post

Бизнис план натпревар преку NCDIEL

NCDIEL е Националниот центар за развој на иновациите и претприемничкото учење кој е формиран во Ноември 2009 година со финансиска подршка на Канцеларијата на Австриската развојна соработка и тесно соработува со Центарот за развој на нови бизниси при Универзитетот Св. Кирил и Методиј.

Бизнис план натпревар

На веб страната на NCDIEL е наведено следново:

NCDIEL е дизајниран како Центар отворен за иновативни, технолошки-базирани и профитно ориентирани идеи. Има систем на селекција кој започнува со on-line апликација на бизнис идеите, по што следи селекција на најдобрите 80 идеи, обука на кандидатите во 13 модули од областа на претприемаштво и менаџмент на малиот бизнис, натпревар за најдобар бизнис план кој завршува со формирање на најмалку 10 нови компании. Активностите на Центарот продолжуваат со обезбедување на почетен капитал за новоформираните фирми, советување и менторирање на фирмите во насока на зајакнување на капацитетите на новоформираните компании за да опстанат и се развиваат на пазарот.

Визијата на НЦРИПУ е преку развојот на иновациите и претприемачкото учење да се стимулира самовработувањето, формирањето на нови бизниси и да се создаде поконкурентна економија која ќе биде основа за формирање на иновативно општество базирано на знаење.

Како што можете да забележите се започнува со онлајн апликација со бизнис идеја, кои ќе бидат разгледани од комисија при што 80 најдобри бизнис идеи ќе бидат избрани за понатамошно посетување на обуки. Обуките ќе се спроведат во 4 групи и ќе има 13 модули за обука. По завршување на обуката сите кандидати ќе треба да изготват бизнис план при што по оценка на комисија 20 од тие бизнис планови ќе влезат во финалето каде истите ќе треба да бидат презентирани. Најмалку 10 компании ќе имаат можност да бидат формирани со помош на Центарот.

Бизнис идеите ќе можете да ги пријавите преку Бизнис Стартап Центарот.

Доколку имате бизнис идеја и ви е потребна помош за започнување на бизнисот ова е вистинскиот начин да Вашата бизнис идеја ја претворите во реалност (вистински бизнис) при што ќе бидете водени низ овој процес од експерти.

post

15 Цитати за Бизнис Идеи

Би сакал да групирам неколку цитати на различни луѓе кои можат да го мотивираат претприемачот за превземање на некоја акција или пак за проширување на знаењето со погледи на некои успешни луѓе. Ова ќе биде еден нов серијал на претприемач кој ќе се занимава со различни цитати од кои ќе се обидеме да извлечеме неколку заклучоци или пак препораки за претприемачите.

Цитати за бизнис идеи

Ќе започнеме со цитати за бизнис идеи. Па да тргнеме.

Цитати за бизнис идеи

Во Microsoft навистина постојат многу брилијантни идеи кои доаѓаат од врвот. Се плашам дека тоа не е добро – Bill Gates.

Доколку имате идеи, го имате најголемиот имот кој што ви е потребен, и за вас нема да постојат граници за тоа што можете да направите со Вашиот бизнис или пак Вашиот живот. Идеите се најголемиот капитал на било кој човек – Harvey S. Firestone.

Научив да ги респектирам идеите без разлика од каде тие доаѓаат. Честопати тие доаѓаат од клиентите. Сметководителите често пати имаат креативни идеи, без разлика што некои други мислат спротивно – Leo Burnett.

Не постои замена за знаењето. До денешен ден, читам три весници дневно. Невозможно е да се читаат на хартија, без да бидат изложени на идеи. А идеите .. повеќе од парите .. се вистинска валута за успехот – Eli Broad.

Не постои добра идеја што не може да се подобри – Michael Eisner.

Се чувствувам дека сум во можност да им служам на моите клиенти знаејќи што е тоа што тие го сакаат. Еден од начините за да сум во можност да го направам тоа е преку мојата веб страна и e-mail: луѓето ми даваат големи идеи, ми кажуваат што сакаат и што не сакаат. Тие се вистинскиот инструмент кој ми помага да останам во контакт со луѓето – Kathy Ireland.

За да ги претворите навистина интересните идеи и технологии во млада компанија која може да продолжи да иновира со години, ќе бара многу дисциплини – Steve Jobs.

Истражете ја вашата идеја. Видете, дали има потреба за неа. Многу луѓе имаат големи идеи, но не знаат дали има потреба за таа идеја. Исто така, ќе треба да ја истражите и вашата конкуренција – Magic Johnson.

Човекот може да умре, државите може да се зголемуваат и пропаѓаат, но идејата останува да живее – John F. Kennedy.

Мојата работа е да слушам идеи, можеби и да зготвам неколку од мојата глава, и да донесам одлука врз основа на она што е добро за акционерите и за компанијата – Philip Knight.

Не мора да имате компанија со 100 лица за да ја развиете идејата – Larry Page.

Главен стимулатор на креативното размислување се фокусирани прашања. Постои нешто во врска со добро формулирано прашање што често навлегува во суштината на материјата и ги поттикнува новите идеи и воочувања – Brian Tracy.

Вие постојано сте опкружени со едноставни, очигледни решенија кои можат драстично да го зголемат вашиот приход, моќ, влијание и успех. Проблемот е, што Вие не ги гледате – Jay Abraham.

Човечкиот мозок е неверојатно нешто. Можност за разбирање неверојатно комплексни и сложени концепти. Сепак, на моменти не може да го препознае очигледното и простото – Jay Abraham.

Повеќето директори, научници, и речиси сите дипломирани во бизнис училишта веруваат дека ако ги анализираат податоците, ќе дојдат до нови идеи. За жал, ова верување е тотално погрешно. Умот може само да го види она за што е подготвен да го види – Edward de Bono.

Неколку заклучоци и препораки

  • Идеите се најголемиот капитал на Вашиот бизнис.
  • Дозволете слободен тек на идеите на сите нивоа од хиерархиско пирамидалната структура.
  • Бидете отворени идеите да доаѓаат и од надвор од границите на Вашиот бизнис.
  • Идеите ставајте ги на хартија, иако можеби нема веднаш да ги примените за да не ги заборавите. За ова ќе ви помогне темплејтот за книга со бизнис идеи.
  • И бизнис идеите како и се друго во бизнисот може да се подобрува.
  • Комуницирајте со Вашите потрошувачи за да ги проширувате идеите за Вашиот бизнис. Само тие ќе можат да Ви дадат навистина квалитетни идеи кои веднаш може да се применат во бизнисот. Поставувајте им прашања чии одговори ќе претставуваат нови бизнис идеи.
  • За да една бизнис идеја биде добра, ќе мора да постои потреба на пазарот за истата. Бизнис идеја ја оценува пазарот, а не Вие како претприемач, затоа првин истражете го пазарот за секоја бизнис идеја.
  • Бидете фокусирани на она што се случува во околината. Понекогаш најдобрите бизнис идеи или пак бизнис решенија се веднаш до Вас, но Вие едноставно не ги гледате. Следете ги случувањата и поставете си прашање, Зошто и Како. На ваков начин ќе успеете да ја воочите разликата и во она што е очигледно и јасно, а кое обичните претприемачи не го гледаат.
  • Бизнис идејата е креација на Вашиот ум, ум на еден претприемач, а не на било што друго. Се друго е алатка која Ви помага да ја креирате идејата.
post

Бизнис идеи: Најдоброто на претприемач во 2009

Бизнис идеи се навистина една од почетните карики од синџирот за успешен бизнис и успешен претприемач. Навистина доста се концентриравме на бизнис идеите на претприемач изминатата година. Но, секогаш постои нешто што би го одделил како нешто навистина покорисно од друго. Бизнис идеите се еден од елемнтите кои ја зголемуваат бизнис потенцијалната енергија на секој бизнис.

Ова е втората тема од серијалот Најдоброто на претприемач за 2009 за бизнис идеи.

Во оваа листа за најдобрите написи на претприемач за бизнис идеи ќе се обидам да оставам еден комплетен прирачник за креација и имплементација на различни бизнис идеи.

  1. 20 Бизнис идеи за 2009 и по неа. При крај е обработката на втората верзија на збирката со 20 бизнис идеи и ќе биде доставена до сите регистрирани за неделни билтени на претприемач во јануари 2010.
  2. Како да откриете за што имате пасија? Пасија е важен претприемнички елемент кој ја дефинира идната успешност на бизнисот. Бизнис идеја без да биде интегрирана Вашата пасија во неа нема да биде со висока бизнис потенцијална енергија.
  3. Бизнис Идеја преку Одговор на 50 Прашања. Еден напис во кој се дизајнирани 50 прашања кои ќе ве водат низ процесот на генерирање на бизнис идеи.
  4. 3 Елементи кои Секоја Бизнис Идеја Мора да ги Има. Основните 3 елементи кои ќе морате да ги вклучите во дизајнот на Вашата бизнис идеја.
  5. Избегнување на негативците. Постои веројатност дека ќе бидете опкружени со негативци кога сакате да започнете сопствен бизнис.
  6. Книга со бизнис идеи. Користете книга со бизнис идеи постојано низ целиот Ваш претприемнички век. Темплејтот на книгата е во состав на 10 бизнис темплејти на претприемач.
  7. Како до вистински избор на бизнис идеја? Еден процес кој ќе ве води до избор на вистинската бизнис идеја.

Во премиум претприемач овој процес на креација, барање, зголемување на креативност и анализа и избор на бизнис идеи е разработен во 5 недели со 10-тина видео материјали, 10-тина алатки и темплејти како и акциони планови за секоја недела.

post

Претприемничка Грешка Која Предизвикува Патење

Патење. Нешто што никој од нас не го сака. Патиме кога нешто не ни оди во љубовта. Патиме кога нешто не можеме да извршиме онака како што сакаме. Патиме кога губиме пари во нашиот бизнис. Во секој случај верувам дека никој не сака да пати.

Грешка која може да доведе еден претприемач да пати

Но, како да се избегне патењето. Оваа веб страна е наречена претприемач и обработува теми од подрачје на претприемништвото и малиот бизнис. Па затоа и овој напис се однесува на патење на еден претприемач или патење на неговиот бизнис.

Велам патење на неговиот бизнис зошто бизнисот го гледам како еден жив организам составен од биолошки, технички и организациски системи.

Што е патење за еден претприемач?

Ќе ја искористам дефиницијата во Wikipedia за целите на овој напис:

Патење, или болка во поширока смисла на зборот, е индивидуално влијателно непријатно искуство и аверзија поврзани со штета или опасност од штета. Страдање може да се квалификува како физичко или ментално страдање. Тоа може да има различен степен на влијание, од благо страдање до страдање кое не може да се толерира.

Еве што е карактеристично од оваа дефиниција:

  • Патење претставува еден вид на болка. Болката може да ја чувствува претприемачот.
  • Патење е поврзано се некоја штета или пак опасност од настанување на штета. Штетата може да ја почувствува и претприемачот и бизнисот.
  • Патење може да биде физичко и ментално страдање. Претприемачот најверојатно ќе страда ментално, додека бизнисот физички (недостаток на финансии, немање на можност за исплата на обврските …)
  • Може да биде премногу опасно така да не може да се истрпи. Кога патењето нема да може веќе да се истрпи претприемачот веќе нема да биде претприемач, а бизнисот веќе нема да постои.

Значи патењето на еден претприемач воопшто не му е потребно.

Грешка која предизвикува патење на еден претприемач

Она што го забележувам кај претприемачите и бизнисите кај нас навистина ме плаши, особено за претприемачи на малите бизниси. Имам искуство со еден претприемач кој навистина не се снаоѓа во улогата на претприемач иако има пасија за бизнисот кој го работи, па затоа страда и пати. А сметам дека 80% од малите бизниси се дизајнирани со една таква „фабричка грешка“ која доведува до состојба да повеќето не можат да се снајдат.

Па која е таа грешка која претставува “фабричка грешка“ за еден бизнис или пак за еден претприемач?

Таа грешка е што при дизајнот на бизнисот уште пред започнување претприемачот е насочен само на пазарот.

Оваа грешка вообичаено ја правиме не по наша вина, туку затоа што така сме научени, така пишува во книгите.

Што значи оваа грешка?

Од самиот почеток во креирање на бизнисот преку генерирање на бизнис идеи претприемачот е насочен само на пазарот. Гледа што е трендовски во моментов на пазарот а што не е. Ако е во тренд да се има бутик се започнува бутик, ако е во тренд такси компанија се започнува такси компанија…

Сигурно се запрашувате што е тука погрешно. Да, нема грешка во тоа да се најде што е она што во моментов се бара на пазарот. Во 3 елементи кои секоја бизнис идеја мора да ги има ги опфативме токму овие таканаречени пазарни елементи на една бизнис идеја:

  • Проблем
  • Желба и
  • Слаба конкуренција.

Но, каде е тука претприемчаот? Каде е централната фигура во секој бизнис – претприемачот? Ја нема. Бараме проблем на пазарот, бараме пазарна ниша со висока желба за купување од нашиот иден бизнис, и бараме ниша на која има слаба конкуренција (иако се сомневам во ова). Токму тука ја гледам и најголемата грешка.

Грешка, бидејќи на таков начин бизнисот го дизајнираме за пазарот без да се вклучиме ние како претприемачи во тој дизајн.

  • Дали имаме знаење за тој бизнис?
  • Дали имаме вештини за тој бизнис?
  • Дали имаме пасија за тој бизнис?
  • Дали ќе го постигнеме она што го сакаме во нашиот живот со тој бизнис?
  • Дали ќе бидеме задоволни со тој бизнис?
  • Што ќе биде нашата задача во тој бизнис?
  • ….

Сето тоа го забораваме и нормално дизајнираме бизнис кој ќе има слаба бизнис потенцијална енергија складирана во нас како претприемачи. Затоа набргу ќе почнеме да патиме. Па потоа и нашиот бизнис ќе започне да пати. И, нормално ќе дојде период кога нема да можеме веќе да го издржиме тоа патење со што ќе прекинеме да се занимаваме со тој бизнис.

Ова не значи дека пазарниот елемент треба да се отфрли. Туку, потребно е да започнеме од самите себеси при што ќе ја дефинираме рамката на нашиот иден бизнис, а потоа врз основа на таа рамка и на пазарните елементи да пронајдеме бизнис идеја за нашиот нов бизнис.

Да бидеме реални, секој претприемач, па и Вие како идни или пак сегашни претприемачи го започнувате бизнисот за Ваша подобра иднина. Па, зошто да не започнете при дизајнирањето на бизнисот од таа Ваша подобра иднина.

Кога го дизајнирав премиум на претприемач (ќе биде достапен од 01.01.2010) тргнав токму со еден ваков модел на започнување и дизајнирање на бизнисот. Модел кој е сосема поразличен од она што досега е пракса и што мислевме дека е вистински претприемнички пат.

post

Како да откриете за што имате пасија?

Пасијата за нешто што го работиме во секојдневниот живот е многу важен елемент кој донесува квалитет во нашиот личен и професионален живот како претприемач.

Пасија на еден претприемач

Многу луѓе имаат пасија за нешто, но не знаат за што всушност тие имаат вистинска пасија. Дури и не знаат дека нивната вистинска пасија може да се трансформира во успешен бизнис.

Најдоброто решение за претприемачите е нивната бизнис идеја да биде подржана од нивната вистинска пасија како надополнување на проблемот и знаењето. Тие ќе имаат пасија за нивниот стартап, ќе имаат пасија за нивната секојдневна работа во нивниот бизнис и пасија за нивниот иден успех во бизнисот. Сетоа ова само ќе ја зголеми веројатноста за претприемничка и бизнис успешност на еден потенцијален претприемач.

Затоа сакам да ги презентирам моите размислувања за откривање и искористување на пасијата во бизнис цели.

Што претставува пасија?

Во Wikipedia за пасија можеме да го најдеме следново:

Пасија може да се претстави како чувство на невообичаено возбудување, ентузијазам или релевантни емоции кон некој предмет, идеја, личност или пак објект. Се вели дека личноста има пасија за нешто доколку има силен позитивен афинитет кон тоа нешто. Љубов кон нешто и пасија кон нешто се многу слични чувства.

Еве ги најважните зборови од оваа дефиниција:

  • Пасија е лично чувство. Какви се твоите лични чувства за твојот сегашен или пак потенцијален бизнис како еден претприемач? Дали се возбудувачки тие чувства?
  • Пасија е еден вид на емоција. Какви се твоите емоции за твојот сегашен или пак потенцијален бизнис како еден претприемач? Дали се ентузијастички?
  • Пасија е силен позитивен афинитет за она што го работиш. Дали имаш позитивен афинитет во однос на она што го работиш.

Вие ќе имате пасија за нешто доколку сте возбудени, имате ентузијастички емоции и позитивен афинитет за тоа нешто.

Што ќе претставува пасија за еден претприемач?

Доколку сте возбудени и имате ентузијастички емоции и позитивен афинитет за вашето започнување на бизнисот, најверојатно е дека ќе имате добра пасија за претприемничката кариера која сте ја избрале.

10 Прашања за да откриете за што имате пасија?

1. Кое е вашето хоби?

Хоби е резултат на Вашата пасија. Доколку Вашето хоби е градинарство, најверојатно Вие имате пасија за градинарство. Доколку Вашето хоби е играње фудбал, веројатно имате пасија за фудбалот. Затоа започни со твоето хоби кое ќе ти каже за што имаш пасија.

2. Што навистина сакате да правите?

Нешто што го правите секојдневно и го правите тоа со љубов, тогаш Вие имате пасија за тоа нешто. Излистај ги работите кои сакаш да ги правиш за да најдеш за што имаш пасија.

3. Кои се работите во кои што уживате?

Да сакате нешто да работите е една работа, додека да уживате притоа е друга работа. Понекогаш можеби ќе сакате нешто, но реално нема да уживате во тоа нешто. Излистај ги сите работи во кои што ужуваш за да откриеш за што имаш пасија.

4. Што е она за што другите луѓе кажуваат дека вие сте добар?

Понекогаш другите луже ќе бидат пореалистични за вас, и за она во што навистина сте добар. Ова ќе можеш да го искористиш во наоѓање на Вашата вистинска пасија.

5. Кои се наједноставните задачи за Вас?

Кога нешто е едноставно за вас, тоа значи дека имате знаење за тоа нешто. Дел од Вашето знаење е базирано на истражување на нешто за што имате пасија.

6. Што е она што особено повеќе сакате да истражувате или пак проучувате?

Истражувањето и проучувањето може да го зголеми вашето знаење за нешто. Доколку навистина сакате да проучувате и истражувате нешто, тогаш тоа нешто може да биде твојата пасија.

7. Кои се темите за кои можете да зборувате со часови или пак денови без престанување?

Темите за кои можете да зборувате со часови и денови исто така се базирани на Вашето знаење за таа тема. Доколку навистина имате познавање за нешто, тогаш тоа може да биде резултат од Вашата пасија за таа тема.

8. За што имате природен талент?

Вашиот природен талент, како нешто вродено во Вас може да биде предмет на Вашата пасија, бидејќи вродениот талент е предмет на постојано подобрување низ животот на еден човек. Морате да имате пасија за нешто за што имате природен талент.

9. Кои предмети на факултет или пак во средно училиште сте ги сакале повеќе?

Сите ние имаме или пак сме имале некои предмети на факултет или пак средното училиште кои ни биле поинтересни и повозбудливи од другите. Овие предмети може да се предмет на Вашата пасија.

10. Каков тип на луѓе сакате да бидат Ваши пријатели?

Пријателството меѓу луѓето се гради врз база на исти интереси и ист јазик на кој говорат тие личности. Не можете да бидете добар пријател со некој со кој не можете да ги споделувате Вашите полиња на интерес на јазик кој Вие го зборувате. Затоа размислете за личности кои се ваши пријатели во однос на тоа која е нивната пасија и веројатно тука некаде ќе биде и Вашата.

Како Вашата пасија ќе Ви помогне да изградите подобар бизнис?

Доколку немате пасија за бизнисот кој планирате да го започнете или пак кој го имате, вашиот бизнис најверојатно ќе страда. Доколку вашиот бизнис страда, најверојатно, Вие како претприемач ќе бидете следен кој ќе страда.

Уште пред започнување на Вашиот бизнис, ќе морате бизнис идејата да ја прилагодите на Вашата пасија. Тогаш:

  • Ќе имате бизнис кој ќе сакате да го развивате.
  • Ќе имате бизнис кој Вие како претприемач ќе знаете да го менаџирате и подобрувате.
  • Ќе имате бизнис кој ќе има голем потенцијал за успех.
post

Бизнис Копија – Моќта На Имитација

Копирај го ова, копирај го она, копирај, копирај… Над 90% од се што постои на пазарот е копија на нешто друго. Дали имитацијата е профитабилна и ефективна стратегија за постоечките и идните претприемачи? Мислам, да. Една од најголемите грешки што потенцијалните претприемачи никогаш не стануваат претприемачи е бидејќи тие се обидуваат да најдат уникатен производ за уникатна пазарна ниша која воопшто и не постои. Можеби таа пазарна ниша не постои бидејќи воопшто не постои потреба за таквите производи или услуги. Имитацијата е профитабилна и ефективна стратегија доколку се изведе на вистинскиот начин бидејќи претприемачите ќе имаат повеќе користи:

Бизнис копија - Имитација заради успех

  • Влегувате на пазар кој веќе постои,
  • Имате многу помал ризик (оставете го настрана тоа дека претприемачите се превземачи на ризик сеуште постојат и практични и теоретски дилеми околу тоа бидејќи никој не става здрава нога во трн),
  • Имате многу помали трошоци и
  • Имате многу помал претприемнички стрес.

Денес на светскиот пазар постојат толку многу успешни бизниси кои едноставно се изродиле како копија од некоја друга идеја или пак некој друг веќе постоечки бизнис. Имитацијата едноставно претставува правење на нешто што веќе се прави од некој друг. Таа е користење на идеја која веќе постои.

Би дал неколку совети за копирање на друг веќе постоечки бизнис за да креирате сопствен бизнис кој ќе биде супериорен на пазарот.

Не се обидувајте да најдете бизниси кои никогаш не биле пробани претходно

Понекогаш претприемачите се заглавуваат во наоѓање на бизнис идеја која не постои на пазарот. Не дека не е добро да се има една таква идеја, но постои опасност дека таа идеја не поминала досега бидејќи не била барана. Доколку оваа стратегија со уникатна идеја успее има голема веројатност дека бизнисот ќе биде успешен. Но, процентот на успех со оваа стратегија е многу мал, па така да и веројатноста на успешноста на оваа стратегија се намалува. Со оваа стратегија ќе мора да инвестирате време, пари и енергија за да изградите нешто што не гарантира успех на бизнисот. Што ќе се случи доколку не постои интерес на пазарот за таа идеја? Умните претприемачи не превземаат ризик со нешто што не гарантира успех. Не можеме сите да бидеме еден вид на Bill Gates (Microsoft) или пак Larry Page (Google).

Затоа доколку сте претприемач кој штотуку започнува или пак планира да започнува бизнис или пак веќе сте сопственик на мал бизнис не обидувајте се да најдете бизнис кој не бил пробан. Оставете го тоа за големите компании кои имаат доволно ресурси со кои ќе си го покријат својот неуспех во нешто ново. Но, доколку тие успеат во тоа копирајте го нивниот успех во Вашиот бизнис.

Пронајдете го вашиот идол

Секоја личност има сопствен идол кој сака да го копира за да личи на него, да живее како него, да се однесува како него, да работи како него… Мора да најдете успешен претприемач или пак бизнис кој ќе го копирате во Вашиот бизнис. Вашата задача е да најдете некој кој веќе го има искусено успехот кој што вие толку желно го посакувате. Направете листа од можни претприемачи и бизниси која ќе ви служи за наредните чекори од процесот.

Следете ги вашите идоли

Кога ќе ги најдете и изберете Вашите идоли потрошете одредено време на нивно следење. Ова не значи дека треба да одите по нив, односно да ги следите во буквална смисла на зборот. Ова значи прибирање на информации за нивниот успех. При следењето обидете се да одговорите на следниве прашања за Вашите идоли:

  • Што е тоа што тие го прават за нивниот деловен успех?
  • Кој е нивниот чекор по чекор процес кој ги одвел до успехот?
  • Какво е нивното однесување?
  • Како тие го користат маркетингот во нивниот бизнис или пак производ и услуга?

Проучете и научете за се што тие прават за да бидат успешни

Проучете и научете, проучете и научете… Ова е основата за успешно копирање на нечиј друг бизнис. Ќе мора да одговорите на следниве прашања по проучување на успехот на Вашите идоли:

  • Во што се тие подобри од останатите бизниси во истата индустрија?
  • Што тие прават поразлично од другите?
  • Која е нивната супериорна вредност?
  • По што се препознатливи на пазарот?
  • Како го градат нивниот кредибилитет?

Копирајте ги сите успешни фактори во вашиот бизнис

Откако ќе го соберете знаењето за нивната деловна успешност можете да започнете со планирање на имплементацијата на тоа знаење во Вашиот сопствен бизнис. Имплементирајте ги сите фактори кои ги идентификувавте во претходните чекори. Не се обидувајте да испуштите некој фактор кој ви е идентификуван како елемент кој Вашиот идол го прави успешен претприемач. Копирајте се во Вашиот бизнис.

Подобрувајте ги сите фактори

И за крај зборот кој најмногу ми се допаѓа во целиот овој процес, а кој прави да не бидете обични имитатори – подобрување. Досега во процесот веќе изградивте систем и потенцијал за Ваша сопствена бизнис успешност.Но, Вие сакате да бидете број еден на пазарот. А, кој не сака? Затоа не запирајте тука. Подобрувајте ги факторите на успех. Подобрете ги сите фактори и имплементирајте ги новите кои ќе ги откриете за да бидете подобри од бизнисот кој веќе го копирате. Подобрувајте, доколку сакате да бидете препознаени како нешто уникатно на пазарот.

***

Сега што мислите? Дали Вашиот бизнис е фалсификувана копија или пак уникатен бизнис кој претставува подобрена копија на некој друг бизнис? Мислам дека имате оригинален бизнис иако е роден од идеја и успех на други. Процесот е едноставен:

Пронајди + Научи + Копирај + Подобри = Уникатна успешност





post

Како да го Дизајнирате Вашиот Бизнис?

Бизнис дизајнирање е едно од клучните активности кои ќе мора да ги спроведете пред да започнете со бизнисот, а по започнување бизнис редизајнирање е една постојана активност на секој претприемач. Како прво секое започнување на бизнис претставува претприемнички дизајн на еден ентитет – правен ентитет или правно лице. На овој ентитет – Вашиот бизнис со вашето претприемничко дизајнирање му давате живот и доколку се е завршено перфектно бизнисот ќе си го продолжи животот самиот, а на Вас ќе ви носи приход. Ќе си го продолжи патот на животот самиот, но сепак Вие сте тука за негово подобрување – во овој случај редизајнирање од време на време. Ова редизајнирање не значи и целосно ропство во Вашиот бизнис како што претходно пишувавме за претприемачи воркохолици.

Како да го дизајнирате бизнисот?

Зошто е Потребно Редизијанирање на Вашиот Бизнис?

Првин би започнал со потребата од постојано редизајнирање на бизнисот. Претприемачот природа е дизајнер на бизниси. Има бизнис идеја го дизајнира бизнисот и го започнува бизнисот онака како го дизајнирал. На пример, Вие сте претприемач и сте го дизајнирале Вашиот бизнис на следниов начин:

  • Единствен бизнис на светот кој ги обезбедува Вашите потрошувачи со она што тие го сакаат.
  • Единствен бизнис кој го обезбедува тој производ или пак услуга.
  • Потрошувачите немаат друг избор освен Вашиот бизнис.

И оваа е супер, вашиот бизнис ќе си го живее сопствениот живот притоа обезбедувајќи Ви соодветен финансиски надоместок на Вас – Претприемачот. Можете да си помислите, добро време е за пензионирање. Но, реалноста не е таква. Онаму каде што постои пазарот таму се јавува и конкуренција. Немате удобна столица за долго време. Единствениот начин за да ја сочувате таа удобна столица е секогаш да бидете различни од другите. За да бидете различни од другите мора постојано да подобрувате со редизајнирање на бизнисот.

Значи процесот е едноставен првин дизајнирање пред започнување, па потоа постојано редизајнирање. Всушност единствената Ваша задача како претприемач, како вистински претприемач треба да биде подобрување на бизнисот.

Што е Бизнис Дизајн за Еден Претприемач?

Да дизајнирате нешто значи да го испланирате тоа нешто се до реализација на тоа нешто. Како ќе изгледа? Кои ќе бидат функционалностите? Како ќе функционира? Што ќе се постигнува со тоа нешто? Сето ова се прашања кои се разгледуваат при дизајнирање на нешто. Претприемач е личноста која дизајнира бизнис. Понекогаш постои опасност претприемачот да се насочи премногу кон дизајнот на производот и услугата без притоа да го земе во предвид дизајнот на бизнисот. Дизајнот на производот и услугата е во состав на дизајнот на бизнисот, тоа е само подсистем кој е дел од еден поголем систем – Ваш бизнис.

Значи бизнис дизајн е процес во кој ќе ги опфатиме сите аспекти на нашиот иден бизнис. Еве некои прашања на кои ќе треба да се одговори тука:

  1. Што сакаме ние како претприемачи да постигнеме со нашиот бизнис?
  2. Каква ќе биде нашата улога како претприемач во бизнисот?
  3. Како ќе ја изградиме сопствената супериорна вредност?
  4. Кои ќе бидат целните потрошувачи?
  5. Какви односи со потрошувачите ќе градиме?
  6. Каква ќе биде улогата на вработените?
  7. Каков бизнис модел ќе избереме?
  8. Кој ќе се занимава со производство на производ или услига?
  9. Кој ќе се занимава со маркетинг?
  10. Кој ќе се занимава со финансии?

Ова се 10 прашања но не и единствени. Различни бизниси имаат различни потреби при дизајнирање па со тоа и различни прашања на кои ќе треба да се даде одговор.

Неколку Совети при Дизајнирање на Бизнисот

Првин гледајте го бизнисот како нешто што ќе треба да задоволи неколку ентитети:

  • Вас како претприемач,
  • Ваши купувачи,
  • Ваши потенцијални купувачи и
  • Ваши вработени.

Тоа се основните 4 ентитети околу кои ќе треба да го дизајнирате Вашиот бизнис. Редоследот како ги наведов не игра улога, бидејќи сметам дека сите се важни.

Замислете само колку различен ќе биде Вашиот бизнис доколку сите овие ентитети имаат причина да сакаат да го видат растот на Вашиот бизнис. Колку е подобар Вашиот бизнис и колку е понезависен од Вас како претприемач ќе имате поголема лична и финансиска слобода да си го живеете животот како што сакате. Колку се позадоволни Вашите купувачи со Вашите прозводи и услуги кои им решиле некаков проблем толку повеќе ќе сакаат да го видат Вашиот подобрен производ или услуга. Освен тоа тие ќе го препорачуваат Вашиот бизнис на потенцијални потрошувачи. Колку е посупериорен Вашиот бизнис се повеќе и повеќе потенцијални купувачи ќе стануваат вистински купувачи. Колку е посилен Вашиот бизнис толку повеќе мотивација ќе се појави кај Вашите вработени за постигнување на повеќе што нормално ќе им обезбеди и поудобен живот со подобра плата.

post

Обука на Тема Генерирање на Бизнис Идеи

Генерирање на бизнис идеи е еден од првите чекори кои еден претприемач ги превзема за да стане претприемач. Од бизнис идејата зависи понатамошниот успех и на бизнисот и личниот успех на претприемачот. Колку е поголема бизнис потенцијалната енергија на бизнис идејата толку поголеми ќе бидат шансите за успех на бизнисот воопшто.

Центарот за развој на нови бизниси (Business Startup Center) при Универзитетот Св. Кирил и Методиј организира бесплатна обука на тема Генерирање на бизнис идеи во рамките на глобалната недела на претприемништвото.

Што е бизнис стартап центар? Еве што е наведено на страната на BSC:

Центарот за развој на нови бизниси при Универзитетот Св Кирил и Методиј е основан во 2006 година како резултат на проектот финансиран од Austrian Development Agency. Името на проектот е “Skopje University Business Start-Up Centre: Through Networking to Successful Companies, (Phase I – Establishment of the Centre)”.

Канцелариите на Центарот за развој на нови бизниси (Business Start-up Centre) се во новата зграда на Машинскиот факултет Скопје. Факултетот е имплементатор на проектот, во име на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, а воедно и барател на грантот

Целната група на Центарот за развој на нови бизниси се студентите и неодамна дипломираните. Меѓутоа, Центарот е секогаш отоворен за иновативни, технолошки и научно базирани профитно ориентирани бизнис идеи од секој заинтересиран.

Со сигурност можам да потврдам дека квалитетот на обуката ќе биде на високо ниво, знаејќи ги луѓето кои што стојат зад овој проект бидејќи и јас самиот потекнувам од Машински Факултет во Скопје.

За обуката постојат два термини:

Термин 1 Термин 2
Датум: 17.11.2009 Датум: 20.11.2009
Време: 15:00 – 18:00 Време: 12:00 – 15:00
Локација: F2-6, Во просториите на фискултурната сала на Машински Факултет во Скопје на втор спрат. Локација: F2-6, Во просториите на фискултурната сала на Машински Факултет во Скопје на втор спрат.


За да се пријавите на на оваа бесплатна обука доволно е само да испратите e-mail на ukim-bsc@mf.edu.mk со назнака: Пријава за обуката – „Генерирање на бизнис идеи“ на 17.11.2009 (или пак на 20.11.2009).

post

Бизнис Идеја преку Одговор на 50 Прашања

Процесот на развивање на бизнис идеја не е едноставен процес. Некои луѓе ја имаат таа способност да дојдат до еден куп на бизнис идеи, но кај некои навистина се јавива таканаречена претприемничка блокада и не можат да дојдат до квалитетна идеја.Во ово процес може да се појават 2 проблеми:

  • Првиот проблем е генерирање на премногу идеи и опасност од останување во фазата на сонување засекогаш.
  • Вториот проблем е кога немаме идеи а сакаме да станеме претприемачи.

Најоптималниот начин е да се обезбеди еден систематски приод во генерирање и избор на бизнис идеја која ќе биде трансферирана во реален бизнис. Затоа тука на претприемач развив една група на основни прашања која ќе не води низ процесот на генерирање на бизнис идеи:

Поставување на рамка

Оваа е првиот чекор во процесот на генерирање на идеи и има за цел да воспостави рамка за следните чекори. Се што ќе биде надвор од оваа рамка нема да биде вклучено во наредните чекори на процесот. Овие чекори се повеќе за нас како идни претприемачи. Прашањата кои мораме да ги одговориме се:

  1. Дали претприемничкиот живот е нешто што сакам да го живеам?
  2. Дали сум психолошки подготвен за започнување на бизнис?
  3. Кои се моите цели за иднината?
  4. Колку сакам да заработувам по неколку години?
  5. Како ќе го започнам мојот бизнис, соло и во тим со други луѓе?
  6. Колку пари имам за започнување на бизнис?
  7. Колку пари имаат моите партнери за започнување на бизнисот?
  8. Колку можам да потрошам за започнување на бизнисот?
  9. Колку долго можам да издржам пред бизнисот да започне да генерира пари?

Brainstorming

Brainstorming е процес на генерирање на идеи каде не се гледа на квалитетот на идејата туку само на квантитетот на идеи. Пред да започнете со овој чекор подобро е првин да подготвите книга со бизнис идеи каде ќе можете да ги забележувате сите генерирани идеи. Темплејтот е дел од 10-те темплејти кои ги добиваат сите регистрирани членови за билтени на претприемач. Одговарањето на следниве прашања ќе ни ја даде насоката каде да ја бараме нашата бизнис идеја:

  1. Кое е моето круцијално знаење?
  2. Што можам да работам со моето знаење?
  3. Можам ли да продавам нешто поврзано со моето знаење?
  4. Како моето знаење може да го подобри светот?
  5. Какво е моето претходно искуство?
  6. Што можам да работа согласно моето претходно искуство?
  7. Можам ли да продавам нешто што е поврзано со моето претходно искуство?
  8. Како моето претходно искуство може да го подобри светот?
  9. Кои се моите клучни вештини?
  10. Што можам да работам со моите вештини?
  11. Можам ли да продавам нешто поврзано со моите вештини?
  12. Како моите вештини можат да го подобрат светот?
  13. Какви проблеми постојат на пазарот поврзани со моето знаење?
  14. Какви проблеми постојат на пазарот поврзани со моите вештини?
  15. Какви проблеми постојат на пазарот поврзани со моето искуство?
  16. Кое е моето хоби?
  17. Можам ли да го трансферирам моето хоби во бизнис?
  18. Што можам да подобрам во моето хоби?
  19. Какви се моменталните пазарни практики поврзани со моето знаење и можам ли да ги подобрам?
  20. Какви се моменталните пазарни практики поврзани со моето искуство и можам ли да ги подобрам?
  21. Какви се моменталните пазарни практики поврзани со моите вештини и можам ли да ги подобрам?

Избор на бизнис идеја

Овој чекор е едноставно да се изберат најдобрите бизнис идеи од еден куп на бизнис идеи генерирани од претходниот чекор – brainstorming. Целта на овој чекор е да се најдат една или неколку бизнис идеи кои ќе одат во процесот преку следните чекори.

  1. Можам ли да исфрлам некои идеи генерирани во претходниот чекор?
  2. Има ли идеи кои не се компатибилни со одговорите во првиот чекор – рамката?
  3. Што мора да биде проверено во генерираните идеи?
  4. Кои се мислењата на моите пријатели за останатите генерирани идеи?
  5. Кои се мислењата на моите претходни колеги за останатите генерирани идеи?
  6. Кои се мислењата на експертите на пазарот за останатите генерирани идеи?
  7. Какво е моето лично мислење за останатите генерирани бизнис идеи?
  8. Кои се неколкуте бизнис идеи кои имаат добиено најмногу гласови од претходните прашања во овој чекор?

Истражување

Четвртиот чекор вршење на истражување за избраните бизнис идеи од претходниот чекор. Во овој чекор потребна ни е поширока аудиенција која мора да биде вклучена во нашата анализа. Една алатка која можеме да ја користиме тука се анкетните прашалници.

  1. Дали јас имам способности да ја имплементирам таа бизнис идеја?
  2. Која е очекуваната реакција на пазарот за тие бизнис идеи?
  3. Колкав износ на пари пазарот е подготвен да плати за производи или услуги од тие бизнис идеи?
  4. Дали пазарот има силна желба за нешто како моите бизнис идеи?
  5. Колку ќе ме чини производот или услугата?
  6. Која ќе биде соодветната цена на производот или услугата?
  7. Дали е тоа цената која пазарот е спремен да ја плати?
  8. Можам ли да направам прототип?
  9. Доколку направам прототип какво е мислењето на моите потенцијални купувачи – луѓе кои ги вклучивме во претходниот чекор и тука?
  10. Каков е фидбекот од тестирање на прототипот?
  11. Можам ли да направам прилагодувања согласно фидбекот од претходното прашање?
  12. Можам ли да започнам по прилагодувањата?

Одете прашање по прашање на оваа листа од прашања од првото кон последното и ќе имате бизнис идеја која навистина ќе има голема бизнис потенцијална енергија што е основа за успех на еден претприемач.

post

3 Елементи кои Секоја Бизнис Идеја Мора да ги Има

Гледам многу бизниси кои никнуваат секој ден, но мислам дека само 1% од тие што ги гледам се навистина уникатна бизнис идеја. Гледам секојдневно како луѓе кои се враќаат од печалба ги вложуваат своите пари во бизнис. Но, сепак бизнис кој веќе е виден и бизнис кој насекаде околу мене го имам. Тие бизниси немаат ни трунка инвентивност во себе, туку само стихијно започнување. Едно време по осамостојувањето на Македонија во тренд беа бакалниците – локални драгсторчиња. Сега само мал број од истите опстојуваат на пазарот. Во мода е козметичко студио и ајдее  сите да започнеме козметичко студио. Се пие и јаде во Македонија и ајде сите да отвориме кафеани. Но сето тоа е без некој логичен приод во избор на сопствениот бизнис. Не е секој за бизнис. Парите можат да помогнат во побрзо започнување но знаењето е тоа што ќе го развива бизнисот. Затоа пред да започнете бизнис разгледајте ги овие три елементи првин.

Бизнис идејата е стартна точка на секој бизнис. На таа идеја се базира успешноста на бизнисот во иднина. Доколку сакаме да го опишеме значењето на бизнис идејата едноставно би кажале дека бизнис идејата е едноставно решение на некој проблем на пазарот. Поради тоа како најважни елементи кои секоја бизнис идеја МОРА да ги има се:

  1. Проблем
  2. Желба
  3. Мала шанса дека проблемот ќе биде решен.

Проблем во Бизнис Идеја

Првиот елемент кој што мора да го има нашата бизнис идеја е проблем. Кој би купувал нешто доколку нема проблем кој би го решил со тоа купување? Во Wikipedia проблемот е дефиниран како:

Препрека која остварувањето на целта ја отежнува. Се однесува на состојба, услов или спор кој сеуште е нерешен. Во поширока смисла на зборот, постои проблем кога одреден индивидуалец станува свесен на значењето на разликата помеѓу она што е во моментов и она што се посакува.

Луѓето секогаш посакуваат нешто. Помеѓу желбата – она што го посакуваат и тековната состојба се наоѓа проблемот. Секој проблем бара решение и тоа решение е бизнис идеја. Колку поголема ќе биде разликата толку поголем ќе биде и проблемот кој пак ќе предизвика и поголема желба за решение.

Секогаш на пазарот ќе постојат проблеми. Исак Адижес вели дека секогаш ќе имаме проблеми, а ќе немаме проблеми само доколку сме мртви. Како и да е, секој проблем нема иста тежина. За да го најдеме вистинскиот проблем на пазарот мора да ја анализираме тековната состојба со одговарање на следниве прашања:

  • Каков е типот на проблемот кој постои на пазарот?
  • Колку луѓе го имаат истиот проблем?
  • Кои се потенцијалните решенија на проблемот?
  • Можеме ли да понудиме најдобро решение за проблемот?
  • Дали тоа решение целосно ќе го реши проблемот?

Желба

Некои проблеми се големи проблеми, но некои се мали. Некои проблеми можат да бидат игнорирани но некои не. Претприемачите мора да размислуваат за проблеми за кои постои голема желба да се најде решение. Зошто голема желба за решение? Бидејќи доколку тие гладуваат за решение кое нашиот бизнис ќе им го понуди постои голема веројатност за успех на нашиот бизнис со таквата бизнис идеја.

Желбата претставува емоционална состојба на личноста која го прикажува нивото на посакување на нешто, или во нашиот случај ниво на посакување да се најде решение за проблемот. Колку повеќе личноста посакува да најде решение за проблемот ќе има и поголема желба и полесно ќе се одлучи да го купи решението.

Желбата како еден елемент на бизнис идејата е важна и поради цената на решението. Доколку желбата е поголема решението ќе биде поскапо и ќе носи поголем профит за бизнисот кој го нуди тоа решение.

Мора да ги одговориме следниве прашања за да откриеме дали нашата бизнис идеја има голема желба:

  • Колку е голем проблемот кој што бизнис идејата го решава?
  • Дали тие гладуваат за решение?
  • Како го бараат можното решение?
  • Какво е нивото на посакување да го решат проблемот?

Мали Шанси Проблемот да Биде Решен со Тековната Понуда

Ова е навистина важен елемент за успехот на бизнис идејата и се однесува на конкуренција на пазарот за истиот проблем. Доколку на пазарот не постои голема конкуренција за тој проблем тогаш шансите за успехот на нашиот бизнис се навистина поголеми.

На крајот треба да си ги поставиме следниве прашања:

  • Колку конкуренти продаваат ист или сличен производ и/или услуга на пазарот кој ние го определивме како целен пазар? Доколку на пазарот постојат повеќе конкуренти ќе имате навистина тешка борба со нив.
  • Каква позиција да заземеме која ќе не разликува нас од конкуренцијата? Диференцијацијата е една од најважните работи за секој бизнис. Ова е како нашиот бизнис ќе изгледа во очите на потрошувачите или пак потенцијалните потрошувачи. Доколку успееме да го направиме нашиот бизнис поразличен од остатокот на светот тогаш нашата бизнис идеја ќе биде успешна.

Не мора да иновираме нешто за да започнеме бизнис. Доколку бараме да најдеме нешто сосема уникатно, можеби никогаш нема да го пронајдеме и ќе останеме во нивото на сонување засекогаш.