Големиот број на бесплатни сервиси може да ги намалат бизнис трошоците.

Google Groups може доста креативно да се користи во бизнис цели. Може да се користи за работа на различни проекти од повеќе луѓе каде ќе се споделуваат идеи, коментари и предлози. Може да се користи за информирање на вработени или група на потрошувачи за разни бизнис новости.

Google Docs во нова верзија особено внимание дава на соработка помеѓу група на луѓе. Сега истовремено може повеќе соработници да работат на еден документ без разлика дали е табела, текст или некоја презентација. Доколку имате интернет, немате средства за лиценцирање на MS Office ќе претставува доследна бесплатна замена за Вашите бизнис решенија и во некои случаи дури и подобра.

Видео/аудио

Blip.tv – Претставува веб апликација за видео блогирање, и делење на видеата помеѓу гледачите преку интернет. Основната услуга е бесплатна. Можете да поставите ваши видеа кои ќе бидат достапни на заедницата на blip.tv како и на вашиот блог. Потребно е да се регистрирате и да го имате вашиот простор за аплоадирање на вашите видеа.

YouTube –  Претставува веб апликација која исто така служи за аплоадирање на вашите видеа кои потоа можете да ги прикажувате преку вашиот веб сајт или блог. Вашата задача е да направите видео за вашиот производ или услуга, или пак да ја покажете вашата експертиза и со поставување на YouTube да привлечете гледачи.  И двете апликации (blip.tv i YouTube.com) претставуваат одлична маркетиншка можност за вашиот бизнис како на домашно така и на глобално ниво.

BlogTalkRadio – Претставува социјална радио мрежа што им овозможува на корисниците да хостираат сопствени радио програми и да ги поврзат брзо и директно со нивната аудиенција. Преку телефон и компјутер може да се креираат бесплатно во живо радио програм на кој може да се јават неограничен број на партиципанти и што е важно целата програма се снима и може да се користи на вашиот блог или веб сајт.

Складирање на податоци

Adrive – Ова е веб апликација која што ви овозможува да складирате податоци од вашиот компјутер на нивните сервери. Доколку ви се намалува просторот на вашиот хард диск ќе можете да ослободите до 50 GB простор доколку тие факлови ги пренесете на серверите на Adrive и тоа бесплатно. Од друга страна добивате достапност до вашите податоци од било каде доколку имате компјутер и интернет конекција.

Mozy – Оваа апликација овозможува 2 GB онлајн простор без да платите ништо. Ви овозможува до 2 GB онлајн простор и далечински бекап на вашите податоци. Потребно е да се регистрирате, да го симнете и инсталирате софтверот и да ги изберете фајловите за бекап кои се наоѓаат на вашиот компјутер.

Dropbox како место за сигурно чување на различни документи претставува солидно средство за еден бизнис. Бесплатната верзија е ограничена до 2 GB простор. Синхронизираноста е возможна од повеќе локации.

Продуктивност

Google Calendar – Претставува алатка на google која овозможува да се постават вашите состаноци, активности. Дава можност да бидете потсетени на вашиот е-mail, но и да добиете SMS потсетник на вашиот мобилен телефон. Можете да го делите со вашите соработници. Корисноста е уште поголема што овозможува RSS feed.

SurveyMonkey – Претставува веб апликација која ќе ви овозможи да дизајнирате онлајн анкети, да ја распространите и да ги анализирате податоците од истата. Бесплатната опција ве ограничува до 100 одговори по анкетен прашалник и 10 прашања по прашалникот. Одлична можност за истражување на локален пазар од страна на претприемачите.

Evernote e алатка која навистина може да помогне во зголемување на нашата сопствена продуктивност во однос на нашите идеи или пак случувања кои ни се важни и сакаме да ги запаметиме за да ги користиме во иднината. За зголемување на продуктивноста преку Evernote веќе пишував во насловот Evernote – Ја зголемува продуктивноста.

Иако основните верзии на овие алатки се бесплатни, првин направете стратегија за тоа што ви треба и како ќе ги користите. Квалитетна стратегија и користење на овие алатки може да ви го олесни бизнис животот.

post

Алатки за содржина

Алатки за содржина

Алатки за содржина

Доколку сте сопственик на мал бизнис веројатно размислувате или веќе користите содржина како маркетинг средство за да привлечете нови потрошувачи или да ја зголемите комуникацијата со тековните потрошувачи.

Содржината како маркетинг средство е нешто што може да се класифицира како едно од најважните маркетинг алатки на денешницата. Многу мали бизниси користат маркетинг стратегии во кои се опфатени и содржини за да ја зголемат нивната онлајн и офлајн продажба. Досегашната практика покажува дека содржината може да доведе неколку пати повеќе потрошувачи за бизнисите кои ја имплементирале.

Нешто што треба да се нагласи е дека имплементација на маркетинг стратегија за соджина е бесплатна или во некои случаи може да ве чини $1000. Како и да е, од друга страна ова бара многу време. Времето е потребно за бреинстормирање на содржина и секако за креација на таа содржина.

Постојат повеќе алатки кои можат да ви помогнат да бидете поорганизирани и да ги имплементирате тие стратегии на најдобар начин. Сум се обидел со различни алатки. Некои се одлични, некои не. За некои платив, а некои се бесплатни. Но, секоја алатка користена во овие цели може да довде до зголемување на продуктивноста. Еве ги некои од алатките кои во моментов ги користам за оваа намена (и секако и за други намени):

WLW за креирање на содржина

WLW за креирање на содржина

1. Windows Live Writer

Windows Live Writer е десктоп апликација развиена од страна на Microsoft која може да се користи за ажурирање на блог на WordPress.org, WordPress.com, Blogger, TypePad и многу други сервиси за блогирање. Она што е најкорисно е што можете да снимите драфт верзии на содржината кои ќе бидат организирани во подрачјето за драфт, подоцна едитирани и објавени кога ќе бидат финиширани.

2. Evernote

Користам Evernote за PC и Evernote за iPhone со чија помош секоја идеја од секојдневен живот, од компјутер, од телефон можам да ја сместам на едно место со оваа алатка.

Evernote за iPhone

Evernote за iPhone

3. Mindmaps

Нешто без што во последниве години неможам да си го замислам животот. Пред да започнам да корстам вакви мапи за да ги организирам моите идеи и идни акции повеќето од тие идеи станаа ѓубре. Секогаш кога ќе дојдам до некоја идеја ја ставам во Mindmap. На таков начин станувам поорганизиран, попродуктивен и секоја идеја е разработена и подготвена да стане реалност. Користам десктоп апликација и секако iThoughts за iPhone која ми дава можност да ја снимам мапата во формат читлив и на десктоп компјутерот.

iThougts за MindMaps

iThougts за MindMaps

4. Аудио рекордер на iPhone

Многупшати кога се наоѓам во ситуација кога не можам да запишувам го користам аудио рекордерот на мојот телефон со што идејата не останува незабележана и заборавена.

5. TextExpander за iPhone

Пред извесен период дојдов до ова алатка која денес претставува навистина корисна за мене. Ја користам да напишам нешто или да ги трансферирам моите идеи во текст. Она што е најкорисно е што за различните состаноци оваа апликација во целост го замени тефтерот, па така имам готов текст од забелешки кои едноставно можам да ги препратам во текст фајл и доработам на компјутер. Од друга страна апликацијата има можност за додавање на кратенки со што пишувањето со текот на време станува многу побрзо (внесеш две букви за цел збор).

6. Dropbox

Dropbox го користам за да се поврзам до моите идеи од било каде. Вообичаено мапите и текстовите ги снимам во dropbox и можам да пристапам до истите и од телефон и од компјутерот. Оние што треба да се споделат одат во фолдер кој се споделува со соработниците.

post

Бизнис прилагодување со технологија

Технологијата има огромно влијание на бизнисите. Најголемата причина за промени во бизнисите претставува технологијата која влијае и на структурата и на човечките ресурси во еден бизнис, но не треба да се изостават и финансиите. Во постот Технологија – Прифати ја не бегај пишував за влијание на технологијата врз бизнисите.

Не смееме да дозволиме технологијата да оди напред многу побргу од нашиот бизнис. Сепак, таа служи за обезбедување на севкупното подобрување, па дури и подобрување на сите бизнис операции. Затоа бизнисот мора да го следи развитокот на технологијата.

Технологија - Бизнис

Технологија - Бизнис

Технологијата секогаш ќе биде пред еден мал бизнис, но задачата на претприемачот е постојано да се обидува тоа растојание помеѓу технологијата и бизнисот да биде колку што може помала. Во еден ваков теоретски пример (како на сликата) бизнис перформансите постојано ќе бидат на високо ниво. Но, доколку земеме еден друг случај во кој што ќе ги поставам и бизнис перформансите ќе се добие нешто вакво.

Технологија - Бизнис - Перформанси

Технологија - Бизнис - Перформанси

Се забележува дека колку повеќе се зголемува разликата помеѓу актуелните технолошки достигнувања и примената на истите во еден бизнис се повеќе ќе се намалуваат бизнис перформансите.

Без разлика дали ние сакаме или не сакаме, технологијата оди и ќе оди нанапред, едноставно никој нема да не прашува нас. Додека го пишувам ова и додека го читате вие ова на глобално ниво излегува нешто ново во однос на технологијата.Тоа нешто ново може да има влијание врз нашата работа утре. Какво ќе биде тоа влијание ќе зависи од индустријата во која се наоѓа нашиот бизниси и индустријата во која припаѓа тоа ново нешто како резултат на технологијата.

Затоа направете систем за следење на технологијата и прилагодување кон истата преку:

  • пристап до информации за се што се случува во подрачје на технологијата која може да влијае врз Вашиот бизнис.
  • анализа на можното влијание на тоа ново нешто врз Вашиот бизнис.
  • приоритизација на прилагодување.
  • пробување на најприоритетните новитети – доколку има можност.
  • имплементирање во бизнисот како стандард за наредните бизнис операции.
post

Разлика помеѓу бесплатен и платежен хостинг

Серијал - МКХост и Претприемач

Серијал - МКХост и Претприемач

Продолжуваме со серијалот на постови кои МКХост и Претприемач ги подготвуваат со цел еден претприемач да го зголеми своето знаење и да не биде затечен во користење на различна техничка терминологија за оваа намена во деловниот свет. Денес ќе продолжиме со разлика помеѓу бесплатен и платежен хостинг.

Бесплатен хостинг – секој од нас посакува да добие нешто бесплатно, па така низ интернет мрежата се нудат и услуги од хостинг бизнисот кои се бесплатни, а меѓу нив највеќе се присутни бесплатните хостинг услуги. Знате, постои поговорка која вели: бесплатен ручек нема, па ќе се обидеме да објасниме повеќе за овие бесплатни хостинг услуги.

За оние кои сакаат повеќе да дознаат за видови на хостинг услуги, може да прочитаат на еден од претходните информативни постови каде се објаснува веб хостингот и видовите на хостинг услугите.

Секако дека има многу веб хостинг провајдери кои нудат бесплатени услуги, но глобално искуството со нив е негативно. За да не се најдете во таква ситуација еве неколку објаснувања, негативности за имање на бесплатен хостинг простор. Не треба да ја направите и вие грешката што многумина ја имаат направено и го имаат изгубено својот веб сајт преку ноќ.

Се зависи каков веб сајт сакате да хостирате. Најосновно правило што треба да го знаете е дека хостинг провајдерот кој што ќе ви го понуди овој бесплатен хостинг не ви гарантира за неговиот uptime, неговата стабилност, сигурност, кражба од информации и може секој момент без никакво известување да ви го исклучи истиот без никакви обврски спрема вас. Доколку имате развиено бизнис и сакате да го претставите на интернет со поставување на веб страна, тогаш строго ви препорачувам да не користите бесплатен хостинг пакет.

Слабости на бесплатниот хостинг

Со бесплатен хостинг пакет обично не добивате алатки и поддршка што треба да ја има секој корисник на хостинг услуга. Еве неколку негативности за бесплатен веб хостинг:

  • мал простор
  • bandwidth месечен лимит за трансфер на податоци кој може да варира и некогаш да ви биде исклучен сајтот при поголема посетеност
  • слаба корисничка поддршка
  • поставување на банери и скриени скрипти во вашиот сајт од страна на хостинг провајдерот – ќе влијаат врз оптимизација на сајтот, ќе добиете
  • негативен ефект кај посетителите како и пребарувачите
  • спамерите секогаш бараат бесплатни хостинг провајдери, па дали со нив ќе го делите shared просторот од серверот и дали ip адресата на серверот ќе биде банирана од интернет пребарувачите?
  • некои провајдери дури не ви даваат ни можност за backup на податоците, како и дополнителни алатки кои треба да ги имате како контрол панел, ресторирање и зачувување на базата на податоци, емаил акаунти и додавање на дополнителни веб страни
  • може да очекувате и нестабилност на серверот, одредени корисници на истиот сервер може да го користат хостингот за нелегални цели па да дојде до прекин на услугата секој момент
  • ќе треба да вршите редовен backup вие лично, затоа што не се очекува од бесплатниот хостинг провајдер да го прави тоа за вас
  • веб пребарувачите не ги сакаат бесплатените хостинг сајтови и често ги игнорираат. – Како ќе биде пронајден вашиот бизнис ако пребарувачите го игнорираат сајтот?
  • URL адресата на бесплатниот хостинг сајт ќе биде долга и тешка за памтење

Предности од имање на свој домен како и платен професионален веб хостинг:

  • со закуп на сопствен домен, вие автоматски го креирате брендот на интернет и името лесно се памти: пр. pretpriemac.com.
  • поддршката секогаш е тука за вас, дали треба да креирате емаил адреса или ви треба помош при поставување на веб страната…
  • ќе имате брендирана емаил адреса и ќе може да креирате стотици e-mail адреси.
  • свој контрол панел каде лесно ќе се снаоѓате и каде ќе најдете многу алатки и опции кои ќе ви помогнат при раководење на вашата веб страна
  • многу полесно ќе бидете забележани од веб пребарувачите – ип адресата на хостинг провајдерот нема да биде блокирана од нив затоа што на истата постојат и други сериозни веб страни
  • изгледа многу попрофесионално и нема банери и дополнителни реклами од хостинг компанијата

Сепак доколку планирате да креирате мал веб сајт лично за вас, проект на факултет кој треба да се објави на интернет за да го проверат вашите професори, или пак да си креирате веб сајт за забава, за ваши фотографии и биографија за да го покажувате на блиските и на пријателите, тогаш бесплатниот хостинг може да ви послужи за краткотраен период. Доколку го заборавите и не го посетувате, може да ви го суспендираат или терминиираат после одреден период. За разлика од платениот веб хостинг каде кога ќе го платите, секогаш ви е достапен и неможе да го избришат без претходно известување.

Денес постојат платени и професионални веб хостинг услуги кој може секој да си ги дозволи. Може да ги разгледате хостинг пакетите на МКхост и кога ќе ви биде потребно хостирање на веб страната да нарачате и да ги оставите сите работи да ги вршиме ние.